!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тинејџерка во Тетовско паднала од автобус и добила скршеница на черепот


Тетово, 12 септември, 2017 - 12:48 (META) 

Скршеница на черепот добила 17-годишна девојка од селото Боговиње вчера попладне, откако паднала од автобус во движење, соопшти СВР Тетово.

Девојката била донесена вчера, во 15.20 часот, во Клиничката болница – Тетово, при што лекарите утврдиле фрактура на черепот. Потоа поради тежината на повредите е пренесена во Ургентен центар во Скопје.

Случајот во полиција го пријавил возачот на автобусот околу половина час откако девојката била однесена во тетовската болница. Полицијата и јавен обвинител работат на утврдување на околностите.


Додека мечката рика во Беловиште, мече шармира во рибен ресторан во Чегране


Чегране, 11 јули, 2017 - 12:16 (META) 

Дали над тетовското село Беловиште рика мечка што си го бара одземеното мече или, пак, се вртка околу локалитетот Петачко Водиче привлечена од кантите и од вреќите за ѓубре кои се полнат од бројните посетители на овој извор над селото и денеска останува енигма.

Meche 2 restoran Delfin Chegrane jul17 - chitatelkaИстовремено, „Мета“ пронајде едно мече, 40-тина километри подолу, во гостиварско Чегране, кое се чува како „атракција“ во рибен ресторан во селото и се „рекламира“ на нивниот фејсбук-профил.

Во разговор со надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за реонот околу Беловиште, дознавме дека до претпладнево нема информации за „мечешката мистерија“, но уверија дека „се работи на утвдување на деталите“. Според верзија што ја кажуваат жителите во Беловиште, пред неколку денови мечката се симнала до селото со двете мечиња, при што едното влегло во плевна на еден селанец. По ден-два мечето, наводно, било однесено од селото.

Meche 3 restoran Delfin Chegrane jul17 - chitatelkaЧитателка која ја прочитала вчерашната статија на „Мета“ за мечките над шарпланинското село, ни го посочи мечето што е главна атракција во селото Чегране.

Како што може да се види од фотографиите на фејсбук-страницата на рибниот ресторан „Делфин“, таму сосема комотно, покрај пауните и пони-коњите, си живее мало мече.

– Си дојде самото и никако не можевме да го избркаме. Што да му правиме, пријавивме кај ветеринарот Горан во Тетово, па чекаме сега тој да ни каже што понатаму. Тешко ни е да го чуваме, по четири литри млеко на ден пие. Плус му пасираме во блендер јаболки и друго овошје. Има голем апетит. Не ќе може да го држиме многу, ама пак ќе видиме со тие што се надлежни – објаснува вработен во ресторанот.


Владата почнa постапка за разрешување на Зврлевски


Скопје, 6 јуни, 2017 - 15:17 (META) 

Новата Влада на својата втора седница, што се одржа денеска, донела одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Одлуката за разрешување на Зврлевски, како што соопштија попладнево од Владата, била донесена поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата, а предлогот, се додава во соопштението, ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители кој треба да даде мислење.

Претходно деновиве, новиот премиер Зоран Заев изјави оти очекува Зврлевски сам да си поднесе оставка, бидејќи, како што рече, актуелниот јавен обвинител е „еден од симболите за узурпирана правна држава“.

На денешната седница бил разрешен и досегашниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, и на негово место, односно за нов директор е именуван Пеце Мирчески.

Владата на седницата ги разгледала и првичните информации за последиците од невремето во Тетовско, поради излевањето на Поројска Река, а надлежните министерства биле задолжени брзо да формираат комисија, која ќе излезе на терен и ќе ги утврди штетите.

„Истовремено, дадено е задолжение на министерствата за транспорт и врски и за животна средина да подготват подетална информација за теренската состојба околу Поројска Река, за трајно решавање на проблемот за жителите од овој реон“, стои во соопштението од Владата.


Се излеа Поројска Река – поради невремето прекин во сообраќајот на патот Тетово – Јажинце


Тетово, 5 јуни, 2017 - 22:58 (META) 

Силното невреме што денеска го погоди Тетовско, најголеми проблеми и штети предизвика во селото Порој. Наноси од камења и од кал го блокира селото. Од 17 часот сообраќајот по регионалниот пат Тетово – Јажинце е во прекин кај селото Порој поради обилни врнежи од дожд и излевање на Поројска Река. Од АМСМ соопштија дека сообраќајот се пренасочува.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски, соопшти дека засега немаат пријави за повредени или жртви, но истакна дека невремето целосно уништило еден мост, додека друг е сериозно оштетен. И двата моста, кои инженерската единица на АРМ ги реконструираше по полавите во 2015 година, се во селото Порој.

