!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Реакција на Општина Велес: Вложуваме напори да ги исполниме барањата на жителите


Велес, 28 декември, 2015 - 15:54 (META) 

Агенцијата „Мета“ објави видеосторија со наслов „Велес: Десет села отсечени од цивилизацијата и од буџетот“ за проблемите и за тешките услови за живеење на жителите од околните села поради лошата патна инфраструктура.

Во сторијата прашавме каде се трошат парите на жителите и зошто локалната власт секоја година ги ветува, но не ги гради патиштата до нивните села.

Во времето на подготовката на прилогот, од Општината не одговорија на поставените прашања.

По објавувањето на сторијата, реагираа од Општината Велес.

Во реакцијата, испратена до локалните медиуми, се вели дека сторијата претставува „обид за презентирање на локалната самоуправа во негативно светло, игнорирајќи го сето она што е направено во досегашниот период за споменатите населени места“.

Од Општината велат дека „во село Сливник досега биле реализирани неколку крупни проекти, како што се изградбата на новото училиште и поставување на водоводната мрежа, реконструкција на улично осветлување и редовно тампонирање на патот до селото“.

Што се однесува до селото Рлевци, пак, во реакцијата стои дека „Општината вложува напори да ги исполнува барањата на жителите“.

Сепак, нема одговор на клучните прашања и за проблемите што беа третирани во сторијата.

Градоначалникот Славчо Чадиев не одговори на прашањата зошто патиштата до овие села не се изградени, иако со години се ветуваа и беа предвидени во програмите и во буџетите за реализација на Општината и каде се парите за нивната изградба.


Скопје: Наши пари за нивни скапи проекти и за политички поени


Скопје, 26 декември, 2015 - 9:00 (META) 

Три проекти на три скопски општини ги обединува едно –  сите имаат првенствено декоративна функција.

Паркот на езерата во Аеродром, Боемската улица во Центар и плоштадот Делфина, иако во различни општини, имаат заеднички именител – висока цена и постојано фалење со тоа зошто и колку многу наши пари потрошиле нивните ментори.

Општините во Скопје во последниве години вложија многу пари во разубавување на јавните простори, па се трошат стотици илјади, па дури и милиони евра за тоа кој ќе направи поубав, но и поскап плоштад, парк или пешачка зона.

Но, дали ако се има пари, тие мора да се потрошат?


Велес: Десет села отсечени од цивилизацијата и од буџетот


Велес, 25 декември, 2015 - 9:20 (META) 

Илјада жители од десетина велешки села и во 21 век живеат отсечени од цивилизацијата. Со години бараат да им се асфалтираат полските патишта што се планираат во буџетите на Општината.

Тие беа планирани и во годинешниот буџет.

Наместо 16.800.000 денари за изградба и за реконструкција на локални патишта и на улици, локалните власти, за деветте месеци од годинава, за тоа потрошиле само четири милиони денари.

Зошто не ги исполниле ветувањата што им ги дале на граѓаните и каде се парите предвидени за изградба на овие патишта?


Битола: Златниот рид стана мрачна населба


Битола, 24 декември, 2015 - 9:30 (META) 

И по пет години од најавата на проектот Златен рид, каде требаше да никне најлуксузниот кварт во Битола, со хациенди, згради, градинки и со други институции, таа населба со градот е поврзана само со козји патеки.

Како и зошто се потрошени 2,5 милиони евра од парите на битолчани што беа наменети за изградба на инфраструктура?

Ги прашал ли некој граѓаните?

Финансиското работење на Општината е предмет на истрага на обвинителството.


Тетово: Дводецениска жед за вода


Тетово, 23 декември, 2015 - 9:05 (META) 

Како градоначалничката Теута Арифи се буди и се мие без вода? За кога ветува дека ќе го реши „еднаш засекогаш“ проблемот со водата?

Сите градски власти досега потфрлија во обидите да обезбедат вода, а сега има и друг проблем – тетовската водоводна мрежа се распаѓа.

Две децении, милиони евра од граѓаните се собрани за непотрошена вода, а граѓаните чешмите ги заменија со пластични шишиња, канти и со буриња.


Василево: Четири години за четири километри


Струмица, 22 декември, 2015 - 10:19 (META) 

Четири години по ред, локалниот пат Чанаклија – Нова Маала во општина Василево е во плановите и парите се одвојуваат во буџетот на Општината.

Останаа четири километри пат – четири километри секојдневно малтретирање за жителите на овие места, кои никогаш не открија каде и како секоја година исчезнуваат нивните пари.

– Моите пари ме болат – вели еден од анкетираните жители, кој сака да знае за што се трошат неговите пари во неговата презадолжена Општина.


Прилеп: Дом за стари лица како дом за казненици


Прилеп, 21 декември, 2015 - 11:11 (META) 

Замрзнатата и блокирана сметка ги остави без греење, без доволно храна и грижа 128 станари во Домот за стари лица во Прилеп.

На штитениците, кои и самите плаќаат за услугите, им се закануваат извршни решенија за наплата на долгови.

Анализите покажуваат дека, всушност, Домот за стари лица и последните две години трошел многу повеќе отколку што приходувал, а при тоа бројот на лица ангажирани и од самофинансирачки активности останал ист!

Штитениците, семејствата и граѓаните не знаат каде исчезнуваат народните пари што се влеваат на сметката на домот?