!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Косово и официјално го доби повикувачкиот број 383


Приштина, 15 декември, 2016 - 11:13 (META) 

Министерката за дијалог во владата на Косово, Едита Тахири, денеска соопшти дека Меѓународната телекомуникациска унија и официјално му го додели повикувачкиот број 383 на Косово.

„Ова и историско достигнување во областа на телекомуникациите и го зајакнува меѓународниот субјективитет на државата Косово“, стои во соопштението.

Со стапување на сила на повикувачкиот број за Косово, со работа ќе престанат броевите како што се 381, 377 и 386, како и функционирањето на сите илегални оператори на мобилната и фиксна телефонија на Србија и во Косово.

Косово ќе овозможи привремено и ограничено функционирање на мобилната телефонија на „МТС.доо“, ќерка компанија на „Телеком Србија“, кога Косово ќе добие повикувачки број.

Повикувачкиот број за Косово е дел од бриселскиот договор за телекомуникациските врски.


Непал го погоди земјотрес со јачина од 5,6 степени


Катманду, 28 ноември, 2016 - 9:54 (META) 

Непал утринава го погоди земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, чијшто епицентар бил во близина на Монт Еверест, околу 150 километри североисточно од Катманду, соопшти Американскиот сеизмолошки центар.

Извештај за евентуални жртви и за штети сè уште нема.

Mногумина од жителите на Катманду истрчале од своите домови на улиците, но нема прекин во снабдувањето со електрична енергија или телекомуникациите.

Непал сè уште закрепнува од минатогодишниот земјотрес во кој настрадаа 9.000 лица, а беа оштетни речиси милион домови и згради.


Димитар Ковачевски е нов извршен директор на „Оне-Вип“


Димитар Ковачевски е новиот извршен директор на компанијата „Оне-Вип“ и доаѓа на местото на Никола Љушев.

Ковачевски својата успешна 18-годишна кариера ја почнал во „Македонски телеком“, каде го продолжил својот развој на менаџерски позиции, а членувал и во интернационални бренд и комуникациски комитети и во управни одбори.

Ковачевски е дипломиран економист во полето на корпоративниот менаџмент, информациски системи и на деловна процесна интеграција.

Обврските на новата функција ќе ги преземе кон крајот на декември годинава и ќе го наследи Никола Љушев, кој од функцијата извршен директор се повлекува од лични причини и одлучил да прифати нови предизвици надвор од компанијата.

Љушев беше предводник на крупните структурни промени што настанаа во телекомуникацискиот бизнис во Македонија и беше одговорен за процесот на спојување и на интеграција на трите компании.

Тој беше дел од групацијата „Телеком Австрија“ од 2007 година, како главен извршен директор најпрво на „Вип“, а потоа и на „Оне-Вип“.


Телекомуникацискиот гигант „Еј-ти енд ти“ го купува „Тајм Ворнер“ за 86 милијарди долари


Далас, 23 октомври, 2016 - 12:24 (META) 

Американскиот телекомуникациски гигант „Еј-ти енд ти“ (AT&T) објави дека ќе ја купи медиумската групација „Тајм Ворнер“ за сума од речиси 86 милијарди долари, јавуваат светските медиуми.

Зделката, која е една од најголемите оваа година, сè уште чека одобрување од регулаторите, пренесува „Би-би-си“.

Доколку преземењато помине, тоа ќе значи ставање под една капа на дистрибуциската мрежа на „Еј-ти енд ти“ со содржините од филмските студија на „Ворнер бродерс“ и кабелските телевизии „Ејџ-би-о“ и „Си-ен-ен“, поради што договорот најверојатно ќе биде многу внимателно анализиран од антимонополиските регулатори во САД.

„Еј-ти енд ти“ во моментов е трет најголем кабелски оператор во САД.

Рендал Стивенсон, кој истовремено е претседател на управниот одбор и извршен директор на „Еј-ти енд ти“, изјавил дека според него нема никакви регулаторни пречки и дека сите прашања, за кои постои загриженост, можат да се надминат.

„Ова е совршено совпаѓање на две компании со комплементарни предности кои можат да донесат свеж пристап во начинот на работа на медиумите и комуникациската индустрија за своите клиенти, дистрибутери и огласувачи“, изјавил Стивенсон.

