!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Турците вчера пред да телефонираат мораа да го слушаат Ердоган


Анкара, 16 јули, 2017 - 13:55 (META) 

Обидот да се повика мобилен број во Турција вчера доведуваше до неочекуван соговорник – гласот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По вртењето на бројот, пред да почне воспоставувањето на врската, повикувачот првин ја слушаше снимената аудиопорака од претседателот, а дури по нејзиниот крај почнуваше вртењето на бројот, јавуваат турските медиуми.

Во пораката, Ердоган им го честитал на повикувачите „националниот празник на демократијата и на единството“, со кој се одбележа првата годишнина од неуспешниот пуч.

„Како претседател, испраќам честитки за 15 јули – Денот на демократијата и националното единство и посакувам милост за мачениците, а на хероите (кои се бореа против пучистите) здравје и благосостојба“, гласи пораката која траеше 16 секунди.

Дека нарачката за оваа „услуга“ ја направила државата, на својот твитер-профил потврди Омер Фатих Сајан, директор на Комисијата за информации и комуникациски технологии (БТК).

Овој потег предизвика гнев кај многумина корисници, а многумина критикуваа и објавија видеоснимки на кои се гледа како мора да почекаат да заврши пораката пред да може да разговараат.


Богоевски: Груевски за роаминг во март потрошил 184.000 денари, пари на граѓаните


Скопје, 4 април, 2017 - 12:43 (META) 

Независниот пратеник од коалицијата на СДСМ, Павле Богоевски денеска на Конститутивната седница на Собранието рече дека, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за месец март потрошил 184.000 денари за роаминг од неговиот службен мобилен телефон.

Богоевски рече дека иако Груевски, повеќе од една година не е премиер на државата, сепак на сметката за телефон тој стои како претседател на Влада и дека сметката ја плаќа државата.

– Репликите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се користат за реплики туку за прикривање на криминалот. Проблемот со блокирање на законодавниот дом е и поради криење на криминалот кој се уште се прави. До мене пристигна слика од увид на сметката на службениот телефон на Никола Груевски. Иако говорницата ми овозможува да тврдам дека тоа е вистина, не тврдам туку барам службите да проверат дали е вистина. Од службениот премиерски телефон кој што го плаќа владата на Македонија, во период од 1 март до 1 април 2017 година Груевски направил сметка од 184.000 денари за роаминг. Дали македонските граѓани ги плаќаа координациите кои тој ви ги правеше од Малта – праша Богоевски.

Претседавачот на Собранието, Трајко Вељаноски му рече на Богоевски дека можат да се обратат до генералниот секретар на владата за да им објасни за сметките.

– Вие се претворивте во агенти, ги проверувате сметките на телефоните. Имате генерален секретар на влада идете кај него тој ќе ви објасни – рече Вељаноски.

smetka mobilen gruevski


Авион на „Туркиш ерлајнс“ не полета од Скопје поради безбедносни причини


Скопје, 23 ноември, 2016 - 22:34 (META) 

Летот од Скопје за Истанбул со број ТК1006 на компанијата „Туркиш ерлајнс“ е одложен, пишува на веб-страницата на аеродромот „Александар Велики“.

Наводно, летот во 20 часот и 40 минути бил одложен поради безбедносни причини, бидејќи, според информации од патниците, во авионот бил пронајден телефон што никој не го пријавил за загубен, а во согласност со безбедносните правила, патниците биле евакуирани.

Во авионот била и делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов, која требало да патува за Истанбул, па оттаму за Мадагаскар.

Според сведочењето на новинарката на телевизија „Нова“, поради безбедносни причини, делегацијата со претседателот нема да го продолжи патувањето, а по извршената проверка, другите патниците ќе го продолжат летот.

Засега нема официјални информации за причините за одложувањето на летот од страна на МВР и „ТАВ аеродроми“.


Чувар во скопскиот затвор примал поткуп


Скопје, 14 август, 2016 - 11:20 (META) 

Oдделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против лицето 22-годишниот М.К. од Скопје, вработен како помлад надзорник за внатрешно и надворешно обезбедување во Казнено поправна установа „Затвор Скопје“ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“.

Имено, пријавениот искористувајќи ја својата службена положба со намера да се стекне со противправна имотна корист, примил ветување за награда–поткуп од засега неутврдена вредност од лицето Н.А. (татко на притворено лице) за да изврши службено дејствие кое не смее да го изврши односно на притвореното лице Ш.А. (син на Н.А.) да му предаде телефонски апарат кој притворените лица не смеат да го имаат, соопштуваат од МВР.

Истиот ден околу 1 часот од страна на претпоставени лица од КПУ „Затвор Скопје“- Скопје извршена била контрола и кај М.К. биле пронајдени два мобилни телефонски апарати и банкнота во апоени од 50 евра, при што истиот бил приведен.

Од страна на судија на претходна постапка, и одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.


СДСМ отвори телефонски број за пријавување нерегуларности во избирачкиот список


Скопје, 9 март, 2016 - 11:25 (META) 

Од денеска граѓаните ќе можат да пријават нерегуларности во избирачкиот список на директниот телефонски број 02/ 3293-109. Потоа правниот тим на СДСМ ќе ги проследи овие пријави во соодветна законска форма до Државната изборна комисија, соопштија денеска од СДСМ.

