Јованоски: Во Прилеп работиме на сите полиња и на сите ветени проекти


Прилеп, 27 април, 2018 - 13:14 (META) 

Советот на Општина Прилеп работи непречено. Се донесуваат одлуки, се штитат интересите и потребите на граѓаните. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ги очекува голема работа, се подготвуваат проекти… Дали и како ќе гласаат, сепак, тоа е нивна одлука, секој треба да си ја понесе својата одговорност,  вели градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy).

Јованоски посебно се осврнува на наследениот долг од 3,5 милиони евра.

– Тоа е утврдено и со Записникот за примопредавање, кој е изработен од страна на стручните служби, каде што раководителите се сè уште лицата поставени од ексградоначалникот Марјан Ристески. А, овој Записник само да кажам дека до денеска не е потпишан од страна на Ристески, иако му беше доставен на увид. Овде се и обврските кон добавувачите, обврските по кредити, ризиците врз буџетот на Општината. Бидејќи јасно е колкав е основниот ризик, но не се знае колку ќе изнесуваат крајните ризици! – објаснува градоначалникот на Прилеп.

Јованоски обвинува за многу пропусти на неговиот претходник, Марјан Ристески. Вели дека цели три мандати тогашниот градоначалник работел без визија и дека многу работи што се суштински за граѓаните и општината не се реализирани.

– Реално не очекував дека ситуацијата ќе биде толку лоша, да не речам катастрофална. Но, не само од финансиски, туку од секој аспект. Во Општината нема проекти, не се работени ДУП-ови. Не сфаќам што се правело 12 години. Цел тој период се немало визија, ни дефинирани цели каде треба да се движи општината, условно кажано. Многу неодговорно се работело на приходите на Општината. Набрзо според насоките од Државниот завод за ревизија, Општина Прилеп ќе треба да отпише околу 100 милиони денари побарувања, по разни основи за комунални такси и надоместоци, закупнини и сл. парични средства, што се едни од сопствените приходи на финансирање на Општината. Дел од побарувањата можеби оправдано се отпишани. Но, најголем дел се последица на неодговорно и недомаќинско работење на Ристески и претходната локална власт – вели прилепскиот градоначалник.

За горливиот проблем на прилепчани – лошата состојба на улиците и некои патишта, вели дека ќе се реагира на три начини – со санација на дупки, онаму каде што останатиот дел од улиците е во добра состојба, за што се издвоени 10 милиони денари, потоа со  реконструкција и рехабилитација на делови или цели улици од помал обем, како и со изградба на нови улици.

Во поглед на состојбата во населбата Тризла, каде живеат Роми, вели дека се реализирани некои работи, но ќе се работи уште.

– Што се однесува до инфраструктурното уредување на „Тризла“, односно населбата „Три багреми“, состојбата е следна: ЕВН изгради трафостаница, тампониран е патот, отстранети се дефектите на водоводната мрежа, обезбеден е бесплатен превоз за учениците, се бараат решенија за да се обезбеди доволно вода, се ставаат контејнери за собирање отпад, во тек се мапирањето на граѓани без документи за лична идентификација како и активности за легализација на дивоградбите, што е основа да се изработи ДУП за населбата – вели Јованоски.

Посебно се гордее со остварувањето на едно од неговите ветувања.

– Бесплатниот превоз за пензионерите е реалност, тој функционира секој работен ден од 8-12 часот. Моето изборно ветување е остварено. Зборот е збор!

Повеќе од интервјуто, како и изјавите на Јованоски за транспаретноста, може да прочитате тука.