МТСП: Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15


Скопје, 9 јануари, 2019 - 11:49 (META) 

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените, информираат од Министерство за труд и социјална политика (МТСП).

Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.

„Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон. Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството“, се вели во соопштението.

Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценри од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

„Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131“, се додава во соопштението.


Тевдовски: Пораст на платите во текстилната и кожарската индустрија и до 21 отсто во март


Скопје, 22 мај, 2018 - 13:52 (META) 

Податокот кој го објави Државна статистика за растот на платите е показател дека економските политики и мерки кои ги спроведува Владата даваат резултати, рече министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на прес-конференција пред Владата.

Тој се осврна на објавата на Статистика за раст на мартовската плата за 5,6 отсто на годишно ниво.

– Ако се погледнат првите три месеци годинава во однос на првите три месеци минатата година, растот е околу 5 отсто. Тоа е пред се поради една од првите мерки која ја донесовме, односно зголемувањето на минималната плата, која придонесе околу 90.000 работници во Македонија да имаат поголеми плати. За нас е важно што растот кај платите е предизвикан пред се од растот кај оние работници кои имаат најниски плати. Станува збор за работниците од текстилната, кожарската и индустријата за производство на облека. Тие претходно имаа неправедно пониско ниво на минимална плата – рече Тевдовски.

Тој додаде дека последниот извештај за платите во овие три индустрии за текстил, облека и кожа, растот на платите во март годинава во споредба со март лани се движи помеѓу 15 и 21 проценти.


Индустриското производство со благ пораст во последната година


Скопје, 31 октомври, 2017 - 9:55 (META) 

Индустриското производство во септември годинава, било малку зголемено во однос на септември 2016 година. Некои дејности во изминатата година имале позначителен пораст, додека некои забележале драстични падови. Пораст забележале секторот текстил и производството на машини и на уреди.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во септември 2017 година, во однос на септември претходната година, изнесува 100,3.

Порастот на производството на преработувачката индустрија се темели, пред сè, на зголеменото производство на тутунски производи, зголеменото производство на текстил, на други
неметални минерални производи, на електрична опрема, на машини и уреди.


Компаниите во ТИРЗ, нелојална конкуренција за текстилните фабрики


Скопје, 10 октомври, 2016 - 13:26 (META) 

Компаниите во технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) се нелојална конкуренција на текстилните фабрики, бидејќи квалификувани работници заминуваат да работат кај странските инвеститори кои се ослободени од плаќање давачки за нив.

Ова денеска го истакна претседателот на Здружението на текстилната индустрија и конфекција при Стопанска комора на Македонија, Ангел Димитров.

– Се случува обучени работници, во чија едукација сме вложувале 20 години и за кои сме плаќале придонеси, да ги напуштат текстилните компании и да заминат во некоја од фабриките во ТИРЗ за 1.000-2.000 денари поголема плата. Тие се ослободени од плаќање на придонесите за вработени и од тие пари им се дава не многу повисока плата на работниците. Ние не можеме да го забраниме тоа право на работниците, но бараме одредено изедначување во однос на поволностите. Ослободувањата од давачките за странските компании нека важат за вработувања на лица кои не се вработени, односно се во евиденцијата на Агенцијата за вработување, а не за веќе обучени кадри – додава Димитров.

Поради овој тренд, сè повеќе се намалува бројот на вработени во текстилните фабрики. Од 2007 година, бројот на работници во текстилната индустрија е намален за 6.000 лица. Според Димитров, на овој начин се прави и дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој со трансферот на работниците останува без парите што дотогаш текстилните компании ги плаќале за нив.

Во однос на состојбите во текстилната индустрија, Димитров додаде дека има огромен расчекор меѓу потребите на бизнисот и квалификуваниот кадар.

– Има прилив на високостручни кадри кои завршиле виско образование, но немаат минимално знаење. Потребно е да се создадат критериуми за тоа кој може да се запише и да заврши факултет. Ние во компаниите добиваме кадри кои немаат основни стручни познавања. Потребно е да се воведе и миниум знаење за висококвалификуван кадар – додаде Димитров.

Тој уште еднаш ја истакна потребата од соработка меѓу факултетите и стопанството, кои во моментот, според него, се во голем расчекор.

Лон-производството кај текстилните фабрики е 97 проценти од вкупното производство, а текстилните работници бараа поддршка и субвенции од државата таа структура во работата да се промени.