„Jавноста секојдневно се запознава со нови и нови примери за хаосот во избирачкиот список. Огромниот број лица запишани на иста адреса и фантомските гласачи го потврдуваат тоа што СДСМ го говори цело време, дека Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ спроведувале криминални избори. Секој нов пример отвора нови нелогичности, нови сомнежи. На една адреса во Скопје каде што се запишани вкупно 66 лица, еден гласач, со исто име и презиме е запишан и на адреса во Ресен и на адреса во Демир Хисар. На друга адреса во Скопје каде што се запишани вкупно 30 лица, двајца гласачи од таа адреса со исти имиња и презимиња фигурираат и на адреса во Ресенско“, стои во соопштението.

Хаосот, велат од СДСМ, кој реално постои со избирачкиот список е резултат на криминална политика која години по ред го крадела правото за глас на граѓаните.

„Прочистен, веродостоен избирачки список е еден од условите за фер и демократски избори во Македонија. Затоа независната институција, Државната изборна комисија, мора да обезбеди целосно прочистување на избирачкиот список за во Македонија да важи правилото еден човек – еден глас. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги охрабрува граѓаните да продолжат да го проверуваат избирачкиот список и да го искористат законското право да пријават неправилности до Државната изборна комисија. СДСМ се става на располагање на сите граѓани за што отвори и посебен телефонски број за пријавуање на нерегуларностите во избирачкиот список. Во Македонија мора да има и ќе има слободни, фер и демократски избори, со прочистен избирачки список и со слободни медиуми“, се заклучува во соопштението од СДСМ.


Косово доби меѓународен телефонски код


Приштина, 22 мај, 2015 - 10:39 (META) 

Косово доби меѓународен телефонски код, кој ќе биде 383, соопшти косовската министерка за дијалог, Едита Тахири.

Тахири, по посетата на Брисел, соопшти дека со Србија постигнале договор Косово да добие меѓународен телефонски код 383 од Меѓународната телекомуникациска унија.

– Барањето во име на Косово ќе го поднесе Австрија. Добивањето телефонскиот код за Косово е од исклучително големо значење бидејќи Косово ќе има сопствен код, како што има секоја држава – рече Тахири.


„Нексус 5“ повлечен од продажба


Маунтин Вју, 16 март, 2015 - 15:19 (META) 

„Гугл“ официјално го повлече од продажба телефонот „нексус 5“. Компанијата уште кон крајот на декември минатата година соопшти дека од 11 март, претходната генерација „нексус 5“ ќе биде повлечена од нивната официјална веб-страница.

Моделот кој го произведува „Ел-Џи“ имаше голем успех меѓу корисниците, пред сè поради солидниот хардвер и ниската цена.

Наместо тоа, сега е достапен само моделот „нексус 6“, кој го произведува „Моторола“ и чија цена е значително поголема во споредба со „петката“.


„HTC one M9“ ќе има врвни камери и 64-битен процесор


Пекинг, 6 јануари, 2015 - 16:01 (META) 

Паметниот телефон „HTC one M9“ ќе има 64-битен процесор и одлични камери на предната и на задната страна.

Според најновите информации, уредот има 64-битен осумјадрен процесор „snapdragon 810“ и работна меморија од три гигабајти.

Покрај ова, „Ха-Те-Це“ се откажува од конфигурацијата „DUC camera“ која е присутна кај паметниот телефон „HTC one M8“ и наместо тоа се одлучи за предна камера од 13 и задна камера и од 20,7 мегапиксели.

Гласините за екран „quad HD“ не се точни, бидејќи „HTC one M9“, според новите информации, ќе има петинчен екран со резолуција од 1920×1080 пиксели.

Уредот ќе користи оперативен систем 5,1 „лолипоп“, а ќе има и „освежена“ верзија на корисничкиот интрефејс „сенс“. Се очекува дека новиот телефон ќе биде претставен во март.


Пристигнува освежен „moto G“


Бразилија, 2 јануари, 2015 - 13:12 (META) 

Компанијата „Моторола“ ќе го унапреди моделот „moto G“ со поддршка за „LTE“, како и со посилна батерија.
Како што наведува „Андроид полице“, покрај 4G LTE и батерија од 2390 милиампери, пристига и повеќе простор за чување податоци, 16 гигабајти.
Остатокот од машината е ист: пет инча, 720п Ај-Пи-Ес, процесор „snapdragon 400“, уредот ќе дојде со оперативниот систем „андроид 4.4.4“, а надградбата на верзијата „лолипоп“ веднаш е достапна.
Новата верзија на „moto G“ прво ќе пристигне во Бразил, а потоа во САД и во остатокот од светот.
Информациите за новата верзија беа случајно објавени на бразилскиот сајт на „Моторола“, но набргу беа повлечени.


„Кодак“ ќе претстави паметен телефон на „Консумер електроникс шоу“


Лас Вегас, 28 декември, 2014 - 16:51 (META) 

Пионерот во производството на фотокамери на саемот „Консумер електроникс шоу“ во јануари ќе претстави паметен телефон со „андроид“ за љубителите на фотографијата. Од „Кодак“ потекнува само името.

Многумина љубители на фотографијата уште веруваат во „Кодак“ иако фирмата во меѓувреме банкротираше и потоа се преориентира на дигитален печат. На „Консумер електроникс шоу“ ќе биде претставена нова серија паметни телефони со „андроид“, коишто ќе овозможат висококвалитетно фотографирање со едноставно ракување. Добриот квалитет на камерата се подразбира, а се најавуваат и солидни апликации за обработка и за дистрибуција на фотографии.

Други детали засега не се познати. Производител на телефонот не е „Кодак“, туку групацијата „Булит“.

Освен паметниот телефон, „Кодак“ ќе претстави и флеш-дискови и други уреди за запишување, батерии и полначи, како и вообичаеното изобилство од прибор за фотографирање.