Тела на шестмина мигранти пронајдени во близина на Ланзароте


Мадрид, 15 јануари, 2018 - 19:20 (META) 

Тела на шестмина мигранти се пронајдени во близина на Канарските острови, соопшти шпанската полиција.

Спасувачките служби наведоа дека, телата на петмината мигранти биле пронајдени во голем гумен чамец во близина на островот Ланзароте, додека шестиот починал подоцна откако бил извлечен од водата.

Полицијата подоцна пронашла 18 мигранти кои успеале да допливаат до крајбрежјето. Илјадници мигранти секоја година тргнуваат од Африка со надеж дека ќе стигнат до крајбрежјето на Европа, ризикувајќи ги своите животи.


Наместо во капела, погребник од Охрид ги оставал покојниците во комбе во двор


Охрид, 26 мај, 2017 - 15:26 (META) 

Сопственик и управител на погребалното претпријатие „Мирен сон“ со Охрид, подолг период починатите лица наместо да ги остава во капела ноќта пред погребот, ги чувал во комбето паркирано во дворот на неговото претпријатие. Поради тоа СВР Охрид против 51-годишниот Д.Ш. поднесе кривична пријава за несовесно работење во служба.

Иако не плаќал за чување на покојниците во капела, тој по погребот на покојниците на гробиштата во некои села, на роднините им наплаќал и за превоз до градските гробишта, влез во нив и за чување на телата во капелата.

Согласно Закон за гробишта и погребални услуги, пријавениот бил должен телата на починатите лица да ги однесе на чување во капела во ЈП „Градски гробишта”, а потоа од таму да ги подигне и да ги одвезе до гробиштата.


Повеќе од 100 мигранти се удавиле во бродска несреќа во близина на Либија


Завија, 22 февруари, 2017 - 20:56 (META) 

Повеќе од 100 мигранти се удавиле во бродска несреќа во близина на брегот на Либија, јавуваат светските медиуми.

Пред неколку дена, телата на 74 мигранти биле исфрлени на брегот на либиски град Завија, но тогаш не се знаеле причините за смртта.

Според изјавите на еден од преживеаните мигранти, на бродот имало 133 лица, а само 24 од нив се спасиле.


Израел веќе нема да ги враќа телата на убиените Палестинци


Тел Авив, 2 јануари, 2017 - 16:10 (META) 

Израел најави дека веќе нема да ги враќа посмртните останки на палестинските екстремисти, туку дека ќе ги погребува.

Одлуката е донесена како настојување на Израел да изврши притисок на Хамас да ги врати двајцата Израелци кои, како што се верува, се држат како заложници.

– Политичко-безбедносниот кабиент расправаше за политиката на третман на телата на терористите од Хамас убиени за време на терористички напади и одлучи дека нема да бидат враќани, туку ќе бидат погребани – наведе израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот безбедносни кабинет едногласно ја изгласа одлуката да престане враќањето на посмртните останки на екстремистите на Хамас.

Израел понуди размена на десетина жители на Газа за двајцата Израелци, но Хамас тоа не го прифати.


Извлечени 162 тела на мигранти од Средоземното Море


Каиро, 23 септември, 2016 - 18:45 (META) 

Египетските власти денеска соопштија дека до сега се извлечени 162 тела на мигранти од Средоземното Море, а се стравува дека бројката е поголема, бидејќи пред три дена се првертел брод недалеку од египетското крајбрежје.

Бродската несреќа се случила 12 километри од градот Розета, а се проценува дека на бродот се наоѓале од 450 до 600 мигранти.

Од нив 150 преживеале, а меѓу жртвите имало многу жени и деца. Спасувачката акција се уште трае.

 


Завршена идентификацијата на телата на загинатите во авионската несреќа


Скопје, 10 септември, 2016 - 18:46 (META) 

Од 19 часот синоќа, кога во Институтот за судска медицина во Скопје пристигнале роднините на загинатите во авионската несреќа кај селото Кожле, до 5 часот утрово траела постапката на идентификација на загинатите преку ДНК-анализа, потврди Институтот за судска медицина, пренесува „Телма“.

Со споредба на примерок од ДНК од роднините и од жртвите е утврден идентитетот на шестмината италијански државјани што настрадаа во падот на „пајперот“. Како што пренесоа медиумите, станува збор за лицата чии имиња претходно беа објавени.

Во процедура е подготовката на транспортот на телата на петте италијански државјани во нивната земја, додека косовскиот државјанин со италијански пасош, Висар Бегај, ќе биде погребан во Косово.

Истрагата за утврдување на причините за несреќата продолжува понатаму, со анализи на прибраните докази.

Авионската несреќа се случи во вторникот оваа недела, околу 17.40 часот, во близина на селото Кожле. Авионот од типот „пајпер“ летал од Тревизо за Приштина, а на скопскиот аеродром бил пријавен за дополнување гориво.


