!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Осум убиени и двајца повредени во престрелка во Тексас


Плано, 11 септември, 2017 - 11:14 (META) 

Осум лица синоќа загинаа во престрелка во куќа во тексашкиот град Плано, кој се наоѓа на 30 километри североисточно од Далас.

Портпаролот на градската полиција, Дејвид Тајли, изјави дека полицијата добила пријава за пукотница, а кога пристигнала на местото, напаѓачот отворил оган врз полицајците, кои веднаш возвратиле и го усмртиле.

Во престрелката се повредени уште две лица, но не е позната нивната здравствена состојба.

Жртвите и осомничените не се идентификувани, а познато е дека сите загинати и ранети се возрасни лица.

Засега не се откриваат детали за настанот, а истрагата е во тек.


Конгресот одобри 15 милијарди долари за штетите од ураганот Харви


Вашингтон, 9 септември, 2017 - 12:44 (META) 

Претставничкиот дом на САД, а потоа и горниот дом – Сенатот, вчера усвоија закон за доделување 15 милијарди долари за помош на настраданите и за обновување на оштетените објекти од ураганот Харви.

Пратениците го усвоија законот со 316 гласа „за“ и 90 „против“.


Трамп од Конгресот побара 7,9 милијарди долари за обнова на Тексас


Хјустон, 2 септември, 2017 - 13:52 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека има уште многу работа да се направи за да се обнови Тексас по ураганот Харви и од Конгресот побара 7,9 милијарди долари за обновата.

Гувернерот на јужната американска држава, Грег Абот, оцени дека за тоа ќе бидат потребни години. Тој соопшти дека и државните и сојузните власти помагаат во намалување на штетите.

„Тексас се обновува бргу благодарение на сите големи луѓе кои напорно работеа“, напиша Трамп на „Твитер“.

Трамп утре повторно ќе отиде во Тексас, каде што при поплавите што ги предизвика ураганот загинаа 47 лица, а повеќе од 1.000 се раселени.

Харви минатиот петок го погоди брегот на Тексас како ураган од четврта категорија, а подоцна премина во тропска бура.


Повеќе од 20 загинати во Хјустон, воведен полициски час поради кражби


Хјустон, 30 август, 2017 - 10:18 (META) 

Во Хјустон е прогласен полициски час додека градот се бори со последиците од ураганот Харви, кој кон крајот на минатата недела ја погоди американската сојузна држава Тексас.

Невремето донесе рекордни количества дожд, големи делови од градот се поплавени, многу домови се уништени, а повеќе од 20 лица ги загубиле животите, пренесува „Би-би-си“.

Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, изјавил дека полицискиот час морало да биде воведен за да се спречат кражби во домовите на евакуираните граѓани.

Полицискиот час ќе биде на сила од полноќ до 5 часот наутро по локално време. Тој нема да важи за волонтерите и за спасувачите.

Градските власти регистрирале случаи на кражби, вооружени грабежи и лица кои лажно се претставувале како полицајци.

Претседателот Доналд Трамп вчера го посети Тексас за да ги види на самото место шетите од ураганот Харви и изјави дека станува збор за невреме од „епски размери“.


Нивото на водата во Тексас се очекува да се зголеми, Хјустон парализиран


Хјустон, 29 август, 2017 - 11:20 (META) 

Нивото на водата би можело дополнително да се зголеми по силните дождови од ураганот Харви, кој го зафати Тексас и однесе осум човечки животи, соопштиле властите на оваа сојузна американска држава, јавуваат светските агенции.

Властите навеле дека се ангажирани илјадници војници, полицајци, спасувачки екипи и цивили, кои со помош на хеликоптери, чамци и на специјални камиони за движење низ длабока вода се обидуваат да ги спасат стотиците жители на Тексас кои и понатаму се заробени во поплавите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој денеска треба да ги посети загрозените подрачја, вети дека федералната влада на САД ќе му помогне на Тексас во „долгиот и тежок пат на закрепнување“ од ураганот.

Училиштата и административните канцеларии во Хјустон се затворени, како и главниот аеродром, повеќе автопати, железничкиот сообраќај и болниците, од кои пациентите беа евакуирани во текот на викендот.

Се очекува невремето да продолжи во Тексас и во наредните неколку дена, а според најавите, поплавите би можеле да се прошират и во сојузната држава Луизијана.

Ураганот Харви, кој е најсилен ураган што ги погодил САД од 2005 година, го погоди брегот на САД кај Тексас, ноќта помеѓу петокот и саботата минатата недела, со брзина на ветрот од 205 километри на час, движејќи се долж брегот. Ураганот во саботата ослабе на ниво на тропска бура.


