„МакеДокс“ организира бесплатна филмска работилница за тинејџери


Скопје, 21 јуни, 2018 - 10:33 (META) 

Отворен е конкурс за млади лица од 13 до 19 години кои сакаат да научат за креативниот документарен филм. Учеството на филмската работилница за избраните кандидати за годинешната работилница за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ е бесплатно, порачува организаторот „МакеДокс“, кој ќе ја реализира работилницата заедно со фестивалот „ДримОН“.

Заинтересираните треба да снимат кратко видео (најмногу пет минути, снимено со мобилен телефон или веб-камера), во кое одговараат на прашањата на кој начин бегаат од секојдневието, кое животно би сакале да бидат, како и кое е нивното прво сеќавање во животот. Треба да се даде одговор и на прашањето кога би сретнале магаре што зборува, што тоа би му кажало на кандидатот/ката, а треба и да се посочи кој документарен филм оставил најголем впечаток кај кандидатот/ката. Дополнително, треба да напоменат која приказна би сакале да ја раскажат, како и да напоменат неколку работи што им се важни или ги одликуваат како личности.

Рокот за пријавување е до 30 јуни, а може да се направи со испраќање на видеото  преку WeTransfer на dokunikulci@makedox.mk, или да се закачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а потоа на погоренаведената електронска адреса да се испратат линкот и лозинката. Избраните ќе бидат известени до 5 јули.

Работилницата ќе се одвива во четири наврати, односно во рамките на Патувачкото кино на „МакеДокс“ и „ДримОН“, кое ќе се одвива во Струшко од 21 до 28 јули, со продолжение во рамките на Филмскиот фестивал „МакеДокс“ од 16 до 23 август, а како последно, по договор, ќе се организираат две есенско-зимски сесии, кои би траеле од пет до седум дена.

Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но сместувањето некогаш може да биде и спиење под отворено небо.


На странските инвеститори им недостигаат 500 квалификувани работници


Скопје, 10 април, 2017 - 15:12 (META) 

Странските компании бараат квалификувани физички работници кои ги нема на пазарот на труд во Македонија и тоа е сериозен проблем во нивното работење, истакна претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Питер.

Истражувањето на кое одговориле 40 компании, покажува дека лани тие имале потреба од 500 квалификувани физички работници и половина од нив имале проблем да ги најдат.

Имајќи предвид дека квалификуваните физички работници пополнуваат до 90 проценти од работните позиции клучни за функционирањето на овие компании, Питер истакна дека во следните три години, тие ќе имаат потреба од 4.000 до 6.000 вакви работници.

„Недоволно квалификаната работна сила станува сè поголем проблем и ситуацијата е алармантна. Веќе е предоцна да се реагира. Постои итна потреба за ефикасни мерки, во спротивно компаниите ќе имаат проблеми со оперативните и секојдневните работи. Повеќе од 60 проценти од компаниите не се задоволни од физичката работна сила на пазарот на трудот и вработуваат помалку квалификувани кадри. За реформите е потребно време, а бизнисот тоа време го мери во часови“, изјави Питер.

Според него, еден од најголемите проблеми е да се привлечат тинејџерите и да се промени свеста во државата дека ако си менаџер, другите ќе работат за тебе, што воопшто не е точно во практика.

Тој предложи во средното стручно образование еден ден во неделата наставата да се изведува практично и секоја образовна година тој број на часови да се зголемува.


Во Сиднеј уапсени двајца тинејџери кои планирале напади


Сиднеј, 13 октомври, 2016 - 10:44 (META) 

Австралиската полиција соопшти дека двајца тинејџери, уапсени при акција на специјалната полиција во предградие на Сиднеј, подготвувале напад инспириран од Исламска држава.

Момчињата на возраст од 16 години се уапсени во акција на антитерористичката полиција во близина на џамија во сиднејското предградие Бенкстаун.

Полицијата кај момчињата пронашла два ножа што личеле на бајонети, кои ги купиле на денот на нивното апсење, како и напишани пораки во кои изразуваат верност кон ИД.

Момчињата се обвинети за тероризам, а австралиските медиуми јавуваат дека еден од уапсените е син на осуден терорист.


Десет деца и исто толку тинејџери загинале во нападот во Ница


Ница, 15 јули, 2016 - 18:24 (META) 

Десет деца и десет тинејџери се меѓу загинатите во нападот во Ница, потврди францускиот обвинител Франсоа Молин.

Ајфеловата кула денеска ќе биде осветлена во боите на француското знаме во чест на 84 загинати откако во нив влета камион на шеталиштето во Ница.

Американскиот државен секретар Џон Кери и шефот на руската дипломатија, Сегеј Лавров, заедно ја посетија француската амбасада во Москва за да изразат сочувство.

