Повеќе од еден милион патници патувале преку двата аеродрома, првите шест месеци


Скопје, 10 јули, 2018 - 13:56 (META) 

Повеќе од еден милион патници патувале преку двата аеродроми во Скопје и Охрид во првите шест месеци од годината, што претставува годишен пораст од 21 процент, во споредба со првата половина од 2017 година, информираат од „ТАВ Македонија“.

Во истиот период, бројот на летови на двата македонски аеродроми достигнал 9.033, со годишен пораст од 16 проценти.

– Додека европските аеродроми имаат просечен пораст на бројот на патници од 6,1 процент во 2018 година, „ТАВ“ продолжува да бележи високи двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на македонските аеродроми. Овој позитивен тренд во порастот на воздушниот сообраќај, го потврдува големиот потенцијал што го има македонскиот воздухопловен пазар. Ќе продолжиме да правиме максимални напори за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид, со привлекување на нови авиокомпании и проширување на мрежата на дестинации, во соработка со сите надлежни државни институции – изјави генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Најфрекфентните дестинации според патничкиот сообраќај во првите шест месеци на Меѓународниот Аеродром Скопје се Истанбул, Цирих, Базел, Виена, Малме и Братислава.

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Виз ер“ превезува најголем број патници со 63,3 проценти пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (8,1 процент), „Аустриан ерлајнс“ (5,1 процент), „Германија флуг“ (4,6 проценти), „Еделвајс“ (3,8 проценти), „Кроација ерлајнс“ (3,1 процент), „Пегасус ерлајнс“ (3 проценти).

Меѓународниот Аеродром Скопје, моментално е поврзан со 38 дестинации, кои се опслужуваат од 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има три редовни авиолинии кои функционираат во текот на целата година и осум сезонски дестинации, опслужувани од 11 авиокомпании.


Француски тур-оператори во Охрид за воспоставување чартер-летови


Охрид, 24 септември, 2016 - 16:33 (META) 

Компанијата „ТАВ Македонија“ преку својот оддел за маркетинг, викендов донесе неколку големи француски тур-оператори за да ги запознае со убавините на Македонија.

Претставници на шест туристички друштва, меѓу кои се и „ТУИ Франс“и „Мондиал турисм“, следниве денови ќе се запознаат со убавините на Охрид и со туристичките потенцијали на градот и на неговата околина.

Целта е француските тур-оператори да ја вклучат Македонија во нивните балкански тури, преку воспоставување редовни чартер-летови од охридскиот аеродром.

Маркетинг-претставникот на „ТАВ Македонија“, Серкан Карахатај, напоменува дека воведувањето нови чартер-летови од аеродромот „Св. Апостол Павле“ преку привлекување на француските тур-оператори е на врвот на агендата на оваа посета.


Скопскиот аеродром меѓу најдобрите 10 во Источна Европа


Скопје, 6 април, 2016 - 10:27 (META) 

„ТАВ Македонија“ вторпат го доби престижното признание на „Скајтракс“ (Светски аеродромски награди), со кое „Александар Велики“ е рангиран меѓу десетте најдобри аеродроми во Источна Европа.

Скопскиот аеродром годинава се најде на деветта позиција на листата од 10 аеродроми во Источна Европа, во категоријата најдобри аеродроми според регионот. Листата ја предводи аеродромот во Будимпешта, по што следуваат воздушните пристаништа во Талин, Киев, Рига, Белград, Тбилиси, Софија, Братислава, Скопје и во Варна.

Наградите „Скајтракс“ беа доделени на саемот за аеродромски услуги „Песинџер терминал експо“ (Passenger Terminal Expo), кој неодамна се одржа во германскиот град Келн.

„ТАВ Македонија“ ја заврши 2015 година со пораст од 22 отсто на вкупниот број патници на двата македонски аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, достигнувајќи бројка од 1.560.381 патник.

Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст од 11 отсто на годишно ниво.


Пиштолот на Мијалков заглави во ненадлежности и во штури одговори


Скопје, 11 ноември, 2015 - 9:45 (META) 

Од Јавното обвинителство за „Мета“ се прогласија за ненадлежни за случајот околу приведувањето и откривањето на пиштолот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Оттаму упатуваат на „органите на државата на чија територија е сторено кривичното дело“.

Пред речиси еден месец, Мијалков беше приведен откако му беше пронајден пиштол во куфер, со кој неколку часа претходно се „прошетал“ низ безбедносниот протокол на аеродромот во Скопје.

– Досега Основното јавно обвинителство Скопје од надлежни органи од Република Србија нема добиено известување за настанот за кој прашувате. Во согласност со законските прописи, кога кривично дело е сторено на територија на друга држава, надлежноста за евентуално поведување постапка ја имаат органите на таа држава – ни одговорија денеска од Обвинителството на прашањата: Што презема во врска со случајот? Дали има отворено постапка, односно дали е поведена истрага за случајот, по допрен глас? Дали е извршен разговор со Сашо Мијалков во врска со настанот? Дали Обвинителството побарало информација од српските власти за случајот?