Имено, тие побарале од државата субвенционирање за да можат да набават современи машини со помош на кои ќе ја зголемат продуктивноста и лон производството ќе го преобразат во класично, така што би извезувале готови производи под сопствен бренд.

Во првите седум месеци извозот во текстилната индустрија изнесувал 359 милиони долари и забележал зголемување на пет проценти во однос на лани. Оваа индустрија во вкупниот извоз учествува со 11 проценти.


Германска текстилна компанија отвори погон во Велес


Велес, 9 октомври, 2016 - 15:06 (META) 

Германската компанија „СТС Текстајлс“ отвори погон во Велес во кој првично ќе бидат вработени 50 лица. Министерот Џери Наумоф и управителот на германската компанија Маркус Туц денеска го потпиша договорот за инвестирање во Велес.

Според министерот Наумоф, компанијата ќе почне со работа за една-две недели во реновиран објект, а произведениот индустриски текстил за автомобилската и за техничка индустрија ќе се извезува во Полска, Франција и во Германија.

Производствените капацитети на германската компанија ќе бидат сместени во поранешната фабрика „Нонча Камишева“, позната како поранешната „Свилара“ во Велес.

Почетната инвестиција изнесува четири милиони евра, а понатаму се очекува да бидат вработени 1.000 лица.


Уапсен шверцер на текстил и на делови за автомобили


Скопје, 18 јуни, 2016 - 11:38 (META) 

Полицијата притворила 50-годишен скопјанец осомничен за шверц и за царинска измама за поголемо количество текстилна стока и автомобилски делови.

Како што соопшти МВР, Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднела кривична пријава против Е.А. поради основан сомнеж дека на 9 јуни 2016 година прикривал стоки кои се предмет на шверц и на царинска измама.

– Пријавениот, откако на засега неутврден начин и од засега непознато лице набавил поголемо количество разновидна трговска стока: текстилна стока (1.566 парчиња блузи, 594 парчиња свечени фустани), потоа 1.373 метри завеси за дом, 3.250 најлонски вреќи, автоделови (ламели за возила, куќиште за филтер, АГР-вентили, бош-филтри, поклопец за филтер, термостати, свеќици, водни пумпи, федери за амортизери, алуминиумски грани, пластични црева, гумени навои, управувачки осовини, зглобови за ПМВ, лагери, ребрасти ремени со затегачи), како и 3.660 литри моторно масло и друго – стока за која не поседувал соодветна документација и која била предмет на криумчарање, ја натоварил во товарно моторно возило со намера дел да ја пласира на македонскиот пазар, а дел да биде пренесена преку гранична линија – се наведува во соопштението.
Според МВР, на наведениот датум, околу 18 часот, на локалниот пат село Побожје – Бродец во насока кон село Танушевци, товарното моторно возило кое било управувано од пријавениот, при извршување редовна контрола, било сопрено од полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Север. Осомничениот бил приведен и предаден во полициската станица Гази Баба, каде при извршена контрола и преглед на внатрешноста и на багажниот простор на возилото била пронајдена предметната трговската стока која заедно со возилото се одземени, а со пријавениот бил извршен разговор.

Од увидна екипа од СВР Скопје било извршено фотодокументирање на возилото, како и на пронајдената стока. Во врска со кривично правниот настан, службени лица од Државниот пазарен инспекторат – Скопје во полициската станица Гази Баба извршиле инспекциски надзор, пришто бил подготвен и записник.

Од МВР информираат дека против Е.А. поднесени се и други кривични пријави, за прикривање стоки кои се предмет на шверц и за царинска измама, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, криумчарење, лажно пријавување кривично дело и за недозволена трговија.


Извозот во текстилната индустрија се зголемува, а бројот на работници се намалува


Скопје, 21 март, 2016 - 13:05 (META) 

Состојбата во текстилната индустрија се подобрува и извозот се враќа на ниво како пред економската криза во 2008 година, што се должи на зголемена побарувачка на традиционалните партнери и пораст на економијата во Западна Европа.

Идните перспективи зависат од економската состојба на Западна Европа и од случувањата во нашата држава. Во текстилната индустрија преовладува лон-работењето, чијшто извоз изнесува 93 отсто од вкупниот текстилен извоз. На класичното производство и на извоз им отпаѓа 7 отсто.

