Јанкулоска влијаела Антикорупциска да отвори предмет за имотот на Јасна Црвенковска


Скопје, 17 август, 2018 - 15:54 (META) 

Дел од прислушуваните разговори кои денеска беа објавени на рочиштето за случајот „Титаник“ на СЈО, покажуваат дека Мартин Протоѓер за време на изборната кампања во 2011 година и наложува на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да провери дали сопругата на тогашниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, има куќа на хрватскиот остров Корчула.

„Ова е многу важно, ќе направи пресврт во кампањата. Провери преку матичен број дали е на име на жена му. Ме чекаат ’Дневник‘ да им ја дадам приказната“, ѝ вели Протоѓер на Јанкулоска.

Откако таа се јавила во Србија, по што ѝ било потврдено дека таму живее семејство со исто презиме, на Иво Котевски му вели да и нарача на Антикорупциска да отвори предмет за овој случај.

„Ај кажи Антикорупциска да си имаат предмет за имотот на Б.Ц. Јави им се на Борче и на Љубинка, охрабри ги“, му вели Јанкулоска на Иво Котески и му потенцира да му се јави на тогашниот претседател на комисијата Воислав Зафировски.

Од следниот разговор меѓу двајцата сопартијци се дознава дека Антикорупциска ја послушала партиската наредба, односно „се охрабриле да постапуваат“.

„Отворија предмет, а сега да ги притиснеме да објават дека има корупција“, му вели Јанкулоска на Протоѓер.


„Титаник“: Протоѓер го навредува Шврговски зошто отворил истрага за изборни манипулации


Скопје, 17 август, 2018 - 12:23 (META) 

Во една од бомбите објавена денеска во судница за случајот „Титаник“, меѓу Мартин Протоѓер и Гордана Јанкулоска во 2011, пред тогашните избори, се редат навреди за тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Шврговски, а сегашен адвокат на Сашо Мијалков.

– Абе овој Шврговски, ова копиле скапано. Да му е..м мајката, по допрен глас ќе постапувал за сторијата на „А1“. Четири месеци чекам за „Надеж“, предмет да отвори. Тој работи за СДСМ. Чист случај за апсење има за Наташа Савова и ништо не прави – и вели Протоѓер на Јанкулоска.

Таа пак му вели дека таа помислила дека само отворил предмет, а потоа да го затвори. На ова Протоѓер уште понервозно и враќа дека тој бил човек на СДСМ и додава дека ќе му каже на Сашо Мијалков да го стегне.

Во претходните разговори Јанкулоска и Протогер зборуваат за аферата „Списоци“ која ја објави тогашната телевизија „А1“, односно за тоа дека вработените во државна администрација треба да обезбедат по 15 гласачи. Првично се смеат додека разговараат, но потоа се забележува дека стануваат нервозни, па одлучуваат да ги тужат новинарките.

– Нема начин како да се бориме против овие „А1“, „Време“ и „Шпиц“. Мора да ги тужиме – вели Протоѓер.

Јанкулска му сугерира да ја тужат новинарката Сашка Цветковска за лажно претставување.

Во наредните разговори Протоѓер се смирува, па и вели на Јанкулоска „Зборев со Шрговски, ќе го биде ова, ама ај ќе зборуваме“.

Набрзо по откривањето на аферата Шврговски ја затвори истрагата бидејќи наводно немало докази за злоупотреби од ВМРО-ДПМНЕ.


Во Кривичен суд продолжува слушањето на „бомбите“ за „Титаник“


Скопје, 17 август, 2018 - 9:27 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кое се обвинети повеќе поранешни функционери за изборни нерегуларности.

На вчерашното рочиште почнаа да се слушаат „бомбите“ во присуство на јавноста, а Специјалното јавно обвинителство побара во седум од 1.063 „бомби“ поради приватни разговори да биде исклучена јавноста.
Одбраната бараше „бомбите“ воопшто да не бидат пуштени и ги оспори како валиден доказ.

Рочиштата за „Титаник“ заради мајчинските обврски на поранешната министерка Гордана Јанкулоска ќе се одржуваат во периодот од 10 до 12 часот по што ќе следи пауза од еден час, потоа од 13 до 15 часот со пауза од еден час и од 16 до 18 часот.