Од концесионерот на скопскиот аеродром „Александар Велики“, компанијата ТАВ, која најави внатрешна истрага за тоа како Мијалков успеал да ги помине аеродромските контроли со пиштолот во патната торба, „до „Мета“ испратија кратка изјава во која велат дека „ги презеле сите неопходни мерки за да не се повтори ваков настан“.

– Ги презедовме сите неопходни мерки на претпазливост за да се избегне повторување на ваков настан и соработуваме со сите надлежни институции во сите области – одговорија од ТАВ за „Мета“ на прашањето дали е завршена внатрешната истрага што ТАВ ја најави во врска со случајот, дали е утврдена одговорност за направениот безбедносен пропуст и дали патната торба на Мијалков, во која бил пиштолот, поминала на скенер на скопскиот аеродром „Александар Велики“?

Единствено од Министерството за внатрешни работи не добивме одговор на парашањата: Дали работат на расчистување на случајот?  Дали МВР ќе поднесе кривична пријава против Сашо Мијалков? Дали Мијалков бил повикан во МВР на информативен разговор во врска со случајот? Дали се извршени разговори со вработени и со претставници на менаџментот на ТАВ?

Инаку, според законската регулатива, за вакво дело предвидени се парични и затворски казни.

Во ставот 1 од членот 402 од Кривичниот закон стои дека „тој што без пропишана дозвола ќе ја премине или ќе се обиде да ја премине границата на Република Македонија, вооружен или со употреба на насилство, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Според членот 81 од Законот за оружје, казната за физичко лице ако не го пријави оружјето при преминување на државната граница, изнесува од 500 до 1.000 евра.

„Забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување лица и имот во државните органи и правните лица, во согласност  со прописите за обезбедување лица и имот. Под јавно место, во смисла на овој закон, се смета место на кое слободен пристап имаат неопределен број лица без какви и да било услови (улица, плоштади, патишта, излетнички места, пристаништа, аеродроми, железнички станици, автобуски станици, чекални…“, стои во Законот за оружје.


СДСМ повторно побара одговори од надлежните за случајот со Мијалков


Скопје, 18 октомври, 2015 - 17:56 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, преку писмено соопштение до медиумите, денеска повторно побара објаснување и одговори од компанијата ТАВ, полицијата, царината и од другите надлежни служби, за тоа како поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, успеал да ги помине аеродромските контроли со пиштол во патната торба.

„Компанијата ТАВ, која управува со аердромот во Скопје, е должна на јавноста во Македонија да ѝ објасни: Дали Сашо Мијалков поминал низ контрола или не? Доколку не поминал, кој го дозволил тоа? Дали при други патувања му вршеле контрола на Мијалков, како и на сите други граѓани? ТАВ и надлежните служби, полиција, царина… ги должат овие информации на јавноста во Македонија. Инволвираните во инцидентот и оние што кријат информации ќе мора да понесат одговорност“, стои во соопштението на СДСМ.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во четвртокот оваа недела, бил приведен на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ откако во куферот му бил најден пиштол. Мијалков по извесно време бил пуштен да го продолжи патувањето.

Од ТАВ вчера соооштија дека пропустот на скопскиот аеродром е последица на „човечка грешка“ и дека во тек е внатрешна истрага за случајот.


Бесплатен интернет на скопскиот аеродром


Скопје, 15 октомври, 2015 - 12:12 (META) 

„ТАВ Македонија“ во соработка со „Македонски телеком“ воведе бесплатен интернет на скопскиот аеродром „Александар Велики“.

Станува збор за бесплатен безжичен интернет кој е достапен во терминалната зграда и во салонот за важни личности на скопскиот аеродром, а кој патниците можат да го користат со едноставно приклучување на безжичната мрежа со име „Telekom HotSpot“.

По поврзувањето на оваа мрежа, патниците преку интернет-пребарувачот на својот мобилен уред автоматски се поврзуваат со веб-страница на која преку кликнување на иконата „поврзи се“ можат да го користат бесплатниот интернет, без потреба од впишување лозинка.

Ваквото поврзување трае 30 минути, а по секоја сесија на интернет, потребно е ново најавување на корисникот на безжичната мрежа.

– Со новиот квалитетен и брз интернет кој сега го нудиме во соработка со „Македонски телеком“, веруваме дека ќе ги задоволиме потребите на патниците да бидат во тек со информациите на интернет, како од бизнис-аспект, така и од аспект на забава и релаксација додека престојуваат во терминалната зграда – изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Брзиот интернет на „Александар Велики“ обезбеден од „Македонски телеком“ е придружен со корисничка заштита, што значи дека секоја несоодветна содржина, како вируси и спам, ќе биде филтрирана.