МНР: Нема македонски државјани погодени од ураганот „Харви“ во Тексас


Скопје, 28 август, 2017 - 17:09 (META) 

Согласно комуникацијата остварена со надлежните служби, македонската амбасада во САД до овој момент нема сознанија за македонски државјани зафатени од катастрофалните поплави во Хјустон и околината, причинети од ураганот „Харви”, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.

Од таму додаваат дека македонската амбасада во САД е во контакт со официјалните служби, одговорни за справување со природната катастрофа, за какви било нови информации.

Македонски граѓани кои евентуално се зафатени од ураганот „Харви” можат да ја контактираат македонската амбасада во САД на телефоните 00 1 202 390 7418 и 00 1 202 667 0501.


Ураганот „Харви“ усмрти две и повреди 14 лица


Хјустон, 27 август, 2017 - 12:09 (META) 

Најмалку две лица загина, а 14 се повредени во ударот на ураганот „Харви“ во Тексас. Едно лице загинало во пожар во округот Арансас, додека другото настрадало во поплавите во близина на Хјустон. J

Се стравува дека бројот на жртвите ќе се зголеми во подрачјето меѓу градовите Корпус Крајсти и Хјустон. Властите немаат информации за штетите бидејќи лошите временски услови ги спречуваат службите за итна помош да стигнат до погодените места.

Исто така се стравува дека невремето може да трае со денови и да предизвика поплави и во самиот Хјустон.

Меѓу најпогодените крајбрежни градови е Рокпорт, кој се најде на патот на ураганот. Градоначалникот на Рокпорт соопшти дека тешко се оштетени куќи, компании и школи, а некои згради се потполно уништени.

Ветерот корнел метални огради и врати, а градоначалникот наведува дека работата на спасувачките екипи е отежната бидејќи комуникацијата е речиси невозможна.

Стотина илјади лица останале без струја, а гувернерот на Тексас, Граг Абот вели дека ќе бидат потребни денови за системот повторно да се оспособи. Во Хјустон е прогласена опасност од полава, а луѓето се повикуваат да не ги напуштаат своите домови.

Во меѓувреме ураганот „Харви“ изгубил на сила, па метеоролозите веќе го водат како тропска бура.


Ураганот „Харви“ го погоди Тексас


Остин, 26 август, 2017 - 11:46 (META) 

Ураганот „Харви“ ја погоди сојузната американска држава Тексас, но според последните информации изгубил на сила. Властите сепак предупредуваат на „поплави од катастрофални размери“. Десетина илјади лица ги напуштиле домовите. Од крајбрежниот град Рокпорт стигаат првите извештаи за штети, но засега нема информации за повредени или за жртви.

Невремето донело поројни дождови и ветер со сила и до 215 километри на час.

Повеќе градови се без електрична енергија. Гувернерот на Тексас предупреди дека може да дојде до рекордни поплави во повеќе региони. На сила е наредба за задолжителна евакуација во повеќе области.

Властите на Тексас побараа од претседателот Доналд Трамп да прогласи вонредна состојба пред доаѓањето на ураганот.
Трамп одобри прогласување зона на елементарна катастрофа.


Во Тексас почина бебе од вирусот зика


Остин, 9 август, 2016 - 20:39 (META) 

Бебе родено со тешки оштетувања на мозокот поради вирусот зика почина во сојузната американска држава Тексас, што е прв смртен случај од овој вирус во САД, соопштија денеска локалните санитарни власти.

„Бебето почина набрзо по раѓањето. Тоа е прв смртен случај од вирусот зика во Тексас“, стои во соопштението.

Во Тексас се регистрирани 97 лица инфицирани со вирусот зика, од кои две се деца со микроцефалија, оштетување на мозокот и черепот кои може да биде смртоносно.

Засега не постои лек против болеста. Се лекуваат симптомите на инфекцијата, кои наликуваат на грип со висока температура, главоболка и осип по телото. Првите симптоми се појавуваат 12 дена по каснувањето од комарец, кој е главен пренесувач на заразата.

Вирусот е идентификуван во 1947 година во шумите на Уганда. Досега бил најраспространет во подрачјето на Африка, каде има најмногу комарци, но до минатата година не се сметало дека може да предизвика сериозни последици
.


Пукање во Тексас – еден убиен и неколку повредени


Остин, 31 јули, 2016 - 10:28 (META) 

Најмалку едно лице загина, а повеќе лица се повредени во Остин, Тексас, откако вооружен напаѓач отвори оган во централното градско подрачје, соопшти локалната полиција преку социјалната мрежа „Твитер“.

Засега не се откриваат повеќе детали за инцидентот, а полицијата ги повика граѓаните да останат во своите домови додека трае престрелката.

Според извештаите на социјалните медиуми, во инцидентот се повредени меѓу четири и шест лица.
Полициски единици и екипи на брза помош веќе се пристигнати на местото на инцидентот, а според извештаите на локалните медиуми, неколку лица со прострелни рани веќе добиваат брза помош на самото место.