Теодоракис: Следната недела е клучна дали ќе се реши или нема проблемот со името


Атина, 3 април, 2018 - 9:56 (META) 

Лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис, кој е еден од политичарите со кои Никос Коѕиас имаше средби за да ги информира за текот на преговорите во Виена, по средбата изјави дека „следната недела ќе биде клучна дали ќе се реши или нема да се реши проблемот со името“.

Шефот на грчката дипломатија Коѕиас по разговорите во Виена со македонскиот колега Никола Димитров и со медијаторот Метју Нимиц, одржува серија средби со лидерите на грчките политички партии.

– Коѕиас ме информираше детално, а се надевам и искрено. Си ги кажавме нашите познати ставови. Мислам дека следната недела ќе биде клучна дали прашањето за името ќе се реши или нема да се реши – изјави кусо по средбата Теодоракис.

Денес Коѕиас треба да има уште две средби со лидерката на ПАСОК и на Движењето за промени, Фофи Јенимата и со претседателот на Унијата на центристите, Василис Левендис, додека лидерот на конзервативната Нова Демократија, Кирјакос Мицитакис, одби да се сретне со него и бара за текот на преговорите да биде информиран лично од премиерот Алексис Ципрас.


Воена база во Македонија побарал Ердоган од Заев, тврди Теодоракис


Атина, 22 март, 2018 - 14:17 (META) 

Лидерот на центристичката, социјално-либерална грчка партија Река, Ставрос Теодоракис, во емисијата „Сега“ на грчки „Скај“ изјави дека „Таип Ердоган му побарал на Зоран Заев да Турција отвори воена база“ како контра услуга за поддршката и помошта што земјата би ѝ ја давала на Македонија, пренесува десничарскиот грчки „Елефтерос типос“.

И Грција и Турција се членки на НАТО, но постојано се во судир околу поморската граница во Егејот и кипарското прашање.

– Ќе дозволиме ли да се формира турска воена база на нашата северна граница и толку близу до Солун – запрашал Теодоракис, чија партија има шест пратеници во грчкиот парламент и двајца во Европарламентот.

Теодоракис ова го кажал во контекст на преговорите за името и како поткрепа на заложбата дека проблемот треба што поскоро да се реши.

Тој неодамна имаше средба со премиерот Ципрас на која разговараа за потребата од формирање Совет за национална безбедност.

Сложено име за севкупна употреба, но и бришење на „агресивниот дух кон Грците“ од Уставот, учебниците и секојдневниот живот во соседната земја, се позициите на Теодоракис за прашањето за името.

– Едно сложено име за севкупна употреба, паралелно со конкретни обврски од нашите соседи дека ќе има бришење во нивниот Устав и во учебниците. Многу инсистирам на учебниците затоа што тие ја градат свеста, дека од нивното секојдневие, од нивната култура, ќе се избрише овој агресивен дух кон Грците и кон грчката Македонија – вели Теодоракис за „Скај“.

Лидерот на „Река“ одби директно да одговори каква ќе биде позицијата доколку договорот дојде во грчкиот Парламент.

Гласањето, според него, ќе зависи од самиот предлог и што тој точно ќе содржи.


„То вима“: Грчките лидери го немаат луксузот на времето, итно ни треба единство


Атина, 12 март, 2018 - 10:55 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во 16.30 часот по локално време ќе се сретне Ставрос Теодоракис, лидерот на партијата „Потами“ и ќе разговара со формирањето на Совет на национална безбедност и „за други национални праашања“, јави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Истовремено, провладината „То вима“ објави коментар под наслов „Итно да се обезбедни национално единство“ во кој повикува „веднаш да се формира предложениот Совет за национална безбедност“ .

„Сè упaтува на фактот дека следните неколку месеци се клучни за грчките национални интереси“, вели весникот и потсетува дека „политичкото водство на земјата веќе го нема луксузот на времето“.

Грчко-туските односи се во опасна зона, како поради неодамнените блиски средби на вооружените сили на двете земји, така и поради постојаните кошкања на Кипар.

Воената реторика од двете земји се заканува да прерасне во поширок судир, па оттаму и поизразената ангажираност на американски и европски дипломати.

„Грција е и останува мирољубива земја. Горчливото искуство со агресивноста на соседите нè обврзува да бидеме подотвени и да ги имаме предвид сите евентуалности“, пишува „То вима“.


