Коѕиас: Граѓаните на соседната земја имаат право да се нарекуваат Македонци


Атина, 23 јули, 2018 - 9:45 (META) 

Не можеме да го смениме универзалното право, соседите да се нарекуваат Македонци, на индивидуално и неофицијално ниво, но ние можеме да ги нарекуваме како сакаме, порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА и додава дека „вон институционалниот систем и вон јавниот простор, не можеш на луѓето да им наметнеш како ќе се самоопределуваат“.

– Еден жител на Скопје и вели на неговата девојка дека е Македонец. Што ќе правиме? Ќе создадеме метафизичка држава што ќе го става во затвор? Она што го кажавме е дека граѓаните на оваа земја имаат право да се самоопределуваат како сакаат. Тоа е универзално право што не можеме да го смениме. Но, во исто време, ние можеме да ги викаме како сакаме – вели Коѕиас, објаснувајќи дека кога говориме за индивидуално ниво, „само тоталитарна држава и држава со владетел, може да контролира како некој ќе се нарекува неофицијално“ и додава дека на официјално ниво за државните институции ќе се користи името Северна Македонија.

Во однос на Договорот од Преспа, шефот на грчката дипломатија, вели дека „условите беа зрели, а кога условите се зрели значи дека она што можеш да го направиш, треба да го направиш“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕиас, во интервјуто неколку пати споменува дека станува збор за компромис, за отстапки од двете страни, бидејќи „Грција не го освоила северниот сосед за да му ги наметне нејзините позиции“.

Прашан за трговските производи и од двете земји што ја носат придавката „македонско/и“, министерот за надворешни работи на Грција вели дека ќе биде потребен временски период за да се реши ова прашање.

– Постојат производи во Грција што со право се нарекуваат македонски производи и производи од ПЈРМ кои и таму се викаат македонски. Постојат 3.500 компании од двете страни, толку регистрираше Универзитетот во Солун, кои го имаат натписот „македонско“. Затоа рековме дека ќе формираме комисија под покровителство на Европската унија и ОН – објаснува шефот на грчката дипломатија за АНА-МПА.


Повик до 4.000 грчки фирми да побрзаат да го заштитат зборот „Македонија“ во имињата и брендовите


Солун, 19 јули, 2018 - 12:57 (META) 

Федерацијата на индустриите на Северна Грција (СББЕ) нуди бесплатна помош на грчките фирми да го заштитат името „Македонија“ во своите имиња или во своите трговски марки, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Според Атанасиос Савакис, претседател на СББЕ, ова тело ќе понуди бесплатна помош на околу 4.000 грчки фирми да го заштитат зборот на меѓународните пазари. Тој ја дава понудата загрижен дека фирмите би можеле да влезат во проблеми поради Договорот со Македонија и повика грчките фирми да реагираат бргу.

Заштитата на името „Македонија“ би се правело преку Бирото за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО) во Аликанте, Шпанија, за подрачјето на ЕУ, како и преку канцеларијата на Светската организација за интелектуална сопственост (ВИПО) во Женева, Швајцарија.

Заштитата за територијата на ЕУ би чинела 2.000 евра по име, а заштитата на светско ниво 8.000 евра по име.

Савакис со загриженост констатира дека грчките фирми покажале значителна незаинтересираност за проблемот, посочувајќи дека канцеларијата во Женева не примила грчки барања, додека, како што се вели во текстот, две барања се поднесени од „компании од ПЈРМ“.

Само 24 грчки фирми досега го заштитиле името „Македонија“ за територијата на ЕУ, преку Бирото во Аликанте.