!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Фестивалот „Макфест“ повторно ќе се одржува во октомври


Штип, 8 март, 2017 - 15:43 (META) 

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ се враќа на старите датуми на одржување, односно на 5, 6 и на 7 октомври.

Според директорот на „Макфест“, Љупчо Мирковски, стариот датум се враќа на барање на штипјани, кои изданието на овој фестивал го врзуваат за месецот октомври.

Мирковски соопшти дека е завршен конкурсот за нови песни, а од денеска комисијата почнува да ги преслушува пристигнатите 140 композиции.

– Дел од нив се од домашни, а дел од странски автори. Благодарение на тоа што го правевме минатата година со странските изведувачи, малку се прошири веста низ Европа дека овде има фестивал кој заслужува да му се обрне многу внимание. Има песни од Киргистан, Белорусија, Шведска, Норвешка, Германија, Куба и од Шпанија – соопшти Мирковски пред новинарите.

Годинава ќе има новини во гласањето, а наградите остануваат исти. Како и досега, првата награда изнесува 10.000 евра, втората – 7.500 евра, а третонаградената композиција добива 5.000 евра.

Традицијата со одржување на фестивалот беше прекината изминатите неколку години и фестивалот се одржуваше во јуни.


На Струмичкиот карневал годинава имаше повеќе од 1.000 учесници


Струмица, 26 февруари, 2017 - 15:35 (META) 

Меѓународниот карневал што традиционално се одржува во Струмица, заврши и на него учествуваа околу 1.100 учесници од Албанија, Русија, Бугарија, Црна Гора, Србија и од Аруба.

Според Александар Цицимов од Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, годинава не биле присутни некои од традиционалните гости од странство, поради совпаѓање на православниот и на католичкиот Велигден и одржувањето на традиционалните карневали во другите земји.

Сепак, како што вели, имале ист број учесници, како и атрактивни групи од Москва, Русија и од Аруба.

Карневалот го проследија и претставници на дипломатскиот кор во државата, а со своите сограѓани беше и поранешниот градоначалник на општина Струмица, Зоран Заев.

Поради овој настан, Струмица е на листата на најдобрите 20 „карневалски“ градови во светот.


Иванов го честиташе празникот Свети Сава на српската заедница во Македонија


Скопје, 27 јануари, 2017 - 11:49 (META) 

„Македонија и Србија имаат долга историска и културна традиција која не може да биде нарушена поради различни ставови по некое прашање. Изминативе години ни покажаа дека таму каде што постојат различни ставови и мислења, треба да ги решиме по пат на дијалог“, се вели во честитката на претседателот Ѓорге Иванов упатена до српската заедница во Македонија по повод празникот Свети Сава.

– Српската заедница во Македонија и македонската заедница во Србија се гарант за добрите односи меѓу двете пријателски држави.Тие се лојални граѓани на своите држави и посветени родољуби на своите народи кои придонесуваат за развојот и за квалитетот на односите меѓу двете држави – се додава во честитката на Иванов.


Меѓународен „Фолклорен мост“ во Струга


Струга, 23 јули, 2016 - 12:04 (META) 

На платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, вечерва од 20 часот ќе се одржи меѓународната манифестација „Фолклорен мост“.

Традиционално манифестацијата ќе почне со свечено дефиле на учесниците.

На годинашното издание на фестивалот ќе учествуваат фолклористи од Македонија и од земјите на Балканот, како и фолклорни групи од Полска.

Учесниците, преку песни и игри, ќе ги престават фолклорните традициии и културните особености на своите земји.


(ФОТОГРАФИИ) Вевчани – село со богат градски живот


Вевчани, 4 ноември, 2014 - 11:45 (META) 

Многувековна културна традиција стои зад населбата Вевчани која, со околу 3.500 жители, денес е една од најмалите, а најафирмираните општини во земјата. За познатиот Вевчански василичарски карневал велат дека е со традиција подолга од еден милениум. Основно училиште на мајчин македонски јазик имаат уште од 1835 година (од годинава тамошните деца први во Македонија  учат на тач-табли), библиотеката е најстара во регионот, здравствен дом имаат веднаш по Втората светска војна. Актери од селото, театарската претстава „Печалбари“ ја играле меѓу двете светски војни, додека во најново време се одржуваат три меѓународни манифестации: ликовната колонија „Вевчански видувања“, фолклорниот фестивал „Пображење“ и Меѓународeн конкурс за карикатура.Подигнаа спортски центар, имаат коњички клуб, на пат се да изградат зимски ски-центар на Јабланица, над населбата.
Секоја година одржуваат Вевчанско културно лето – ВЕВКУЛ, со финансиска поддршка од Министерството за култура, додека Меѓународната културно-научна манифестација ,,Печалбарски денови“ е со традиција од 30 години. Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ ја одржуваат во месната црква „Св.Никола“, за која дозвола за градба добиле пред 180 години. Пред 150 години ја почнале изградба, а пред 135 години ја осветиле. Таа е живописана од Дичо Зографот и од неговиот син Андреја.
Од ова лето, вевчанци имаат „Академија на убавите уметности“, му подигнаа „Спомен-куќа“ на својот, велат, најславен предок – Михајло Пупин, за кого промовираа и автобиографија. Летово организираа промоција на збирката песни „Вевчаница“ од истакнатиот српски поет Миљурко Вукадиновиќ, потоа на книгата „Јадица“ од Владимир Плавески, како и на шесте книги со повеќе од 2.000 печатени страници под наслов „Македонски народни умотворби од областа Голо Брдо“, собрани од Цветан Мазнику и од проф. д-р Вита Која од Тирана.
Со концерт, токму во Вевчани, 40-те години од своето постоење одбележа КУД „Илинден“ од Мелбурн, најстаро македонско друшто на овој континетнт, а настапи и КУД „Александар Македонски“, исто така од Австралија. Музички концерт одржаа и учесниците на традиционалната „Летна школа за изучување на македонските народни ора и песни“. Годинава имаше 25 учесници од САД, Јапонија, Германија и од други држави. За младите, пак, беше организиран посебен целовечерен концерт на музичката група „Брос брадерс“ од Битола.
Ова лето Вевчанци имаа шанса да го видат и македонскиот игран филм „Трето полувреме“, но и двете изложби на фотографии од старата дримколска архитектура од фото-хроничарот Стојан Кукунешоски, како и изложбата на карикатури од учесниците на меѓународниот конкурс, на тема „Адам и Ева на карневалот“.
Годинава, на трибината на нивниот „Печалбарскиот универзитет“, се одржаа низа предавање на тема „Руралниот и алтернативен туризам – фактор за развој на потенцијалите на Вевчани“. Одржаа и петдневна „Креативна работилница за изучување на театарската уметност“, што ја посетуваа 25 вевчански ученици. За жал, ова лето, мораа да организираат и комеморација, по повод смртта на вевчанскиот и македонски писател Милутин Бебекоски.

Во Вевчани се одржуваат многу културни настани

Во Вевчани се одржуваат многу културни настани

Вевчански карневал познат ширум светот

Вевчански карневал познат насекаде во светот