Од УХМР предупредија дека поради интензивни поројни дождови во делови од земјата можно е брзо зголемување на водата во помалите водотеци. Оттаму препорачуваат внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, каде во сливовите има интензивна појава на врнежи, особено сливните подрачја околу планините Кораб, Крчин, Шар Планина, Скопска Црна Гора, Бистра, Јабланица, Огражден, Плачковица, Малешевски Планини, Пијанец, Осоговски Планини, Баба Планина.

Екипи на тетовската локална самоуправа, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и на полицијата заедно со потребната механизација се на терен и се преземаат мерки за отстранување на наносите и за санирање на последиците од невремето, како и за нормализирање на сообраќајот на регионалниот пат Тетово-Јажинце што минува покрај Порој, а кој сега е во прекин и се пренасочува по други сообраќајници, соопшти Јосифовски.


Одржана итна седница на Комитетот за управување со кризи поради невремето во Тетовско


Скопје, 5 јуни, 2017 - 22:37 (META) 

Состојбата по невремето во Тетовско, како и мерките што треба да бидат преземени за надминување на последиците, биле тема на денешната прва седница на Управувачкиот комитет за координација и за управување во системот за управување со кризи доцна попладнево.

На седницата, со која претседавал раководителот на комитетот, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, било заклучено Дирекцијата за заштита и спасување, во соработка со Општина Тетово и со Регионалниот штаб за управување со кризи, веднаш да преземе активности за санација и за расчистување на теренот зафатен од силното невреме во Тетовско.

Како што соопшти владината прес-служба, исто така, на седницата Министерството за транспорт и врски било задолжено, уште вечерва да закаже итен координативен состанок со сите надлежни институции под негова надлежност, за да се направи детален акциски план со работни активности по институции, во согласност со расположливите ресурси од институциите, во насока на расчистување на теренот зафатен од силното невреме во Тетовско, со посебен акцент на двата паднати моста.

Доколку е потребно, според заклучоците од седницата, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за транспорт и врски ќе ангажираат механизација од Армијата за да се нормализира состојбата во регионот погоден од силното невреме.

Општина Тетово, како што се наведува, во соработка со соседните општини, веднаш треба да обезбеди механизација и да ги искористи сите расположливи ресурси за расчистување на теренот зафатен од силното невреме.


Од силниот ветер падна покрив во тетовско Доброште


Тетово, 11 март, 2017 - 12:54 (META) 

Покривна конструкција во должина од околу дваесетина метри од фирмата „Унибау“ во тетовското село Доброште, околу 1 часот по полноќ паднала и зафатила дел од локалниот пат во селото.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски, информира дека покривната конструкција паднала поради силниот ветер што изминатата ноќ го зафатил Полошкиот Регион.

– Екипи на полицијата веднаш го обезбедиле местото од падот на покривот на патот што го отежнал сообраќајот, а сопственикот на фирмата Т.И. (54) самостојно ангажирал механизација и за околу еден час го отстраниле покривот и ги санирале последиците – рече Јосифовски.

Тој посочи дека на барање на Т.И. не бил извршен увид и оти тој не побарал проценка на материјалната штета од падот на покривната конструкција од неговиот објект.


Пречистителна станица за реката Вардар во Тетовско ќе се гради со помош од ЕУ


Тетово, 10 февруари, 2017 - 14:35 (META) 

Кај село Фалише, Tетовско, наредната година ќе почне да се гради пречистителна станица за реката Вардар. Денеска во Општина Тетово, преставници од Министерството за животна средина презентираа дел од овој проект, кој ќе се реализира со помош од Европската Унија.

– Проектот за отпадни води во Тетово опфаќа изградба на пречистителна станица за отпадни води за 95.000 жители и дополнително изградба на 30-километарска канализациска мрежа за град Тетово и секундарна мрежа за селата Мала Речица, Голема Речица, Фалише, Џепчиште и Порој. Од овие места, сите отпадни води ќе се прочистуваат во пречистителната станица, а потоа водите ќе се испуштаат во Вардар. Целиот проект ќе изнесува 28 милиони евра, а Европската Унија за овој проект ќе даде 22 милиони евра – изјави Фицке Дирк, заменик-раководител на проектот.

