!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Тетово: Дводецениска жед за вода


Тетово, 23 декември, 2015 - 9:05 (META) 

Како градоначалничката Теута Арифи се буди и се мие без вода? За кога ветува дека ќе го реши „еднаш засекогаш“ проблемот со водата?

Сите градски власти досега потфрлија во обидите да обезбедат вода, а сега има и друг проблем – тетовската водоводна мрежа се распаѓа.

Две децении, милиони евра од граѓаните се собрани за непотрошена вода, а граѓаните чешмите ги заменија со пластични шишиња, канти и со буриња.


Тетовци нудат предлози и бараат решенија од властите за проблемите во градот


Тетово, 29 септември, 2015 - 14:47 (META) 

Формирање центар за бесплатна правна помош за жртви од семејно насилство, општинска помош за поставување спомен-плочи на загинати бранители и цивили од воениот конфликт од 2001 година, мерки за заштита од загадување на воздухот. Ова се само дел од предлозите и од барања на тетовци кои денеска беа упатени до локалната самоуправа на форумот организиран од Националниот демократски институт.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, вели дека досега Општината има преземено повеќе мерки за заштита од аерозагадување, меѓу кои чистење јавни површини и улици, формирање на Јавно претпријатие „Градски паркинг“, со што ќе се реши проблемот со паркирањето во градот, кое значително придонесува за зголемена концетрација на загаден воздух.

Од Форумот на жени од Тетово, истакнаа дека Центарот за бесплатна правна помош за жртви од семејно насилство е можно да згасне, доколку истиот не добие финасиска помош од општинските власти, од каде одговорија дека подршката за центарот ќе зависи од општинскиот буџет предвиден за 2016 година.

На форумот, се покренаа и прашања за загинатите бранители и цивили од воениот конфликт од 2001 година, чии спомен-обележја постојано се уништуваат.

– Дали како точка нa дневен ред Општина Тетово планира да го разгледа прашањето за финансирање на спомен-плочите на загинатите од 2001 година, кои претходно се уништени, а имаме план повторно да ги направиме и поставиме – изјави претседателот на одборот на бранители, Марин Најдов.

Градоначалничката Арифи изјави дека граѓаните и здруженијата треба да се насочат кон решавање на реалните сегашни проблеми, кои ги тиштат сите, без разлика на нивната верска и национална определба.

Претседавачот на Советот на Општина Тетово, Исен Џемаили, смета дека потсетувањето на загинатите од 2001 година е важно прашање, на кое институциите треба да му обрнат внимание.

– Секоја иницијатива за загинатите од 2001 година, треба да се институционализира и да се даде поддршка. Тие плочи, доколку се постават, во иднина да бидат дел од урбанистичкиот план на Општината – изјави Џемаили.

Дадените предлози и барања на денешниот форум, како што рече градоначалничката Арифи, ќе бидат земени предвид од Општината, која во зависнот од финансиите, ќе одвои и средства за нивна реализација.

З.Д.


Тетовци немаат капка вода, властите со оптимистички изјави дека проблемот ќе се реши


Тетово, 18 септември, 2015 - 16:24 (META) 

Министерот за животна средина, Нурхан Изаири, и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, денеска го посетија новиот водоснабдителен систем, кој сè уште се гради на падините на Шар Планина. И двајцата оценија дека проектот за нов водовод ќе заврши за неполн месец.

– Проектот за нов водоснабдителен систем, според договорот, требаше да биде изграден до крајот на декември годинава. Но, градежните зафати беа забрзани и цевките од новиот водовод ќе бидат поставени за две-три недели. Истовремено се работи и на придружните објекти од водоводот, како што се шахти и слично – изјави министерот Изаири.

Тој додаде дека наредниот месец Тетово со новиот водовод, ќе добие дополнителни 200 литри вода во секунда, што е двојно поголемо количество од сегашната издашност на вода, која протекува од стариот водоснабдителен систем.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, изјави дека конечно ќе се реши деценискиот проблем со водоснабдувањето во градот.

– Водата од новиот водовод ќе можеме да ја користиме во зависност од добиените податоци од Центарот за јавно здравје, откако ќе се потврди дека таа е хемиски и бактериолошки исправна. Но, и овој проблем ќе се надмине, затоа што работиме на изградба на филтер-станца за новиот водовод. Парите за овој проект, веќе се одобрени од Европската банка – рече градоначалничката Арифи.

И додека секој месец властите даваат оптимистички изјави, дека ќе се реши проблемот со водоснабдувањето, рестрицкиите на водата за пиење во Тетово станаа вообичаена појава. Поради летната горештина, во некои делови на градот вода нема во текот на целиот ден.

– Веќе сме навикнати да немаме вода. Полниме во шишиња и во буриња, па ја користиме во текот на денот. Добро е што имаме вода неколку часа во вечерните часови – изјави еден жител од горниот дел на градот.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека рестрикциите на водата за пиење ќе продолжат сè додека не се промени хидробиолошката состојба, односно не заврнат поголеми количества дожд, со кои издашноста на шарските извори би се зголемила за дополнителни 100 литри вода во секунда.