Лавров: ЕУ е пасивна околу тиранската платформа и кршењето на Охридскиот договор


Белград, 22 февруари, 2018 - 13:13 (META) 

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров на заедничка прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ во Белград вчера повторно ја спомена Македонија, истакнувајќи дека Москва не може „а да не биде загрижена за пасивноста на Европската Унија во врска со иницијативата што се појави од Тирана за т.н. тиранска платформа“, која, како што кажа, е „нескриен повик за создавање на ‘Голема Албанија’“.

– Примерите за тоа се доста вознемирувачки. Неодамна, кога беа одржани парламентарните избори во Македонија, претседателот на Парламентот, откако беше избран на функцијата, влезе во својот кабинет и на работната маса постави албанско знаме. Ова е во Македонија. Деновиве албанскиот премиер, Еди Рама, гордо кажа дека тој од Албанија го иницирал законот во Македонија со кој на албанскиот јазик му се дава статус на државен јазик во земјата – изјави Лавров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со Вучиќ, за време на неговата официјална посета на Србија.

На тој начин, рече шефот на руската дипломатија, се прекршува Охридскиот рамковен договор „кој сите ние го примивме како олеснување, бидејќи создаде основи за надминување на кризата во Македонија пред повеќе години“.

– Доколу овие постигнувања и договори сега се уништат, се што било сработено и договорено со големи напори, било да е тоа во Македонија, Босна и Херцеговина и на друго место во Западен Балкан, ќе биде изгубено. Ми се чини дека има доволно причини да побараме од Европската Унија да каже како ги исполнува своите сопствени одлуки и колку тоа кореспондира со довербата што и беше дадена од меѓународната заедница – изјави Лавров.


Руско МНР: Еди Рама и понатаму ги турка големоалбанските амбиции


Москва, 17 јануари, 2018 - 20:48 (META) 

Одделот за медиуми на Министерството за надворешни работи на Русија вечерва порача дека изјавата на албанскиот премиер и претседател на Социјалистичката партија на Албанија, Еди Рама, за Законот за употреба на јазиците во Македонија е потврда дека тој и понатаму сака да ја реализира „тиранската платформа“ и да се заканува на уставните темели на македонската државност и на Охридскиот рамковен договор.

„Ваквата реторика на Еди Рама ја потврдува намерата и понатаму да ја турка одиозната ”тиранска платформа“ создадена со неговото лично учество. Реализацијата на одредбите на овој документ се заканува со поткопување на уставните темели на македонската државност, на Охридскиот рамковен договор и како последица – со нови меѓуетнички потреси на Балканот. Сето тоа е дел од големоалбанските амбиции кои се повеќе се шират и го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на низа држави во регионот. Давајќи му големо значење на прашањето за употреба на јазиците, сметаме дека од принципиелна важност е таквите решенија да се донесуваат врз основа на согласност од сите гранки на државна власт и со широк консензус во општеството“, се вели во реакцијата од руското МНР.

Одделот за медиуми напоменува дека албанскиот премиер истовремено се пофалил и дека Социјалистичката партија на Албанија, на чие што чело е тој, имала врска со формирањето на „Ослободителната армија на Косово“ и со „битката за Косово“ во соседната Србија.


Груевски: Ова е посипување зла крв, ќе водиме битка за правдината


Скопје, 28 ноември, 2017 - 14:26 (META) 

„Заев и СДСМ брутално удираат кон тие што мислат и дејствуваат македонски. Ова е последниот чин на пресметка со слободномислечкиот Македонец и со граѓаните кои се одважија да кажат став против тиранската платформа и насилството на власта и против секој што мисли македонски“, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конфренција во седиштето на партијата.

– Во прашање е државата. Ова не е правда, законите и Уставот не важат. Ова е заробена држава. Ова се прави за да се отвори пат за промена на името, идентитетот, на историјата. Истиот ден кога во Владата се разговара за амнестија, за тероризам се обвинуваат оперски пејач, актер, режисер, доктор, архитект. Нема ниту закони ниту правила. Како на Дивиот Запад, ова е елиминација на слободната мисла – рече Груевски.

Според него, денеска биле уапсени луѓе кои ѝ се спротивставија на тиранската платформа со која се носи двојазичност. Тој додаде дека ова значи и удар и физичка елиминација на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ „за во Собранието да помине сè што сака“ власта.

– Ова е посипување зла крв во целото општество. Процес против луѓе кои си ја сакаат својата земја. Ова е последниот час кога ќе треба да се изреагира, да се заштитат луѓето затоа што правдата е на нашата страна, ова е борба на народот на оваа држава против хунтата на власт. ВМРО-ДПМНЕ ја води оваа битка за правдината и за татковината. Ние ќе бидеме на чело на таа битка која ќе биде тешка и долга. но таа битка ќе се добие. Таа мора да резултира со победа. Ние ќе бидеме на браникот на татковината. Секаде со народот, тоа е нашата максима и ќе ја оствариме. На улиците, во домовите, секаде каде што треба – нагласи Груевски во својот говор.