Бројот на патниците на аеродромите, зголемен за 28 проценти од лани


Скопје, 10 август, 2015 - 12:05 (META) 

Во јули годинава бројот на патници е зголемен за 28 проценти, во споредба со јули 2014 година, информираат од „ТАВ Македонја“.

Ако лани во јули македонските аеродроми имале 144.784 патници, оваа година во јули бројот на патници изнесува 185.811.

– Во периодот јануари-јули 2015 година, бројот на патници е зголемен за 17 проценти, од 704.563 патници во првите седум месеци од 2014 година, на 823.492 патника во првите седум месеци од оваа година – велат од „ТАВ Македонија“.

На годишно ниво, порастот е поголем од 75 проценти на двата аеродрома.

Турската компанија го презеде управувањето со аеродромите во 2010 година. Оттогаш, бројот на патници на скопскиот аеродром е зголемен за 76,7 проценти, или во апсолутни бројки, од 684.905 патници во 2010 на 1.210.509 патници во 2014 година.


ТАВ го промовира охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ на Меѓународен туристички саем во Берлин


Берлин, 5 март, 2015 - 13:52 (META) 

Како едно од најпопуларните туристички места, компанијата ТАВ го промовира Охрид и аеродромот „Св. Апостол Павле“ на најголемиот светски туристички саем – ИТБ Берлин (Меѓународен туристички саем – Берлин), што се одржува во главниот германски град.

Турската компанија „ТАВ аеродроми“ спроведува маркетинг-активности на различни локални и меѓународни саеми за промоција на регионите во кои се наоѓаат аеродромите, портфолиото, како и на своите услужни компании. Меѓународниот туристички саем ИТБ-Берлин, се смета за најголем туристички настан во светски рамки, а ТАВ годинава учествува по 12. пат. Поставен на површина од 160.000 квадратни метри, саемот е домаќин на околу 10.000 учесници од повеќе од 180 земји и со повеќе од 180.000 посетители.

– Ги промовираме дестинациите на аеродромите управувани од ТАВ во Грузија, Македонија и во Тунис. На 12-годишнината од нашето учество на овој саем, целта ни е да направиме значителен придонес за областите во кои работиме. Свесни сме дека аеродромите, како места за влез и за излез од државите и од градовите, играат важна улога во развојот на туризмот. Според тоа, денес сме горди што учесниците и посетителите на саемот обрнуваат големо внимание на нашиот штанд, на кој се претставени 14 аеродроми во седум држави, управувани од страна на компанијата ТАВ и од нашите услужни компании, на различни локации низ целиот свет. Ние, исто така, ги промовиравме аеродромите во Измир, Газипаша и во Бодрум на ИТБ Берлин, каде што на едно место можат да се најдат водечките претставници на туристичката индустрија на глобално ниво. Се трудиме да го зголемиме бројот на летови паралелно со туристичкиот потенцијал на овие местa – изјави Аслихан Чортук, маркетинг-директорка на „ТАВ аеродроми“.

„ТАВ аеродроми“, компанија препознатлива во аеродромските операции, учествува на 49. Меѓународен туристички саем ИТБ-Берлин, што е еден од најпрестижните настани во туристичката индустрија. Покрај промоцијата на Измир, Газипаша-Аланија и на Бодрум на штандот на „ТАВ аеродроми“, исто така успешно се промовираат и Батуми во Грузија, Охрид во Македонија и регионот Енфида – Хамамет во Тунис.

„ТАВ Македонија“, пак, неодамна ја одбележа петгодишнината од своето постоење. Од 2010 година, кога „ТАВ аеродроми“ почна оперативно да управува со двата македонски аеродроми – „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, воведени се 17 нови дестинации, а истовремено бројот на патници на аеродромите се зголеми за 75 проценти.


Пет години „ТАВ Македонија“ во Охрид, двојно повеќе патници


Охрид, 26 февруари, 2015 - 14:55 (META) 

„ТАВ Македонија“ одбележува пет години од преземањето на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Компанијата, која е дел од турската компанија „ТАВ аеродроми“, во 2010 година оперативно го презеде управувањето, воведе седумнасет нови редовни авиолинии и бележи двојно зголемување на бројот на патници од и за Охрид.

– На петте години откако турскиот „ТАВ аеродроми“ го презеде управувањето со „Св. Апостол Павле“, можеме да бидеме горди со досегашниот развој на авиосообраќајот во Македонија – вели Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Крстевски истакнува дека со новите дестинации од Охрид, кои од средината на годинава ќе ги воспостави „Визер“, менаџментот на „ТАВ Македонија“ очекува 2015 година да ја заокружи со десетина нови авиолинии, што ќе придонесе за понатамошен пораст на вкупниот авиосообраќај.