– Долги години постои потребата од пренамена на лон во класично производство, кое, пак, е сè помало низ годините. Во оваа насока, текстилните фирми бараат да бидат ослободени од плаќање данок на додадена вредност при извоз на готови текстилни производи, бидејќи не е воопшто стимулирачки – изјави претседателот на Здружението на текстилна индустрија и конфекција, Ангел Димитров.

Според него, конфекциите имаат и нелојална конкуренција во компаниите во технолошко-индустриските зони (ТИРЗ) кои имаат даночни олеснувања и ослободувања од плаќања на придонеси за работниците. Бројот на вработени во текстилната индустрија бележи постојан пад, па така во 2007 година изнесувал 43.848, а во 2014 година – 37.841.

– Препораката е овие компании да вработуваат невработени лица или ако веќе ги преземаат обучени од македонските компании, да плаќаат придонеси за нив. Платите ќе се зголемуваат бидејќи младите не сакаат да работат за 200 евра, завршуваат какво-такво високо образование за кое бараат државна администрација или сакаат да работат во странство. Просечната нето-плата е 14.100 денари, а за да ги задржиме работниците, ќе продолжи трендот на пораст на платите. И компаниите во ТИРЗ покажаа дека за оваа дејност платите не можат да бидат повисоки – додаде Димитров.

Според него, странски инвеститори гледаат да остварат профит, а не да ја развијат економијата на Македонија. Затоа, како што вели, „не е ни чудно што и покрај тоа што влегуваат странски компании, податоците на Народна банка покажуваат 150 милиони евра инвестиции“.

– Целата дивиденда се изнесува надвор, така што можеби следните години ќе имаме негативни вредности на инвестициите и покрај влезот на странски компании – додава Димитров.

На прашање на „Мета“ во однос на тоа што ќе се направи за подбрување на положбата на текстилните работници, со оглед на неплатената прекувремената работа и тоа што отсуството за работа се наплаќа повеќе од дневницата што работниците ја земаат, Димитров одговори дека ваквите појави се сè поретки.

– Во Македонија има огромен расчекор во однос на законите и како тие функционаат во практика. Правата на работниците се заштитени со голем број закони, така што проблемите во практика се сè помали. Казните за работодавците се поголеми, а исто така и работниците може да избираат каде сакаат да работат – одговори Димитров.

Лани, во однос на 2014 година, кај производство на ткаенини имаме зголемување од 14,8 проценти, а производството на облека е зголемено за 6,7 отсто.

Извозот на текстилната индустрија изнесува 596,4 милиони долари и учествува со 13,3 отсто од вкупниот извоз на Македонија.

Германија, Грција, Италија, Холандија се најголеми партнери во оставрување на извозот на облека.


Опаѓа трговската размена на текстил и на облека


Скопје, 7 октомври, 2015 - 16:48 (META) 

Mинистерот за економија, Беким Незири, денеска се сретна со седум најдоминантни извозно ориентирани текстилни компании.

Повод за средбата е регистрираниот пад во трговската размена на текстил и на облека, кој изнесува 22,2 проценти за првите седум месеци годинава, во споредба со истиот период минатата година.

Ако во дадениот период во 2014 година извозот на текстил и на облека достигнал вредност од 465 милиони долари, годинава за истиот период тој изнесува 362 милиони долари.

Станува збор за намалување на обемот на размена првпат по подолго време, при што министерот Незири побара директно од компаниите, чие учество во извозот на текстил и на облека е поголемо од 50 проценти, да слушне на што се должи ова и кои се предвизвиците со кои се соочуваат текстилците во своето работење.

– Текстилната индустрија има големо значење во македонската економија, бидејќи апсорбира повеќе од 35 проценти од вработените, бројот на вработувања, особено во секторот производство на текстил бележи пораст, станува збор за извозно ориентирана индустрија и е флексибилен сектор во однос на барањата на странските партнери. Алармантен е податокот за драстичен пад на извозот на облека во седум земји, и тоа Велика Британија, Холандија, Бугарија, Германија, Чешка, Италија и Грција, кои спаѓаат во првите 20 земји со кои Македонија има најголем обем на трговска размена – истакна Незири на средбата, отворајќи неколкучасовна дискусија со текстилците за нивните најгорливи прашања.

Еден од проблемите со кои се соочува текстилната индустрија е миграцијата на кадри од текстилниот сектор од домашните компании кај странските инвеститори од текстилниот сектор, кои се позиционирани во зоните, а на ова се надоврзува и проблемот со недоволен број на образован кадар во средното образование и на техонолошките факултети, кој би одговорил на потребите на текстилната индустрија.

