Останките на Амелија Ерхарт идентификувани на мал пацифички остров


Вашингтон, 9 март, 2018 - 11:58 (META) 

Коските пронајдени во 1940 година на островот Никумароро во Тихиот Океан најверојатно се од познатата пилотка и авантуристка Амелија Ерхарт, се вели во нова форензичка студија објавена во едно од научните списанија во САД.

Ерхарт, нејзиниот навигатор и авионот во којшто биле, исчезнале без трага во 1937 година некаде над Тихиот Океан, а во новата студија објавена во списанието „Forensic Аnthropology“, со наслов „Амелија Ерхарт и коските од Никумароро“, која била спроведена од професорот Ричард Јанц од Универзитетот на Тенеси, се вели оти со 99 отсто може да се каже оти тие коски се од Ерхарт и се отфрла мислењето на еден истражувач од 1941 година дека коските се од маж.

Коските се пронајдени во 1940 година, три години од исчезнувањето на Ерхарт. Покрај нив биле пронајдени женски обувки, кутија за секстант каков што користел навигаторот Френ Нунан, кој во 1937 година исчезнал заедно со Ерхарт, како и шише слично на тоа што авијатичарката често го носела.

Кога остатоците биле првпат пронајдени, се сметало дека ѝ припаѓаат на Амелија. Но во 1941 година доктор Дејвид В. Хадлс од Фиџи заклучил дека коските му припаѓаат на маж и таа теорија важеше сè досега.

Островот Никумароро се наоѓа на околу 2.900 километри југозападно од Хаваи, а со голема сигурност може да се каже дека Ерхарт била многу блиску до островот пред да исчезне во текот на нејзиниот обид да го прелета светот.


Силен земјотрес регистриран кај Папуа Нова Гвинеја


Порт Морсби, 22 јануари, 2017 - 13:41 (META) 

Земјотрес со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала, денеска ја погодил Папуа Нова Гвинеја, соопшти американскиот геолошки институт, јавуваат светските агенции.

Потресот се случил на 40 километри западно градот Пангуна, на островот Бугенвил, во Папуа Нова Гвинеја, на длабочина од 153 километри, соопштил американскиот институт. Оттаму проценуваат дека е можно земјотресот да предизвикал умерена штета на осторовот Бугенвил.

Центарот за тревога од цунами на Пацификот првично издал предупредување дека се можни опасни бранови во некои од крајбрежните делови на Папуа Нова Гвинеја и на соседните Соломонски Острови, но подоцна предупредувањето било повлечено.

Земјотрес со иста јачина ја погоди Папуа Нова Гвинеја кон средината на декември минатата година, но не беше предизвикана никаква штета.

Архипелагот Папуа Нова Гвинеја се наоѓа во јузопадниот дел на Тихиот Океан, и во т.н. пацифички Огнен прстен, територија подложна на силна сеизмичка активност.


Земјотрес регистриран во Тихиот Океан, кај Папуа Нова Гвинеја


Сиднеј, 31 август, 2016 - 10:05 (META) 

Земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала е регистриран во Тихиот Океан, во близина на градот Рабаул, во Папуа Нова Гвинеја. Нема информации за жртви и за причинета материјална штета, но не е издадено предупредување за опасност од цунами.

Според податоците на американскиот Геофизички институт, епицентарот на земјотресот бил на 89 километри североисточно од Рабаул, на островот Нова Британија, на длабочина од 499 километри.


Петмина загинати во налетот на ураганот Винстон на Фиџи


Сува, 21 февруари, 2016 - 14:31 (META) 

Пет лица ги загубиле животите на Фиџи во најсилниот ураган што некогаш поминал низ овој архипелаг во Тихиот Океан, на кој живеат околу 900.000 жители, јавуваат светските медиуми.

Ураганот Винстон бил проследен од ветер кој дувал со брзина од 320 километри на час и од бранови со висина до 12 метри.

Во налетот на ураганот неколку села на Фиџи биле целосно уништени, а поради обилните врнежи сега се заканува опасност од поплави.

Премиерот на Фиџи, Френк Баинимарама, прогласил 30-дневна вонредна состојба, а воведен е и полициски час.

Сите училишта, од кои дел се користат како привремени засолништа, ќе бидат затворени една недела, а откажани се и сите авионски линии. Голем дел од жителите ноќта ја поминале во центрите за евакуација, каде добиле храна и вода.


Ураганот Винстон се заканува да ги погоди Фиџи


Сува, 20 февруари, 2016 - 18:10 (META) 

Островската држава во Тихиот Океан, Фиџи, воведе полициски час поради силниот ураган кој се заканува да ја погоди земјата. Како што јавуваат агенциите, откажани се сите летови, а премиерот на земјата ги предупредил граѓаните да се засолнат.

Според „Би-Би-Си“, ураганот Винстон веќе го погодил главниот остров на Фиџи, Вити Леву, и се движи кон главниот град на земјата Сувa, со ветрови кои дуваат со брзина од 230 километри на час.

Премиерот на Фиџи, Франк Баинимарама, ги повикал граѓаните да се подготват, предупредувајќи дека се соочуваат со „искушение од најтежок вид“.

„Како луѓе мораме да се држиме заедно и да внимаваме едни на други. Мораме да бидеме подготвени“, рекол Баинимарама, пренесува „Би-Би-Си“.

Ураганот Винстон веќе погоди неколку од помалите острови на Фиџи, но засега нема информации за предизвиканите штети.