!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Прифатено обвинението за „Титаник 2“, на обвинителна клупа Мијалков и Тачи


Скопје, 7 декември, 2017 - 10:04 (META) 

Советот за оценка за обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 го прифатил обвинението на СЈО за предметот „Титаник 2“, во врска со изборни нерегуларности.

Во случајот обвинети се поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, членот на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Срцев, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими и Анета Стефановска и Влатко Сајковски.

Советот не го прифатил предлогот за злоупотреба на службената положба да одговараат и петте судии од Управниот суд. Претходно судскиот совет им го одзеде имунитетот на управните судии Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Рангелова, Анета Џигерова и Газмент Фејзула, кој ги штитеше од кривична одговорност.

Предметот „Титаник 2“ се однесува на местење резултати на локалните избори во 2013 година. Според „бомбите“ што ги објави опозицијата, Мијалков и Тачи се договарале за гласање во однос на поднесени приговори до ДИК.

Апелацискиот суд одлучи прислушуваните разговори да бидат употребени како докази во постапката.


Апелација денеска ќе ја соопшти одлуката дали „бомбите“ за „Титаник 2“ ќе станат докази


Скопје, 22 ноември, 2017 - 10:30 (META) 

Апелацискиот суд Скопје денеска треба да ја соопшти одлуката дали „бомбите“ ќе се користат како докази во предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изборни нерегуларности „Титаник 2“.

На јавна седница во скопскиот Апелациски суд, СЈО ги изнесуваше своите аргументи зошто снимките од прислушуваните разговори треба да бидат вклучени како докази во „Титаник 2“.

Станува збор за две снимки од разговори, од кои во едниот, кој се водел меѓу поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, и Мендух Тачи, се слуша како тие се договараат за гласање по однос на приговори на изборите во ДИК.

Одбраната на обвинетите и обвинетите Мијалков, Тачи, како и поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, сегашниот член на ДИК, Сашо Срцев, како и петтемина судии од Управниот суд, не дојдоа на вчерашната јавна седница.