!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Укината титулата национален уметник, прифатени оставките на Мизо и на Грозданов


Скопје, 26 јули, 2017 - 11:29 (META) 

Владата на вчерашната 16. седница ги прифатила оставките на директорот на Дирекцијата на технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, како и на Цветко Грозданов, генералниот директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, информираше владината прес-служба.

Разрешени се и Муедин Кахвеџи, директор на Педагошка служба, Весна Хорватовиќ од должноста директор на Бирото за развој на образованието и Костадин Богданов од должноста директор – владин агент на Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, а на негово место како в.д. директор поставена е Драгица Џонова.

За директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, избрана е Елена Јованова-Грујовска, научен советник.

Владата одлучила за членови на надзорниот одбор на Македонска банка за поддршка на развојот да ги именува Никола Поповски, Веланд Рамадани, Кирил Колемишевски и Софче Јовановска, по добиена согласност од гувернерот на Народна банка.

Владата на седницата го усвоила и предлогот за измена и за дополнување на Законот за култура по скратена постапка за да се заштити буџетот од штетни менаџерски договори на раководни лица во културните институции.

Според информацијата споделена на владината седница, менаџерските договори направиле штета на буџетот од неколку милијарди денари.

На седницата се усвоил и предлогот за престанување на важењето на Законот за националниот уметник на Република Македонија, а на барање на Министерството за култура, Државниот завод за ревизија ќе изврши вонредна ревизија во министерството.

Владата на седницата одлучила да се врати постапката за стекнување лиценца за лектори, прекината во 2013 година, а дала и согласност да се поддржи Општина Чаир да се довршат работите за плоштадот Скендер-бег со средства од буџетот за 2018 година.


Ракометарите на „Вардар“ пристигнаа на плоштадот Македонија, славењето почна


Скопје, 6 јуни, 2017 - 14:54 (META) 

Десетици илјади граѓани денеска се собраа на плоштадот Македонија во Скопје, каде ги пречекаа европските шампиони во ракомет, ракометарите на „Вардар“.

Час и половина ечеа навивачки и патриотски песни, а се вееја знамињата на ракометниот клуб „Вардар“, на Македонија и со сонцето на Вергина.

Ракометарите пристигнаа во 13.45 часот со двокатен автобус во боите на клубот. Тие беа придружувани од полиција, а кога пристигнаа, добија громогласен аплауз од граѓаните.

На почетокот на манифестацијата, химната на Македонија ја отпеја пејачката Викторија Лоба, а потоа водителите, по претставувањето на кратката историја за клубот, почнаа да ги прозиваат ракометарите на сцената.

Сите истакнаа дека ова е заслужена победа за Македонија и дека сè уште не можат да поверуваат дека успеале да се искачат на ракометниот врв на Европа.

Тренерот на женскиот тим на РК „Вардар“, Гордана Нацева, рече дека не треба да чекаме уште 15 години за да имаме вакви прослави. Таа истакна дека тоа што тимот на „Вардар“ е со меѓународен состав, покажал дека како народ, нација и држава заслужуваме ваква победа. На крајот од својот говор, Нацева ја повика „Пивара Скопје“ да ја смени својата реклама, во која се вели дека некои се радуваат и на четврто место, бидејќи Македонците знаат да се радуваат и на прво место.

Сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко, рече дека пред да заминат да ги одиграат последните натпревари, се договориле да се претставуваат како туристи, кои дошле да се прошетат, за на крај да им покажат дека се дојдени да бидат шампиони.

По говорот на Самсоненко, ракометарите, заедно со насобраните граѓани, заедно запеаја „Ој Вардаре, македонски, ти ја красиш Македонија“.


Камион пропадна во фонтаната на плоштадот Македонија


Скопје, 6 јуни, 2017 - 11:59 (META) 

Додека течат подготовките за пречек на ракометарите на „Вардар“ на плоштадот Македонија, камион пропадна во т.н. сува фонтана. Засега не е познато како се случил овој инцидент, ниту во чија сопственост е камионот.

Таканаречената сува фонтана во употреба беше пуштена пред помалку од две години, а Градот Скопје и тогашната Влада за неа потрошија 2,5 милиони евра.

На плоштадот Македонија во тек се подготовките за пречекот на ракометарите на РК „Вардар“, кои таму треба да пристигнат во 13 часот.

Освојувачите на европската шампионска титула во ракомет веќе слетаа на аеродромот „Александар Велики“.


Светскиот шампион Нико Розберг се пензионира од Формула 1


Брејкли, 2 декември, 2016 - 15:16 (META) 

Светскиот шампион во Формула 1, Нико Розберг, денеска објави дека се пензионира од Формула 1 и дека неговата одлука е конечна и веднаш стапува на сила, јавува „Би-би-си“.

Триесет и едногодишниот Германец својата прва шампионска титула ја освои во неделата, завршувајќи ја трката за Големата награда на Абу Даби на втората позиција, пред неговиот тимски колега од „Мерцедес“, Луис Хамилтон.

„Јас ја искачив мојата планина, сега сум на врвот и мислам дека ова е исправната одлука“, напишал Розбрег на „Фејсбук“.

Розберг во годинешната сеозона триумфураше на 9 од 21 трка, победувајќи го во конечниот пласман трикратниот светски шампион, Хамилтон, за пет поени.


Хашим Тачи е прогласен за почесен доктор на науки на ДУТ


Тетово, 14 октомври, 2016 - 20:11 (META) 

Со одлука на Сенатот на Државниот универзитет Тетово, косовскиот претседател Хашим Тачи вечерва беше прогласен за почесен доктор на науки.

