!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ЗНМ: Менаџментот на МПМ, наместо да ја реши кризата, се пресметува со новинарите


Скопје, 21 април, 2017 - 13:10 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска изрази загриженост поради опасноста „Медиа принт Македонија“ (МПМ), која поседува четири весници, еден магазин и еден интернет-портал, да оди под стечај.

ОД ЗНМ велат дека намерата на сопствениците и на менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите, што, како што нагласуваат од Здружението, не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите.

„Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи, претставуваат понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните. Менаџментот нема храброст да признае дека неуспехот на компанијата е негов неуспех. Наместо да ги отстранат причините што ја произведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите“, стои во соопштението на ЗНМ.

Оттаму велат дека драстичното намалување на тиражите на весниците и на приходите од огласи се случило поради „погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ“.

„Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина. Само слободното и професионалното новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат својата улога во демократијата, да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта“, нагласуваат од ЗНМ.

Здружението се солидаризира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во неговите барања да се почне дијалог помеѓу синдикатот и менаџментот на МПМ заради наоѓање одржливо решение во интерес на сите.


Репортажа за Охрид објавена во полскиот магазин „Континенти“


Охрид, 17 април, 2017 - 12:00 (META) 

Охрид е новооткриена магична дестинација за Полјаците што се гледа и од бројот на полски туристи последниве три години. Тие најчесто престојуваат една недела, а воведената директна авиолинија Охрид – Катовице, од 15 јуни до 21 септември, со еден лет неделно, им го прави градот подостапен.

За Охрид сè повеќе се пишува во полските медиуми, додека за магазинот „Континенти“ (Kontynenty), Охрид е „течниот дијамант“ на Балканот, со прекрасната бистра и совршено чиста вода на Охридското Езеро.

Музејот на вода како една од најстарите населби во Европа, галеријата на икони, манастирот „Св. Наум“, се само некои од местата кои медиумот срдечно ги препорачува како незибежни места што треба да се посетат.

– Секој што сака да ужива во убавините и да се препушти на недопрената природа, може да ги искористи понудите на Охрид. Никој, ниту за момент не останал рамнодушен на живописната природа исполнета со позитивна енергија, која секогаш успева да ве задолжи повторно да бидете нејзин гостин – пишува магазинот.


„Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ со намален тираж поради недостиг од хартија, МПМ негира


Скопје, 5 ноември, 2016 - 17:02 (META) 

Дневните весници што ги издава „Медиа принт Македонија“ (МПМ), „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, во петокот и во викенд-изданијата излегоа во многу намален тираж и без редвните прилози, наводно, поради недостиг од печатарска хартија.

Оваа состојба, која се гледа и на проджните места, каде и вчера и денеска тешко се наоѓаат примероци од трите весници, била констатирана и на вчерашниот состанок на синдикалните претставници од овие медиуми со Синдикатот на новинари и медиумски работниции (ССНМ), на кој разговарале за состојбата со доцнењето на плати изминатиов период во оваа компанија.

Дека нешто се случува со тиражот на весниците, зборува и податокот што и продавачите низ продажните места тврдат дека им бил донесен помал број весници од вообичаеното – кај некои дури и 80 отсто помалку.

Ова се случува во предизборниот период, само две недели пред почетокот на изборната кампања и 36 дена од предвремените избори.

Јана Станисављева, извршен директор на компанијата, тврди дека оваа информација не е вистинита.

– Не е вистина, тиражот е стандарден – ни рече Станисављева.

Одговор, но в понеделник, ни вети Александар Динев, управител во МПМ, затоа што, како што рече, не бил во можност викендов да ни одговори.

Кон крајот на јули годинава, МПМ им подели откази на 19 вработени, најголем дел новинари. Овој потег, кој беше осуден од Здружението на новинари (ЗНМ), од компанијата беше оправдан како „економска мерка“. Овие вработени до ден денеска ги немаат добиено ветените отпремнини што им следуваат, а некои за тоа имаат поднесено и тужби  по напуштањето на работното место.

Сопственик на трите весници е компанијата „Медиа принт Македонија“ ДООЕЛ Скопје, која е формирана со  паричен влог од речиси два милиони евра, а е фирма ќерка на „Графички центар“ ДОО Скопје. Удел во оваа компанија, пак, имаа три компании:

  • „Орка холдинг“ АД Скопје на Орце Камчев
  • „Мирекс плус“ ДООЕЛ Скопје на Срѓан Керим
  • „Интернет инвестмент груп “, Нови Сад, Србија“ на Веселин Јевросимовиќ.

Сепак, на почетокот од август годинава, БИРН објави дека Јевросимовиќ, кој инаку е еден од сопствениците и на порталот „Телеграф“, а кој исто така е дел од МПМ, како и на телевизија „Алфа“, излегува од медиумскиот бизнис во Македонија, односно од овие два медиума. Имено, според пишувањата преку фирмата „ЦХС Инвест груп“ во сопствеништвото на ТВ „Алфа“ влегува Иво Јанкоски од продуцентската куќа „Трето уво“, а преку „Интернет инвестмент груп“ во сопствеништвото на „Телеграф“ влегува Јана Станисављева. Според БИРН, Станисављева, станала сопственик на „Интернет груп инвестмент“, фирма преку која до неодамна со една третина во сопствеништвото беше присутен капиталот на Веселин Јевросимовиќ во „Графички центар“.


„Шарли ебдо“ ќе излезе в среда во милионски тираж


Париз, 8 јануари, 2015 - 15:27 (META) 

Следното издание на сатиричниот магазин „Шарли ебдо“, во кој вчера беа убиени 12 лица, ќе излезе следната среда во милион примероци, наместо во 60.000 како што излегуваше досега, соопшти Патрик Пелу, познат француски доктор и член на редакцијата.

– Ќе продолжиме. Одлучивме да го издадеме новиот број следната седмица. Сите се согласивме со тоа. Немаме право да се откажаме – нагласи Пелу, кој не бил присутен на редакцискиот состанок за време на нападот.

Адвокатот на весникот, Ричард Малка, соопшти дека следниот број ќе има само осум страници, наместо вообичаените 16, и оти ќе биде изработен со помош на весниците „Монд“ и „Либерасион“, како и на „Канал плус“.