Уставниот суд ја одложи расправата за крстот во Бутел


Скопје, 31 мај, 2016 - 14:39 (META) 

Уставниот суд ја одложи расправата по иницијативата околу уставноста и законитоста на одлуката за поставување на 55-метарскиот крст во Општина Бутел и оваа точка ќе се најде на дневен ред на некоја од наредните седници на судот.

Како што дознаваме од Уставниот суд, судијата известител за овој предмет, Владимир Стојановски без конкретно образложени ја повлекол оваа точка од дневниот ред на денешната седница и рекол дека таа ќе биде ставена на дневен ред на некоја од наредните седници.

Оваа иницијатива, според претходно најавената агенда требаше да биде 11 точка од дневниот ред на денешната седница.

Иако, во информацијата на Уставниот суд не беше конкретно наведено дека иницијативата се однесува на изградбата на крстот во Бутел и кој е подносителот, сепак според датумот од 23 февруари се забележува дека на својата 39. седница Советот на Општината донесе одлука за поставување на „урбан крст на постамент на микролокацијата на кружниот тек“.

Поставувањето на крстот е донација на Светскиот македонски конгрес (СМК).

Поставувањето на крстот предизвика тензии, откако членови на ДУИ и нивни поддржувачи поставија камп против неговата изградба на што со контрапротести одговори Светскиот македонски конгрес, чиј претседател Тодор Петров беше и физички нападнат, дента по свеченоста за осветување на каменот-темелник.


Крстот во Бутел на дневен ред на следната седница на Уставниот суд


Скопје, 26 мај, 2016 - 17:17 (META) 

Уставните судии на следната седница закажанa за 31 мај ќе ја разгледуваат иницијатива околу уставноста и законитоста на одлуката за поставување на крст во Општина Бутел, што ги крена тензиите кон крајот на фавруари и почетокот на март оваа година.

Разгледувањето на оваа иницијатива е 11. точка од дневниот ред на седницата.

„Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за 15. седница на Уставниот суд на Република Македонија закажана за 31 мај 2016 година (вторник), со почеток во 09.00 часот…11. точка – Одлука за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 08-208/2 од 23 февруари 2016 година, донесено од Советот на Општина Бутел, објавена во “Службен гласник на Општина Бутел” број 2 од 23 февруари 2016 година и Решение за објавување на Одлука за давање согласност за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Бутел, број 09-251 од 23 февруари 2016 година, донесено од градоначалникот на Општина Бутел. Реферат У.бр.72/2016“, стои во агендата за седницата на Уставниот суд, објавена на интернет-страницата на судот.

Иако, во информацијата на Уставниот суд не е конкретно наведено дека иницијативата се однесува на изградбата на крстот во Бутел и кој е подносителот, сепак според датум, токму на 23 февруари на својата 39. седница Советот на Општината донесе одлука за поставување на „урбан крст на постамент на микролокацијата на кружниот тек“.

Поставувањето на крстот е донација на Светскиот македонски конгрес (СМК).

Поставувањето на крстот предизвика тензии, откако членови на ДУИ и нивни поддржувачи поставија камп против неговата изградба на што со контрапротести одговори Светскиот македонски конгрес, чиј претседател Тодор Петров беше и физички нападнат, дента по свеченоста за осветување на каменот-темелник.


Без поголеми инциденти меѓу демонстрантите и полицијата, заврши протестот пред Владата


Скопје, 14 април, 2016 - 22:04 (META) 

По неколку мали провокации меѓу полицијата и демонстрантите и искршено стакло на редакцијата на неделникот „Република“, заврши протестот на граѓаните пред зградата на Владата.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во денешните протести, повредени се петмина полицајци, а еден демонстрант е приведен.

Тие со пишани пораки им се обратија на кордонот полицајци кои ја обезбедуваа владината зграда. На нив пишуваше „Од наши пари леб јадете и пак нас нè тепате“, „Кажете им на децата дома денеска ја браневте диктатурата во која ќе растат“ и „Колку крв треба да падне за да застанете на сопствената страна“.

Повлекувањето на полицијата од пред згрдата на Владата беше поздравено со аплауз од демонстрантите.

