Лагард најави можен заеднички буџет на еврозоната


Вашингтон, 9 јули, 2018 - 10:29 (META) 

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард најави можен заеднички буџет на еврозоната, кој би бил имплементиран под услов да не стане обичен трансфер на пари од богатите земји на сиромашните членки на ЕУ.

– Буџетот би можел да биде направен без каква било обврски на овие другите – изјави Лагард.

Лидерите на Франција и Германија се слогласија минатиот месец околу предлог за таков буџет, кој би можел да се користи за намалување на економските разлики меѓу земјите од евро зоната и да се стабилизира економијата, меѓутоа со таа идеја не се согласија другите членки на ЕУ, пред се  Холандија која е загрижена како можат парите да се повлечат и да се користат.


ЕК: Македонија треба да развие конкретна фискална стратегија


Брисел, 23 мај, 2017 - 16:36 (META) 

На годишниот економски и финансиски дијалог на ЕУ со земјите на Западен Балкан и Турција во Брисел државите се согласиле да ги забрзаат економските и социјалните реформи, со цел зајакнување на макроекономската стабилност, зголемување на конкурентноста и инклузивен пораст.

Како што е наведено во заедничките заклучоци, Македонија се согласила да развие конкретна стратегија за фискална консолидација, да ги заштити инвестициите, да ја зголеми транспарентноста на јавниот сектор, да ги зајакне капацитетите на планирање на буџетот и да се усвои програма за управување со јавните финансиски реформи.

Во заклучоците на Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ е побарано и подобрување на ефикасноста на јавната потрошувачка, како и рационализација на трансферот на плаќања.

За да се помогне во финансиската стабилност, властите треба да развијат сеопфатна стратегија за решавање на лоши кредити и да се поттикне употребата на домашната валута во финансиски трансакции.

„Денес сите седум земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ се обврзаа да ги забрзаат економските и социјалните реформи со крајна цел, зголемување на конкурентноста. Фокусот сега е имплементација на реформите, така што на луѓето во тој регион ќе им се обезбедат подобри работни места“, изјави еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.


СДСМ: Блокадата ќе кулминира со истекување на мандатот на градоначалниците


Скопје, 12 мај, 2017 - 9:45 (META) 

„Неопходно е веднаш да се одблокираат демократските процеси во Македонија и Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот за составување нова влада на претседателот Зоран Заев“, велат од СДСМ во редовното утринско соопштение.

Од партијата додаваат дека поради блокираните демократски процеси, Македонија се соочува со проблеми кои им штетат на граѓаните и на целиот државен систем.

„Таквата блокада ќе кулминира в понеделник, кога истекува мандатот на градоначалниците и на советите на општините. Вработени во општините, наставници, ќе останат без плати и надоместоци. Граѓаните не ќе можат да ги добиваат потребните услуги од општините. На тој начин, уште повеќе ќе се усложни ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните и Македонија. Затоа, потребен е итен и мирен трансфер на власта, за Македонија што побргу да добие функционални институции“, се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ апелираат до сите, вклучително и до Иванов, конструктивно да се вклучат во демократските процеси, да дејствуваат совесно и одговорно и да овозможат мирен трансфер на власта и формирање нова реформска влада.


СДСМ: Сите да постапуваат разумно и законски да се овозможи мирен трансфер на власта


Скопје, 8 мај, 2017 - 9:45 (META) 

Граѓаните на Република Македонија ја очекуваат новата реформска влада за конечно да почнат промените за добар и достоинствен живот за сите, велат од СДСМ во нивното редовно утринско соопштение.

