!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турција ќе дава помалку пари во буџетот на Советот на Европа


Брисел, 9 ноември, 2017 - 9:30 (META) 

Турција одлучи да ги намали средствата кои ги донира во буџетот на Советот на Европа, соопшти генералниот секретар на организацијата, Торбјорн Јагланд.

– Добивме писмо од министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во кое не информира дека Турција повеќе не сака да биде голем финансиер. Турција сака повторно да дава редовен приход, но таа треба да ни прецизира кога одлуката ќе биде применета – рече Јагланд, додавајќи дека не му се познати мотивите на Анкара.

Турција ја следи Русија, која во јуни престана да дава придонес во буџетот на Советот на Европа, протестирајќи против критиките на оваа паневропска институција која е задолжена за мониторинг на заштитата на човековите права во 47 земји членки.


Попоски: Домашната работа да ја завршиме, но и ЕУ-членството да го направи достижно


Стразбур, 5 април, 2017 - 19:03 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска во Стразбур учествувал на состанокот на делегацијата на Европскиот парламент во Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија, информираа од Министерството за надворешни работи.

На состанокот, како што се вели во соопштението, претседавал европратеникот Алојз Петерле, во присуство на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, и претставник од Европската комисија. Притоа, биле разменети мислења за актуелната политичка ситуација во Македонија, како и за актуелни прашања поврзани со европскиот интегративен процес.

„Голем дел од причините за длабоката политичка криза се поврзани со недостигот од јасна перспектива за европска интеграција на земјата. Со сигурност, и решенијата што треба да ги бараме во следниот период лежат во враќање на кредибилноста и почнување на преговорите за идно членство на Македонија во ЕУ. Без тоа, многу тешко може да се надминат и тековните внатрешни предизвици. За решение на политичката криза кое ќе биде одржливо, мора да се знаат и правилата на игра во иднина. Правилата мора да се однесуваат и на изборот на претседател на Собранието, принципите за формирање влада и спроведувањето на избори. Покрај оваа домашна работа, неопходно е и ЕУ конечно да го направи членството за Македонија достижно“, истакнал Попоски.

Состанокот со европратениците од Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ се одржа во пресрет на претстојната дискусија на пленарна сесија на Европскиот парламент за резолуцијата за Македонија на известувачот Иво Вајгл.

Од МНР информираа дека Попоски во Стразбур одделно се сретнал со повеќе европратеници, како и со генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.