– Русија се солидаризира со францускиот народ – напиша Лавров во книгата на жалоста.

Американскиот државен секретар Кери исто така изрази длабоко сочувство и додаде дека „сите треба да покажат сила во заедничката цел, да се справат со ваквиот вид на тероризам“.


Неидентификувани напаѓачи во Венецуела убија 11 луѓе


Каракас, 30 мај, 2016 - 9:47 (META) 

Неидентификувани напаѓачи во Венецуела убија 11 луѓе меѓу кои тројца се тинејџери како и еден Колумбиец.

Напаѓачите им наредиле на жртвите да излезат од своите домови и веднаш ги ликвидирале. Побегнале од местото на злосторството со автомобили и моторцикли.

Невладини организации наведуваат дека степенот на криминал во Венецуела расте бидејќи економијата во државата е во рецесија поради цената на нафтата.

Се истакнува дека бројот на убиства во Венецуела е како во држава во војна. Владата негира и наведува дека тие цифри се многу помали отколку што тврдат од невладините организации.

 


Тинејџери од ИД убија 25 луѓе


Багдад, 5 јули, 2015 - 16:26 (META) 

Видеоснимка која, наводно, покажува дека милитанти на Исламската држава убиваат 25 луѓе во амфитеатарот на античкиот град Палмира во Сирија, е објавена на интернет. Снимката го покажува убиството на војници кои се борат за режимот на претседателот Башар ал-Асад, а беа заробени во Хомс. Таа беше раширена на веб-страници за кои се знае дека се поврзани со милитантите на Исламската држава. Од фотографиите од видеоснимката се гледа дека убијците се млади, можеби во раните тинејџерски години. Тие се фотографирани како држат оружје и носат пустински маскирни униформи и кафеави марамчиња.

Снимките од блиску на кои војниците се на колена, а рацете им се врзани зад грб, се чини дека покажуваат дека биле тепани. Стотици луѓе во цивилна облека на снимката се прикажани како седат и го гледаат убиството на скалите пред сцената, а во заднината има големо знаме на ИД. Еден човек кој стои пред знамето се обраќа на собирот, пред да биде дадена команда, а осудените војници да бидат убиени истовремено со истрел во главата од младите убијци кои стојат директно зад нив.
Не е познато кога била направена снимката, но тоа не е прво такво убиство во познатиот римски амфитеатар.

Тројца британски тинејџери спречени да ѝ се приклучат на ИД


Лондон, 15 март, 2015 - 17:03 (META) 

Поради сомневање дека тргнале на пат за Сирија за да ѝ се приклучат на Исламска држава (ИД), тројца британски тинејџери, на возраст од 17 до 19 години, се уапсени во Турција, по налог на Скотланд јард.

Алармот стасал од родителите на тинејџерите, кои се посомневале во намерите на своите деца и навреме успеале да ја алармираат британската полиција. Во соработка со турските власти, тинејџерите се спречени да заминат во жариштето во Сирија.


Велика Британија: Уапсени тинејџери осомничени за тероризам


Мослиј, 17 февруари, 2015 - 15:22 (META) 

Двајца тинејџери се уапсени вчера под обвинение за тероризам во британскиот град Мослиј, јавува „Манчестер ивнинг њуз“.

Момчето и девојката, двајцата на возраст од 16 години, се уапсени поради вмешаност во подготовка и во поттикнување терористички чин и се наоѓаат во притвор.

Во рамките на истрагата се пребаруваат и нивните домови, јавува весникот.

– Сè уште не сме пронашле докази кои укажуваат на постоење ризик во Мослиј. Апсењата се изведени поради сомневање за тероризам и нормално е луѓето да поставуваат прашања, но истакнувам дека сите детали ќе бидат познати по завршувањето на истрагата – вели испекторката Каролин Бол.


Тројца ранети во престрелка пред училиште во САД


Портланд, 13 декември, 2014 - 10:45 (META) 

Тројца тинејџери, од кои две момчиња и едно девојче, се ранети вчера во престрелка пред училиште во американскиот град Портланд, во државата Орегон, пренесуваат медиумите во САД.

Според информациите од преставници на полицијата, станува збор за ученици во средното училиште „Розмари Андерсон“.

Тројцата тинејџери биле во контактибилна состојба кога биле пренесени во болница. Престрелката се случила пред училишната заграда, а полицијата засега нема информации дали станува збор за еден напаѓач или за поголема група.

Првичните информации упатуваат на тоа дека пукањето, најверојатно, е поврзано со некоја од локалните банди.

Средното училиште „Розмари Андерсон“ го посетуваат ученици од ризични групи, односно оние кои се исклучени од други училишта, немаат родители или се бездомници, пренесуваат медиумите.