!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Вучиќ: Нема да има вонредни парламентарни избори заедно со претседателските


Белград, 27 февруари, 2017 - 13:15 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека нема да има вонредни парламентарни избори заедно со претседателските бидејќи, како што рече, за тоа нема причина.

Вучиќ, кој ќе биде кандидат на владејачката коалиција на претседателските избори, за Радиотелевизија на Србија (РТС) рече дека не постојат причини за одржување на вонредни парламентарни избори.

– Србија е стабилна економија. Потребен е пораст, сериозност, одговорност. Србија има стабилно мнозинство за да функционира – изјави Вучиќ.

Во јавноста во Србија изминатите неколку дена се шпекулираше со можноста за одржување на вонредни избори по само една година, а тоа го бараа повеќе опозициски партии, но и некои од помалите партии од владејачката коалиција.

Лидерот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, кој е дел од владејачката коалиција, вечера изјави дека во Србија постои политичка стабилност и дека не се потребни никакви нови парламентарни избори.

Претседателските избори во Србија треба да бидат распишани најдоцна до 3 март, а ќе бидат одржани, најверојатно, во текот на април.

Мандатот на актуелениот претседател на Србија, Томислав Николиќ, му истекува на 31 мај.


Николиќ се откажа од кандидатурата за претседател на Србија и го поддржа Вучиќ


Белград, 20 февруари, 2017 - 21:10 (META) 

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, вечерва изјави дека нема повторно да се кандидира за таа функција и дека со актуелниот премиер, Александар Вучиќ, кој ќе биде кандидат на владејачката коалиција, се договорил и во иднина заедно да ја водат државата.

– Се договоривме и понатаму заедно да ја водиме државата. За функциите ќе се договориме по победата на Вучиќ на изборите. Ќе продолжиме заедно да ја издигнуваме Србија. Александар ќе биде кандидат за претседател – изјави Николиќ.

Тој претходно се сретна со Вучиќ, а освен за изборите и за продолжувањето на соработката, тие разговарале и за ситуацијата во земјата и во регионот.

Николиќ и Вучиќ оцениле дека Србија се наоѓа пред сериозни предизвици и искушенија, на кои е неопходно е да им се даде единствен одговор.


Александар Вучиќ и официјално кандидат за српски претседател


Белград, 17 февруари, 2017 - 20:22 (META) 

Едногласно вечерва Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС) го прифати предлогот на партиското претседателство, сегашниот премиер на Србија, Александар Вучиќ, да биде кандидатот на СНС на претстојните претседателски избори во Србија.

Вучиќ изјави дека решил да ја прифати кандидатурата оти цврство верува дека „На србија и се неопходни работи, инвестиции, нови болници и иднина“. Обраќајќи се пред членовите на Главниот одбор, коишто неговиот говор го поздравија со долготраен аплауз, Вучиќ рече дека „денеска минатото чука со токмаци на врата“.

– Ја бараа мојата глава и јас излегувам… Не се плашам ниту од самиот страв, ниту од нивните милиони, сојузници, медиуми и најмалку од тајкуните, се плашам да не ја победат Србија, да не ја затворат, да ја сопрат, оти затоа се здружиле – рече тој, додавајќи дека не сака да слушне „ниту еден лош збор“ за сегашниот претседател на Србија, Томислав Николиќ и дека е подготвен тесно да соработува со него.

Николиќ денеска ги потврди неофицијалните најави дека постои можност повторно да се кандидира за претседател на Србија, како и дека од Вучиќ ги побарал позициите премиер и лидер на СНС во замена за поддршка на претседателските избори.

– Јас му напишав што според мене е продолжението на нашата соработка – тоа беа само две варијанти: едната беше јас да се кандидирам за претседател, а тој да ме поддржи, а втората тој да се кандидира и јас да го поддржам, со тоа што потоа со целосно право очекувам да се вратам на функцијата претседател на СНС и да ми го додели мандатот, како претседател на СНС, за составување на новата влада, која би останала без премиер со неговиот избор за претседател – рече Николиќ во интервју за „Спутњик“ водено пред седницата на Главниот одбор на СНС.

Тој нагласи дека досега не добил конкретен одговор, но оти препоставува дека Вучиќ решил да не се договарат.


Николиќ сè уште чека договор, Вучиќ и натаму молчи


Белград, 16 февруари, 2017 - 21:00 (META) 

Претседателот на Србија Томислав Николиќ, по синоќешната неофицијална најава дека има намера повторно да се кандидира за шеф на државата, денеска изјави дека и понатаму чека договор со премиерот на земјата, Александар Вучиќ, кого врвот на неговата партија – Српската напредна странка (СНС) го предложи за претседателски кандидат. Вучиќ сè уште не излегол со став околу ова прашање.

