Судењето за „Траекторија“ продолжува на 4 септември


Скопје, 12 јули, 2018 - 14:35 (META) 

Со преслушување на уште 20-тина „бомби“, приложени како доказ, денеска се одржа уште едно рочиште од случајот „Траекторија“, односно за изградбата на автопатите Кичево -Охрид и Миладиновци -Штип со кинески кредити, во кој обвинети се екс премиерот Никола Груевски, поранешниот вице премиер Владимир Пешевски, екс министерот Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски.

Следното рочиште ќе се одржи на 4 септември.

Досега се преслушани околу 300 разговори, а денеска се слушаа бомби од преговорите за апликацијата за кредит од Кина од период февруари 2013 година.

Во сите разговори се слуша гласот на поранешниот министер за транспoрт и врски Миле Јанакиески со соговорници, во кои се договара кои македонски компании да учествуваат во изградбата на патот.

– Ќе докажеме дека на 22.2.2013 година Пешевски и Јанакиески во нетранспарентна и неконкурентна постапка и за двете автопатски делници ја избрале понудата на „Синохидро“. Ќе докажеме дека обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки – рече обвинителката Лиле Стефанова.


Денеска рочишта за „Траекторија“, „Труст“ и „Тарифа“


Скопје, 12 јули, 2018 - 10:04 (META) 

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Траекторија“, „Труст и „Тарифа“.

Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид.

Судско рочиште треба да се одржи и за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155 илјади евра.

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“. Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.


На рочиштето за „Траекторија“ се слушаа 30 „бомби“, судењето продолжува на 4 јули


Скопје, 26 јуни, 2018 - 16:11 (META) 

о Кривичниот суд денеска на рочиштетот за предметот „Траекторија“ на СЈО беа пуштени 30 „бомби“ односно прислушувани разговори кои СЈО ги доставило како докази, а се однесуваат за периодот во јануари 2013 година.

Во дел од разговорите во кои скоро сите ги води поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески се слушаа информации околу постапката за тендерската документација за изградба на автопатот Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид за која македонскиот амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски му ја појаснува на Јанакиески.

Во еден од разговорите Јанакиески му се жали на шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер дека премиерот го искарал зошто доцнела процедурата за обезбедување пари за веќе најавените автопати. Со слушање на останатиот дел од вкупно 315 аудио разговори кои како докази се предложени во случајот, судењето ќе продолжи на 4 јули.

Во „Траекторија“ осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155 илјади евра.


Судењето за „Траекторија“ одложено за 29 мај


Скопје, 23 мај, 2018 - 13:08 (META) 

Адвокатот Димитар Дангов на денешното рочиште за предметот „Траекторија“ побара судењето да се одложи за 29 мај, бидејќи, како што рече, еден од обвинетите, Никола Груевски напладне ќе присуствува на соопштување на пресудата за предметот „Тенк“.

Во случајот „Траекторија“ обвинети се Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски поради тоа што во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

Тие според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.


Во Кривичeн суд Скопје денеска судења за „Монструм“ и „Траекторија“.


Скопје, 23 мај, 2018 - 10:04 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје ќе се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Монструм“ и „Траекторија“.

На рочиштето за „Монструм“ исказ  треба да дадатт двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, кои се изјаснија дека не се виновни за монструозното убиство.

Овој случај е на повторно судење, кое почна на 16 мај, откако првичните пресуди против обвинетите беа укинати во декември минатата година од Врховниот суд, а сега обвинението го застапува СЈО.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во Судот денеска ќе се одржи рочиште и за случајот „Траекторија“, кој се обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

Груевски денеска во истиот суд треба да ја чуе пресудата во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра.


Одбиено барањето за изземање на судечкиот совет за „Траекторија“


Скопје, 17 април, 2018 - 15:47 (META) 

Рочиштето за предметот „Траекторија“ на СЈО попладнево продолжи откако судијата Горан Бошевски соопшти дека е одбиено како неосновано барањето на одбраната за изземање на судечкиот совет и судиите поротници. Адвокатот Еленко Миланов, којшто го побара тоа рече дека одбивањето на барањето за изземање на судечкиот совет и отфрлањето на барањето за изземање на претседателот на Кривичен суд Иван Џолев и судии од Апелација е спротивно на правото.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие денеска дојдоа во Кривичниот суд.

