!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Украдени 24 монитори од училиште во гостиварски Вруток


Тетово/Гостивар, 19 април, 2017 - 12:38 (META) 

Во основното училиште „Лирија“ во село Вруток, Гостиварско, украдени се 24 компјутерски монитори. Тешката кражба се случила во периодот од 14 до 18 овој месец.

Крадците во училиштето влегле преку необезбедениот сутерен на објектот, а потоа насилно ги отвориле вратите од двете училници на приземјето и одзеле 24 компјутерски монитори, откако ги пресекле сите кабли со кои тие биле поврзани на главниот компјутер.

Според полицијата, со кражбата на мониторите, сторителите стекнале имотна корист која се проценува на околу 40.000 денари, а причинетата материјална штета изнесува 15.000 денари. Полициска екипа извршила увид во училиштето и работи на откривање на сторителите.

Во Тетово, пак, е пријавен случај на оштетување на прозорци во основното училиште „Андреја Савески – Кикиш“. Таму непознати сторители скршиле шест прозорски стакла и предизвикале материјална штета која се проценува на околу 10.000 денари.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за идентификување и за пронаоѓање на сторителите.


Млад охриѓанец ограбил куќа на сограѓанин


Охрид, 18 април, 2017 - 13:33 (META) 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.И. (22) од Охрид, кого го товари за тешка кражба. Според пријавата, тој делото го сторил во периодот од јануари до март годинава, во куќа на улицата Дејан Војвода, сопственост на С.М. од Охрид.

Крадецот насилно влегол во куќата, при што одзел три детски велосипеди, една машина за перење алишта, три брусилки, еден апарат за заварување, една дупчалка за бетон, десет столови, една стаклена маса, една машина за миење садови, една вградувачка рерна, една микробранова печка и разновиден кујнски прибор, еден ЛЦД-телевизор и четири собни врати.

На тој начин, пријавениот С.И. стекнал противправна корист од околу 250.000 денари, вели полицијата.


Крадци од Скопје „оперирале“ во деловни објекти во Охрид


Охрид, 18 август, 2016 - 14:17 (META) 

СВР од Охрид поднесе кривична пријава против две лица на 21-годишна возраст, како и против уште две малолетни лица на 16-годишна возраст, сите од Скопје.

За сите пријавени постојат основи на сомнеж за сторени шест казнени дела „тешка кражба“.

Кривичните дела, пријавените ги извршиле во неколку деловни објекти во Охрид, Агенцијата за привремени вработувања, продавници, во кафе барови, сендвичара, во магацински простор од ресторан и во бурекџилница.

– Во извршувањето на тешките кражби, пријавената четиричлена група од Скопје користела подесен алат и провалувале во деловните објекти со кршење на алуминиумските врати, кршење на катинари од заштитни решетки и метални влезни врати. Од извршените кривични дела, пријавените предизвикале материјална штета и се стекнале со противправна имотна корист од 46.000 денари – информираше портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.

Со малолетниците извршен е разговор во присуство на адвокат за малолетници по што се предадени на претставници од Центарот за социјални работи.

Дополнително, извршен е претрес во собите каде пријавените привремено престојувале и пронајдени се дел од алатот користен во извршувањето на тешките кражби како и други предмети.

 


Од куќа во Куманово, украдени накит и пари во вредност од 25.000 евра


Куманово, 29 ноември, 2015 - 14:43 (META) 

Непозната сторител синоќа провалил во куќа во Куманово и украл куфер во кој имало разновиден накит и девизи. Вкупната вредност на пленот, според полицијата, била проценета на околу 25.000 евра.

Кражбата, како што информираат од МВР, се случила во периодот меѓу 20.30 и 22.18 часот, во куќата на А.А. на улицата Поток Серава, во Куманово.

Крадецот се прекачил на терасата од катот на куќата, а потоа насилно го отворил прозорецот од спалната соба и влегол внатре. По пребарувањето, тој одзел куфер за накит во кој имало обетки, бисери, белегзии, прстени, часовник, сребрен накит, синџирчиња, во вредност од околу 18.500 евра и 6.500 евра во разни апоени.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот.