Владата го разреши Рашковски од позицијата владин претставник во „Телеком“


Скопје, 9 јануари, 2018 - 20:05 (META) 

Владата на денешната 48 седница донела одлука да го разреши Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски од позицијата претставник на Владата во Акционерското Собрание на „Телеком“ и на таа позиција ја назначила Тања Чачарова Илиевска, советник за правда во на премиерот.

На владината седница било одлучено за директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, да биде именуван Ејуп Јахја, за директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Сеад Садуковски и за директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

За претставници во Советот на Институтот за македонска литература, Владата ги назначила Димка Митева, Љубица Станковска и Владимир Мартиновски.


„Оне-Вип“ и „Телеком“ самоиницијативно ги исклучиле „Дискавери“ и „Еуроспорт“


Скопје, 3 јануари, 2018 - 15:28 (META) 

Документарните канали на „Дискавери“ и спортските канали „Еуроспорт“ се исклучени од понудата на операторите „Оне-Вип“ и „Македонски Телеком“ по одлука на самите оператори, информираа од агенцијата „Креативне идеје“, што ја застапува корпорацијата „Дискавери комјуникејшенс“, сопственик на исклучените канали.

„И покрај нашата отвореност и добра волја за преговори, изненадени сме и воедно разочарани од фактот што, двата оператори симултано ја донеле одлуката да ја прекинат нашата долготрајна соработка и воедно да ги лишат гледачите со драстичен и ограничен пристап, со остранување на глобално најгледаниот број еден спортски канал“, се вели во соопштението од агенцијата.

„Креативне идеје“ ги поттикнува клиентите да комуницираат со операторите и да изнесуваат барања за враќање на телевизиските канали во понудата. Од таму исто така соопштуваат дека продолжува долгогодишната соработка со „Телекабел“ и останатите регионални оператори во Македонија кои и понатаму ги пренесуваат каналите.

Агенцијата посочува дека „Еуроспорт“ може да се следи на Интернет.


Телеком Словенија се повлече од „ВИП“


Скопје, 10 ноември, 2017 - 19:35 (META) 

Телеком Словенија ја прифати понудата на Телеком Австрија и го отстапи својот удел во македонскиот телекомуникациски оператор „ВИП“ за сума од 120 милиони евра, објави словенечката берза.

Со купувањето на преостанатите 45 отсто од досега заедничката компанија „Оне.ВИП“, австрискиот телеком станува стопроцентен сопственик на операторот.

Компанијата беше формирана на 1 октомври 2015 година, кога беше напоменато дека останува можност Телеком Словенија да се повлече од заедничката зделка.

Доминантен сопственик на Телеком Австрија е Америка Мовил, компанија на Мексиканецот Карлос Слим, еден од најбогатите луѓе на светот.


ВМРО-ДПМНЕ: Тештата и кумот на Рашковски да ги вратат парите, а тој да си даде оставка


Скопје, 1 октомври, 2017 - 13:26 (META) 

Кумот и тештата на „генералниот секретар на расипничката влада“, Драги Рашковски, треба да ги вратат народните пари што ги испумпаа на основа на плати и на хонорари од буџетот на Република Македонија, побара Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција пред Владата.

Таа го праша Рашковски кога ќе ѝ одговори на јавноста за непотизмот.

– Драги Рашковски изгледа нема намера да одговори на прашањата кои ги поставува македонската јавност. Но, нема ни намера да си поднесе оставка како генерален секретар на Владата на Република Македонија. Непотизмот од неговото работење не може да се прикрие ниту заташка, со повлекувањето на неговата баба, Елена Начевска, мајка на неговата сопруга Вероника Начевска, од позицијата претседател на Комисијата за жалби. Во исто време се повлече и неговиот кум, Дејан Костиќ, кој Рашковски го ангажираше за адвокат на генералниот секретаријат на Владата и покрај тоа што владата има правна служба – рече Јакимовска.

Таа побара Рашковски да поднесе неотповиклива оставка од функцијата  владин претставник во „Македонски телеком“.


Телеком го остави центарот на Скопје без интернет


Скопје, 26 мај, 2016 - 11:21 (META) 

Интернет корисниците на „Телеком“ од централното градско подрачје на Скопје од утринава се без интернет.

Од службата за корисници соопштуваат дека станува збор за поголем проблем и оти се работи на санирање на проблемот.

Поради проблемот со интернетот, амбулантите во Центарот на Скопје не се во можност да издадат упати и да закажуваат лекарски прегледи.


Салата „Борис Трајковски“ и стадионот „Филип Втори“ добија нови имиња


Скопје, 22 февруари, 2016 - 12:15 (META) 

Најголемиот македонски стадион, Националната арена „Филип Втори“, и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе добијат нови брендирани имиња и тоа „Телеком арена“ и „Вип арена“.

Договорот помеѓу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и „Оне Вип“ е веќе потпишан, а деновиве се очекува параф да стават и првите луѓе на скопскиот стадион и на „Телеком“.

Спортскиот центар кој го носеше името на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, е изграден во 2008 година од Владата на Република Македонија. Во состав на спортскиот центар се наоѓа мултифункционална спортска сала која е еден од најголемите репрезентативни спортски објекти на Република Македонија.

Договорот за соработка помеѓу „Оне Вип“ и Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се потпиша во времетраење од две години, со можност за продолжување на уште две години, а почнува да важи од 15 февруари 2016 година.

„Условите и сумата на договорот остануваат во рамки на деловни информации“, стои во соопштението на страницата на овој центар.

Преименувањето на стадионот, пак, е во тренд со европската и со светската практика. Во Германија има „Алијанц арена“, потоа „Сигнал Идуна парк“, „Фрапорт стадион“…

Договорот со „Телеком“ треба да биде потпишан деновиве, а пред подготвката за најголемиот настан досега, домаќинството на Европскиот супер-куп во 2017 година.