На крајот тој побара запирање на процесите, кои, според него, се политички прогон, стопирање на малтретирањата и на теророт и итно пуштање на слобода на сите лица што беа уапсени.

По завршувањето на прес-конфернецијата, Груевски рече дека ќе се упати на протестот на кој ВМРО-ДПМНЕ повика пред Кривичниот суд.


Договорот со Бугарија стана нова тиранска платформа во наративот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 8 јули, 2017 - 13:34 (META) 

По шест месеци постојано споменување на декларацијата потпишана од албанските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ веќе не кажува ниту збор за т.н. тиранска платформа ниту во Собранието, каде што им беше омилена тема, ниту преку редовните официјални партиски соопштенија, прес-конференции и изјави.

За време на филибастерот во законодавниот дом пред два месеци, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да дебатираат за кандидати за претседател на Собранието, говореа за зачувување на унитарноста и на суверенитот на државата низ призмата на тиранската платформа. ВМРО-ДПМНЕ истовремено и засилено повикуваше на нови парламентарни избори за народот да се изјасни за платформата.

Последен кој при официјални говори го употреби терминот тиранска платформа е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој на 31 мај, неколку минути пред да се изгласа новата влада на чело со Зоран Заев, се обрати во Собранието. Тој во неговиот говор го поздрави потпишувањето на гаранциите дека нема да се реализира платформата, кои Заев како мандатар му ги достави на претседателот на државата Ѓорге Иванов при добивањето мандат за составување влада.

„Го поздравувам приземјувањето на мандатарот по однос на залетот во вознес за добивање на премиерската функција и тоа што потпиша дека нема да ја поддржи тиранската платформа. Честитки за народот кој протестираше против тоа цели 80 дена, за да ја зачува унитарноста на државата, честитки и до претседателот на државата, но и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Никој од нас не се бореше да им ускрати нешто на Албанците. Тие ќе добијат унапредување на користење на јазикот, како што добија и во минатото. Но во рамките на меѓународните стандарди, задржување на унитарниот карактер на државата и без загрозување на македонскиот јазик како единствен официјален јазик на целата територија на Македонија, а со тоа и кохезивен фактор на сите етнички заедници во Македонија“, рече Груевски во Собранието.

Тој не кажа ниту збор за тиранската платформа ниту во неговото обраќање долго седум страници за време на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ на 17 јуни.

Но, пред 31 мај, во секое соопштение на ВМРО-ДПМНЕ и при сите нивни секојдневни прес-конфренциии и официјални изјави, тиранската платформа беше главната тема на дискусија која од политичките кругови се префрли во секојдневните општествени кругови, па се чинеше дека секој зборува само за платформата.

Сега нивните соопштенија и изјави се концентрирани на договорот со Бугарија и, како што велат, на „антиреформите кои ги прави СДСМ“.

Инаку, од потпишувањето на платформата од страна на албанските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ неколкупати ја менуваше терминологијата, односно зборовите и изразите со кои во соопштенијата, изјавите и во интервјуа го нарекува овој „документ“. Терминологијата на ВМРО-ДПМНЕ се движеше од само „платформа“, па преку „нова платформа“, „национална платформа“, „платформа на Албанците“, сè до последните „сеалбанска платформа“, „платформа од Тирана“ и „тиранска платформа“.


ВМРО-ДПМНЕ: Нема нови проекти – првата мерка на СДСМ е уривање


Скопје, 6 јуни, 2017 - 9:56 (META) 

Нема нови проекти, нема подобрувања, нема нова додадена вредност за граѓаните. Првата мерка на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година беше законот за отпис на долгови, а првата мерка на СДСМ во 2017 година е уривање на нешто што е веќе изградено, порачува ВМРО-ДПМНЕ во своето редовно утринско соопштение денеска.

Партијата порачува дека граѓаните се против антиреформи.

„Владата на Заев не губи време да го оправда епитетот антиреформска. Уривање на оградата околу владината зграда и укинување на програмата „Кембриџ“ се приоритетите на Зоран Заев и на неговиот тим. Граѓаните не сакаат деструкција, блокади и поништување на проектите.Тие очекуваат СДС да го исполни ветеното. Да не се реализира тиранската платформа и да се изградат нови 500 километри автопат. Граѓаните очекуваат минимална плата од 16.000 денари, просечна од 30.000 денари, а лекарите со право се надеваат дека час поскоро ќе добијат плати од 100.000 денари, кои СДС им ги вети“, се вели во соопштението во кое се споменуваат и други изборни ветувања на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните не сакаат политичари кои лажат


Скопје, 25 мај, 2017 - 10:08 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ прашува каква е состојбата со двојазичноста, поради контрадикторноста на тоа што го кажува Зоран Заев и портпаролот на Алијанса за Албанците.

„Кој лаже, Зоран Заев или Арбен Таравари? Кој ги манипулира гласачите и народот, Алијанса за Албанците или СДС?     Дали лаже Таравари кога вели дека побарале двојазичноста да се реализира експресно и Заев се согласил со тоа или лажеше Заев кога ја потпиша гаранцијата со која ја отфрли Тиранската Платформа?“, стои во утринското соопштение од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ порачува дека „граѓаните не сакаат политичари кои лажат кај ќе стигнат“.