Обвинети се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.


Одбраната побара изземање на судиите во „Траекторијa“


Скопје, 17 април, 2018 - 14:28 (META) 

Одбраната на обвинетите во судењето „Траекторија“, по обвинение на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешното рочиште побара изземање на Судечкиот совет, како и на претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, и на судии од Апелацискиот суд.

Адвокатот Еленко Миланов рече дека изземањето го бараат поради информации и изнесени од специјалната обвинителка Катица Јанева на една телевизија дека во снимените аудио материјали кои се во СЈО има и судии и обвинители.

Со истото образложение, адвокатите на обвинетите, поранешни високи државни функционери, бараше изземање на судиите и во други случаи на СЈО.

Претседателот на Судечкиот совет Горан Бошевски рече дека барањето за изземање на Џолев и на судии од Апелација е неосновано и се отфрла. Барањето, пак, за изземање на членовите на Судечкиот совет ќе биде доставено на одлучување до претседателот на Кривичен суд Иван Џолев. Тој треба да се произнесе најмногу за три дена.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие денеска дојдоа во Кривичниот суд.

Обвинети се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.


Судења за „Траекторија“ и „Триста“ во скопскиот Кривичен суд денеска


Скопје, 20 март, 2018 - 9:44 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 (Кривичен суд) денеска треба да се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наречени „Траекторија“ и „Триста“.

На рочиштето за „Траекторија“, за договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, треба да бидат разгледани материјални докази.

Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

На рочиштето за предметот „Триста“ во кој е обвинет Ѓоко Поповски поранешен помошник-министер во МВР за набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи, неговата одбрана треба да даде воведни зборови, а ќе бидат повикани и четворица сведоци на СЈО.

Обвинителите велат дека Поповски со набавката го оштетил буџетот на државата за сума од 453.570 евра, односно тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.


Груевски, Јанакиески и Пешевски се изјаснија за невини во случајот „Траекторија“


Скопје, 1 март, 2018 - 11:41 (META) 

Кривичниот суд го одби барањето на поранешниот премиер Никола Груевски „бомбите“ да не бидат докази во случајот со провизии од кинеските автопатишта со што започнаа воведните говори во случајот на СЈО „Траекторија“.

Во судницата покрај Груевски присутни се и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

-Го прочитав и разбрав обвинението, но не сфатив за што сум обвинет. Кривичното дело наведено во обвинението не сум го сторил – рече Груевски, по што и другите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Судот го оцени како неоснован предлогот на Груевски СМС пораките да бидат отфрлени како докази. Груевски обвини дека пред да му бидат дадени на СЈО, пораките биле во рацете на СДСМ, која, како што рече, е политичка партија која е негов силен противник.

На почетокот на рочиштето судијата Горан Бошевски ги праша обвинетите дали има промена на податоците. Јанакиески кажа дека во моментов е вработен како раководител во „Пелистерка“, Пешевски се води како невработен и прима апанажа, Георгиевски е невработен, а Груевски е пратеник во Собранието.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска, рече дека повод за постапката против обвинетите е содржината на аудио материјалите, од што произлегува дека биле повредени процесите за водење на јавни набавки при градење на автопатите. Од нив се гледа, рече Стефановска, дека Јанакиески и Пешевски требало да потпишат незаконски договор со кинеска компанија за градење на автопатите.

– Од содржината на материјалните докази, вештачењата, сведочењата на лица, ќе докажеме дека обвинетиот Груевски мотивиран од „пет на целото“, како што слушнавме во објавените снимки, ја искористил службената положба и влијаел врз Пешевски и Јанакиески да извршат избор на компанијата што ќе ги гради автопатите, но без тендерска постапка – рече Стефанова.

Четворицата се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања, со што му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра.


Продолжува судењето на Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски за „Траекторија“


Во скопскиот Кривичен суд (Основен суд Скопје 1) денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот на СЈО „Траекторија“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

На минатото рочиште што се одржа на 14 февруари, Груевски ги оспоруваше СМС-ите и побара да не формално решение од судот за одбивањето на барањето да не се користат 13 од вкупно 315 прислушувани разговори кои СЈО ги достави до судот како докази. Тој исто така ги ооспори вештачењата за предметот.