Демонстрантите денеска од пред Собранието, каде почна протестот, се упатија кон полициската станица „Беко“, каде што се наоѓаат 13 приведени од синоќешните протести.

Атмосферата стана тензична откако демонстрантите се судрија со полицискиот кордон кај ТЦЦ „Плаза“, кој го чуваше седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако со камења и со запалени факли почнаа да фрлаат кон нив, полицијата со воден топ (кој не беше употребен) и со кордон ги потисна демонстрантите кон крстосницата кај зградата Палома бјанка, од каде тие потоа се упатија кон Владата.

На протестот пред Собранието, 82 граѓански организации побараа одложување на изборите од 5 јуни на неопределено време, ангажирање на техничка влада што ќе спроведе реформи за да се создадат услови за фер и демократски избори, како и одвојување на државата од партиите, слободни медиуми и обвинение за секој што сторил криминал.


Тензично кај ТЦЦ „Плаза“, демонстрантите ја пробија оградата и фрлаат запалени факли


Скопје, 14 април, 2016 - 20:08 (META) 

Тензично е пред ТЦЦ „Плаза“ откако дојде до близок судир меѓу демонстрантите и полицијата. Тие успеаја да ја тргнат оградата пред полицискиот кордон.

Демонстрантите почнаа да фрлаат запалени факли, шишиња и камења кон полицискиот кордон.

Тие извикувајќи „Нема првада, нема мир“, од Собранието, од каде почна протестот, тргнаа кон полициската станица „Беко“, каде се наоѓаат демонстрантите што беа приведени синоќа.

Полицискиот кордон од пред ТЦЦ „Плаза“ заедно со еден воден топ се спушти кон демонстрантите и ги растера од улицата недозволувајќи им да се приближат кон полициската станица „Беко“. Во моментов демонстрантите стојат на крстосницата кај зградата „Палома Бјанка“.

По неколку мали блиски судири, во моментов, полицијата и демонстрантите стојат едни наспроти други, но ситуацијата е мирна.

Организаторите и лидерот на „Достоинство“ Стојанче Ангелов повикаа на мирни протести.

Демонстрантите пред малку почнаа да се повлекуваат од крстосницата кај „Палома Бјанка“ и да се движат кон зградата на Владата.


Балканската рута ќе остане затворена за мигранти сè додека Брисел не реши поинаку


Гевгелија, 13 април, 2016 - 15:51 (META) 

Границите долж т.н. балканска рута ќе останат затворени сè додека крајните дестинации на мигрантите, односно земјите од Западна Европа, не одлучат поинаку, заклучиле претседателите на Македонија, Хрватска и на Словенија, Ѓорге Иванов, Колинда Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор, кои денеска беа во посета на јужната граница, пишува „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).

Тројцата претседатели го посетија привремениот прифатен камп за бегалци „Винојуг“ кај Гевгелија, во кој се сметсени 139 мигранти. Планираната обиколка на котата 59 на граничната линија со Грција беше откажана од безбедносни причини поради тензиите што избувнаа кај жичената ограда кога група мигранти од грчка страна почнаа да фрлаат камења кон полицијата, која повторно употреби солзавец.

– Се надеваме дека луѓето што се останати во кампот наскоро ќе заминат затоа што по последните инциденти имаме притисок од мигрантите кои сакаат повторно да се отвори коридорот. Меѓутоа, коридорот е во ваква состојба со одлука на Брисел и ние ќе ја почитуваме таа одлука сè додека е на сила, односно ќе остане затворен просторот низ кој досега минаа речиси милион мигранти – изјавил Иванов.

Тројцата претседатели рекле дека границите се затворени по одлука на Брисел и дека така и ќе остане.

– Ситуацијата на границата со Грција е тешка поради тоа што мигрантите од грчка територија и понатаму се обидуваат да поминат и да ја отворат балканската рута, но таа ќе биде затворена сè додека државите што се посочуваат како крајна дестинација на бегалците не се изјаснат дали ќе ги примат или не – рекла Грабар-Китаровиќ.

Похор и Грабар-Китаровиќ се сретнале и со словенечките и со хрватските полицајци кои им помагаат на македонските колеги во справувањето со мигрантите на јужната граница.


