Линданот од малата депонија на ОХИС ќе се чисти догодина, собрани се 9 милиони долари


Скопје, 15 декември, 2018 - 7:22 (META) 

Малата депонија со линдан во кругот на фабриката ОХИС, на која има околу 10.000 тони контаминирана почва со оваа канцерогена супстанца, ќе започне да се чисти до средината на следната година, информираат за „Мета“ од Канцеларијата за за ПОПс (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски загадувачи при Министерството за животна средина.

Во март, следната година, ќе се објави меѓународен повик за избор на технологија која ќе ја исчисти малата депонија. Надлежните велат дека откако ќе заврши нејзината деконтаминацијата ќе се работи на чистење на големата депонија. Се проценува дека на двете депонии во ОХИС има помеѓу 40 и 50 илјади тони контаминирана почва со токсичниот линдан.

– Повикот ќе биде меѓународен, ќе го организира УНИДО (Организацијата на Обединетите нации за индустриски развој). Ќе се формира стручно тело, комисија која ќе ги разгледа сите понуди. Веќе знаеме многу потенцијални кандидати кои се интересирале, тоа се компании од висок ранг кои работат на третман на опасен отпад. Тие се високо стручни, имаат капацитет, големи искуства – вели Сузана Андонова од Канцеларијата за ПОПс, која работи на овој проект.

Според неа, доколку повикот се реализира во март, технологијата ќе почне со работа во мај или јуни. Процените се дека за деконтаминирање на малата депонија ќе бидат потребни од 3 до 5 години, во зависност од ефикасноста и динамиката со која ќе се работи

– Во тој период, претпоставуваме дека ќе имаме доволно време да се соберат средства за големата депонија, за што владата ќе потпише и Меморандум, затоа што тие средства се многу поголема сума од ова што сега го обезбедивме. Големата депонија ја оставивме како втора фаза бидејќи е голема и ги немаме во моментот потребните средства и ако почнеме и стигнеме до некаде ќе остане отворена и ќе има уште повеќе емисии. Целта е кога ќе се отвори да се заврши и да има континуиран третман – потенцира Андонова.

Таа вели дека компанијата која што ќе го добие тендерот, ќе биде обврзана да ја покрие големата депонија со геотекстилна мембрана за да нема понатамошни емисии, а малата депонија ќе се чисти во затворени услови.

– Малата депонија се планира да се чисти во затворени услови, во затворен балон со соодветен притисок за да се спречат било какви емисии, кревање на прашина при ископувањето. Наша цел е да минимизираме било какви дополнителни емисии. Можеби при ископ ќе се појави засилен мирис, меѓутоа реално емисиите вон тој балон ќе бидат сведени на минимум – вели Андонова.

За малата депонија, Глобалниот еколошки фонд кој што е главниот донатор, обезбедил 3 милиони долари, а Владата уште во 2014 година се сложила да прикаже 12 милиони долари за да може да се добие грантот.

– Половина од тие средства тогашната влада ги прикажа како добра, вклучувајќи ги и студиите кои што сме ги правеле, се со цел да ги добиеме овие 3 милиони долари за да почнат работите да течат. Власта вети 6 милиони реални средства и со овие 3 милиони прават вкупно 9 милиони кои ќе бидат достапни и доволни за да се исчистат 10.000 тони од малата депонија – објаснува Андонова.

Лиданот е дел групата на канцерогени супстанции ПОПС (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски загадувачи и е дел од Стокхолмската конвенција која Македонија ја има потпишано во 2009 година. Специфичните ефекти од изложеност на овие супстанци може да вклучуваат рак, алергии и хиперсензитивност, оштетување на централниот и периферниот нервен систем, репродуктивни нарушувања и нарушување на имунолошкиот систем.


DOCU.TECH ќе ги собере на едно место младите иноватори и ентузијасти за технологија


Скопје, 17 мај, 2018 - 16:50 (META) 

На 9 и 10 јуни во Креативниот центар „Термокис“ во Приштина неколку десетици ентузијасти за технологија и млади иноватори ќе имаат можност да разменуваат идеи, да дискутираат и да добијат совети на DOCU.TECH 2018 еден од најголемите технолошки настани на Балканот.

Организатори на овој настан се Фондот за Западен Балкан, кој обезбедува и дел од финансиите, како и Фондацијата Шеар од Србија и ДОКУФЕСТ од Косово.  Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“  во соработка со Фондацијата ИПКО од Косово, оваа година овозможува покривање на сите трошоци за одреден број на млади учесници од Македонија.

