!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски на судењето за „Шамари“ го снимаа две рачни камери без тон


Скопје, 7 декември, 2017 - 14:15 (META) 

Денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013, случај во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште десетина други лица, се снимаше со две рачни камери, откако вчера и денеска адвокатите на одбраната побараа и добија одложување на рочиштата за случаите „Траекторија“ и „Тотал“, бидејќи немаше услови за визуелно-тонско снимање на постапката.

Како што појасни судијката Татјана Михајлова, судењето се снима со две рачни камери, но само визуелно, не и тонски.

На ова реагираше адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, кој рече дека штом се снима, не треба да се води записник и побара да се одложи главната расправа бидејќи претходните записници не биле потпишани од странките во постапката и поради тоа немаат правно дејство.

Михајлова го одби барањето на адвокатот и рече дека снимањето е овозможено со новиот Закон за кривична постапка од 2013 година, но условите се такви, а записниците се водат во строга форма.

– Судот располага со ваков вид опрема. Доколку ги видите претходните записници, јас имам кажано дека немало можност да се снимаат рочиштата –рече Михајлова.

На денешното рочиште сведочеше поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, кој рече дека во судницата препознал двајца од насилниците.

Еден од нив, како што рече, бил Димче Крстев, кому ќе му се суди во одвоена постапка бидејќи немаше адвокат и беше болен.

Жерновски рече дека за време на насилните протести пред Општината, Крстев наместо антихрист, го нарекол антифашист, што тогашниот градоначалник не го сфатил како навреда.

Тој ги опиша случувањата пред општинската барака, каде насилници фрлале разни предмети, ги пцуеле советниците од редовите на СДСМ, додека Жерновски бил повикуван од Даниела Рангелова, како тогашна советничка од ВМРО-ДПМНЕ, да излезе и да се соочи со демонстрантите.

Жерновски раскажа и за однесувањето на полицијата, која, иако била присутна, воопшто не реагирала.

Поранешниот градоначалник на општина Центар денеска одговараше само на прашања на обвинителите на СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, по што рочиштето беше прекинато бидејќи обвинетата Рангелова имала обврски.

На следното рочиште, кое е закажано за 18 декември, Жерновски ќе одговара на прашања на адвокатите на одбраната.


Надмудрувања меѓу Фетаи и Михајлова, рочиштето за „Шамари“ одложено


Скопје, 28 септември, 2017 - 11:23 (META) 

Рочиштето од судскиот процес за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, во кој првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, повторно се одложи бидејќи во судницата не беа присутни обвинетите Димче Крстев и Милан Андоновски.

Како сведоци присуствуваа актуелниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски, и кандидатот за градоначалник Саша Богдановиќ, а присутни беа и обвинетите Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, побара од судијката Татјана Михајлова да нареди Крстев на следното рочиште да биде присилно доведен бидејќи не го оправдал денешното отсуство, додека адвокатот на Андоновски, Димитар Дангов, до судот доставил медицинска белешка дека обвинетиот е со нарушено здравје.

Судот го прифати барањето на Фетаи и издаде наредба обвинетиот Крстев да биде присилно доведен на следното рочиште.

Инаку и на денешното рочиште беше видлив анимозитетот помеѓу Фетаи и Михајлова. Судијката рече дека на Фетаи ќе ѝ достави три писмени дописи во врска со барањето на обвинителката од минатото рочиште да објасни зошто списите од предметот биле во Апелација за да може, како што рече Михајлова, Фетаи да се запознае со постапувањето на судот во случај на поднесување жалба.

– Ова е обид да се оправдате за тоа што го реков минатиот пат дека намерно ги одолговлекувате рочиштата – праша Фетаи, додавајќи дека секој си е одговорен за своите постапки.

Искрења меѓу обвинителите на СЈО, Фетаи и Гаврил Бубевски, и судијката имаше и при одредување на датумот за следното рочиште.

Михајлова се правдаше дека судницата број 1 е единствената поголема во судот, на што Фетаи одговори дека тоа нив како „странки“ не ги интересира и не треба да ги интересира и дека должност на судот е да обезбеди услови за судењето.

– Ако продолжиме на овој начин, случајот нема да го завршиме до 2020 година, а предметот ќе застари – рече Фетаи.

