Одложено судењето за „ТНТ“ бидејќи обвинетата била повредена од тепање


Скопје, 4 мај, 2018 - 15:47 (META) 

Марика Зафировска, една од обвинетите во предметот на СЈО „ТНТ“ за рушење на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, не дојде на денешното рочиште, бидејќи е на болничко лекување по физичкиот напад на 1 мај.

Kако што кажа нејзиниот адвокат, таа и сопругот биле нападнати во викендичка во Куманово и приложи лекарска документација.

Во судницата во Основниот суд Скопје 1 беа присутни другите обвинети: Миле Јанакиески, Никола Груевски и Тони Трајковски, а следното рочиште е закажано за 11 јуни.


Денеска ново рочиште за уривањето на „Космос“ на Фијат Цаноски


Скопје, 4 мај, 2018 - 10:18 (META) 

Случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство денеска ќе има ново рочиште во Основниот суд Скопје 1.

Обвинети за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот, поранешен пратеник и партиски лидер Фијат Цаноски, се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Врховниот суд минатата недела донесе одлука да не ги изземе судиите во „ТНТ“, како што бараше одбраната.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски.


Врховен и Апелација одлучија да не се изземат судиите во „ТНТ“ и „Насилство“


Скопје, 27 април, 2018 - 13:09 (META) 

Врховниот суд постапувајќи по барање на одбраната во предметот на Специјалното јавно обвинителство „ТНТ“ за изземање на в.д. претседателот на Апелациски суд Скопје, Лидија Димчевска и нејзиниот заменик, на 16 овој месец донел решение со кое барањето за иземање се одбива како неосновано.

Решението преку Апелациски суд Скопје е доставено до Основниот суд Скопје 1.

Како што соопшти овој суд, врз основа на ова решение, а постапувајќи по барање на одбраната во предметот „ТНТ“ за изземање на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик, Апелациски суд Скопје на 20 април 2018 година донел решение со кое барањето на одбраната се отфрла како недозволено. Решението е доставено до Основен суд Скопје 1.

По добиена надлежност за постапување, претседателот на овој суд, постапувајќи по барање на одбраната за изземање на судечкиот совет кој постапува во предметот „ТНТ“ на 23 овој месец донел со кое барањето за изземање се одбива како неосновано.

По барање на одбраната во предметот од обвинителството „Насилство општина Центар“ за изземање на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик, како и в.д. претседателот на Апелацискиот суд и неговиот заменик, претседателот на судот донел решение со кое барањето се отфрла како недозволено.

За барањето на одбраната во истиот предмет за изземање на судијата поединец кој постапува по предметот, судот исто така донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано.


„ТНТ“ одложен за 4 мај, се уште нема одлука од Врховен суд за изземање на судиите


Скопје, 13 април, 2018 - 13:06 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје за 4 мај се одложи новото рочиште од предметот на СЈО „ТНТ“, бидејќи, како што рече судијата Огнен Ставрев, се уште нема одлука за изземање на судиите, побарано од одбраната на обвинетите Никола Груевски, Миле Јанакиески и Тони Трајковски.

Одбраната на минатото рочиште побара изземање на судечкиот совет, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и в.д. претседателот на Апелацискиот суд Лидија Димчевска, а по нивното барање одлучува Врховен суд.

Барањето, како што образложија адвокатите, е поради тоа што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дала изјава на национална телевизија дека има судии кои постапуваат по предмети на СЈО, а биле прислушувани.

На денешниот претрес во судот беа присутни обвинетите Груевски, Јанакиески и Трајковски, како и оштетениот Фиат Цаноски.

Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки. Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари.


Адвокатот на Груевски тврди дека ќе имало кривично дело ако не се срушел „Космос“


Скопје, 16 март, 2018 - 11:11 (META) 

Ниту Никола Груевски, ниту Миле Јанакиески како ни Елисавета Најдовска и Насер Ралев кои ги застапувам не го извршиле кривичното дело кое им се става на товар. Ова на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ го кажа адвокатот Димитар Дангов.

– Груевски ниту самостојно, ниту во договор со Јанакиески не го поттикнале Тони Трајковски незаконски да го сруши објектот „Космос“. Одбраната ќе докаже дека премиер и министер не се позиции на моќ, туку службени лица со надлежности пропишани во закон. Апсурдот е во тоа што не постои незаконско рушење кое го содржи описот на кривичното дело кое им се става на товар – рече Дангов.

Тој додаде дека неговите клиенти работеле законски.

– Законски постапувале. Доколку не било извршено рушењето тогаш ќе стореле кривично дело за незаконито вршење на службата – истакна Дангов.

На рочиштето присуствуваат сите обвинети – поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според обвинителниот акт, со постапката на уривање на објектот на бизнисменот Цаноски е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.


Почнува судењето „Титаник 3“ за функционери на ДУИ


Скопје, 16 март, 2018 - 10:30 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска ќе почне судењето на случајот на Специјалното јавно обвинителство „Титаник 3“ за изборни нерегуларности. Овој случај е првиот на СЈО во кој се обвинети функционери на ДУИ – Ејуп Алими и Исмет Гури.

СЈО ги товари за уништување изборен материјал.

Во истиот суд денеска ќе продолжи судењето за случајот „ТНТ“, во врска со уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Им се суди на Никола Груевски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски и уште на неколку други лица.


Груевски од судот бара да не го малтретираат со секојдневни судења


Скопје, 9 февруари, 2018 - 12:30 (META) 

„Понеделник, вторник, среда… секој ден сум на судење. На Зоран Заев судот му закажува на два месеци, мене секој ден. Ова веќе не е судење. Ова е фарса. Ова е малтретирање – се побуни обвинетиот експремиер Никола Груевски кај судијата Огнен Ставрев во Основниот суд Скопје 1, кој го премести денешното рочиште за предметот на СЈО „ТНТ“ за една недела.

Груевски праша зошто иако минатиот пат му било ветено дека ќе ги добие снимките тоа не се случило.

– А, што ако има во нив приватни разговори – праша Груевски.

Ставрев рече дека не знае што има во тие докази и не смее да знае и кога ќе се слушаат во судница, јавноста може да биде исклучена.

Адвокатите на Никола Груевски, Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и уште 4 службеници од општината, и на денешното продолжение на судењето за уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, упорно ги бараат прислушуваните разговори и се заканија дека ако СЈО не им ги даде бомбите, ќе се жалат во Европскиот суд во Стразбур.

– Ние овде уште не сме почнале, па за Стразбур да зборите – рече судијата Ставрев.

Ставрев го одложи судењето за 15 февруари и ги упати адвокатите дека во секој момент можеле да ги слушаат снимките и во Основниот суд Скопје 1, откако тоа не го направиле во СЈО за време на истрагата.


Цаноски бара отштета од 55 милиони евра за урнатиот „Космос“


Скопје, 24 јануари, 2018 - 14:34 (META) 

Бизнисменот Фијат Цаноски по завршувањето на првото рочиште од судењето за случајот „ТНТ“ денеска изјави дека очекува судот да донесе праведна одлука и обвинетите кои „и нанеле голема штета на Македонија” да бидат осудени.

Во процесот за уривањето на комплексот „Космос“ на Цаноски, покренат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), главни обвинети се поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, како и уште четири лица.

Цаноски вели дека ќе бара отштета од 55 милиони евра, колку што ги цени неговите загуби од уривањето на станбено-деловниот комплекс.

Инаку, на денешното почетно рочиште, адвокатите на обвинетите рекоа оти ќе докажат дека комплексот морало да се урне, а нивните клиенти со постапките не ги прекршиле законите.

Откако обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми, го кажа неговиот воведен збор, адвокатот Димитар Дангов реагираше околу наводите, по што побара пауза од 10-15 минути за консултација со другите адвокати. Тие потоа побараа од судот да им бидат доставени прислушуваните разговори и вештачењето од Тетовскиот универзитет за да можат да подготват и да дадат, како што рекоа, квалитетна одбрана при изнесувањето на воведните говори. Напоменаа дека вештачењето не го добил никој од одбраната.

Обвинителот Рустеми рече дека тие како обвинители немаат ништо против одбраната да ги има сите докази, меѓутоа, како што додаде, фактот дека бранителите не ја знаат содржината на разговорите е поради лошата стратегија што ја одбрале во текот на истражната постапка.

– Да дојдеа во СЈО и да ја слушаа содржината на разговорите како што ја слушавме ние, ќе ја имаа. Одбраната не го напрви тоа – рече Рустеми.

Адвокатот Дончо Наков рече дека ако судот не дозволи да ги добијат доказите пред воведните говори, тоа ќе биде кршење на принципот на „еднаквост на оружјата“.

Судијата Огнен Ставрев побара сите да излезат од судницата за петчлениот судски совет да донесе одлука по барањето на одбраната. Епилогот беше одбивање на барањата на адвокатите како неосновани, а судијата рече дека сите докази ќе и бидат дадени на одбраната во текот на доказната постапката.