Титулата му ја додели ректорот на Универзитетот во Тетово, Вулнет Амети, каде по тој повод се одржа свечена церемонија. Тачи изјави дека е горд на признанието, за кое, како што рече, биле заслужни сите Албанци од Косово.

– За добивањето на оваа титула не сум заслужен само јас, туку и сите Албанци од Косово. Со оваа титула, ме направивте мене и целиот албански народ кој живее во Косово горд. Сакам да ги поздравам и Албанците од Македонија, особено елитата која на времето студираше на универзитетот во Приштина. Меѓу нив се и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, кои се лидери на албанскиот народ во Македонија и на кои сум особено горд, поради нивните политики за што побрзо зачленување на Македонија во НАТО и во Европската Унија – изјави Тачи.

Ректорот Амети рече дека Тачи ја заслужил оваа титула поради неговите залагања и политики за демократизација на косовското општество.

– Косовскиот претседател Хашим Тачи многу придонел за демократизацијата на институциите во Косово. Тој придонел и за приближување и зачленување на Косово кон голем број меѓународни организации, но и за признавања на Косово од голем број држави – изјави Амети.

На церемонијата присуствуваа лидерите на ДПА и на ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети, повеќе министри од ДУИ, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, ректорите на повеќе универзитети од Македонија, Косово и од Албанија, како и голем број на студенти и професори.


Аутсајдерот Лестер, нов шампион на Премиер-лигата


Лестер, 3 мај, 2016 - 13:41 (META) 

Екипата на Лестер ја освои шампионската титула во Премиер-лига, што во Англија, но и во целиот свет се коментира како еден од најголемите спортски настани на сите времиња.

Шансите за Лестер, кој сезонава влезе во Премиер-лигата, да ја освои титулата беа 5.000 спрема 1, но екипата имаше само три порази во лигата, што англиските медиуми го опишуваат како „бајка“ и како „најневеројатниот триумф во историјата на тимскиот спорт“.

Второпласираниот Тотенхем, по нерешените 1 – 1 на Лестер со Манчестер јунајтед во неделата, требаше да ги добие преостанатите три меча за да ги достигне „лисиците“.

Сепак, нерешениот резултат од 2 – 2 со Челси ги закопа сите шанси за Тонтенхем и го промовираше Лестер во нов шампион во најсилната фудбалска лига во светот.

Гери Линекер, поранешен играч на Лестер, на Евертон и на репрезентацијата на Англија, достигнувањето на тимот од својот роден град, за „Би-би-си спорт“ го опишал како најголем спортски шок во неговиот живот.


Пекинг е нова претстолнина на милијардерите


Пекинг, 24 февруари, 2016 - 13:04 (META) 

Њујорк повеќе не е претстолнина на милијардерите, бидејќи таа „титула“ ја презеде Пекинг.

Во главниот град на Кина сега живеат 100, а во Њујорк 95 милијардери покажуваат податоците на компанијата „Хурун“ од Шангај, која ја објавува годишната листа.

Пекинг минатата година доби нови 32 милијардери, а Њујорк само четворица. Москва е на трето место на таа листа со 66, Хонг Конг со 64 и Шангај со 50 богаташи.


Ѓоковиќ триумфираше на турнирот во Доха


Доха, 9 јануари, 2016 - 18:35 (META) 

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, ја освои титулата на АТП-турнирот во Доха, Катар, откако во денешното финале го совлада вториот носител, шпанецот Рафаел Надал, со убедливи 2 – 0 во сетови.

Српскиот тенисер двата сета ги доби убедливо, првиот со 6 – 1, а вториот со 6 – 2 во гемови.

Со триумфот во Доха, Ѓоковиќ се наметнува како еден од најсериозните кандидати за освојување на првиот турнир за големата награда годинава, Отвореното првенство на Австралија, кое ќе почне на 18 јануари.


Хокеарите на Чикаго блекхокс го освоија купот „Стенли“


Чикаго, 16 јуни, 2015 - 15:53 (META) 

Хокеарите на Чикаго блекхокс го освоија купот „Стенли“, откако ноќеска со 2-0 го совладаа тимот на Тампа Беј лајтнинг и со вкупен резултат од 4-2 во победи, ја добија финалната серија во НХЛ.

За Чикаго блекхокс ова е шеста титула во нивната клупска историја.

Погодоците за шампионскиот тим ги постигнаа Данкан Кит, во 37. и Патрик Кејн во 55. минута од натпреварот.

Трофејот „Кон Смајт“, кој се доделува на најдобриот играч во разигрувањето за титулата, му припадна токму на стрелецот на првиот гол.

Чикаго ги доби шесте натпревари против Тампа Беј, со вкупен резултат од 13-10, што говори за слабата ефикасност во годинешната финална серија.


Ѓоковиќ ја одбрани титулата на мастерс-турнирот во Индијан Велс


Индијан Велс, 23 март, 2015 - 10:35 (META) 

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, ја одбрани титулата на мастерс-турнирот во Индијан Велс, совладувајќи го во финалето Рожер Федерер, со 2-1 или по сетови 6-3, 6-7 и 6-2.

За Ѓоковиќ ова е четврти триумф на турнирот во Индијан Велс. Тој титулата најдобар ја понесе во 2008, 2011, 2014 и, сега, во 2015 година.

Финалето се играше 2 часа и 17 минути, а од вкупниот награден фонд, кој изнесува 5,4 милиони долари, победникот ќе добие 900.000 долари.