„Метаморфозис“ на 23 мај со почеток во 13 часот во училницата 101 на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово ќе организира Инфо-ден. Потоа веднаш ќе почне и пријавувањето, со испраќање на мотивациско писмо на англиски јазик и биографија на docutech@metamorphosis.org.mk.

ДОКУ.ТЕК е одлична можност за студентите и младите да дознаат за новите технолошки трендови, како и да сретнат еминентни говорници од целиот свет, односно познати имиња од областа на технологиите и бизнисот. Повеќе за овој настан може да прочитате на следниот линк.


„Еуромакс ресорсис“ очекува да продолжи со конструктивна соработка со Владата


Скопје, 16 април, 2018 - 10:10 (META) 

Инвестициската група „Галена“ која е подружница на реномираната канадска инвестициска група „Трафигура груп“ купила 20 отсто од акциите од „Еуромакс ресорсис“, информираат од компанијата.

Како што додаваат од таму, износот од инвестицијата  ќе се користи за континуиран развој на рудникот за злато и бакар Иловица-Штука и за општи корпоративни цели на компанијата.

„Со влезот на свеж капитал во „Еуромакс ресорсис“, компанијата која ја поседува концесијата за проектот за развој и злато Иловица–Штука, инвеститорите јасно порачуваат дека веруваат во добрата бизнис клима и потенцијалите за развој на Македонија, во интерес на локалното население, а согласно највисоките принципи за заштита на животната средина. Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), продолжува да биде значаен акционер поседува над 19 отсто од проектот, а присуството на оваа реномирана институција дополнително гарантира почитување на високите стандарди за заштита на животната средина, согласно  македонската и  европската регулатива. ЕБРД ја покажува својата континуирана поддршка на овој преокт, докажувајќи го тоа со согласност за зголемувајќи го времето за враќање на заемот“ се вели во соопштението.

Од таму велат дека компанијата одлучила да се откаже од употребата на цијанид, употребувајќи модерна рударска технологија, а преку работата на рудникот ќе придонесе за развој на економијата што ќе резултира со раст на бруто домашниот производ од 3 отсто на годишно ниво.

„Еуромакс со нетрпение очекува да продолжи со конструктивна соработка со Владата со цел да се изнајде заемно прифатливо решение за сите отворени прашања во рамките на владеењето на правото за спроведување на овој проект, што ќе биде од голем национален интерес и значење за позитивниот економски развој на Македонија, истовремено обезбедувајќи стандарди над оние утврдени од ЕУ, одржлива заштита на животната средина, и што е најважно, заштита на јавното здравје на населението“, се додава во соопштението.


„Алкалоид“ инвестираше повеќе од 2,5 милиони евра во три нови производствени погони


Скопје, 11 јануари, 2018 - 10:53 (META) 

Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ пушти во употреба три нови погони, а инвестицијата изнесува 2,5 милиони евра, соопштија од компанијата.

Од таму велат дека, новите производни одделенија, се простираат на површина од 1.000 метри квадратни, а при изведбата на сите овие проекти, имплементирани се најсовремените стандарди за добра производна пракса (GMP).

– Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции – изјави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов по повод официјалното пуштање во употреба на новите инвестициски проекти.


Министерот за финансии, Тевдовски се сретна со претставници од Светска банка


Скопје, 5 јуни, 2017 - 12:59 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска се сретна со претставници на Светска банка предводени од директорот за Македонија и Косово, Европа и Централна Азија, Марко Мантованели.

На средбата, како што соопштуваат од Министерството за финансии, бил афирмиран партнерскиот однос на Македонија со Светска банка, била разгледана состојбата на тековните проекти, како и можностите за идна соработка.

Почнувајќи од 1993 година, Светска банка е присутна во Македонија преку обезбедување на техничка помош и финансирање на 63 проекти во вредност од над две милијарди долари.

Моментно, Светска банка учествува во финансирањето на седум проекти кои се во фаза на имплементација, во износ од 331 милиони долари.

Соработката на Македонија со Светска банка се одвива во повеќе области како што се транспортна инфраструктура, општински услуги, енергија, социјална политика, образование, иновациска дејност, информациска технологија, како и во областа на туризмот.


Германија почнува со тестирање на софтвер за препознавање на говорот на мигрантите


Берлин, 18 март, 2017 - 11:39 (META) 

Германските власти почнуваат со тестирање на нов софтвер за препознавање на говор, со кој може да се одреди од која земја доаѓаат мигрантите кои немаат документи, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на соопштение на властите во Берлин.

