МЕПСО ќе вложи 1,1 милиони евра во модернизацијата на трафостаницата „Прилеп“


Прилеп, 12 декември, 2018 - 13:12 (META) 

Прилеп и неговата околина ќе добијат стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија во наредните 20 години со модернизацијата на трансформаторската станица „Прилеп 1“ во која МЕПСО вложува 1,1 милиони евра.

По тој повод денеска во трансформаторската станица „Прилеп 1“ договор за модернизација склучија Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО, и Бранислав Лековиќ, претставник на конзорциумот изведувачи „Кончар КЕТ“ од Хрватска и домашната компанија „Елтек“.

Модернизацијата на трафостаницата вклучува промена со нова на високонапонска опрема што е во функција 40 години. Станува збор за вградување на нови прекинувачи, разделници и мерни трансформатори и нова опрема за контрола и далечинско управување со трафостаницата, нов системи за мерење електрична енергија и нов систем за релејна заштита.

– МЕПСО за жителите и компании во Пелагонија сега вложува 6 милиони евра. Станува збор за три инвестиции во преносната мрежа во Пелагонија. Овде во оваа трафостаница вложуваме 1,1 милиони евра, уште 1 милион евра сега вложуваме во трафостаницата „Битола 2“, а склучивме договор вреден 3,9 милиони евра за изградба на нов далекувод што ќе ќе поврзе оваа со трафостаницата „Битола 1“  – потенцираше Василевски.

Ова е трет договор за модернизација на постројки во преносната мрежа во кој учествува „Кончар КЕТ“ во рамки на овој инвестициски циклус на МЕПСО.

Модернизацијата на оваа трафостаница и на далекуводот што ги поврзува Прилеп и Битола ќе се реализира за година и половина, а модернизацијата на трафостаницата „Битола 2“ ќе биде готова за 2,5 години.

ТС „Прилеп 1“ претставува централна напојна точка за регионот на северна (горна) Пелагонија и регионот на Мариово. Истата е поврзана на електропреносниот систем преку 110 киловолтни далекуводи со трафостаници во Битола и во Кавадарци, а со неа се поврзани и три трафостаници на дистрибутивниот систем преку кој се напојува со електрична енергија градот Прилеп, неговата околина и Мариово.


МЕПСО вложува 4,6 милиони евра во трафостаницата „Дуброво“


Битола, 24 септември, 2018 - 13:45 (META) 

МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Дуброво“ при што ќе биде заменета со нова опрема што е во функција од 1977 година до сега.

„Овој комплексен проект опфаќа замена на примарна опрема (прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори) како и ревитализација на секундарната опрема на 400 киловати и на 110 киловати напонско ниво која вклучува: испорака и инсталација на системи за релејна заштита, далечински надзор и за управување како и системи за AC/DC развод и нов систем за мерење електрична енергија“, се вели во соопштението на МЕПСО.

Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ планирано е да трае три години. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем.

„Трансформаторската станица „Дуброво“ од системски аспект е еден од најважните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем затоа што го поврзува најголемиот производствен капацитет РЕК „Битола“ со најголемиот конзумен регион Скопје. Во оваа трансформаторска станица се вмрежуваат и интерконективните 400 киловолтни далекуводи кои нашиот систем го поврзуваат со електропреносните системи на Бугарија и на Грција“, се додава во соопштението на МЕПСО.


Пронајдени двајца мртви мажи во Скопје, едниот бил во трафостаница


Скопје, 26 април, 2017 - 14:39 (META) 

Две мртви машки тела се пронајдени вчера во Скопје, од кои едното е на засега непознато лице, а било пронајдено во трафостаница, извести СВР Скопје.

Имено, вчера вработен во „ЕВН Македонија“ пријавил во полиција дека во подземна вклучена 10-киловолтна трафостаница, лоцирана во непосредна близина на Македонска опера и балет, пронашол безживотно тело на непознато машко лице.

Екипа на брза помош констатирала смрт, а увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатото лице е предадено во Институтот за судска медицина и за криминалистика за обдукција.

СВР Скопје вели дека се преземаат мерки  за утврдување на идентитетот на починатиот и за целосно расчистување на случајот.

Вториот случај бил пријавен вчера попладне, при што пријавувачот кажал дека пронашол починато лице во објект во изградба на улицата Сава Ковачевиќ. Смртта ја констатирала екипа на брза помош, а увидна екипа на СВР Скопје утврдила дека се работи за Г.Б. (27) од Скопје. По наредба на јавен обвинител на телото на починатиот ќе се врши обдукција.


Пожар на трафостаница го остави Гостивар без струја


Гостивар, 10 март, 2016 - 14:38 (META) 

Експлозија на трафостаница во Гостивар, која предизвика пожар на овој објект го остави поголемиот дел од градот без струја. Прекинот во снабдувањето со електрична енергија настанал околу 2.30 часот по полноќ, кога настанала експлозијата.

– Се случил дефект на главната трафостаница Гостивар 1. Дефектот набргу е саниран. Во поголемиот дел од Гостивар каде имаше прекини во снабдувањето со струја, состојбата е стабилизирана. Се очекува во текот на денот целиот град да има нормално снабдување со струја – изјави Атанас Ковачевски, портпарол на компанијата ЕВН.

Ковачевски вели дека експлозијата не е предизвикана од надворешен фактор и допрва ќе се утврдуваат причините за дефектот.


Куна го остави половина Скопје без струја


Скопје, 2 март, 2016 - 11:33 (META) 

Заталкана куна била причината за дефект на трафостаницата во Козле, поради што населбите Козле, Водно, Карпош и дел од Тафталиџе синоќа останаа без струја, информираат од ЕВН.

Од компанијата објаснуваат дека реагирале итно, по што бил спречен поголем дефект.

– Станува збор за дефект на трафостаницата во Козле, од каде се напојуваат овие делови на градот. По речиси двочасовна интервенција, дефектот беше отстранет – изјави портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски.