Рочиштето за „Тарифа“ прекинато, откако му се слоши на сведок, следното закажано за 1 март


Скопје, 13 февруари, 2018 - 14:50 (META) 

Судијката Софче Гаврилова Ефремова го прекина денешното рочиште за случајот „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинет е поранешниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, откако на вториот сведок, Влатко Чакаровски, му се слоши во судницата додека даваше исказ.

Тој рече дека и вчера не се чувствувал добро и бил советуван од лекар да земе боледување. Следното рочиште судијката го закажа за 1 март.

Инаку, Чакаровски, кој е сведок и на СЈО и на одбраната, е вработен во ЕЛЕМ и бил член на работната група за имплементација на софтверскиот систем – ЕРП.

Пред него, два часа траеше испрашувањето на сведокот Жарко Миленковски, чија фирма учестувала како партнер во конзорциумот за набавка на софтверот за потребите на ЕЛЕМ.

Поранешниот директор на Електрани на Македонија, Дејан Бошковски, и уште две лица, се обвинети дека незаконски го набавиле софтверскиот систем, вреден околу четири милиони евра.

Обвинителите на СЈО рекоа дека ќе докажат оти тројцата обвинети се виновни за делото за кое се товарат, додека пак одбраната најави дека со 160 сведоци ќе го докажува спротивното.

Тројцата обвинети се изјаснија за невини.

Инаку, денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје го следеше и претставник на Амбасадата на САД во Скопје.


Судењето за „Труст“ одложено за 20 февруари, се разболе адвокатката на Авировиќ


Скопје, 13 февруари, 2018 - 11:03 (META) 

Денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан се одложи, бидејќи во Кривичниот суд не се појави адвокатката Сања Алексиќ, која го брани второобвинетиот Василије Авировиќ.

Причина за денешното отсуство е тоа што адвокатката се разболела, а за тоа ја известила и судијката, која следното рочиште го закажа за 20 февруари.

Инаку, судењето за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство е во завршна фаза, односно одбраната треба да ги презентира своите докази, по што се очекуваат завршните зборови и пресдудата.

Во овој предмет покрај Кочан, Авировиќ и Сафет Ватиќ обвинети се и фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ. Тие се товарат дека со фалсификувани документи добиле тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.

Денеска во Кривичниот суд е закажано рочиште и од судскиот процес за случајот „Тарифа“, каде обвинет е поранешниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски и уште две лица, кои се товарат за незаконска набавка на софтверски систем за потребите на ЕЛЕМ, вреден околу четири милиони евра.


Обвинетите во „Тарифа“ се изјаснија за невини, СЈО бара осудителна пресуда


Скопје, 26 јануари, 2018 - 12:11 (META) 

Обвинетите Дејан Бошковски, Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски во случајот на СЈО „Тарифа“ на денешното рочиште се изјаснија за невини, а обвинителите на СЈО бараат осудителна пресуда.

Предметот „Тарифа“ со новиот распоред на судења и е доделено на судијката Софче Гаврилова – Ефремова.

Според обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов, доказите ќе докажат дека тројцата обвинети се сторители на кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

– Злоупотребата на службената положба не е наивно кривично дело и не може да биде толериран – рече Пеливанов и додаде дека очекува Судот да донесе осудителна пресуда.

Пеливанов истакна дека обвинетите ја злоупотребиле службената положба за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на АД ЕЛЕМ со што и причиниле имотна штета на компанијата од 456.560 евра.

Бошковски рече дека не се чувствува виновен и дека во ниту еден момент од неговото работење во АД ЕЛЕМ од октомври 2012 до септември 2016 година не ги прекршил законите. Тој во своето обраќање до Судот, рече дека верува оти ќе овозможи фер судење, бидејќи непрецизно и нејасно е зошто е обвинет.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето при јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Тие му овозможиле на конзорциумот, кој подоцна го добил тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немал доставено комплетна документација.


Во предлог-законот за енергетика, евтината тарифа на струјата останува за домаќинствата


Скопје, 14 декември, 2017 - 15:44 (META) 

Министерството за економија како предлагач на законот за енергетика, ја информира јавноста дека со новото законско решение нема да се укине евтината тарифа на струјата, туку таа е гарантирана како минимум услов во процесот на либерализација на пазарот на електрична енергија.

Од министерството исто така велат дека формата на евтината тарифа, ќе зависи од понудата на снабдувачот, кој граѓаните ќе го изберат на слободниот пазар.

„Имено, со либерализацијата на пазарот се зголемува конкурентноста и квалитетот на услугите, а европската пракса покажа дека кога има конкуренција на пазарот се нудат и дополнителни поволности за граѓаните од страна на снабдувачите. За крајна заштита на граѓаните, со новиот предлог-закон за енергетика, ќе биде воведен и т.н. универзален снабдувач, кој ќе треба по најниски цени да обезбеди квалитетна услуга на корисниците, вклучувајќи ја и евтината тарифа“, се додава во соопштението.

Реакцијата на Министерство за економија следува по објавите на одредени медиуми, дека со новиот закон за енергетика, ќе се укине евтината тарифа на струја за граѓаните.