Заврши обдукцијата на загинатите во авионската несреќа, ќе се утврдува идентитетот


Скопје, 9 септември, 2016 - 18:30 (META) 

Обдукцијата на телата на загинатите патници во авионската несреќа што се случи во близина на селото Кожле заврши, јави „Телма“.

Обдукцијата покажала дека смртта настапила брзо, а жртвите имале тешки механички повреди предизвикани од падот на авионот.

Роднини на загинатите патници треба да пристигнат во Скопје и со помош на ДНК-анализа ќе се утврдува идентитетот на загинатите.

Во истрагата за падот на авионот, освен Јавно обвинителство Скопје, се вклучи и италијанското обвинителство од Тревизо.

Шест лица, од кои пет мажи и една жена, загинаа во падот на авионот „пајпер“ што на 6 септември се урна во близина на скопскиот аеродром „Александар Велики“, во атарот на селото Кожле.


Пронајдени сите тела на патниците во „пајперот“


Скопје, 7 септември, 2016 - 16:26 (META) 

Увидните екипи, кои се на местото каде вчера се урна италијанскиот авион, од типот „пајпер“, ги пронашле телата на сите шест починати патници, соопшти Јавното обвинителство.

„Станува збор за пет мажи и за една жена. Телата се подготвени за пренесување во Институтот за судска медицина, каде во наредниот период по налог на јавен обвинител ќе следува постапка за идентификација“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Италијанските медиуми претходно објавија дека авионот го управувал пилотот Франческо Монтањер, претседател на аероклубот во Тревизо, а во него биле уште потпретседателот на клубот, Дарио Бастасин, како и Лука Дале Муле, Италијанката Илариа Берти, Ангело Калегари и Косовецот со италијански пасош, Висар Бегај.

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека се врши распит на двајца пилоти од Италија кои со други две летала слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, а било повикано и стручно лице, „компетентно за овој вид несреќи“. Оттаму соопштија дека бил обезбеден и дрон кој треба да изврши снимање од воздух на теренот каде што се случила авионската несреќа, а снимките треба да помогнат за утврдување на динамиката на движењето на леталото и начинот на кој дошло до несреќата.

Авионот, кој вчера околу 17.40 часот исчезна од радарот на скопскиот аеродром „Александар Велики“, летал од Тревизо за Приштина. На скопскиот аеродром бил уредно пријавен за дополнување гориво.


Италијанската морнарица спасила 500 мигранти во Средоземно Море


Рим, 5 септември, 2016 - 16:24 (META) 

Италијанската морнарица денеска спасила речиси 500 мигранти недалеку од брегот на Либија, јавуваат светските агенции. Во спасувачката акција биле пронајдени и телата на шестмина мигранти кои испаднале од гумен чамец, кој почнал да се полни со вода.

Два патролни брода и два хеликоптери на италијанската морнарица сè уште трагаат по преживеани и по жртви.

Хеликоптерите кои учествувале во денешната спасувачка оепрација се стационирани на италијанскиот носач на авиони „Гарибалди“, кој е главниот брод во мисијата на Европската Унија против шверцот на мигранти во Средоземно Море.

Според податоците на УНХЦР, до крајот на август годинава, во Италија пристигнале околу 115.000 мигранти.

Бројот на загинати мигранти на патот од Северна Африка кон Италија, според последните податоци, е едно лице на секои 42, додека лани, тој беше еден спрема 52 преживеани.


Семејствата ги подигнаа телата на 11 загинати во поплавите


Скопје, 9 август, 2016 - 12:14 (META) 

Дел од семејствата на загинатите од поплавите во Скопје доцна синоќа ги земале телата на 11 од жртвите, а во капелата на АД „Бутел“ се уште се наоѓаат уште три тела кои треба да бидат подигнати.

Семејствата на 14 жртви во невремето вчера не можеа да ги земат посмртните останки на своите блиски поради административни проблеми, односно им се бараат документи за причините за смртта на лицата.

Од АД „Бутел“ за „Мета“ велат дека проблемот е решен и дека поголемиот дел од телата се земени. Оттаму информираат дека е утврдена процедура според која блиските на жртвите можат да ги подигнат телата.

– Службениците од АД „Бутел“ на претставниците на семејствата им издаваат белешка од МВР од одделот за потраги со која семејствата одат на нотар каде потпишуваат дека лицето е починато во поплавите. Потоа семејствата одат во Итна помош, односно во поликлиника Букурешт каде им се издава документ/лист за идентификација со кој семејствата потоа можат да го погребат телото, да извадат умреница и други потребни документи – велат од АД „Бутел“.

Неофицијално дознаваме дека целиот проблем со подигањето на телата на загинатите настанал поради пропусти кај надлежните органи односно поради неизлегувањето на Јавен обвинител на местата каде што се најдени телата.

Со ваквата процедура и заверувањето изјава кај нотар, семејството на жртвите се изложуваат на дополнителни трошоци околу процедурата за погребување на нивните најблиски.