Тензијата на границата кај Гевгелија ги одврати тројцата претседатели од котата 59


Солун, 13 април, 2016 - 12:30 (META) 

На Идомени повторно се развива нова тензија меѓу бегалците и македонската полиција. Пред малку, група бегалци повторно почнаа да ја тегнат оградата на македонско-грчката граница за да се направи дупка и да преминат во Македонија.

Македонската полиција за да ги одвлече од намерата, фрли шок-бомби кон бегалците. Интервенираат и специјалните сили на грчката полиција, кои формираа и блок пред бегалците и одат покрај нив.

Поради инцидентот, од безбедносни причини била прекината посетата на претседателите на Македонија, Хрватска и на Словенија, Ѓорге Иванов, Колинда Грабар-Китаровиќ и Борут Пахор, на котата 59 на јужната граница.

Според наши извори од терен, тројцата претседатели дошле на околу 50 метри од котата 59, кога биле вратени поради опасност од нови нереди на границата од страна на мигрантите кај Идомени.

На новинарските екипи во Гевгелија од протоколот им било кажано дека претседателите ќе дадат кратки изјави без можност за поставување прашања по предвидената обиколка на граничната линија и на кампот „Винојуг“.

Неофицијално, посетата на тројцата претседатели на јужната граница е прекината од безбедносни причини и тие се враќаат назад во Скопје.

Во моментов поголема група сè уште е собрана околу оградата. Според информациите во Грција, групата која го почнала протестот можно е да се бегалци од Авганистан. Надежите се бунтот да се смири за да се избегнат нови инциденти.

Последните два дена по немирите во неделата, во Идомени беше мирно, без протести и судири со полицијата. Вознемирени од неделните инциденти, бегалците со семејствата почнуваат да го напуштаат кампот, кој сметаат дека веќе не е безбедно место за нивните деца.


Нови тензии на Идомени, бегалците туркаа стар вагон кон оклопните возила на полицијата


Атина, 11 април, 2016 - 15:21 (META) 

Ситуацијата на Идомени останува тензична по вчерашните судири. Денеска група бегалци повторно се собра на оградата и бараа од македонската полиција да ја отвори границата.

Денешната комуникација, сепак, сè уште е мирна. Бегалците бараа македонската полиција да ги пушти, коментирајќи дека тие не се терористи. Одговорот од македонска страна беше дека границата не може да се отвори и бегалците беа замолени да се повлечат од оградата.

Претходно, група бегалци влезгоа во еден стар вагон на железничката пруга и успеаја да го истуркаат до непосредна близина на кампот и на македонската граница, каде се поставени оклопните полициски возила на грчката полиција.

Бегалците бараа да се отворат границите, а со себе имаа грчки и германски знамиња, што повторно го крена сомнежот на грчката полиција за потенцијални активисти што ги поттикнуваат на протести бегалците.

Од 11.000 бегалци на Идомени, денес 180 бегалци, главно од Сирија, одлучија да си заминат од кампот и со автобуси, кои ги обезбедува грчката влада, беа пренесени во нов бегалски центар во близина на Атина.


Грција ги испрати првите бегалци кон Турција


Атина, 4 април, 2016 - 10:25 (META) 

Грција почна со процесот на реадмисија и на враќање на дел од бегалците и од мигрантите кон Турција. Од утринава два турски брода презедоа 131 бегалец од островот Лезбос и се упатија кон турскиот град Декели. Од островот Хиос кон Турција утринава беа пренесени уште 66 мигранти кон Чешме.

Според последните информации на турските медиумите, првиот траект со мигранти од островот Лезбос утрово пристигнал во турското пристаниште Декели.

Меѓу мигрантите и бегалците кои се вратени во Турција има луѓе од Пакистан, Индија, Ирак и од Сирија. Мигрантите беа пренесени во придружба на полициски сили на Фронтекс, а во исто време на пристаништето имаше протест од активисти кои бараа да се запре процесот и извикуваа дека Турција не е безбедна држава.