Забелешките на обвинителката на СЈО, адвокатот Димитар Дангов ги оцени како притисок врз судот.

Следното рочиште Михајлова го закажа за 20 ноември.

– Ако даде Господ, рочиштето ќе се одржи – рече Михајлова.

По завршување на рочиштето, Фетаи за медиумите ја цитираше оваа изјава на Михајлова, додавајќи дека „Господ нема да даде да се одржи рочиштето ако судот не го почитува законот“.

Инаку и денешното рочиште, како што рече Михајлова, се водеше без да биде снимено бидејќи единствената камера повторно беше зафатена за судењето за настаните во кумановско Диво Насеље.


Фетаи: Судот и одбраната се координираат за одолжување на случајот „Шамари“


Скопје, 28 јуни, 2017 - 11:03 (META) 

Судијката Татјана Михајлова денеска го одложи рочиштето за случајот „Шамари“ бидејќи сите списи од предметот биле испратени во Апелацискиот суд, кој треба да одлучува по жалбите на Специјалното јавно обвинителство. Осомничени во случајот се поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 лица обвинети за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаим побара објаснување од судијката зошто во Апелацискиот суд биле испратени сите списи кога било доволно само да се испрати записникот од рочиштето на кое таа и Катица Јанева беа казнети по 2.000 евра.

Михајлова не даде објаснување и само констатираше дека не се исполнети условите за одржување рочиште и следното го закажа за 28 септември.

Фетаи за медиумите изјави дека очигледно постои координација меѓу судот и одбраната на обвинетите со единствена цел – да се одолговлекува почетокот на судскиот процес.

– На ова упатува околноста што денеска, кога сите списи за предметот се во Апелацискиот суд, во судница беа присутни сите обвинети, што не се случило долг период – рече Фетаи.

Инаку, ниту еден од обвинетите не сакаше да даде изјава за медиумите, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е првообвинет, го напушти судот преку еден од споредните влезови.

На рочиштето присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, како и советниците од Општината, кои присуствуваа во својство на оштетени и на сведоци.

Адвокатот Никола Додевски повеќе не е бранител на Груевски и на Јанакиески, кои на 22 јуни до судот доставиле известување дека отсега во случајот ќе ги застапуваат адвокатите Боро Тасевски, Сања Алексиќ и Петар Василев.


Денеска судењето за „Шамари“, се очекуваат Груевски и Жерновски во судницата


Скопје, 28 јуни, 2017 - 9:51 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска треба да се одржи ново рочиште за насилствата пред Општина Центар од 2013 година, по обвинението поднесено од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Обвинети во случајот „Шамари“ се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспoрт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и десетина други лица.

Судењето требаше да почне на 3 мај годинава. Тогаш се појавија 20-тина оштетени и сведоци за кршењето на општината во 2013 година, а меѓу нив беше и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Тогаш, на првото рочиште, поради отсуство на петмина од обвинетите, судијката Татјана Михајлова ја одложи расправата за предметот.


„Тврдина 2“ не се снимаше бидејќи единствената камера била на „Диво Насеље“


Скопје, 5 мај, 2017 - 14:46 (META) 

Денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Тврдина 2“ не се снимаше, како што налага членот 374 од Законот за кривична постапка, бидејќи, како што објасни судијката Лидија Петровска, камерата била зафатена за снимање на судењето за случајот „Диво Насеље“, кое во исто време се одржуваше во големата сала на Врховниот суд.

– Видео-тонско снимање нема да се врши бидејќи камерата, која е една, се користи во предметот на организиран криминал во јавноста познат како „Диво Насеље“ – рече Петровска.

Инаку, во средата оваа недела, на рочиштето за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, односно т.н. случај „Шамари“, обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, уште еднаш побара од судот на СЈО да му биде доставена аудио-визуелната снимка од првото рочиште. На ова судијката Татјана Михајлова рече дека судот нема опрема за аудио-визуелно снимање на рочиштата, а снимањето што сега судот го врши е за негови потреби.

Бубевски во врска со ова пред новинарите изјави дека снимањето во судот не е „домашно видео“ и дека законот за кривична постапка јасно пропишува кои рочишта треба да се снимаат.

„Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и за цели надвор од кривичната постапка. Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа“, стои во членот 374 од ЗКП.

Кон средината на декември минатата година, на социјалните мрежи протече фотографија од подготвителното рочиште за судењето за „Тврдина 2“. Фотографијата се претпоставуваше дека е направена од аголот во судницата каде се наоѓа судската камера со која се снимаат рочиштата.

Сепак, и покрај интресот на медиумите и на јавноста, остана енигма кога, како и од кого протекла фотографијата.


Седумнаесет судии поднеле приговори до Врховниот суд за распоредот на Рибарев


Скопје, 5 април, 2017 - 12:53 (META) 

Седумнаесет судии од Основниот суд Скопје 1 досега поднеле приговори до Врховниот суд за новиот годишне распоред што кон крајот на минатиот месец го донесе претседателот на судот, Стојанче Рибарев, потврдиле од Врховниот суд за дел од медиумите.

Не се исклучува можноста до Врховниот суд деновиве по пошта да пристигнат нови приговори, по што треба да биде закажана општа седница за разгледување и за одлучување по приговорите.

Годишниот план за работа на судиите на Рибарев, како и тој на неговата претходничка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова, предизвика контроверзии во јавноста бидејќи млади судии со неколкугодишен стаж се унапредени, а искусни судии кои долги години работеле во кривичниот оддел, биле префрлени да работат на стари предмети или во одделот за прекршоци.

Со годишниот распоред на Рибарев на клучни позиции се ставени судии кои или биле дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ или за кои Специјалното јавно обвинителство има поднесено претставки за утврдување одговорност поради непрофесионално и несовесно постапување.

Од Основниот суд Скопје 1 на 29 март соопштија дека при подготвувањето на распоредот предвид биле земени мислењата на судиите, но немало можност да им бидат уважени желбите на сите.

Кон крајот на февруари, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на март, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.


Во годишниот распоред на Рибарев имало место само за желбите на некои судии


Скопје, 29 март, 2017 - 13:06 (META) 

Новиот в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, вчера на судиите им го доставил годишниот распоред за работа за 2017 година, соопштија денеска од судот.

При подготвувањето на распоредот, како што стои во соопштението на судот, предвид биле земени мислењата на судиите, од седницата што тие ја одржаа со Рибарев, кон средината на овој месец, кратко по неговиот избор за в.д. претседател на судот, но немало можност да им бидат уважени желбите на сите.

„Некои од желбите на судиите имаше можност да бидат уважени, а за некои ќе се создаде можност во текот на годината. При подготвувањето на распоредот се имаше предвид состојбата со движењето на предметите од сите области, заостатокот во одредени области и потребата од итност во постапувањето по некои видови предмети утврдена со законските рокови. Исто така, се имаше предвид и оптовареноста на секој судија поединечно со предмети, како и досегашните забелешки и мислења од повисоките судски инстанци во врска со работата на судот“, се вели во соопштението.

Распоредот, во писмена форма, бил доставен до секој судија, кој може да достави приговор за неговото распоредување до Врховниот суд.

Од судот додаваат дека во моментот се применува досегашниот распоред на работа и закажаните судења се одвиваат според тој распоред, а новиот распоред ќе се применува кога ќе стапи на сила.

Дел од медиумите вчера објавија дека и во годишниот распоред што го донел Рибарев, имало контроверзии, како во оној што пред еден месец го донесе неговата претходничка на функцијата, в.д. претседателката Татјана Михајлова. Како што објави „Телма“, годишниот распоред на Рибарев бил спорен бидејќи млади судии со неколкугодишен стаж биле унапредени, а искусни судии кои долги години работеле во кривичниот оддел, биле префрлени да работат на стари предмети или во одделот за прекршоци.

Кон крајот на февруари, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе нов годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1, кои беа прераспоредени од кривичниот во прекршочниот и во други оддели во судот. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на март, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.


СЈО поднесе претставки против судијките Илиевска-Јосифовиќ и Михајлова


Скопје, 28 март, 2017 - 15:55 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) до Советот за утврдување факти и покренување одговорност за судија, поднесе претставки против судијките во Основниот суд Скопје 1, Елена Илиевска-Јосифовиќ и Татјана Михајлова.