Од Центарот за јавно здравје ја поздравија ваквата инвестиција која, како што велат, ќе придонесе за заштита на микробиолошкиот свет во најголемата река во Македонија.

– Нашите податоци говорат дека реката Вардар во Тетовско се загадува многу. На влезот е од прва категорија, а на излезот од Тетовско оваа река припаѓа во четврта категорија. Со пречистителната станица, Вардар ќе биде чист и ќе се заштитат флората и фауната – рече д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија, вработен во Центарот за јавно здравје Тетово.

Инаку, во Тетовско отпадните води, без системи за прочистување, се испуштаат во реките.


Голем пожар синоќа беснееше над шарпланинското село Ѓермо


Тетово, 22 декември, 2016 - 13:01 (META) 

Голема шумска површина над шарпланинското село Ѓермо изгоре синоќа во пожар. Пламените јазици, според проценките на Територијална противпожарна единица Тетово, се протегале и до три километри во широчина. По избувнувањето на пожарот, едно противпожарно возило веднаш се упатило кон селото Ѓермо.

– Ние пративме наша екипа во селото Ѓермо да ја следи состојбата. Целта ни беше да интервенираме и да не дозволиме пламените јазици да го зафатат селото. На местото каде што избувна пожарот не можевме да стигнеме. Но, за среќа, пожарот во утринските часови не се прошири до селото и поради студеното време, сам се изгасна – изјави Ука Алити, командир на  територијална противпожарна единица Тетово.

Командирот Алити додаде дека нивни екипи во овој зимски период, најчесто интервенираат на гаснење пожари на оџаци од домаќинствата. Од почетокот на грејната сезона, досега интервенирале во 404 такви случаи.

– Најчесто оџаците се запалуваат поради нивното нередовно одржување. Затоа апелирам пред секој почеток на грејната сезона да се чистат оџаците, за да не дојде до несакани последици – рече командирот Алити.


ОБСЕ одобри помош од 20.000 евра за подрачјата погодени од поплавите


Скопје, 11 август, 2016 - 19:16 (META) 

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер одобри донација од 20.000 евра од хуманитарнот фонд на Организацијата за итна помош на најпогодените подрачја од поплавите во Скопско и Тетовско. Помошта, потребните алати и материјали, се вели во соопштението од ОБСЕ, ќе бидат доставени преку Мисијата на организацијата во Скопје.

Инаку, Мисијата на ОБСЕ во земјава веќе донираше генератори за струја, рачни светилки и организира волонтерски тимови за расчистување на остатоците и калта. Волонтерскиот тим „Блосом фонд“ на ОБСЕ, исто така, донираше 1.500 евра.

„Во овие тешки моменти, ние сме покрај граѓаните на оваа земја и се надеваме дека ОБСЕ и меѓународните организации ќе помогнат во брзо враќање на нормалните услови за живот во погодените подрачја“, изјави в.д. заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Стивен Дејвис.

Тој додаде дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе продолжи да работи и обезбедува поддршка каде што е можно, соработувајќи со локалните власти, организациите, погодените заедници и нивните меѓународни партнери.


МВР: Нема пријавено случај за спасени мајка и ќерка во населбата Сингелиќ


Скопје, 11 август, 2016 - 13:46 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека кај нив не е пријавен случај за наводно спасени мајка и ќерка, кои четири дена биле заглавени во кал во селото Сингелиќ. Оттаму велат дека Секторот за внатрешни работи Скопје контактирал со сите клиники, болници и Итната помош, но ниту кај една од нив не биле донесени вакви лица, ниту бил пријавен таков случај.

„На 10.08.2016 година на дел од порталите беше објавена информација дека лицето Б.В. пронашол две живи лица (мајка и ќерка) кои четири дена биле заглавени во кал во село Сингелиќ и успеал да ги спаси и да ги пренесе во болница. Социјалните мрежи и порталите известија дека лицата најверојатно се од Република Албанија и дека името на мајката не се знае, односно врз истите се спроведува постапката за идентификација. Во СВР Скопје не е пријавен ваков настан, а од страна на Единицата за информации и команда во СВР Скопје телефонски е стапено во контакт со Градска општа болница „8 Септември“, Градска општа болница „Св. Наум Охридски“, комплекс клиники „Мајка Тереза“ и Брза помош на град Скопје, при што е констатирано дека кај ниту една од градските болници не се донесени ниту пријавени вакви лица“, стои во информацијата од МВР.