– Јас и понатаму чекам договор со Александар Вучиќ. Пред тоа нема да носам никаква одлука и во своите изјави никого нема да го ставам пред свршен чин – вели Николиќ за српскиот дневен весник „Курир“.

Српските медиуми пишуваат дека по синоќешната најава на Николиќ дека има намера да се кандидира за претседател на земјата, комуникацијата меѓу него и Вучиќ „целосно пукнала“ и дека српскиот премиер нема намера ниту да го бара Николиќ, ниту да одговара на неговите повици.

Николиќ изминатите месеци не криеше дека сака уште еден претседателски мандат. Српските медиуми денеска пренесуваат дека тој од Вучиќ наводно го барал челното место во СНС и во владата, во замена за поддршка на неговата (на Вучиќ) кандидатура за претседател. Вучиќ, како што наведуваат медиумите, не го прифатил предлогот и свикал седница на претседателството на СНС, на кое едногласно било предложено тој да биде кандидат на партијата за претседател на Србија.

Главниот одбор на СНС утре треба да ја донесе конечната одлука за кандидатурата на Александар Вучиќ на претстојните претседателски избори во Србија.


Томислав Николиќ повторно во трка за претседател на Србија


Белград, 16 февруари, 2017 - 9:27 (META) 

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ одлучи да се кандидира на претстојните претседателски избори иако кандидатурата ја најави и премиерот и лидерот на Српската напредна странка (СНС), Александар Вучиќ.

Како што пренесоа српските и руските медиуми, Николиќ тоа го објавил на својот 65 роденден.

Тој порано изјави дека не е изненаден со тоа што претседателството на СНС, едногласно го поддржa Александар Вучиќ, но избегна да одговори на прашањето на новинарите дали се откажал од кандидатурата, изјавувајќи само „ќе се договориме“.

Николиќ синоќа приреди прием по повод Денот на државноста на кој се појавил и Вучиќ, но си заминал по говорот на Николиќ.


Вучиќ ја обвини Приштина за неуспехот на дијалогот и ги повика Србите да останат мирни


Белград, 2 февруари, 2017 - 23:11 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска ја обвини делегацијата на Косово за неуспехот на последната рунда од дијалогот во Брисел и по тој повод побара реакција од високата претставничка за надворешна и за безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини.

Вучиќ ги повика Србите на Косово да останат мирни, да веруваат во својата држава и да не го напуштаат Косово, а нивните политички претставници да не ги напуштаат институциите на Косово.

Вучиќ вечерва во Рашка се сретна со политичките претставници на Србите на Косово за да ги извести за исходот од вчерашниот дијалог меѓу Белград и Приштина во Брисел. Тој ја обвини Приштина дека користи „највалкана пропаганда“ и ги повика Србите да не наседнуваат на провокации.

Во Рашка истовремено беше одржан и состанок на министрите за одбрана и за внатрешни работи, Зоран Ѓорѓевиќ и Небојша Стефановиќ, како и состанок на началникот на Генерал-штабот на војската на Србија, Љубиша Диковиќ, со претставници на војската на Србија и на српското МВР.

За исходот од вчерашниот состанок со делегацијата на Приштина во Брисел, претседателот на Србија, Томислав Николиќ, денеска ги извести и амбасадорите на Русија, Соединетите Американски Држави и на Кина во Белград, на кои им пренесе дека однесувањето на косовската страна не води кон постигнување договор.


Вучиќ и Тачи разговарале да продолжи дијалогот помеѓу Белград и Приштина


Белград, 28 јануари, 2017 - 15:24 (META) 

Српскиот премиер, Александар Вучиќ, разговарал денеска преку телефон со косовскиот претседател, Хашим Тачи, за да продолжи бриселскиот дијалог помеѓу Србија и Косово, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Според пишувања на „Блиц“, Вучиќ и Тачи се договориле Белград и Приштина да го продолжат дијалогот, бидејќи разговорот бил единствен начин за решавање на несогласувањата.

„Вучиќ и Тачи се договориле и двете страни активно да работат на зачувување на мирот и na стабилноста, како и на унапредување на односите помеѓу Србите и Албанците,“ пишува „Блиц“.

Информациите за разговорот ги потврдил и Тачи на неговиот профил на „Фејсбук“.

„Се согласивме да работиме заедно, да ги решиме сите прашања што се од заеднички интерес, а кои се поврзани за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, “ напишал Тачи на „Фејсбук“.

На 24 јануари во Брисел беше одржан дијалог на високо ниво, на кој со посредство на ЕУ, учествуваа претседателите и премиерите на Србија и на Косово, Томислав Николиќ, Александар Вучиќ, Хашим Тачи и Иса Мустафа.

Потоа Белград ја обвини Приштина дека не се придржува кон договореното, бидејќи Тачи изјави дека Приштина повеќе нема да ги толерира провокациите од Белград.

Дополнително влошување на односите дојде по апсењето на лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, во Франција по налог на Србија, кој се обвинува за воени злосторства.


