Кочанска текстилна фабрика казнета за неплатена празнична работа


Кочани, 7 февруари, 2017 - 17:49 (META) 

Работници од текстилна фабрика од Кочани работеле на празник. Но, кога ја зеле платата, не биле платени празнично, односно дополнителни 50 отсто за тој ден, како што налага законот. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија ја прибрал документацијата и побарал увид од Трудовиот инспекторат, кој го потврдил прекршувањето на закон и наложил санкција.

Ова е една од десетината пријави што ги поднел Хелсиншкиот комитет за текстилни фабрики од Штип и од Кочани. Според законот, доколку работодавецот пријави дека ќе работи на празник, како што бил случајот со кочанската конфекција, на крај од месецот и исплатата треба да биде според бројот на пријавени и работени празници, е аргументот на Хелсиншки комитет. Во конкретниот случај, работодавецот пријавил дека ќе работи компанијата на празник, 63 работници се пријавиле на работното место на празник, но на крај добиле редовна дневница. Со ова, компанијата го прекршила Законот за работни односи и Општиот колективен договор.

Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права вели дека ова е своевидно предупредување за работодавците, но и за институциите.

– Сакаме да ги натераме институциите, пред сè, Трудовиот инспекторат сам да реагира, а не само по пријави како нашите. И не само за прекршување на законот во делот на работењето на празник, туку и за другите, кои се редовна практика во текстилните компании – вели Чаловска.

Во отсуство на синдикалното организирање по текстилните компании, ова е ретка позитивно решена иницијатива, која според Хелсиншки комитет, нема да биде единствена. Организацијата најавува интензивна работа со прекршувањата на законот и на правата на работниците во текстилните компании.


Почина текстилна работничка во Штип


Штип, 8 јули, 2015 - 17:43 (META) 

Педесет и осумгодишна текстилна работничка од Штип почина на своето работно место во штипската компанија „Јагја Мезлер“.

Иако првично се шпекулираше дека топлото време е причина за смртта на Ленче Владикова, лекарите велат дека смртта настапила поради срцеви проблеми, кои таа ги имала подолго време. Техничкиот директор во турската компанија, Перо Димитров, вели дека работничката починала околу 9 часот, додека со двете нејзини колешки се подготвувале за појадок.

– Работничката со нејзините колешки отишла во гардеробата да си ја земе храната и кога почнале да го делат оброкот, одеднаш ѝ се слошило и, како што ми објаснија другите колешки, едноставно само се поднаведнала. Колешките ја придржале да не падне. Ја спуштиле на подот, а таа се онесвестила – раскажува Димитров.

Другите работниците веднаш повикале Итна помош, но лекарот само констатирал смрт кај работничката.

Во меѓувреме, екипата пружила помош и на другите работнички, на кои им се слошило од силниот шок. Раководството и работниците се вознемирени од несреќниот настан кој се случи во нивната фирма.

Техничкиот директор Димитров вели дека Владикова поради срцевите проблеми кои ги имала, работела само прва смена.

Раководството смета дека фабриката ги има обезбедено сите услови за заштита при работа.

Ова е прв случај годинава во штипска текстилна конфекција работничка да почине на работното место.

В.К.