!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Поголема акциза за нафтата значи помалку пари во семејниот буџет


Скопје, 2 ноември, 2017 - 16:44 (META) 

Со зголемување на акцизата на горивата за фрапантни 3,54 денари, ќе се одземат пари од семејниот буџет на граѓаните, изјави на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на најавеното зголемување на акцизата на нафтата и на нафтените деривати во предлог-буџетот за 2018 година.

Тој додаде дека зголемувањето на акцизата на горивата ќе значи и поголем трошок за повеќе производи кои директно зависат од цената на горивото, како транспортните услуги, градежните услуги, па дури и цената на лебот и прехранбените продукти.

– Ќе настрадаат сите граѓани, бидејќи зголемената цена на нафтата значи отворање на спиралата на инфлацијата: повисоки цени на превозот, повисоки цени на прехранбените и сите други производи. Доколку имате едно возило во семејството и месечно трошите 100 литри гориво, ќе плаќате 354 денари повеќе, а тоа во период од една година се 4.248 денари повеќе од секое семејство. Доколку имате две возила во семејството, тоа се 8.496 денари годишно, пари кои ќе се земаат од секое семејство за прикривање на расипништвото на СДС – изјави Данев.


ВМРО-ДПМНЕ засега има најскапа, а Левица најскромна изборна кампања


Скопје, 7 октомври, 2017 - 16:10 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ потрошила најмногу пари во првите 10 дена од кампањата за локалните избори, покажа финансискиот извештај на Државната изборна комисија.

Поранешната владејачка партија од членарина собрала околу 488.000 евра, додека од 207 донатори добила околу 47.000 евра. На листата на донатори се и кандидатите за градоначалници Иван Франгов. Коце Трајановски, Јохан Тарчуловски и Владо Мисајловски, кои донирале по 1.000 евра, додека Ивица Коневски за партијата дал 500 евра.

ВМРО-ДПМНЕ најмногу средства за рекламирање ќе потроши на ТВ „Сител“, каде досега дала 68.000 евра, а нешто помалку средства се планираат за „Канал 5“, „Телма“, „Телевизија 24“ и за „Алсат-М“. За реклама на „Фејсбук“, партијата одвоила 3.700 евра.

Владејачкиот СДСМ од членарина собрал околу 211.000 евра, додека од 76 донатори добил 36.000 евра. Партијата во првите 10 дена од кампањата се рекламирала само на „Алсат-М“ за околу 12.500 евра. Владејачката партија пријавила расходи за транспорт, изнајмување простор и за рекламен материјал.

Левица води скромна кампања со само 2.000 евра од донации.

ДУИ до ДИК ги пријавила само приходите од членарина, кои изнесуваат 6.500 евра, додека Беса во својот извештај навела дека шест лица донирале вкупно 5.800 евра, а од членарина собрале 13.300 евра. Алијанса за Албанците од донации собрала 19.200 евра.

Финансиските извештаи се однесуваат на периодот од отворањето на трансакциската сметка до крајот на десеттиот ден од изборната кампања.


Тевдовски: Се подготвува буџетот за 2018 година, ќе се кратат непродуктивните трошоци


Скопје, 29 август, 2017 - 11:38 (META) 

Работиме на подготовка на буџетот за 2018 година и ги прецизираме макроекономските проекции, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски, во интервју за телевизија „Сител“.

Тој додаде дека за следната година може да се очекува повисок економски пораст од годинава. Најави дека и следната година ќе се кратат непродуктивнтие трошоци, за, како што посочи, да им се даде шанса на оние продуктивни активности што ќе имаат мултипликативен ефект и ќе ја движат економијата.

– Кондицијата на буџетот се подобрува. Бруто-приходите од данокот на додадена вредност (ДДВ), тоа што најмногу го полни буџетот, се зголемија во јули. Буџетот навремено си ги сервисира обврските кон граѓаните и кон фирмите – изјави Тевдовски.

Според него, зголемувањето на минималната плата ќе влијае на раздвижување на економијата.