Во изјавата од „Еј-ти енд ти“ било наведено дека целта на договорот е да им се даде на клиентите „неспоредлив избор, квалитет, вредност и искуство, кои ќе ја дефинираат иднината на медиумите и комуникациите“ и дека новата компанија „ќе го води новиот бран на иновации во медиумската и во комуникациската индустрија“.

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, милијардерот Доналд Трамп, вчера, пред самото објавување на договорот, изјавил дека доколку стане претседател, ќе ја блокира зделката меѓу „Еј-ти енд ти“ и „Тајм Ворнер“.

„Тоа е концентрација на премногу моќ во рацете на малкумина“, рекол Трамп.


Србија пред тешка одлука за сопственоста на телекомот во Косово


Белград, 5 октомври, 2016 - 19:31 (META) 

Србија до недела треба да се изјасни за тоа дали ќе се согласи со предлогот за примената на договорот за телекомуникациите со Приштина, со које се предвидува Белград да се откаже од сопственоста над имотот на телекомот во Косово.

Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска изјави дека станува збор за тешка одлука, која може да има големи политички последици.

„Многу е тешко да се донесе позитивна одлука во врска со ова прашање, но исто така многу е тешко да се донесе и негативна одлука бидејќи може да има големи политички последици“, вели Вучиќ.

Белград и Приштина договорот за телекомуникациите го потпишаа минатата година во рамките на Бриселскиот дијалог, но сега спор има околу толкувањето на примената на поедини точки, особено тие што се однесуваат на сопственоста на имотот на телекомот.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Џуриќ денеска изјави дека сегашниот предлог за примена на договорот за телекомуникациите е целосно неприфатлив. Тој оцени дека пред Белград е „поставен тежок и сериозен ултиматум“, бидејќи се бара да се откаже од сопственоста на телекомот на Србија во Косово.

Вучиќ, пак, посочи дека не би сакал да зборува за ултиматум, објаснувајќи дека станува збор за тешка одлука бидејќи Србија стравува оти спорните точки, кои се однесуваат на сопственоста, подоцна би можеле да се применат на другиот српски имот на Косово, односно „Газивода“, „Валач“ и „Трепча“.

Тој додаде дека Србија не може да очекува продолжување на процесот на евроинтеграција доколку го одбие договорот.

„Доколку не го прифатиме, се соочуваме со тешки последици за Србија и за нас, кои ги носиме таквите одлуки… Секако дека е тешко, ако одбиеме нема да ни ги отворат преговорите“, рече Вучиќ.


„Веризон“ го купува „Јаху“ за 5 милијарди долари во готово


Санивејл, 25 јули, 2016 - 15:20 (META) 

Американскиот телекомуникациски гигант „Веризон“ ја купува интернет-компанијата „Јаху“ (Yahoo) за речиси 5 милијарди американски долари во готово, јавува „Би-би-си“.

„Јаху“, како што јавува британскиот национален сервис, ќе биде споена со фирмата АОЛ, уште една интернет-компанија чија слава избледува, а која лани беше купена од „Веризон“.

Инаку, договорот меѓу „Веризон“ и „Јаху“ не го вклучува значителниот удел што интернет-компанијата го има во кинеската фирма за интернет-маркетинг и за продажба, „Алибаба“.

Висината на сумата за која „Веризон“ го купува „Јаху“ е далеку под таа што „Мајкрософт“ ја нудеше за компанијата во 2008 година и која изнесуваше 44 милијарди американски долари или, пак, 125 милијарди долари, колку што беше проценетата вредност на „Јаху“ за време на експанзијата на интернетот.


„Фјучр ком 2015“ – работилница по повод Светскиот ден на телекомуникациите


Скопје, 15 мај, 2015 - 10:17 (META) 

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја организира работилница „Фјучр ком 2015“ (FutureCom2015) по повод Светскиот ден на телекомуникациите и информатичкото општество – 17 мај.

На работилницата предавања ќе одржат професорот Јан Акјилдиз од американскиот универзитет „Џорџиа тек“ од Атланта, како и најдобриот млад научник за 2014 во Македонија, м-р Даниел Денковски.

Целта на втората работилница е да се разменат идеи и да се развие дискусија за развојниот тренд и за пазарот на телекомуникациите.