– Со претставките е побарано да се испита работата на судиите од аспект на нестручно и несовесно вршење на судската функција – стои во соопштението на СЈО.

Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ како судија на претходна постапка одлучуваше по барања на СЈО, меѓу кои и тоа за одземање на пасошот на поранешниот директор на управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, за случајот „Трезор“. Таа го одби барање на СЈО за одземање на пасошот како неосновано.

„Од начинот на кој судијата Елена Илевска-Јосифовиќ ја врши својата судиска функција по предметите што се во надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произлегува дека истата судската постапка ја водела пристрасно, со злоупотребување на положбата и со пречекорување на службените овластувања“, стои во претставката на СЈО до Советот за утврдување факти.

СЈО претходно бараше изземање на Илиевска-Јосифовиќ од случајот „Трезор“, но судот ги отфрли наводите на Специјалното јавно обвинителство како неосновани.

Судијката Татјана Мухајлова, пак, го суди случајот за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во кој СЈО, меѓу другите, го обвинува и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Судијата Михајлова постапувала несовесно, ненавремено и немарно, што предизвикало одолжување на судската постапка без постоење на законска основа, спротивно на начелото за судење во разумен рок. Со целокупното постапување, судијата Михајлова сторила повреда на прописите, односно нарушување на независноста на судиите при судење, но и грубо повредување на Кодексот на судиите, со што се нарушува угледот на судиската функција“, стои во претставката на СЈО за судијката Михајлова.

На рочиштето за насилствата пред Општина Центар, одржано на 22 февруари годинава, Михајлова ги казни по 2.000 евра специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, бидејќи ја обвинија дека го фалсификувала записникот од претходното рочиште.


Судиите и Рибарев разговарале за годишниот распоред за работа


Скопје, 16 март, 2017 - 16:03 (META) 

Вчера и денеска судиите во Основниот суд Скопје 1 одржале состаноци со новиот в.д. претседател на судот, Стојанче Рибарев, и ги дале своите своите мислења и предлози околу подготвувањето на годишниот распоред за работа на судиите.

Како што соопштуваат од судот, состаноците биле на иницијатива на Рибарев. Утре, додаваат оттаму, во Основниот суд Скопје 1 ќе се одржи закажаната редовна посета на судиите од Апелацискиот суд Скопје, на која ќе се разгледуваат „актуелните прашања во врска со примената на законите, ажурноста во работењето и проблемите со кои се соочуваат судовите во секојдневното работење“.

Кон крајот на минатиот месец, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе нов годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1, кои беа прераспоредени од кривичниот во прекршочниот и во други оддели во судот. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на овој месец, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.


Груевски, СЈО и Михајлова денеска на ново рочиште за „Шамари“


Скопје, 10 март, 2017 - 9:35 (META) 

Денеска во Основниот суд Скопје 1 треба да се одржи ново рочиште од судскиот процес за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а во кој меѓу обвинетите е и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Главната расправа по предметот сè уште не е почната, а досега се одржаа две подготвителни рочишта.

Предметот го суди судијката Татјана Михајлова, која пред три дена си поднесе неотповиклива оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1.

На претходното рочиште, на 22 февруари годинава, Михајлова ги казни специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, по 2.000 евра бидејќи на рочиште ја нарекоа „фалсификатор“, односно ја обвинија дека направила фалсификат со записникот од претходното рочиште.

Јанева и Фетаи до Основниот суд Скопје 1 поднесоа жалби за паричните казни од Михајлова, а Јанева најави и кривична пријава против судијката, поради записникот.

Судијката Михајлова, пак, поднесе претставка до Советот на јавни обвинители. Претседателот на Советот, Петар Аневски, вчера изјави дека на состанок Советот донел заклучок дека Јанева и Фетаи го прекршиле етичкиот кодекс на јавните обвинители и побара СЈО да назначи нов обвинител за настаните пред Општина Центар, во јавноста познат и како „Шамари“.

На рочиштето што се одржа на 16 декември минатата година, судијката Михајлова донесе решение со кое забрани дел од „бомбите“ и заштитен сведок да бидат користени како докази во судскиот процес. СЈО го обжали решението до Апелацискиот суд, кој сè уште нема донесено одлука по жалбата.