!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Деветмина убиени во тепачка во затвор во Мексико


Рејноса, 11 август, 2017 - 10:58 (META) 

Девет затвореници се убиени, а 11 се повредени во тепачка во затвор во градот Рејноса, на северот на Мексико.

Властите на мексиканската држава Тамаулипас изјавија дека ривалските групи во судирот користеле палки и камења.
Тепачката избила вчера за време на посетата, а чуварите испукале куршуми за да ја смират ситуацијата.

Државната безбедносна група за координација соопштила дека веројатно причината за тепачката е борба на две групи за контрола во затворот.

Не е соопштено кои групи се вмешани во суриот, но во градот Рејноса се водат борби меѓу фракции на таканаречениот Заливски картел.

Во затворите во државата Тамаулипас често има немири, тепачки и бегства.


Маж претепан до смрт пред продавница во Охрид


Охрид, 24 јули, 2017 - 16:14 (META) 

Маж на возраст од 59-години вчера колабирал и починал во Охрид од повредите добиени во тепачка, извести СВР Охрид. Поради тоа, кривична пријава за убиство е поднесена против Н.С. (79), З.С. (45) и Д.С. (24), сите од Охрид.

Според СВР Охрид, вчера околу 17.30 часот, пред продавница на раскрсницата на улиците Будва и Радојца Новичиќ во Охрид, дошло до расправија помеѓу сега починатиот С.Г. (58) и најстариот од учесниците во тепачката, 79-годишниот Н.С., во која се вклучил и М.Г. (29) синот на починатиот.

Малку подоцна дошло до тепачка, во која се вклучиле и другите двајца пријавени за убиството, кои на починатиот 59-годишник му нанеле тешки повреди на главата.


Голема тепачка на плажата Горица во Охрид, петмина се повредени


Охрид, 21 јули, 2017 - 19:44 (META) 

Во голема тепачка што се случила на охридската плажа Горица претпладнево, најмалку пет луѓе се повредени, а седуммина се приведени, информира СВР Охрид.

Инцидентот се случил во 10.50 часот. Според официјалното соопштение, најверојатно поради меѓусебни недоразбирања кои траeле подолг период, првин дошло до пресметка меѓу две помали групи. Набргу стигнале полицајци кои интервенирале, но тогаш пристигнале уште пет лица со опасни орудија, кои нападнале еден гостин на шанкот. Тој, пак, претходно ги делел двете групи да не се тепаат. Полицајците што биле на местото продолжиле да интервенираат, а наскоро им стигнало и засилување, па тепањето било сопрено, а повредените префрлени во Општа болница Охрид.

За инцидентот се приведени седум лица. Петмина од нив се приведени откако на различни одделенија во Општа болница Охрид им е пружена неопходната медицинска помош.

СВР Охрид и јавен обвинител работат на расчистувањето на инцидентот.


Масовна тепачка меѓу арапски магнати пред кризата во Катар


Кувајт, 17 јуни, 2017 - 13:01 (META) 

Делегации од Катар и од Саудиска Арабија направиле тепачка на конференцијата на Унијата на работници од нафтената област што се одржуваше во Кувајт.

Видеоснимката ја објави ирачкиот политичар Валид ел Азави. Според него, инцидентот се случил на 20 март оваа година, на маргините на настанот. Саудиските нафтени претставници почнале да ги навредуваат своите катарски колеги, кои на крајот го загубиле трпението и се нафрлиле врз своите противници со тупаници.

Неколку земји од Блискиот Исток, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати, на почетокот на јуни ги прекинаа дипломатските односи со Катар, обвинувајќи ја земјата за поддржување на тероризмот.


Вучиќ положи заклетва, се степаа неговите поддржувачи и противници


Белград, 31 мај, 2017 - 13:16 (META) 

Досегашниот премиер на Србија, Александар Вучиќ, денеска положи заклетва пред пратениците во Собранието на Србија, со што и официјално ја презеде должноста претседател во наредниот петгодишен мандат.

На специјално изработен примерок на српскиот устав и реплика на Мирославовото евангелие, Вучиќ се заколна дека како претседател „сите свои сили ќе ги посвети на зачувување на суверенитетот и на целовитоста на територијата на Република Србија, вклучително и Косово и Метохија, како нејзини составни делови, како и во остварувањето на човековите и на малцинските права и слободи, на почитување и одбрана на уставот и на законите, на зачувување на мирот и благосостојбата на сите граѓани на Србија и на совесно и одговорно исплнување на сите свои должности“.

Во пресрет на свечената сединица на која Вучиќ ја положи заклетвата, во подземен премин на Теразије дојде до вербален судир и кратка тепачка помеѓу поддржувачите и противниците на новиот претседател, по што двете групи тргнаа кон зградата на српското собрание. Во моментот на судирот, кој бргу беше завршен, во подземниот премин беше и лидерот на опозициската Нова странка, Зоран Живковиќ, кој ги смируваше демонстрантите.

