Платежните картички најмногу се користат за повлекување пари од банкомат


Скопје, 31 март, 2017 - 14:07 (META) 

Анализите за користењето на платежните картички покажуваат дека и покрај нивната зголемена употреба во последниот период, навиките на домашните потрошувачи отстапуваат од навиките на корисниците во ЕУ,  се вели во новата публикација, Информацијата за движењата во платниот промет во 2016 година на Народна банка.

Платежните картички во Македонија сè уште најмногу се користат за повлекување готовина од банкоматите, за разлика од европските земји, каде што плаќањата во трговијата имаат високо учество.

„Потврда за ова се релативните показатели кои покажуваат учество на вредноста на трансакциите со платежни картички во личната потрошувачка од 32 проценти во старите земји членки на ЕУ и 19 проценти во земјите од ЦИЈЕ, во споредба со 11 проценти во Македонија“, се вели во анализата.

На слични констатации упатува и анализата на бројот на трансакциите.

„Бројот на трансакции со домашни платежни картички остварени во трговијата во Македонија изнесува 18 трансакции по жител, што е пониско за два и пол пати во споредба со земјите од ЦИЈЕ (45 трансакции по жител) и неколкукратно пониско во однос на старите земји членки на ЕУ (102 трансакции по жител)“, се додава во анализатра.

Од аспект на платежната функција, најголемо учество имаат дебитните картички, а според видот, најзастапени се контактните картички.

„Во последниот период се забележува  промоција на контактно-бесконтактните картички и на соодветна инфраструктура за нивно прифаќање, што е во согласност со светските трендови и со најновите техничко-технолошки решенија во доменот на плаќањата“, се заклучува во анализата.

Во 2016 година бројот на отворени трансакциски сметки забележа пораст од 1,2 проценти на годишна основа, при истовремено намалување на бројот на блокирани сметки за 2,1 отсто.

Пониското ниво на блокирани сметки во 2016 година произлегува од значителното намалување на блокираните сметки на правните лица (за 22,1 отсто), што е прво вакво придвижување во периодот по глобалната криза.

Кај физичките лица, блокираните сметки бележат пораст (5,8 проценти), но значително забавен во споредба со претходните две години, кога беа забележани двоцифрени стапки на пораст на блокираните сметки (35,4 проценти и 19,1 проценти во 2014 година и во 2015 година, соодветно).


Бугарски државјанин осомничен за фалсификување платежни картички


Скопје, 22 јануари, 2017 - 12:30 (META) 

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР), поднело кривична пријава против 37-годишниот бугарски државајнин К.З.З. поради сомневање дека изработил и употребил лажна платежна картичка.

Како што информираат од МВР, осомничениот „со намера да прибави противправна имотна корист“, во текот на овој месец „прибавил банкарски податоци од вистински платежни картички и со нив извршил повеќе успешни нелегални трансакции во хотел во Скопје“.

Дека станува збор за нелегална трансакција, според МВР, потврдиле и од една од банките во Скопје.

Бугарскиот државјанин бил приведен на 12 јануари и однесен во полициската станица Центар, каде тврдел дека не знаел ништо за плаќањето и дека немал никаква поврзаност со фалсификувани платежни картички, а престојот во хотелот, наводно, му бил платен од фирмата за која работел во Австралија, како награда.


Утре ќе се пуштат во оптек апоените од 200 и од 2.000 денари


Скопје, 14 декември, 2016 - 11:10 (META) 

Утре (15 декември), Народна банка ќе ги пушти во оптек двете нови книжни пари во апоени од 200 и од 2.000 денари, а ќе ја повлече банкнотата од 5.000 денари.

Воведувањето на двата нови апоени од 200 и од 2.000 денари, пак, е прва промена што се спроведува по период од 20 години.

„Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и на анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените што се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува баланс на побарувачката за одредени деноминации“, соопшти неодамна НБРМ.

Во врска со повлекувањето на петилјадарката, од Народна банка објаснуваат дека нивната примена во секојдневните трансакции била незначителна, а од неа немале голема потреба ниту банките. Наместо низ годините во оптек да се зголемува количеството на овие банкноти, тоа постојано опаѓало.

 


Вашингтон воведува нови економски санкции за Пјонгјанг


Вашингтон, 2 јуни, 2016 - 11:44 (META) 

САД воведуваат нови економски санкции кон Северна Кореја за дополнително да ѝ го ограничат пристапот до меѓународниот финансиски систем, поради „заканата“ што ја претставува режимот во Пјонгјанг.

Американското министерство за финансии оцени дека Северна Кореја е центар за перење пари и најави дека ќе преземе мерки за ограничување на меѓународните финансиски трансакции со таа земја.

Новите санкции треба да го спречат Пјонгјанг да ги користи меѓународните финансиски институции за развој на оружјето за масовно уништување и на балистичката програма.

Преку овие мерки ќе им биде забрането на странските финансиски компании да извршуваат индиректни трансакции со Пјонгјанг преку американските институции.


Девизните резерви во јануари намалени за околу 14 милиони евра во однос на декември


Скопје, 26 февруари, 2016 - 14:19 (META) 

Девизните бруто-резерви на крајот на јануари изнесуваат 2.246.900.000 евра, што претставува намалување од 14.800.000 евра во однос на декември 2015 година, соопшти Народната банка во најновиот извештај.

Намалувањето кај девизните резерви се должи на интервенциите на Народна банка на девизниот пазар и на трансакциите за сметка на државата, во услови на зголемување на пазарната вредност на резервите, како резултат на пресметаните негативни ценовни и валутни разлики.


Пад на девизните резерви од 100 милиони евра на квартална основа


Скопје, 23 ноември, 2015 - 10:05 (META) 

Состојбата на девизните бруто-резерви на крајот од второто тримесечје на 2015 година изнесуваше 2.254.800.000 евра, што претставува пад од 100 милиони евра, на квартална основа, пишува во кварталниот извештај на Народна банка.

– Намаленото ниво на девизните резерви се должи на нето-продажбата на девизи од страна на НБРМ, нето-одливите на средства врз основа на трансакции за сметка на државата, во отсуство на поголеми приливи врз основа на задолжување во странство – се вели во извештајот на Народна банка.


Прометот на македонската берза е намален за 72,61 процент


Скопје, 8 август, 2015 - 12:51 (META) 

Прометот на македонската берза е намален за 72,61 процент, стои во месечниот извештај на Македонска берза. Има пад и на бројот на трансакции од 34,56 проценти.

Во јули биле реализирани 909 трансакции и промет од 119.787.481 денари.

Според извештајот, само 3 проценти од инвеститорите се странски физички и правни лица, а остатокот од 97 проценти се домашни вложувачи.