Протестот „го разбуди“ Обвинителството: Повеќе осомничени за смртта на Тамара


Скопје, 8 февруари, 2016 - 14:35 (META) 

Повеќе лица се осомничени за случајот со смртта на малата Тамара Димовска од Велес, информираат од Основното јавно обвинителство – Скопје.

„Од преземените дејства произлезе дека како осомничени се јавуваат повеќе лица за сторено кривично дело несовесно работење во службата од чл. 353-в од Кривичниот законик. Во својство на осомничени, лицата се повикани да дадат изјави пред надлежниот јавен обвинител. Истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот. По завршување на сослушувањето, ќе биде донесена мериторна јавно-обвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено известена“, се вели во соопштението од јавното обвинителство.

Граѓански активисти и невладини организации утре, во 12 часот, пред Јавното обвинителство во Скопје ќе протестираат по повод едногодишнината од смртта на Тамара.

Малата Тамара од Велес, која имаше сериозен деформитет на ’рбетниот столб, почина на 9 февруари лани, чекајќи одобрение за седмата операција.

Два и пол месеци родителите на Тамара чекаа да завршат бирократските процедури околу праќањето на девојчето на операција во странство. Потоа, Фондот за здравство чекаше официјален документ од Клиниката за ортопедија и траумотологија, односно ново конзилијарно мислење.

На 24 февруари, 15 дена по смртта на Тамара, оставка од функциите поднесоа директорите на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази.

За лекувањето на малата Тамара беа потребни 30.000 евра за седмиот оперативен зафат во странство. „Мета“ објави текст дека со парите за панорамското тркало, кое чини 15,5 милиони евра, може да спасат 516 деца како Тамара.


Протест за Тамара: Вистинските виновници имаат име и презиме


Велес, 15 февруари, 2015 - 10:22 (META) 

„Секое наше дете е Тамара“ е мотото на протестот што денеска напладне го организираа група граѓани во Младинскиот парк во Велес, на кој ќе се побара одговорност од виновниците за смртта на Тамара Димовска, која боледуваше од сколиоза и која почина чекајќи ја седмата операција.

– Со протестот сакаме да повикаме на солидарност во тагата и да побараме одговорност. Сакаме да порачаме дека со тоа што никој не понесе одговорност за овој случај, граѓаните ја губат довербата во институциите. Бараме оставки за оние што се виновни за смртта на Тамара – рече Димче Велев, организатор на протестот.

„Тамара на сите ни се заблагодари што ја разбудивме хуманоста, но на голема жал нејзиниот прерано згаснат живот сите нè потсети и на солидарноста. Да бидеме солидарни во тагата, но и да упатиме порака до виновниците оваа недела (15.02.2015) во Младинскиот парк во Велес во 12 часот. Мајки, татковци, баби, дедовци… Тамара е секое дете… Дојдете и на мирен начин да покажеме дека знаеме кој е виновен за смртта на нашата Тамара! Да порачаме дека за детскиот живот нема преголема цена“, стои во апелот на организаторите, кои велат дека секоја акција ја прават во консултација со семејството на Тамара.

Организаторите повикуваат на протестот мирно, достоинствено, без провокации, без насилства и без говор на омраза да се побара морална одговорност.

„Апелираме до оние кои имаат намера да го нарушат достоинството на протестот, откажете се! Не дозволувајте амнестија на вистински виновните – тие имаат име и презиме (Никoла Тодоров – министер за здравство, м-р Маја Парнарџиева-Змејкова и Џемали Мехази)“, стои во повикот за протестот.


Само 200 евра донирани на сметката на Тамара од Велес


Велес, 18 ноември, 2014 - 16:43 (META) 

Засега има само 200 евра на девизната сметка што ја отвори семејството на десетгодишната Тамара Димовска од Велес, јави „Телеграф“.

Таа има искривување на ’рбетот поголемо од 80 отсто и затоа е потребна итна операција, која чини 30.000 евра.

Од вчера, операторот „Т-Мобиле“ отвори телефонски број за донации, 070/143-115, а истото денеска го стори и операторот „Вип“, чии корисници можат да донираат на 077/143-123.

Од семејството информираат дека процедурата за отварање број за донации кај операторот „Оне“ сè уште е во тек.

Според последните информации, искривувањето на ’рбетот за една година се зголемило двојно, од 40 на 80 отсто, и затоа сега малата Тамара има проблеми со дишните патишта и бронхитис.

Ако операцијата не се изведе во најкус можен рок, можно е да се јават проблеми на срцето и на други органи што ги притиска ’рбетот. Фондот за здравство одбил да ги покрие трошоцитe за лекување во странство со образложение дека операцијата може да се направи во Македонија.

Семејството тврди дека тројца раководители на одделенија од Клинички центар се потпишале дека операција тука не е можна бидејќи освен стручност, потребна е и апаратура која ја нема во земјава.


Фондот нема да го покрие лекувањето на Тамара Димовска


Велес, 12 ноември, 2014 - 16:13 (META) 

Фондот за здравство нема да ги покрие трошоците за лекување во странство на малата Тамара Димовска од Велес, на која ѝ се заканува траен инвалидитет, јави „Телма“. Тамара имала метална шипка која ѝ била прикачена за ’рбетот и ја одржувала исправена, но таа станала прекуса за нејзината висина и само ѝ правела дополнителни проблеми, па затоа, пред една година, доктор од Хрватска ја отстранил шипката. Таа веќе е за 50 сантиметри пониска од нормалното, внатрешните органи ѝ се натиснати, а најголема е опасноста кај срцето и кај белите дробови.

Димовски побарале Фондот за здравство да ги покрие трошоците за лекување во странство, но биле одбиени со образложение дека може да се оперира во земјава, на Ургентниот центар. Родителите, пак, тврдат дека ниту еден доктор со кој контактирале не се нафатил оти освен стручност, потребна е апаратура, која ја нема во земјава. Тројца раководители на одделенија од Клинички центар веќе се потпишале дека операција тука не може да се изведе.

Фондот ги покрил трошоците за првата операција, но сега не одобрува пари за продолжување на лекувањето во странство. Родителите молат уште еднаш да се разгледа нивниот случај и државата да помогне Тамара да не остане инвалид. Велат нивната борба ќе трае сè додека не престане растењето на девојчето.

Шестнеделниот третман за исправување, истегнување и за корекција на пршлените во Хрватска чини 30.000 евра, додека во Турција или во Америка – повеќе од 100.000 евра.