Груевски: Се што прави СДСМ е спротивно на намалувањето на трошоците


Скопје, 24 август, 2017 - 18:34 (META) 

Како и за најголем дел од ветувањата на СДСМ, така и од ветувањето за намалување на трошоците за живот за граѓаните, нема да има ништо, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски по денешната посета на општина Бутел, како коментар на воведувањето дополнителен термин за евтина струја како една од мерките за намалување на трошоците за живот.

– Се што прават во изминативе три месеци е спротивно на тоа што го најавуваа во делот на намалување на трошоците на живот. Објавија дека ќе ги зголемат даноците, дека ќе ги зголемат придонесите за здравствено и пензиско, го сопреа зголемувањето на пензиите, направија намалување на девизните резерви од 192 милиони евра. Ги запреа најголемиот дел од градежните проекти во земјава. Се запреа градби на автопати, градбата на Клиничкиот центар во Скопје, се запре градбата на Драмскиот театар…Се што требаше да се гради и прави и да придонесе во економскиот развој на земјата, се запре – вели Груевски.

Лидерот на опозицијата вели дека се што владата прави е спротивно на намалувањето на трошоците за живот и додаде дека трошоците за живот наместо да се намалат тие ќе растат.


Зголемувањето на пензиите ќе се усогласува со порастот на трошоците за живот, велат од МТСП


Скопје, 19 август, 2017 - 11:39 (META) 

Усогласувањето на пензиите во 2017 година се врши согласно член 37 од законот за пензиското и инвалидското осигурување, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Оттаму велат дека, усогласувањето на пензијата се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50 проценти.

„Пензијата се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи. Со таквото усогласување на пензиите се обезбедува еднаквост на корисниците на пензијата, бидејќи пензијата е лично право и се остварува од остварениот работен стаж и платите“, се додава во соопштението.


Николовски со колегите од Србија и од БИХ ќе дефинира став за извозот во Хрватска


Скопје, 7 август, 2017 - 11:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Сараево ќе се сретне со своите колеги од БИХ и од Србија, Шемсудин Дедиќ и Бранислав Недимовиќ.

Тројцата министри на средбата се очекува да дефинират заеднички став во врска со правилникот за контрола при увозот на овошје и на зеленчук што го воведе Хрватска.

Со новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук што Хрватска го донесе на 15 јули, значително се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на производите.

– Со овој правилник трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 евра) по производ, на 2.000 куни (274 евра) по производ. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот. Сметаме дека со носењето на овој правилник се воведува нетарифна бариера од страна на Република Хрватска за заштита на хрватскиот пазар од увоз на свежо овошје и зеленчук – информираше Николовски.


Пратениците и денеска ќе расправаат за ребалансот на буџетот


Скопје, 5 август, 2017 - 10:32 (META) 

Пратениците денеска на пленарна седница во Собранието, која ќе почне во 11 часот, четврти ден ќе расправаат за ребалансот на буџетот.

На досегашните расправи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека со овој буџет ќе има ново задолжување, нема да се заврши ниту еден проект и дека ќе се зголеми буџетскиот дефицит.

Тие исто така сметаат дека со ребалансот нема да има поголеми плати, пензии, субвенции и нема поголем стандард на граѓаните, а на сметка на тоа има изградба на кампови за мигранти.

Власта смета дека со ребалансот на буџетот, парите се кратат од непродуктивни трошоци и се насочуваат кон граѓаните и компаниите.

Во однос на задолжувањето, министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека оваа влада повеќе се раздолжила отколку што ги задолжила граѓаните, а капиталните инвестиции се проектирани многу повеќе од она што во изминатите неколку години е реализирано.

Пленарната расправа за ребалансот на буџетот треба да трае пет дена.


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти додека Тевдовски говереше за буџетот


Скопје, 1 август, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на првата пленарна седница за ребалансот на буџетот пред пратениците во Собранието ја образложи целта на ребалансот.

Додека траеше експозето на Тевдовски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кренаа транспаренти на кои главната порака беше дека „се крати од Македонија“ и беа наведени сумите што е предвидено да се скратат со ребалансот на буџетот. На транспарентите имаше и хаштаг „Пројде живот“.