На ваквата одлука, адвокатите на обвинетите бурно реагираа, повторувајќи дека не можат да дадат воведни говори без овие докази и рекоа дека судот  донел одлука врз основа на неточни тврдења на СЈО.

Судијата Ставрев на тоа возврати дека ако не сакаат, адвокатите не мора да дадат воведни зборови, но судењето ќе продолжи. Адвокатите ги повторија своите барања, а на крајот беше донесена одлука одбраната да даде воведни зборови, кои ќе ги дополнат кога ќе ги добијат бараните докази.

Судењето продолжува на 9 февруари.


Почна судењето за „Космос“, Груевски и Јанакиески велат дека не се виновни


Скопје, 24 јануари, 2018 - 11:28 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 претпладнево почна судењето за случајот ТНТ покренат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кое главни обвинети се поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски. Покрај нив, обвинети се уште четири лица за уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, кој исто така дојде во судот.

Во своите искази, и Груевски и Јанакиески и Трајковски, но и останатите четиримина обвинети, рекоа дека не се виновни по ниту една точка од обвинението. Цаноски, пак, рече дека ќе бара отштета од обвинетите.

На почетокот, адвокатот Димитар Дангов даде приговор дека двете камери со коишто ќе се снима судењето се „свадбарски“ и дека не се дел од АКМИС-системот, односно она што го снимаат, не може директно да се внесе во записникот.

– Поради ова, судот не може да ги спроведе одредбите од Законот за кривична постапка и нема услови за водење на постапката – рече Дангов.

Судијата Огнен Ставрев рече дека приговорот е неоснован и дека камерите се в ред, па се што снимаат ќе биде внесено во записникот.

Забелешка имаше и адвокатот Боро Тасевски, кој побара од судот првин да ја расчисти ситуацијата дали снимките од прислушуваните разговори се доказ или не. Тој рече оти одбраната смета дека „бомбите“ со правосилна одлука на Кривичниот суд се издвоени од доказниот материјал.

Обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми, пак, посочи дека со одлука на Апелацискиот суд, „бомбите“ може да се користат како доказ.

Оваа одлука беше донесена на 4 ноември лани.

Судијата Ставрев потоа истакна дека одбраната ќе ги добие сите материјали вклучително и „бомбите“.

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, при читањето на генералиите на обвинетите, даде забелешка дека повеќе не е вработен во партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку во компанијата „Пелистерка“.

Обвинителот на СЈО, Рустеми, во воведните зборови нагласи дека Груевски, како тогашен премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, и Јанакиески, како министер и висок функционер на партијата, незаконски го срушиле комплексот „Космос“ на Цаноски, само затоа што тој, како претседател на Партијата за европска иднина, одлучил да ја напушти коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и склучил коалиција со СДСМ за изборите во јуни 2011 година.

– Груевски и Јанакиески одмаздата ја сториле преку институциите на централната и локалната власт и со тоа го оштетиле Цаноски за 16 милиони евра. Ова ќе го докажеме преку исказите на Цаноски и на другите сведоци, аудио записите од телефонските разговори меѓу Груевски и Јанакиески, СМС пораките испратени до Јанакиески од сега покојниот Фиданчо Илиевски, преку стручните мислења од Архитектонскиот факултет и преку урбанистичките и екомско-финанските вештачења на документацијата – рече обвинителот на СЈО во обемниот говор.


Судењето на Груевски, Јанакиески и Трајковски за „ТНТ“ закажано за 24 јануари


Скопје, 3 јануари, 2018 - 14:58 (META) 

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспрот и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски на 24 јануари треба да седнат на обвинителна клупа и за случајот „ТНТ“, за кога е закажно првото рочиште за овој предмет на Специјалното јавно обвинителство.

Засега е неизвесно кој судија ќе го суди предметот, бидејќи судијата Ивица Стефановски, кај кого првично беше распределен случајот, со новиот распоред на претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, е прераспореден во друго одделението во судот, односно нема да суди организиран криминал.

Од судот велат дека кога новиот распоред во делот за Стефановски и официјално ќе стапи на сила, тогаш предметот „ТНТ“ ќе биде распореден кај друг судија.

Согласно пресудата на Апелацискиот суд од почетокот на ноември, минатата година прислушуваните разговори ќе бидат доказ во судската постапка и за овој случај.

Случајот „ТНТ“ се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски, а во него, покрај Груевски, Јанакиески и Трајковски, обвинети се уште четири лица.