На пролет ќе заврши изградбата на конаците на манастирот Трескавец


Прилеп, 20 ноември, 2018 - 10:43 (META) 

Најдоцна вo март следната година ќе заврши изградбата на конаците на манастирот Трескавец кај Прилеп, коишто изгореа во пожар на 4 фебруари 2013 година.

Според директорот на Завод и Музеј- Прилеп, Благоја Атанасоски, годинава интензивно се работело на реконструкција на конаците, според проект којшто го враќа нивниот автентичен изглед од 19. век, кога прв пат биле изградени.

– Освен градежните работи за финиширање на изградбата на конаците, работат паралелно два тима стручњаци со цел да се изготви проeкт за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата, магерницата и трпезаријата. Рокот е до крајот на годинава, така што на пролет овие проекти ќе бидат готови и ќе може непречно да се реализираат и овие активности – истакнува Атанасоски.

Црквата Успение на Пресвета Богородицa, во рамките на манастирот, датира од 14. век и со својот богат живопис е значаен споменик на културата, заштитен со закон.

Манастирот Трескавец, чии што конаци досега три пати изгореле во пожар, е на листата незаштитени споменици на културата од УНЕСКО.

– Со сите овие активности што ги преземаме, со реализација на проектите, манастирот Трескавец и црквата ќе бидат целосно заштитени од забот на времето.Тие се заштитени споменици на културата со закон, но досега не биле преземани други активности за заштита на нивната архитектура и живопис – директорот на Завод и Музеј – Прилеп.

Инаку проектот за конаците е вреден 2,2 милиона евра и е целосно финансиран од Министерството за култура. Доколку во иднина се обезбедат средства во манастирот да се изгради и водовод, а имајќи предвид дека до манастирот води и асфалтиран пат во должина од седум километри, овој споменик на културата ќе биде лесно достапен и ќе ги исполнува сите услови за да биде дел од туристичката мапа на Македонија.


Три пожари активни во Маврово, повторно гори и кај манастирот Трескавец


Маврово, 28 август, 2017 - 17:01 (META) 

Три шумски пожари се активни во националниот парк „Маврово“.Најголем и со фронт на ширење од над седум километри е пожарот во реонот на Аџина Река на Шар Планина, а пожар има и во близина на караулата „Победа“ и месноста Стрезимир.

Во овој пожар досега се изгореле околу 300 хектари високо планински пасишта и стебла на смрека, ела и молика. Во гаснење на пожарите ангажирани се речиси сите вработени во паркот, но ветрот го отежнува локализирањето.

Вчера, на територијата на паркот беа регистрирани два шумски пожари, во близина на селото Скудриње и Рибница. Овие пожари се локализирани.

Пожар има и во близина на манастирот Трескавец кој е локализиран и манастирот е безбеден за верниците кој го посетуваат за време на празникот. Заради крајно непристапниот терен, но, и заради силината на огнот, синоќа, како и утринава интервенирале и неколку хеликоптери и канадери од АРМ, па пожарите се ставени под контрола.

Надлежните апелираат за максимално внимание, бидејќи, како што посочуваат, се поизвесно е дека пожарите намерно се предизвикуваат.

– Пожарот кај Дабница кој беше намерно запален го ставивме под контрола, но повторно беше запален и зеде огромен замав, па денеска попладне опожари и неколку викендички, овошни и лозови насади во населбата Заград. Во овој момент имаме три активни пожари, во пределот на Трескавец од западната страна, кај Горно село, каде се соочуваме со непристапен терен за гаснење, во Гостиражни, Небрегово и во делот на Сивец. Помош побаравме од ТППЕ – Битола кои ни пристигнаа со неколку пожарникари и возила. Одговорно тврдам дека овие пожари се намерно подметнати, бидејќи се видени лица како палат и бегаат – вели командирот на ТППЕ Прилеп, Станко Колески.


Доброволците уште 24 часа ќе се борат со пожарот кај Трескавец


Прилеп, 11 август, 2017 - 18:56 (META) 

Пожарот кој пред два дена започна да гори околу манастирот Трескавец сè уште е активен и се уште постои опасност да го зафати манастирскиот комплекс. Во борбата со огнот се вклучени прилепските пожарникари, но и голем број доброволци од Прилеп и од околината, од кои дел се вработени во неколку прилепски компании и јавни претпријатија, информира Општина Прилеп.