За предметот „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.
Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.


За 7 од 1.063 бомби во „Титаник”, СЈО побара исклучување на јавноста


Скопје, 16 август, 2018 - 14:20 (META) 

Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и другите обвинети во случајот „Титаник“ се вратија на обвинителните клупи во Kривичниот суд.

Адвокатите на обвинетите во случајот „Титаник“ на денешното рочиште побараа од СЈО да достави доказ за тоа како се обезбедени „бомбите“ кои СЈО ги користи како доказ. Еден од шесте адвокати на Груевски, Еленко Миланов, рече дека „бомбите“ не се доказ што е предаден до судот во оригинал, туку биле преснимувани. Тој го побара и записникот за предавање на „бомбите“ од СДСМ на СЈО за периодот од 2008 до 2015 година.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова истакна дека ваквото барање е недозволено.

– Барањето на адвокатите на обвинетите да се изведе доказ како се обезбедени доказите е недозволиво. Исто така и останатите приговори поврзани со „бомбите“ се стари и по нив веќе е одлучувано – истакна Стефанова.

Во седум од 1.063 „бомби“ има приватни разговори и за нив СЈО побара јавноста да биде исклучена откако претходно во судницата ќе бидат пуштени сите други.

Специјалното обвинителство во овој предмет има покането 191 сведок и има 5.910 писмени докази.


Продолжува судењето за „Титаник“, Груевски и Јанкулоска повторно на обвинителна клупа


Скопје, 16 август, 2018 - 9:28 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска и утре се закажани рочишта на кои по судската ферија треба да продолжи судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, а последната недела од август и судењата за „Т.Н.Т.“ и „Тврдина-Таргет“.

Минатото рочиште за „Титаник“ требаше да се одржи на 3 јули, но беше одложено поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска која, како што извести нејзината адвокатка Сања Алексиќ, се наоѓа во болница по породувањето.

Судијата Осман Шабани тогаш рече дека обвинетата Јанкулоска има право 45 дена да не биде повикувана на судски рочишта, поради што го одложи судењето за „Титаник“ за 16 август.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.


Продолжува судењето за „Титаник“, Груевски и Јанкулоска повторно на обвинителна клупа


Скопје, 13 август, 2018 - 9:49 (META) 

Во четврток, по еден месец пауза, продолжува рочиштето за случајот „Титаник“, а на обвинителна клупа се враќаат Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко и други 12 лица.

Според обвинението од СЈО, тие се товарат за злосторничко здружување, поткуп при избори, уништување на изборен материјал, но и злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања во 2012 година.

Претходното рочиште беше одложено поради бременоста на ексминистерката Гордана Јанкулоска, па рочиштето беше презакажано.

За време на судската ферија од 15 јули до 15 август во Кривичниот суд немаше закажано рочишта за случаите на СЈО.

Освен в четврток, рочиште за „Титаник“ е закажано и за в петок, а во последната недела од август ќе има рочишта за „Тврдина-Таргет“ и за „ТНТ“.


Мијалков и Тачи во судот ги слушаа „бомбите“ за изборните нерегуларности


Скопје, 6 јули, 2018 - 12:11 (META) 

Две „бомби“ беа пуштени на судењето за случајот „Титаник 2“ на СЈО, во кој меѓу обвинетите за изборните нерегуларности на локалните избори во 2013 година се и Сашо Мијалков и Мендух Тачи.

Првата бомба, која веќе беше објавена во јавноста, открива разговор меѓу Мијалков и Тачи.
Сашо Мијалков, како тогашен директор на УБК му се јавува на лидерот на ДПА, Тачи и бара од него услуга за гласање на седница на ДИК.

– Ало, хитна ургенција. Можете ли да гласате за нас за да се усвои приговорот за Струмица – му вели Мијалков, на што Тачи му одговара „нема проблем, секогаш сум тука за тебе, за вас, до крај до смрт“.

Потоа лидерот на ДПА веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими, член на ДИК од ДПА.

– Ало, сега ја имате Струмица. Ќе гласаш да се поништи, пошто сме договорени за Чаир – му вели Тачи на Ибраими за изборот за градоначалник на Струмица, каде во прв круг Зоран Заев од СДСМ го победи Васил Пишев, но ДИК го поништи гласањето.