Пред собранието на Србија, Вучиќ беше пречекан од неколку илјади поддржувачи на неговата партија – Српската напредна странка (СНС), на кои тој, доаѓајќи на седницата, им вети дека „од ден на ден ќе чувствуваат подобрување“. Вучиќ рече дека како претседател „ќе ги чува мирот и стабилноста, како и иднината на сите деца“, а насобраните му возвратија со извиците „Вучиќ“, „Победа“, „Најдобар си“.

Свеченото стапување на функцијата претседател на државата завршува со формалното преземање на должноста од досегашниот претседател, Томислав Николиќ, во зградата на Андриќевиот венец, со смотра на почесната гарда на војската на Србија и со церемонијално предавање на државничките симболи.


Во тепачка пред гласачко место во Турција, двајца загинати и еден повреден


Анкара, 16 април, 2017 - 16:22 (META) 

Две лица загинаа во физичка пресметка која изби пред избирачко место во југоисточната провинција Дијарбакир за време на гласање на референдумот за зголемување на овластувањата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Како што јавуваат турските медиуми, расправијата меѓу две семејства избила во школски двор во село на југоисток во Турција, но засега не се знае причината поради која избила кавгата.

Според дел од медиумите, причината била различните политички ставови.

По тепачката, едно лице е хоспитализирано, додека две се приведени.


Тепачка во бегалскиот камп на Хиос, едно лице тешко повредено


Атина, 14 април, 2017 - 11:20 (META) 

Млад бегалец од Ирак е пренесен со тешки повреди во болница во Атина откако ноќеска бил нападнат од група бегалци во бегалскиот камп Суда на Хиос. Момчето има сериозни повреди на главата и по целото тело и се наоѓа во критична состојба.

Бегалецот првично бил пренесен во болница во Хиос, но поради критичната состојба веднаш е префрлен во Атина. Според информациите во Грција, бегалецот бил веројатно нападнат од група бегалци од Авганистан. Полицијата сè уште трага по групата напаѓачи. Полициски извор за грчката информативна агенција АПЕ изјавил дека дури и да бидат најдени напаѓачите, најверојатно е дека нема да бидат казнети, туку ќе бидат пуштени на слобода. Ова, според него, е проблематично и доведува до постојаните насилни судири во бегалскиот камп на Хиос. Изворот за АПЕ посочил и дека оние кои предизвикуваат немири и напади честопати остануваат на слобода бидејќи затворите и казнените установи на островот се преполни, а бегалците и мигрантите не се префрлаат во бегалските центри на копно поради договорот меѓу ЕУ и Турција, а центрите на Хиос се веќе преполни.

Пред само една недела бегалците на Хиос беа сведоци на уште една бегалска драма кога момче од Сирија се самозапали во знак на револт. Бегалецот им подлегна на повредите.

На Хиос има речиси 5.000 бегалци.


Скршена двојазичната табла на ПИОМ во Охрид


Охрид, 28 март, 2017 - 14:02 (META) 

Откако вработените веќе дошле на работните места, засега непознати сторители утрово ја искршиле двојазичната табла поставена на влезот од зградата каде е сместена подрачната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) во Охрид.

Таблата е поставена кон крајот на минатата година и досега никому не му пречеше, исто како што двојазични табли се поставени и во зградата на локалната самоуправа, каде се сместени испостави на републички институции.

Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид, за „Мета“ го потврди настанот, кој го пријавиле вработените од фондот. Тој кажа дека таблата била скршена меѓу 8 и 9 часот.

Некои медиуми јавија и за тепачка, но Димоски во изјава за „Мета“ го негираше тоа.

– Во некои медиуми се раширија дезинформации дека имало тепачка или какво било друго нарушување на јавниот ред и мир во случајот со скршената табла на ПИОМ, но такви работи не се регистрирани – изјави Димоски.

Тој вели дека СВР Охрид има сознанија за можниот сторител и дека во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Едно лице повредено во тепачка за огревно дрво


Кичево, 13 март, 2017 - 14:14 (META) 

Во кавга, а потоа тепачка што се случила вчера попладне во Кичево, расеченица на лицето добил 44-годишник, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил околу 13.30 часот на улицата Осојски пат во Кичево, при што по кавга околку огревно дрво, дошло до тепачка помеѓу А.Х. (44) и Т.М. (21), обајцата кичевци. Притоа помладиот со остар предмет му нанел повреда на лицето на постариот, по што тој е однесен во кичевската болница, а откако таму му е укажана лекарска помош, е препратен во Медицинскиот центар во Битола.

Полицијата извршила увид, при што на местото на настанот е пронајден нож. Се работи на расчистување на случајот, известува полицијата.


Петнаесетгодишник повреден со нож од соученик


Скопје, 11 март, 2017 - 12:38 (META) 

Петнаесетгодишен ученик со нож е повреден во пределот на вратот од страна на соученик, во тепачка што се случила вчера изутрина, околу 9 часот во Основното училиште „Петар Здравковски – Пенко“, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Повредениот веднаш бил пренесен во Клиничкиот центар Скопје, од каде по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.