Според информациите, утре и задутре е предвидено да се префрлат уште вкупно 500 мигранти и бегалци кон Турција.
Последните два дена бројот на бегалци и на мигранти кои аплицираат за азил за да избегнат реадмисија во Турција е огромен. Грчките власти имаат добиено нови 2.870 барања за азил, од лица кои првично не сакале воопшто да поднесат барање за азил, но сега се одлучуваат на тој чекор за да не бидат вратени во Турција.

Во меѓувреме, тензичната клима продолжува во сите бегалски кампови. Бегалците од Идомени остануваат на автопатот Солун – Скопје и веќе трет ден ја продолжуваат блокадата седнати на автопатот, покрај шаторите, без најава кога би се повлекле оттаму. Вчера во кампот имаше одново нови протести откако група бегалци се пожалија дека храната што им ја делат е проблематична и мувлосана.

Проблеми имаше и на островот Хиос, овојпат меѓу полицијата и локалното население. Вечерта дојде до жесток физички судир меѓу полицијата и група граѓани од островот кои се обидуваа да го блокираат преносот на мигрантите кон пристаништето за оттаму утринава да бидат пренесени во Турција. Протестот наеднаш ескалираше во физичка пресметка.

Полицијата крвнички почна да тепа една жена, а потоа се нафрли на дел од другите демонстранти.


ДУИ го повлекува кампот од просторот кај темелите на крстот во Бутел


Скопје, 4 март, 2016 - 23:36 (META) 

ДУИ ќе го повлече кампот од местото на кое што пред неколку дена во општината Бутел беа поставени темели за изградба на 55-метарски железен крст, најави градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.

Тој рече дека кампот ќе го повлечат поради христијанскиот празник Задушница, па не сакаат да поттикнат какви било меѓуетнички тензии, бидејќи многу Македонци утре ќе одат на гробиштата во Бутел.

Меџити рече дека проблемот ќе го решаваат во духот на Рамковниот договор и на Бадентеровото правило. Тој додаде и дека со меѓународните институции ќе се разговара за да се надмине овој проблем.

Попладнево неколку стотици Македонци се упатија на контрапротест кај кружниот тек во Бутел, каде што беа поставени камповите на ДУИ, но полицијата не им дозволи никаков близок контакт.

Од МВР, пак, соопштија дека околу 20 часот, кога демонстрантите се обиделе да го пробијат кордонот, со тврди предмети се повредени тројца полицајци од кои двајца се префрлени во Ургентниот центар во Скопје.


Спасовски: Граѓаните знаат дека на Македонија ѝ треба стабилност и сплотеност, а не тензии


Тетово, 28 февруари, 2016 - 15:55 (META) 

Генералниот секретар на СДСМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на средба со жителите во Тетово, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека најважно е Македонија да ја почувствува сплотеноста и граѓаните да останат рамнодушни на тензиите бидејќи тие не ѝ служат на државата туку само на нечии партиски интереси.

„Настанот во кој беше нападнато едно лице се случи по осветувањето на темелите за крстот во Бутел. МВР излезе со соопштение, постапката е во тек, јавниот обвинител е известен, во текот на денешниот ден се работи на сите понатамошни информации во однос на истрагата за кои ќе бидете благовремено информирани“, одговори Спасовски.

На прашањето дали случајот со Тодор Петров е фингиран и дали можеби претставува еден своевиден чин на дестабилизација, Спасовски рече дека никој во Македонија нема право да напаѓа друга личност.

– Тоа е еден чин што го осудувам заради тоа што никој во Македонија нема право да напаѓа никого. Без разлика кој е тој што нападнал или кој бил нападнат. Секој граѓанин мора да биде заштитен и затоа се води истрага. Ако некој смета дека преку вакви настани ќе предизвика поголеми тензии, мора да го разочараме поради тоа што граѓаните не се подготвени за креирање тензии туку, напротив, подготвени се Македонија да биде стабилна, нормална држава, во која секој граѓанин ќе има еднакви права и ќе биде заштитен – изјави Спасовски.

Тој додаде дека во оваа ситуација најважно е да се заштити Уставот и да спроведат сите услови предвидени во Договорот од Пржино за да може да се одржат фер, слободни и демократски избори.