Слободан Богоевски денеска ќе сведочи пред Обвинителството за случајот со мито од „Маѓар телеком“


Скопје, 23 септември, 2015 - 10:03 (META) 

Да сведочи за случајот со „Маѓар телеком“ пред Обвинителството за организиран криминал и корупција, денеска е повикан Слободан Богоевски.

Богоевски, кој е на издржување затворска казна во кумановскиот затвор за друг случај, денеска треба да го даде своето сведочење откако Обвинителството отвори предмет по неговата изјава дадена за њујоршкиот суд, во која наведува дека на актуелни и на поранешни функционери во 2005 година им било исплатено мито од „Маѓар телеком“ преку грчкиот бизисмен Кондоминас.

 


Движење за реформи на ДПА: Аферата „Телеком“ ја докажа тешката состојба на Албанците во Македонија


Тетово, 10 септември, 2015 - 14:44 (META) 

Според Движењето за реформи на ДПА, тешката состојба на Албанците во Македонија се докажа преку аферата „Телеком“, со објавените докази во судот во Њујорк за првите луѓе на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери.

Според движењето, специјалниот обвинител, за кој моментално се водат преговори, нема да ја искорени олигархијата, која има длабоки корени во домашните судови, а во која е вклучена и ДУИ.

– Како што се гледа, 2,5 милиони евра е цената за предавството на идеалот на ОНА, а исто толкава е и цената на неимплементирање на Охридскиот договор. Бараме во Македонија да има специјални европски судови, кои би можеле да го решат криминалот во земјава – изјави Наим Бајрами, член на централното раководство на Движењето за реформи на ДПА.

Од Движењето за реформи на ДПА сметаат дека само албанскиот народ може со својот глас да ја казни владејачката ДУИ.

– Ние не очекуваме системот, кој бил и сè уште е средство за купување на слободата на Албанците, да ги казнува своите клиенти Али Ахмети и Муса Џафери. Очекуваме Албанците во Македонија да им го свртат грбот и да ги казнат тие што ја продадоа нашата крв за 5 милиони евра – изјави Бајрами.

Според Движењето за реформи на ДПА, молчењето на ДУИ за аферата „Телеком“, за која во јавноста не излегоа со ниту една изјава, е уште еден доказ и потврда за наведената афера, во која се вклучени првите луѓе на владејачката ДУИ.


Тасева: Корупцијата во „Телеком“ е потврда за договорот за ненапаѓање меѓу политичарите


Охрид, 8 септември, 2015 - 15:16 (META) 

Слаѓана Тасева од невладината „Транспарентност Македонија“ вели дека последните наводи изнесени за корупција во „Маѓар телеком“ се само уште една потврда дека нашите институции не сакаат да го истражат овој случај.

– Не зборувам за тоа дали има капацитет или нема, нема потреба од многу капацитет за ова да се истражи затоа што сè е документирано. Поразителен е фактот дека ние ги имаме сите документи овде, во Македонија, сите актери се овде што учествувале во таа ситуација или на кои им е позната целата ситуација, никој не се обиде да собере дополнителни информации за да ја спроведе истрагата против тие што си дозволите корупција на штета на граѓаните, затоа што да не заборавиме е голема корупција. Тоа што сакале да постигнат политичарите е да сите ние уште две години плаќаме повисоки сметки за мобилна телефонија, односно да не се либерализира пазарот на мобилна телефонија. Тоа е на штета на сите нас и на нашите институции и сега би требало да побараат одговорност од оние што не постапиле, затоа што не може да останат вечно неповикани – неказнети оние што не си ја исполнуваат службената обврска, вклучително и јавниот обвинител, кој постојано вели дека нема докази – изјави Тасева за порталот „Охрид њуз“.

Тасева смета дека случајот „Телеком“ е уште една потврда на постоечката состојба на ненапаѓање помеѓу нашите политичари, односно продолжување на практиката кој и да дојде на власт, оние што грешеле претходно нема да се процесуираат, судат или било што против нив да се презема.

– Тие така со години се одржуваат на власт. И СДСМ и ВМРО тука се изедначени. Си го покриваат криминалот едните со другите затоа што сите се во ситуација на корупција, која утре не сакаат некој да им ја истражи. Но, таа состојба на недопирливост на политичарите еднаш мораме да ја прекинеме. Еднаш јасно и гласно мораме да побараме и Груевски, кој го искористил сознанието за примен поткуп за да се запре постапката во Обвинителството, исто така треба да одговара како и јавниот обвнител кој ја запрел постапката во таква ситуација. Мислам дека сите ние треба да побараме гласно одговорност од сите нив и веднаш да си заминат од сите функции – вели Тасева.


Со германска помош ќе се обновува детското игралиште во Охрид


Охрид, 20 јули, 2015 - 13:11 (META) 

Германската амбасада во Скопје финасиски ќе го помогне проектот за обнова и за реконструкција на детското игралиште кај каналот Студенчишта во Охрид.

Германската амбасада ѝ додели грант на Општина Охрид во вредност од околу 485.000 денари, односно околу 8.000 евра. Од овие средства, 425.259 денари ќе бидат наменети за набавка на нови играчки за деца, а 60.000 денари за обнова на заштитната ограда.

Во моментов Општина Охрид ја подготвува тендерската документација за градежните активности, кои се однесуваат на реконструкција на игралиштето. Вкупната вредност на проектот се проценува на 707.711 денари.

Игралиштето кај каналот Студенчишта е изградено во 2005 година со донација на „Телеком“ и оттогаш не е обновено.