„Граѓаните оправдано се плашат дека криминалецот Заев е подготвен да ја реализира Тиранската Платформа, во надеж дека од позиција на власт ќе се спаси од кривичен прогон за кривични дела кои ги извршил“, вели ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Џафери ја почна двојазичноста


Скопје, 13 мај, 2017 - 11:08 (META) 

Нелегално избраниот претседател на Собранието, Талат Џафери, поддржан од СДС, почна да го применува албанскиот јазик како јазик на кој Собранието се обраќа до јавноста, покрај македонскиот, давајќи ни само мал поглед како ќе се одвива и ќе се имплементира двојазичноста на дело, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата вели дека Џафери кажал „дека нема намера да го почитува сегашниот закон за употреба на јазиците и дека собраниските седници ќе ги води на албански јазик, а доколку за тоа има потреба би го сменил и законот“, а СДСМ за тоа молчи.

„Граѓаните на Република Македонија можат да видат само мал сегмент како ќе функционираат институциите откако СДС би ја презел власта – целосно двојазични на сите нивоа на власта на локално и на централно ниво, двојазични банкноти и униформи, дебата за промена на државните симболи, промена на името на државата и како крајна фаза на планот од Тирана, федерализација на Република Македонија. Граѓаните не го дадоа својот глас за реализација на тиранската платформа, граѓаните се излажани и постизборно измамени“, порача ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека Заев е подготвен да ја реализира платформата на албанските партии „за да дојде на власт, во надеж дека од позиција на власт ќе се спаси од кривичен прогон за големиот број кривични дела што ги извршил“.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев нема да успее во реализацијата на тиранската платформа


Скопје, 11 мај, 2017 - 9:59 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Зоран Заев го претворил СДСМ во „криминално-мафијашка структура“.

Партијата нагласува дека пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, се фотографирал со дел од членовите на семејството Гаци, кои, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, „се познати по брутални криминали на Косово“ и порачува дека овој пратеник „е директната врска на Зоран Заев со структурите на подземјето од Косово и од Македонија, за што повеќепати медиумите објавуваа и фотографии“.

„Залудно е СДС да се обидува да ја сокрие врската со нарко-мафијата, кога во изминатиов период јавноста беше сведок на полициски акции против наркодилери блиски до Заев и до неговите соработници. Граѓаните ги видоа фотографиите на Заев и неговата блискост со уапсените наркодилери од Арачиново, Сеад Рахиќ и со наркодилерите од Тетовско. Криминалците како Заев знаат да прават само криминал и затоа секогаш се во друштво на себе сличните. Заев нема да успее во реализацијата на тиранската платформа. Без разлика колкава е поддршката од крималното подземје за СДС, таа нема да се реализира“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Фондот што го ветува СДС е уште една голема лага


Скопје, 10 мај, 2017 - 17:15 (META) 

„Денеска Драган Тевдовски покажа лажно душегрижништво. Фондот што го ветува СДС е уште една голема лага, како што беше вработување по еден човек од секое семејство“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на претседателот на комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски.

Од партијата прашуваат „каде беа Тевдовски и СДС кога во време на нивното владеење невработеноста достигна рекордни 39 проценти?“

„Каде беа Тевдовски и СДС кога просечната плата не беше повисока од 12.000 денари, а поголемиот дел од работниците земаа по 6.000 денари плата, која им беше исплаќана со задоцнување? Каде беа Тевдовски и СДС кога бегаа од гласање закон за минимална плата, иако ја ветуваа пред избори?“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Се поклонуваме пред хероите што загинаа во Куманово бранејќи ја државата


Скопје, 9 мај, 2017 - 9:45 (META) 

Македонија никогаш нема да ги заборави своите херои, велат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение на партијата, а по повод двегодишнината од настаните во кумановско Диво Насеље, каде во борбите со вооружена терористичка група загинаа осум припадници на македонските безбедносни сили.

„ВМРО-ДПМНЕ длабоко се поклонува пред ликот и делото на осумте херои, припадници на безбедносните структури на Република Македонија, кои пред две години во Куманово во антитерористичка акција ги положија своите животи во одбрана на Република Македонија. Сите ние ќе им бидеме вечни должници за нивната неверојатна храброст и пожртвуваност. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илиевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ засекогаш ќе останат запишани меѓу хероите кои се бореле и ја создале Република Македонија“, стои во соопштението.

За разлика од нив, се додава во него, Зоран Заев и Оливер Спасовски „засекогаш ќе останат на другата страна, меѓу оние кои му свртеле грб на својот народ“.

„Зоран Заев и Оливер Спасовски треба цел живот да се срамат за своето нечовечко и предавничко однесување и дејствување. Тие треба цел живот да се срамат затоа што денот по антитерористичката акција отидоа и се сликаа, смеејќи се на местото на кое пред само неколку часа подмолно беа убиени осумте храбри синови на нашата држава“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека Заев со тиранската платформа прифатил да најде начин да ги пушти на слобода терористите што ги убија припадниците на полицијата.