„Личната корист на сметка на граѓанските државни интереси е причината поради која оваа мала група во врвот на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски измислува непостоечки теми. Тие знаат дека партијата е веќе опозиција и дека правната држава ќе им ги скрати личните бенефити. Тоа го знае и членството на ВМРО-ДПМНЕ, кое сега треба да реагира и да покаже дека им се важни граѓаните, а не заштита на криминалот. Тоа мора да го направи и Ѓорѓе Иванов така што ќе го додели мандатот за составување влада. Новиот претседател на Собранието го информираше Иванов дека има легитимно парламентарно мнозинство и Иванов е должен да го почитува Уставот“, се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ апелираат сите да постапуваат разумно и законски, за да се овозможи мирен трансфер на власта.


СДСМ: Попречувањето на мирен трансфер на власта е противуставно кривично дело


Скопје, 2 мај, 2017 - 18:07 (META) 

„Денешната насилна реторика на организаторите на протестот и паралелните пораки по социјалните мрежи на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поттикнуваат немири со лаги, е уште една потврда за синхронизираното, организирано крваво сценарио во Собранието. Со тоа е направено кривично дело, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за што казните се неколку години затвор“, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на Антонијо Милошоски.

Од партијата потсетуваат дека секое попречување на мирниот транфер на власта е противуставно дело и подлежи на казни.

„Неопходно е лидерите на сите партии, институциите, граѓаните кои се злоупотребени на протестите да го сфатат својот дел од одговорноста и да овозможат продолжување на демократските процеси“, велат од СДСМ.

Тие додаваат дека домашната и меѓународната јавност очекуваат смирување на тензиите и овозможување услови за работа на новиот собраниски претседател и избор на новата реформска влада.


ДС бара широк демократски фронт за мирен трансфер на власта


Скопје, 5 април, 2017 - 14:32 (META) 

Демократскиот сојуз денеска соопшти оти смета дека треба да профункционира широк народен демократски фронт, кој ќе овозможи мирен трансфер на власта и ќе се „справи со новопечените богаташи, нарко-босови и олигарси, кои ја срушија државата и надежта на младите генерации“.

Од партијата на поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија, Павле Трајанов, велат дека високиот степен на криминализација ги разори сите институции, кои „станаа зависни од криминалните структури во партиско-државниот врв“, поради што државата и понатаму тоне во сè подлабока криза и неизвесност.

„Криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое треба да се справиме на ефикасен начин. Со овој „октопод“ не можеме да се справиме, ако не го „удриме“ со чекан по главата. Најдобра слика за криминалот во кој западна државата ни испраќа Собранието, каде под стегите на организираниот криминал, се блокира изборот на претседател на парламентот и избор на нова влада на Република Македонија, без да има механизам за одговорност на опструкторите на демократските процеси“, стои во соопштението на ДС.

Од партијата нагласуваат дека со недавањето на мандат за составување влада, претседателот Ѓорге Иванов и понатаму го крши Уставот и ја злоупотребува службената положба, а со образложението зошто не го дава мандатот, директно поттикнува на меѓунационален раздор и нетрпеливост.


Собранието бргу ќе ја избере новата реформска влада, порачуваат од СДСМ


Скопје, 24 март, 2017 - 10:05 (META) 

Собранието бргу ќе ја избере новата реформска влада на Македонија бидејќи граѓаните избраа промени и избраа да ги водат сериозни политичари, кои се грижат за нивните и за интересите на државата, наспроти политиките на криминалците од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кои се обидуваат да ја втурнат земјата во длабока политичка криза и во изолација, стои во денешното соопштение на СДСМ.

Од СДСМ велат дека внимателно, како и досега, ги водат политичките процеси што водат кон реализација на мнозинската волја на граѓаните.

„Порачуваме дека никој нема право да ја спречи демократски изразената волја на мнозинството граѓани на избори. 67 пратеници застанаа зад претседателот на партијата, Заев. Има демократски формирано парламентарно мнозинство. Има програма на новата влада што ја штити унитарноста на државата и ги обезбедува потребите на сите граѓани. Нема време за губење“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму го повикуваат Собранието и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да овозможат мирен трансфер на власта.