Според противпожарната едница пожарот е многу непредвидлив поради непристапниот терен и ветерот и на моменти се гасне, но потоа одново се појавува на различни локации.

Доброволците велат дека се труделе со сите сили да го одбранат манастирот, но гаснењето оделoе тешко поради непристапниот предел и ветерот. Се очекува на помош да им дојдат уште околу 50 доброволци од Охрид и се планира да останат кај Трескавец и во наредните 24 часа. На територијата на општина Прилеп има уште два активни пожари, кај селото Крушевица и селото Никодим.


Изгаснат пожарот што му се закануваше на манастирот „Трескавец“


Скопје, 10 август, 2017 - 10:52 (META) 

Пожарот што синоќа му се закануваше на манастирот „Трескавец“ кај Прилеп е изгаснат, информираше командирот на Територијалната противпожарна единица, Станко Колески.

По апелите од Општина Прилеп за и граѓаните да се вклучат во гаснењето на пожарот, повеќе од сто доброволци се јавиле на повикот, по што во раните утрински часови пожарот е изгаснат. Сепак, жариштето сè уште го чуваат околу 70 луѓе.

Според Колески, еден дел од пожарот, кон селата Горно Село и Мраморани, сè уште е активен, а во неговото гаснење биле вклучени околу 30 луѓе.

Тој информираше дека во Прилепско се активни уште два големи пожара. Едниот е во атарот на селата Бонче и Крушевица, а неколку дена е активен и пожарот околу селото Никодин, каде што горат 250 хектари дабова и букова шума.

Вчера било интервенирано со хеликоптер од АРМ, а денеска се очекувало да пристигнати авиони од Дирекцијата за заштита и спасување.


Пожар му се заканува на манастирот „Трескавец“ кај Прилеп


Прилеп, 9 август, 2017 - 23:52 (META) 

Повеќе од 50 хектари со борова и нискостеблеста шума вечерва горат околу манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп, информираат од Општина Прилеп.

„Пожарот избувнал околу 16 часот, над новите градски гробишта и тој се шири со огромна брзина. Гори целата планина околу манастирскиот комплекс. На терен се излезени екипи на противпожарната единица, како и доброволци кои апелираат до граѓаните да се вклучат уште вечерва во гаснење на пожарот, затоа што постои голема опасност повторно да се запали ова наше светилиште. Се претпоставува дека причина за пожарот е човечки фактор“, се вели во соопштението.

Во опасност од големиот пожар се и населените места Горно Село, Мажучиште и Забрчани.

„Пожарот се шири со огромна брзина кон манастирот. Моментално има мали екипи на луѓе кои гаснат. Последниве денови има повеќе пожари на територија на Општина Прилеп, како екипа интервенираме со денови. Гаснењето во вакви услови е отежнато, терените се доста лоши, а температурата е висока. Повикуваме граѓаните да не палат оган на отворен простор и да ја почитуваат забраната за движење во шумите“, истакна Станко Колески, командир на Територијалната противпожарна единица.

Сите доброволци кои сакаат да учествуваат во гаснењето на пожарот кај „Трескавец“ да се обратат до противпожарната екипа во Прилеп или на телефонот 193.

На територија на Општина Прилеп моментално се активни четири големи пожари.


Претседателот Ѓорге Иванов и градоначалникот Ристески во посета на „Трескавец“


Прилеп, 28 август, 2015 - 17:37 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов заедно со својата фамилија, градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, министерот за внатрешни работи Митко Чавков, државниот секретар во МВР, Анастасија Илиеска, пратениците во Собранието претседателот на совет на општина Прилеп, Никола Димески денеска присуствуваа на Свечена Божествена Литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец.

Претседателот Ѓорге Иванов и Градоначалникот Марјан Ристески го честита празникот:

„На сите православни верници им упатуваме искрени честитки по повод празникот „Успение на Голема Богородица“, посакуваме мигови на разбирање, љубов, надеж и бериќет во секој дом и Господ да ги поведе во радоста на празникот и во љубовта кон верата„.

Пратеничката Ане Лашкоска на сите православни христијани им го честита денешниот празник и посочи дека наскоро ќе почне изградбата на новите конаци на манастирскиот комплекс, еден од најзначајните и најобемните проекти, а при крај е изградбата и на источниот конак на манастирот „Свети Архангел Михаил” во Варош.

Повеќе граѓани, почитувачи на традицијата, денеска го посетија манастирот „Трескавец“ каде се празнуваше денешниот празник.