Тевдовски рече дека основната цел на ребалансот на буџетот е да се зголеми животниот стандард на граѓаните и да се поддржат домашните претпријатија.

– Со ребаланост на буџетот предвидено е обезбедување на средства за реализација на владините мерки на краток рок, како што се зголемување на минималната плата на 12.000 денари, решенија за стечајците, поддршка за претпријатијата, земјоделците, укинување на радиодифузната такса – рече Тевдовски.

Тој додаде дека при правењето на ребалансот имале одредени ограничувања, како што се склучување договори за тековни или идни проекти кои ако се раскинат, државата ќе плаќа пенали. Затоа, скратиле на непродуктивни трошења, службени патувања, репрезентации и сл.

Вкупните расходи со ребалансот на буџетот се проектирани на 203.312.000 денари, приходите на 184.745.000 денари, а дефицитот 18.567.000 денари.

Во однос на задолжувањето, Тевдовски рече дека тоа ќе биде од домашниот пазар на хартии од вредност, но и ќе се следат каматите на меѓународниот пазар на капитал за да се обезбедат поволни кредити.

Тевдовски информираше дека економскиот пораст во првиот квартал од годината изнесувал нула проценти, а за целата година се предвидува 2,2 проценти пораст на домашниот бруто-производ.

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека нејзината партија и граѓаните се увериле дека овој буџет не е реформски.

– Се кратат капиталните инвестиции кои значат економски пораст и развој, а на сметка на тоа се зголемуваат платите и се отвораат позиции за да се вдомат партиски лица – истакна Кузмановска.


Ребалансот на буџетот прв ден на пленарна седница во Собранието


Скопје, 1 август, 2017 - 9:36 (META) 

Пратениците во Собранието денеска на пленарна седница ќе расправаат за ребалансот на буџетот за 2017 година. Седницата ќе почне во 10 часот, а освен буџетот, на дневен ред има уште шест точки. Пратениците имаат можност пет дена да расправаат за буџетот, кој се очекува да биде изгласан в недела, на 6 август.

Пред почетокот на седницата, на која расправата за буџетот е прва точка, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владејачкиот СДСМ со ребалансот на буџет скратува 5,6 милиони денари од средствата наменети за изградба и за опремување на детски градинки, средства со кои можеле да бидат опремени и отворени пет до шест нови детски градинки.

Од опозициската партија, исто така, додаваат дека од 840 амандмани, на комисиската расправа биле разгледани само 62, а ниту еден не бил прифатен.

Според министерот за финансии, Драган Тевдовски, ребалансот не е нов буџет, туку прилагодување на тековниот буџет.

– Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел, постојат и неколку ограничувања. Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, за кои, ако се раскинат, државата ќе треба да плаќа пенали – изјави Тевдовски на комисиската расправа.


ВМРО-ДПМНЕ го демантира Сугарески за вредноста на автопатот Миладиновци – Штип


Скопје, 27 јули, 2017 - 17:17 (META) 

Горан Сугарески јавно изнесува невистини дека новиот автопат Миладиновци – Штип ќе чини дополнителни 20 милиони евра, пари што наводно требало да ги платат граѓаните на Република Македонија, одговори ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Од опозициската партија велат дека дополнителните работи на автопатот нема да чинат ништо.

„Не туку мафтајте со некакви документи и не манипулирајте ги граѓаните тврдејќи дека се потребни дополнителни пари за изградбата на овој автопат. За да биде појасно, се работи за информација доставена до Владата на Република Македонија во април 2017 година, во која стои прогресот на извршените градежни работи на автопатот Миладиновци – Штип. Во истата информација стои дека се бара согласност од Владата за продолжување на рокот на изградба на автопатот поради причини кои од градежна природа бараат дополнително време на изведување. Имено, во информацијата за предлогот за пролонгирање на изградбата на овој автопат, стои дека изведувачот се согласува да не поднесува какви било финансиски побарувања заради загуби од режиски трошоци или изгубен надомест на основа на овие исклучени работи“, се вели во реакцијата.