СДСМ: Груевски и Иванов мора да дозволат брз и мирен трансфер на власта


Скопје, 4 март, 2017 - 12:58 (META) 

Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да го прифатат концептот на едно општество за сите, што ја зајакнува унитарноста на државата и носи квалитетен живот за сите граѓани, наместо фантомски поделби, велат од СДСМ.

„Граѓаните јасно се изјаснија дека сакаат интеграција, а не изолација на Македонија, како што сака раководство на ВМРО-ДПМНЕ за да продолжи со криминалите, личното богатење и да не одговара за последиците. Демократските процеси се почнати и мнозинската волја на граѓаните преточена во 67 пратенички мандати мора што побрзо да се реализира со формирање нова реформска влада и независни демократски институции“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата нагласуваат дека барањата за нови избори се обид да се оддолжи и продлабочи политичката криза.

„Ако сега не се почитува мнозинската волја на граѓаните, ниту по нив нема да се почитува. Јасна е определбата на граѓаните на Македонија. Граѓаните избраа промени и нова реформска Влада и Иванов и Груевски мора да дозволат брз и мирен трансфер на власта во Р.Македонија“, заклучуваат од СДСМ.


Бугарија примила само 29 мигранти од воведувањето на квотите на ЕУ


Софија, 8 декември, 2016 - 15:21 (META) 

Бугарија досега примила вкупно 29 мигранти од воведувањето на квотите од Европската Унија (ЕУ), покажуваат податоците на Европската комисија. Според квотите за распоредување на мигрантите во земјите членки на ЕУ, кои беа донесени минатата година, Бугарија досега требаше да прими 831 бегалец.

Сите примени мигранти се од Грција, а уште 260 мигранти кои се затекнале во оваа земја поднеле барања за нивно сместување во Бугарија.

Бугарија претходно даде ветување дека ќе прими и 471 бегалец од Италија, а во моментов бројот на мигранти кои искажале желба да бидат префрлени во Бугарија изнесува 140 лица.

Досега, според документите на ЕК, не е направен никаков прогрес во исполнувањето на квотите. Земјите членки на ЕУ на месечно ниво требаше да направат најмалку 2.000 трансфери на бегалци од Грција и 1.000 од Италија. Од април следната година бројот на трансфери, според планот, треба да биде најмалку 3.000 мигранти од Грција и 1.500 од Италија.

Според договорот меѓу ЕУ и Турција за размена на сириски бегалци, во Бугарија досега не е примен ниту еден Сириец, покажуваат анализите на ЕК.


САД ќе префрлат 15 затвореници од Гвантанамо во ОАЕ


Вашингтон, 16 август, 2016 - 10:26 (META) 

Соединетите Американски Држави (САД) ќе префрлат 15 лица од затворот во Гвантанамо, Куба во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), што е најголем трансфер на затвореници од озлогласениот затвор за време на мандатот на претседателот Барак Обама, пренесува „Би-би-си“.

Како што соопштиле од Пентагон, станува збор за 12 државјани на Јемен и тројца Авганистанци. Со ова бројот на затвореници во Гвантанамо во моментов е намален на вкупно 61 лице.

„САД се благодарни на владата на Обединетите Арапски Емирати за нејзиниот хуман гест и изразената волја да ги поддржи напорите на САД за затварање на затворот во Гвантанамо беј“, било наведено во изјавата на Пентагон.

Префрлените затвореници биле држени без никакво обвинение во Гвантанамо, дел од нив и повеќе од 14 години.

Инаку, намерата на претседателот Обама и на Белата куќа е да направи трансфер и на останатите лица и да го затвори Гвантанамо, пред истекот на неговиот мандат, но неговите планови се блокирани од Конгресот.

Во април, годинава деветмина затвореници од Јемен беа испратени во Саудиска Арабија.

Затворот Гвантанамо се наоѓа во истоимената американска морнаричка база на југоистокот на Куба.

Поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш го отвори затворот во јануари 2002 година и во него беа затворени лица осомничени за тероризам по нападите од 11 септември 2001.