Ципрас бара сојузници за името – ќе формира надпартиски Совет за национална безбедност


Скопје, 9 март, 2018 - 16:18 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе предложи формирање на Совет за национална безбедност и за таа цел денеска му телефонирал на лидерот на партијата „Потами“ Ставрос Теодоракис и побарал средба в понеделник за да го информира за предлогот.

Во грчките медиуми се коментира дека фактот што Ципрал толкму сега се сетил на тој предлог-закон има врска со разрешницата на проблемот со името и потребата на Ципрас околу него да собере што поголем број сојузници.

Не се исклучува и можноста Ципрас по овој „флерт“ наскоро со мини-реконструкција евентуално да направи рокада – наместо „Независни Грци“ на Каменос во владата да ја земе „Потами“ на Теодоракис. Интересно е дека токму Теодоракис и неговата партија во декември 2016 година предложија формирање на такво тело/орган, но досега никој тоа не го покренал.

Во Грција, инаку, функционира т.н. Национален совет, кој го свикува шефот на државата – во случајов, Прокопис Павлопулос.

Новиот Совет би бил свикуван од премиерот, а во него би учествувале политичките лидери, бившите премиери, министрите за одбрана и надворешни работи, шефовите на генералштабот и на тајната служба.

Ова се случува во ситуација кога односите на Ципрас со владините партнери, како на пример со Панос Каменос, кој јавно се произнесе против која било варијанта на името што ќе го содржи терминот Македонија, се „замрзнати“.

Ципрас и Теодоракис имаат поблиски ставови за името – лидерот на „Потами“ не е против “Македонија“ во името, но вели дека поддржува „име со еден збор, на словенски дијалект“.

Тој дури изјави дека ако дојде до договор за името и ако тој треба да се гласа во парламентот тие ќе гласаат „за“.

Запрашан дали постои можност за влез во владата на Ципрас, Теодоракис само шеговито прокоментира „дури и Ким ќе се сретне со Трамп“.


Теодоракис во 1997 година во Скопје предложи федерација со Грција


Скопје, 6 февруари, 2018 - 11:08 (META) 

Познатиот грчки композитор, Микис Теодоракис (93), чиј говор на неделниот митинг во Атина шокираше многумина во Грција, особено кај т.н. левица, пред 21 година, во 1997 година, при престојот во Скопје, имаше сосема спротивни ставови за македонско-грчките односи и проблемот со името.

Во април 1997 година, пред  Теодоракис да дојде и да одржи концерт во Скопје, весникот „Етнос“ откри дека на гробиштата „Бутел“ е погребан легендарниот јунак Јоргос Зорбас, од романот на Никос Казанѕакис “Гркот Зорба“.

МИкисЗорба

Во изјава за весникот „Ексусија“ во истата година тој заговараше забрзано затоплување на односите меѓу двете земји.

– Зошто, на пример, да не направиме унапредување на односите – царинска унија или федерација? Мислам дека така прашањето на името ќе се надмине и дека односите на двете земји ќе се доведат до ниво на кое името веќе нема да биде важно – рекол тогаш Теодоракис.

Концертот „Гркот Зорба“ беше одржан во Македонската опера и балет (МОБ), а присуствуваше македонската политичка елита, заедно со претседателот Киро Глигоров. На композиторот му беа укажани сите почести.  Посетата беше забележана и во Грција, а изјавите на Теодоракис се најдоа на насловните страници на печатот.

Подолу е видеото од архивата на Јоргос Логотетис, на кое е забележана целата посета на Теодоракис на Скопје.


Бутарис: Потпалувачките изјави и митинзите не треба да ги попречуваат преговорите


Скопје, 5 февруари, 2018 - 11:37 (META) 

Солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис, како „потпалувачки“ ги оцени изјавите на познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, споредувајќи ги со воинствените изјави на генералот Франгос во Солун и потенцираше дека, иако митинзите можеби биле големи и впечатчиви, тие не треба да ги попречуваат преговорите.

Бутарис, за телевизијата СКАЈ, повтори дека Грција го нема ексклузивното право на терминот Македонија, како и дека тој нема проблем новото име на северниот сосед да биде „Нова Македонија“.

– Горна Македонија значи дека некоја земја се поделила на две, а Нова Македонија не претставува никаков проблем – рече Бутарис.

Според него, Грците подолу од Олимп, или оние од Крит, не го познаваат проблемот.

– Тие не знаат дека Македонија грографски не е само грчка и дека во голем број села околу Костур и Лерин има луѓе кои зборувале и се уште зборуваат славомакедонски – рече Бутарис.