ММФ: Потребна ви е политичка стабилност, реформи и поголема отвореност на пазарот


Скопје, 16 февруари, 2018 - 15:03 (META) 

Охрабрени сме од економскиот напредок на регионот, вклучувајќи ја и вашата земја. За овој регион е важно да остане отворен и економски да се ангажира надвор од границите. Многу е важно да се зајакнат врските со најголемите трговски партнери.

Тоа денеска го порача заменик-главниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Тао Џанг, на Меѓународната конференција за монетарна политика и управување со финансиски средства, која што ја организира Народна банка.

Според Џанг, сега е момент нашата држава да го поддржи заздравувањето на регионалната економија.

– Се чувствува итна потреба макроекономската политика да доживее реформа за да се консолидира прогресот кој досега е остварен. Политичката стабилност на државите од регионот е позитивно нешто и е неопходна за да може да се покренат економски реформи – рече Џанг.

Шефицата на Мисијата на ММФ во Скопје, Јасмин Рахмен, рече дека во Македонија се потребни структурни реформи во управувањето и владеењето на правото.

– Во тие две области Македонија не стои добро во споредба со другите слични мали економии. Потребни се реформи во правосудството и транспарентност на јавните институции за да се зголеми довербата, не само меѓународен план и кај луѓето. Има висока стапка на миграција во развиените земји. Моја прва препорака е да се подобрат јавните институции и владеењето, за да се задржат стручните работници во државата. Имате една од највисоките стапи на невработеност во Европа и потребни се реформи на политиките, поголема отвореност на пазарот, пониски даночни стапки и инвестирање во образованието – рече Рахмен.

Таа додаде дека одливот на стручен кадар скапо ја чини нашата економија.

– За да ги задржите дома, треба да создадете работни места и подобрување на условите за работа, како и предвидлива бизнис средина. Кога би имале подобра иднина, тие би останале. Тие мора да сметаат на институциите дека ќе обезбедат вработување и затоа се потребни реформи во институциите и образованието, за вештините кои ги стекнуваат да соодветствуваат на работните места кои се отвораат – додаде Рахмен.

ММФ останува на ставот дека се потребни реформи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, бидејќи како што рекоа неговите претставници, вака е неодржлив на долг рок, поради стареење на населението, ниските придонеси и ниската старосна граница за пензионорање во споредба со земјите членки на ЕУ.

На конференцијата следуваат уште две сесии. На следната ќе се расправа за согледување на централните банки и на менаџерите на финансиски средства за стратегиите за ефективно намалување на ризиците, а на четвртата сесија е предвидена дебата за Југоисточна Европа „Кој е тековниот пат кон интеграција и пораст?“, на која ќе учествуваат министерот за финансии Драган Тевдовски и министерот за финансии на Бугарија, Владислав Горанов.

Конференцијата се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје и на неа учествуваат високи претставници од ММФ, Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка, гувернери, вицегувернери, претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).


Почна конференцијата на претставници од ММФ, ЕЦБ, Светска банка, гувернери и банкари


Скопје, 16 февруари, 2018 - 9:23 (META) 

Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства, која што ја организира Народна банка, почна денеска во хотел „Мериот“.

На конференцијата учествуваат високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка, гувернери, вицегувернери, претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).

Темата на која што се дискутира е „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“.

На прес-конференцијата во 11 часот предвидено е да се обрати членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, а во 13 часот заменикот на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Тао Џанг.

Она што Џанг и другите ќе го кажат денеска, со внимателност ќе го проследат сите најважни светски финансиски институции и ќе има влијание врз финансиските пазари.


Светската финансиска елита в петок доаѓа во Скопје на конференција чиј домаќин е НБМ


Скопје, 12 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Народната банка ќе биде домаќин на Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства, на тема „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“, која ќе се одржи в петок, на 16 февруари во хотелот „Мериот“.

На конференцијата ќе учествуваат заменик на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Тао Џанг, членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС).

Значајно за Конференцијата е учеството на претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).

„За првпат во Македонија на едно место ќе учествуваат високи претставници на меѓународните финансиски институции, централните банки и глобалните деловни банки, чии што политики и пазарни реакции имаат глобално влијание. Домашната стручна јавност добива ретка можност на едно место да ги слушне ставовите и излагањата на високите претставници на меѓународно значајните финансиски институции и глобалните деловни банки за актуелните економски прашања и предизвиците за наредниот период“, информираат од Народна банка.

Панелисти на конференцијата се и вицегувернерот на Развојната банка при Советот на Европа (СЕБ), како и високи претставници и директори од Светската банка (СБ), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и реномирани професори.

Потврдено е присуството на гувернери, вицегувернери и членови на советите на централните банки на Словачка, Латвија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Бугарија, како и високи претставници на централните банки на Белгија, Италија, Унгарија, Полска, Хрватска, Црна Гора, Грузија и Азербејџан.

Исто така, на Конференцијата ќе присуствуваат претставници од 15 европски и азиски глобални банки со кои Народната банка има развиено и одржува добра деловна соработка во процесот на управување и инвестирање на девизните резерви на Република Македонија.

Конференцијата е организирана во соработка со „Комитетот за преобразување на Бретон Вудс“ (The Reinventing Bretton Woods Committee – RBWC) од Париз, Франција.