Вучиќ и Николиќ заедно ќе одат во Брисел на продолжението на дијалогот со Приштина


Белград, 22 јануари, 2017 - 15:52 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска најави дека на продолжението на дијалогот со Приштина, закажно за вторник следната недела, во Брисел, покрај него ќе учествува и претседателот на земјата, Томислав Николиќ. Вучиќ додаде дека очекува и другата страна, односно Косово, да ги испрати своите највисоки претставници.

„Се надевам дека ќе има доволно разум и рационален пристап да не се повторни носењето на оружје и орудија во средини населени со Срби, за да се покажат мускули“, изјави Вучиќ во Белград.

Високата претставничка за надворешна и за безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, минатата недела ја закажа новата рунда од дијалогот на високо ниво за 24 јануари поради затегнатите односи меѓу Белград и Приштина.

Вучиќ денеска оцени дека разговорите со Приштина нема да будат едноставни, ниту лесни, бидејќи позициите на двете страни се целосно оддалечени.

„Тие тргнуваат од тоа дека Косово е независно, а ние дека е дел од Србија. Од тоа тешко можеме да дојдеме до ист заклучок“, рече Вучиќ, додавајќи дека, сепак, најважното е да не дојде до употреба на оружје и да се избегнат судири и провокации.

Зборувајќи за возот украсен со националните симболи на Србија, кој минатиот викенд тргна од Белград за Косовска Митровица, поради што властите во Приштина испратија специјални полициски сили на северот на Косово, Вучиќ рече дека не ја разбира реакцијата на албанската страна. Тој ги отфрли тврдењата дека специјалната косовска полиција (РОСУ) има право без да биде повикана да влезе во српските средини и рече дека нејзиниот состав мора да одговара на етничкиот состав на територијата на која нејзините единици се ангажирани.


Николиќ: Испраќањето војска на Косово е заклучок на Советот за национална безбедност


Белград, 17 јануари, 2017 - 12:24 (META) 

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, ги отфрли обвинувањата дека „ѕвечка со оружје“ и додаде дека неговата изјава за испраќање војска на Косово е заклучок на Советот за национална безбедност.

– Ние не ѕвечкаме со оружје туку на тоа предупредивме доколку биде загрозен српскиот народ на Косово и Метохија. Србија ќе ги одбрани Србите. И тука постои согласност помеѓу владата и претседателот. А тоа што реков дека ќе испратиме војска, всушност е дел од заклучоците на Советот за национална безбедност. И, да, реков дека ако треба, и јас ќе одам во војна, па и моите синови – изјави Николиќ.

Српскиот претседател за време на викендот, по повод запирањето на возот од Белград за Косовска Митровица поради безбедносни закани, изјави дека Србија ќе испрати војска на Косово ако се убиваат Срби, што беше остро критикувано од опозициските партии и од официјални лица од Европска Унија.

Николиќ рече дека ЕУ не требало да реагира на неговата изјава туку требало да реагира на „минираната пруга“ и кога не било дозволено да помине српскиот воз на Косово.

– Ако европскиот комесар Јоханес Хан вели дека јас не гледам во иднината и дека иднината на Србија е независно Косово, тогаш немаме за што да разговараме. Тогаш тој е измама на сите времиња. И тоа што го прави ЕУ е измама – рече Николиќ.

Претседателот на Србија рече дека ова не го говори поради изборната кампања туку затоа што се грижи за животите на Србите на Косово.

– Ако нападнат Срби и почнат егзодус и убивање, тогаш Србија треба да молчи? Јас на таква Србија не би бил претседател – додаде Николиќ.


Николиќ: Ако бидат загрозени Срби, ќе испратиме војска на Косово


Белград, 15 јануари, 2017 - 15:46 (META) 

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, вели дека Србија е подготвена да испрати вооружени сили на Косово и Метохија доколку биде загрозено српското население.

– Ако бидат убиени Срби, да – рече Николиќ на прашањето дали Србија е подготвена да испрати војска на Косово и Метохија.

Николиќ по седницата на Советот за национална безбедност, одржана во Генералштабот на војската на Србија, рече дека Србија не сака конфликт и дека никого нема да нападне, но дека како држава и по уставот има обврска да ги штити своите граѓани.

Претседателот на Србија додаде дека секој нареден обид на Приштина да предизвика конфликт ќе заврши лошо.

Тој побара ЕУ и САД да се изјаснат по изјавата на косовскиот премиер Иса Мустафа, во која тој им се заблагодарува за поддршката и додаде дека додека тоа не се расчисти, не може да стане збор за продолжување на бриселскиот дијалог помеѓу Белград и Приштина.

Седницата на советот беше одржана по најновото заострување на односите помеѓу Белград и Приштина откако вчера во Косовска Митровица не пристигна возот од Белград поради можност за избивање на конфликт.