Од заводот за бегалци и мигранти на Германија соопштиле дека новиот автоматизиран систем треба да почне да работи во рок од две недели, но, дека нема да подготвен за официјална употреба уште најмалку една година.

Целта на софтверот е да ги открие мигрантите кои зборуваат на арапски јазик и доаѓаат од Сирија, а немаат документи тоа да го докажат и на тој начин да ги зголеми нивните шанси за добивање на азил во Германија.

Лингвистите, како што пренесуваат агенциите, се скептични околу ефикасноста на новиот систем и наведуваат дека е невозможно софтверот да биде целосно прецизен, бидејќи јазикот и говорот постојано се менуваат.

Новиот софтвер треба да се користи во рамките на технологијата за утврдување на индентитет, кој е веќе во употреба, соопштиле германските власти.


На Светскиот ден на емотиконите, првиот речник на емотикони за македонски јазик


Скопје, 17 јули, 2016 - 18:11 (META) 

По повод прославувањето на 17 јули, Светскиот ден на емотиконите, се одбележа официјалното пуштање во употреба на првиот речник за емотикони на македонски јазик.

Емотикони се мали сликички што се испраќаат во кратки пораки директно од тастатурата на телефон. Сè досега, не постоеше лесен начин за тие кои говорат македонски јазик да ги најдат потребните емотикони.

„EmojiWorldBot“ е бесплатна алатка која е изградена за популарната платформа „телеграм“ за размена на инстант пораки, за корисниците да можат да најдат емотикони кои се поврзани со поими на повеќе од 70 јазици. Ако напишете „мајмун“ на македонски, ќе ви се појави сликичка на мајмун која може да ја искористите во вашите пораки и разговори.

Франческа Чиусароли, професор по лингвистика на Универзитетот „Мачерта“ во Италија и еден од основачите на алатката, вели дека луѓето користат слики за да раскажат некоја приказна уште од времето на пештерските цртежи.

„Пишувањето се разви од слики, па хиероглифи и идеограми на писма и писма. Сега светот им се враќа на сликите за некои основни комуникации, со користење на емотикони да ги поврзе луѓето преку границите и без оглед на различните јазици“, вели Чиусароли.

Сметка која е бесплатна и без реклами е сè што ви треба за да ја користите алатката. Апликацијата „телеграм“ може да биде инсталирана на кој било уред или да се користи на веб.


„Фолксваген“ на Американците ќе им исплати 14,7 милијарди долари отштета


Вашингтон, 28 јуни, 2016 - 11:24 (META) 

Германската компанија „Фолксваген“ постигна договор за исплата на 14,7 милијарди долари отштета на сопствениците на автомобили во САД, бидејќи призна дека користела софтвер за лажирање на контролата на издувните гасови.

„Фолксваген“ се согласил да ги поправи или да ги откупи автомобилите во кои е вграден спорниот софтвер и на секој сопственик да му исплати до 10.000 долари.

Договорот предвидува и уплата на 2,7 милијради долари во фондовите за заштита на животната средина и уште две милијарди за истражување на зелена технологија.


Путин ќе ја посети Кина за да ја зајакне економската соработка


Москва, 22 јуни, 2016 - 12:12 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин в сабота ќе ја посети Кина, каде што ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг и со други високи официјални лица, при што се очекува да бидат потпишани околу 30 документи за политичка и за економска соработка меѓу двете земји.

Целта е да се реализираат економски проекти во областа на туризмот, технологијата, енергетиката и во производството на авиони.

Москва настојува да ја зајакне врската со Пекинг во моменти на затегнати односи со Западот, но трговската размена на двете земји значително е намалена, а многу од проектите меѓу двете земји не беа реализирани.


Научникот Петар Поповски прими светско признание во маичка со СЈО


Охрид, 25 мај, 2016 - 11:36 (META) 

Глобално признатиот научник Петар Поповски во Куала Лумпур прими светско признание за развој на 5Г технологија, облечен во маичка со кратенката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Доделувањето беше во рамките на Интернационалната конференција за комуникации (ИКК 2016) што се одржува до 27 мај.

Угледниот македонски научник од Охрид, со својот гест стана хит на социјалните мрежи, на кои е активен во заштитата на човековите права и осудата на негативните појави во македонското општество.

Поповски во февруари беше прогласен за еден од петте најуспешни истражувачи во Данска, при што наградата му беше врачена од страна на данската принцеза Мари.

Петар Поповски важи за еден од најнадежните научници и работи на светски значајни проекти.