Ибраими пред судот рече дека тој имал факултет, две деца и поради тоа нелогично е да се мисли дека на 63 години прима наредби.

Следното рочиште е закажано на 23 август каде на предлог на СЈО треба да сведочат Виолета Дума, Борис Кондарко, Субхи Јакупи и Васил Крстев.

Во овој случај покрај Мијалков, Тачи и Ибраими обвинети се и поранешните членови на ДИК, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев. Сите обвинети, освен Мијалков, се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а ексдиректорот на УБК ќе одговара за кривичното дело примање награда за протизаконито влијание.


Јанкулоска не дојде во суд поради ризична бременост – „Титаник“ одложен за 3 јули


Скопје, 31 мај, 2018 - 11:31 (META) 

Поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска заради влошена здравствена состојба односно ризичната бременост, рочиштето за предметот на СЈО „Титаник“ денеска се одложи за 3 јули.

Како што информираше адвокатката на Гордана Јанкулоска, Сања Алексиќ, поранешната министерка за внатрешни работи била спречена да дојде на рочиштето поради состојбата во која се наоѓа, при што достави лекарска потврда.

Јавната обвинителка Лиле Стефановска истакна дека во лекарската потврда не е наведена болеста за што е издадено тоа боледување и нагласи дека не е оправдано отсуството.

Судијата Осман Шабани поради неисполнување на условите за одржување на рочиштето ја прекина расправата, што денеска требаше да почне со изнесување на доказите.

Во предметот обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ и Едмонд Темелко.


Јанкулоска и Димовски во „Титаник“ се повикуваат на помилувањето од Иванов


Скопје, 28 мај, 2018 - 12:28 (META) 

Адвокатот на одбраната во случајот на СЈО „Титаник“, Петар Василев денеска одби да даде воведни зборови повикувајќи се на одлуката на Врховниот суд во Грција да не ги екстрадира Горан Грујевски и Никола Бошкоски, поради помилувањето од претседателот Ѓорге Иванов.

Според Василев, кој е адвокат на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и пратеникот Илија Димовски, поради помилувањето истрагата за случајот „Титаник“ морала да запре, а не да започне судска постапка.

Тој потенцираше дека аболицијата од Иванов е во правна сила.

– Никој тука не го зеде предвид помилувањето од страна на претседателот. Ваквиот правно-политички чин предизвикува неотстранливи последици и кон лицата за кои е дадено – рече адвокатот Василев.

Тој образложи дека Врховниот суд во Грција побарал мислење од Институтот за меѓународно право, од каде посочиле дека еднаш даденото помилување не може да се повлече, па затоа амнестијата е во правна сила.

Василев истакна дека поради оваа правна несигурност, тој денеска нема да даде воведни говори се додека судот не одлучи по ова прашањето околу амнестијата.


Укинати притворите на Темелко и Поповски


Скопје, 16 мај, 2018 - 16:13 (META) 

Основниот суд Скопје 1 им ги укина притворите на поранешниот началник во МВР, Оливер Поповски кој е обвинет за настаните од 27 април во Собранието, како и на градоначалникот на Општина Пустец, Едмонд Темелко, обвинет во предметот на СЈО „Титаник“.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлог на одбраната на Поповски, опфатен со обвинителниот акт поврзан со настаните во Собранието на Македонија, донесе решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката притвор со понудена гаранција во недвижен имот, со кое по правосилноста на решението и запишување на хипотеката од страна на Агенцијата за катастар, мерката притвор ќе се укине, а заради обезбедување присуство во текот на постапката на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазилвост и тоа: Обврска на обвинетиот да се јавува еднаш неделно на одговорно службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, се вели во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Кривичниот совет го укина и куќниот притвор на Темелко обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО, по претходно барање на одбраната, а како гаранција е понуден недвижен имот.

Судот донел решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката куќен и го уважува предлогот на СЈО, со кој заради обезбедување присуство во текот на постапката, му се определуваат мерки за претпазливост и тоа, обвинетиот има обврска еднаш неделно да се јавува во Основен суд Ресен и привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.