Во сегментот на трговијата, претставниците на текстилните компании ја истакнаа потребата од надминување на бариерите во царинските процедури и проблемот на управување со отпад. Во насока, пак, на обезбедување поволни кредити на подолг рок за набавка на опрема и на технологија, текстилците побараа поддршка од Владата за поттикнување на комерцијалните банки за создавање поповолни услови за вакво наменско кредитирање.


Производството на облека е зголемено за 11,5 проценти


Скопје, 4 мај, 2015 - 13:47 (META) 

Производството на ткаенини во 2014 година е зголемено за 6,5 проценти во однос на 2013 година, а кај производството на облека зголемувањето изнесува 4,6 проценти. Во првите два месеца од 2015 година, кај производството на ткаенини има зголемување на производството за 0,9 проценти, а кај производството на облека зголемувањето е од 11,5 проценти во однос на истиот период лани.

Од 2007 година до 2010 година, бројот на вработени во текстилната индустрија бил намален за 40 проценти. Но, по закрепнувањето на економијата од 2010 до 2014 година, 20 проценти од нив биле вратени.

– Заживувањето на економијата во Европската унија доведе до продолжување на договорите и до задржување на најзначајните партнери од западноевропските земји, што влијаеше дел од работниците да се вратат повторно. Но, она што е негативно во изминатиот период е порастот на доларот во однос на еврото, што влијаеше на зголемување на цената на репроматеријалите кои се набавуваат од Далечниот Исток. Затоа, нашите партнери од Геманија притискаа врз производителите, во случајот нашите текстилни фабрики, да ги намалат цените на лон-работењето, за да не се зголеми цената на крајниот производ – изјави Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилна индустрија и конфекција при Стопанската комора.

Според Димитров, вложувањето во модернизација на производството ќе ја зголеми продуктивноста на работниците и притоа ќе помогне конфекциите да останат конкуретни. Во спротивно, германските партнери ќе се префрлат во земји каде работната сила е поевтина.

Во текстилната индустрија, во Македонија преовладува лон-работењето, кое се сведува, главно, на шиење како еден од најнедоходовните видови соработка со странските партнери. Во вкупниот извоз, лон-работењето учествува со околу 93 проценти, а на класичното производство на извоз отпаѓаат 7 проценти.


Формална поделба на К15 во текстилната индустрија?!


Штип, 25 декември, 2014 - 15:28 (META) 

Законски е почитувана нормата. Работниците го добија својот регрес за годишен одмор, но, според нивните изјави, кои немаат официјална потврда, парите пак се вратија во касите на фирмите. Текстилната индустрија, која вработува 40.000 луѓе, не е исклучок од другите компании, кои го применија овој начин. Меѓутоа, претседателката на Текстилниот кластер, Мирјана Перковска, вели дека без потврда, тоа се само гласини.

– Таква информација ние немаме и сигурно нема да ја добиеме. Не би навлегувала во тоа дали е вистина или е шпекулација и дали е тоа случај во текстилните компании или воопшто во македонските компании. Многу е неблагодарно да шпекулираме – изјави Перковска.

Текстилниот кластер учествувал во донесувањето на законот и уште тогаш предупредил дека можностите се ограничени.

– Масата на пари е таа. Како ќе ја распоредите и како ќе ја поделите, се прилагодувате на законските регулативи. Но, не смее да се заборави дека ниедна инстустриска гранка, ниту текстилот, не е печатница за пари. Едноставно, што ќе се заработи, тоа ќе се подели – вели Перковска, според која 2015 година, која се најавува како тешка и предизвикувачка година на ниво на светска економија, како таква ќе се почувачувствува и кај нас.

– Случувањата на релација Европа – Русија, не може да останат без последици, сепак станува забор за повеќе од 200 милиони потрошувачи. Македонија со своите капацитети, со својата близина и искуство, сепак, не би требало многу да ги почуствува овие тубуленции – смета претседателката на Текстилниот кластер, Мирјана Перковска.

Во Штип беше означен крајот на проектот за приближување на образованието до бизнисот. Ученици од средното текстилно училиште се стипендирани од штипските конфекции со 2.000 денари месечно. Во замена, учениците практичната настава ја изведуваат во овие компании. За училиштетото тоа е добар стилмул, кој ја придвижи оваа образовна инстутуција, која последните години успеваше да запише по одвај триесетина ученици во прва година.

В.К.