!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Девет лица загинале во експлозија на бомба во Пакистан


Исламабад, 25 април, 2017 - 13:15 (META) 

Најмлаку девет лица денеска загинале, меѓу кои две деца и две жени, во експлозија на бомба поставена на пат во северозападниот дел на Пакистан, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на соопштение на локалните власти.

Бомбата, која била поставена на пат недалеку од градот Годар, во племенската област Курам, била ативирана при поминувањето на минибусот, во кој се наоѓале жртвите.

„Потврдено е дека девет лица загинале во експлозијата, а најмалку 13 лица се повредени“, изјавил Ирфан Али, претставник на локалните власти.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападот.

Во областа Курам, која е едно од упориштата на талибанците, чести се судирите меѓу сунитите и шиитите, кои сочинуваат 20 отсто од населението на Пакистан.


Повеќе од 100 лица убиени во напад на воена база во Авганистан


Кабул, 22 април, 2017 - 11:08 (META) 

Повеќе од 100 војници загинале во нападот на талибанците на воена база на северот на Авганистан, соопштило утрово авганистанското министерство за одбрана, јавуваат светските агенции.

Станува збор за прво официјално соопштение на авганистанските власти по нападот на базата во градот Мазар-е-Шариф, кој се случи вчера и траеше неколку часа и за кој првин извести командата на силите на САД во Кабул.

Британскиот национален сервис „Би-би-си“, повикувајќи се на локални извори, наведува дека во нападот на талибанците загинале повеќе од 130 лица, од кои најголем број биле авганистански војници, како и дека бројот на жртви би можел да биде поголем.

Најмалку 10 талибанци биле убиени во вчерашниот судир, а еден од напаѓачите е приведен.


САД ја обвинија Русија дека ги помага талибанците, Москва негира


Вашингтон, 24 март, 2017 - 10:18 (META) 

Американскиот армиски генерал Кертис Скапароти изјави дека Русија можеби ги снабдува со оружје талибанците во Авганистан, но Москва веднаш ги отфрли ваквите наводи и ги оцени како лажни.

На сослушувањето во Сенатот, армискиот генерал и врховен сојузнички командант во Европа, Скапароти, рече дека забележал пораст на руското влијание при „побуните на талибанците во Авганистан“.

– Забележав пораст на влијанието на Русија во последно време, зголемена соработка, а можеби и снабдување на талибанците – рече генералот.

Русија во меѓувреме ги отфрли како лажни наводите на САД дека ги снабдува талибанските бунтовници, соопштувајќи дека Вашингтон се обидува да ја прикрие својата пропадната политика во таа земја.


Советот за безбедност ја продолжи мисијата на ОН во Авганистан


Њујорк, 18 март, 2017 - 12:00 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации синоќа едногласно ја донесе резолуцијата со која се продолжува мисијата на ОН во Авганистан (УНАМА) до март 2018 година.

Во неа, како што пренесуваат светските медиуми, се изразува сериозна загриженост поради присуството и потенцијалното зајакнување на разгранокот на Исламска држава, што претставува сериозна закана за безбедноста на Авганистан и на земјите во регионот.

Советот за безбедност на ОН ја повика владата на Авганистан да почне да ги решава алармантните закани, кои доаѓаат од талибанците, Ал каеда и од нејзините разграноци и од други екстремистички групи.

Исто така, Советот за безбедност ја повтори поддршката за авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили, особено во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам.

Според податоците на ОН, минатата година во Авганистан се убиени 3.498 лица, вклучувајќи 923 деца, а уште 7.920 лица се ранети.


Напади во Кабул, талибанците ја презедоа одговорноста


Кабул, 1 март, 2017 - 12:12 (META) 

Повеќе десетици лица денеска се повредени во два бомбашки напади на седиште на полицијата и на разузнавачките служби во Кабул, соопштија авганистанските власти.

Одговорноста за експлозијата на автомобил бомба кај полициската станица и за самоубиствениот напад на центарот за разузнавачката служба ги презедоа талибанците.

Претставник на министерството за здравство соопшти дека едно лице загинало, а најмалку 35 се ранети и хоспитализирани.


Талибанците објавија снимка од киднапираните професори во Авганистан


Кабул, 12 јануари, 2017 - 13:19 (META) 

Талибанците објавија видеоснимка од Австралиец и од Американец кои минатата година беа киднапирани во Авганистан, јавува „Би-би-си“.

Наводно, снимката е направена на 1 јануари, а киднаперите го повикуваат новоизбраниот американски претседател да понуди размена на заробеници.

Станува збор за Американецот Кевин Кинг и за Австралиецот Тимоти Викс, професори на универзитетот во Кабул.
Ова е првпат за нив да се чуе нешто откако се киднапирани во август минатата година.

Американските претставници во септември соопштија дека американските сили почнале мисија за спасување, но оти киднапираните не биле на локацијата за која се мислело дека ги држат.

На видеоснимката, која на медиумите им ја испратил портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, киднапираните изгледаат исцрпено.

Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјави дека американските власти ја анализираат снимката и дека не може да се потврди нејзината автентичност.

Министерството за надворешни работи и за трговија на Австралија, во соопштение наведува дека нивната влада соработува со владите на другите земји за да осигураат ослободување на Австралиецот кој минатата година во август е киднапиран во Авганистан.


Авганистанските талибанци убија осум полицајци


Кабул, 18 ноември, 2016 - 13:24 (META) 

Осум авганистански полицајци загинаа во напад на талибанците во провинцијата Фарах, изјави портпарол на локалните власти, Мухамед Насер Мехри.

Нападот се случил околу полноќ во округот Баква, на западот на Авганистан, кога врз полициски конвој е отворен оган.

Талибанските бунтовници го нападнале конвојот од различни страни, а нападот е запрен откако пристигнало засилување.

Портпаролот на талибанците, Кари Јусуф Ахмади, ја презеде одговорноста и додаде дека бунтовниците заплениле поголемо количество оружје и муниција.

Талибанците во изминатите месеци ги засилија нападите врз авганистанските безбедносни сили, подметнувајќи бомби на патиштата, изведувајќи самоубиствени бомбашки напади или напади од заседа врз воени или цивилни конвои.


Талибанците нападнаа воена база во Авганистан – четворица загинати и 14 повредени


Четири лица загинаа, а најмалку 14 се повредени во денешната експлозија во најголемата американска воена база во Авганистан, соопшти НАТО. Одговорноста за нападот ја презедоа талибанците.

„Експлозивната направа е детонирана во воздушната база Баграм и има повеќе жртви. Екипите во Баграм им помагаат на ранетите и го истражуваат инцидентот“, соопштија од НАТО.

Сепак, од Северноатлантската алијанса не соопштија од која националност се жртвите.

Портпаролот на талибанците, Забихулал Муџахид, на „Твитер“ ја презеде одговорноста за нападот.


Авганистан: Најмалку четворица загинати во бомбашки напад на германскиот конзулат


Кабул, 11 ноември, 2016 - 12:09 (META) 

Најмалку четворица цивили загинале, а 120 се ранети во самоубиствен бомбашки напад што ноќеска се случил пред германскиот конзулат во Авганистан, јавуваат светските агенции.

Нападот го извршил бомбаш самоубиец, кој со камион наполнет со експлозив удрил во зградата каде е сместен германскиот конзулат во градот Мазар е Шариф, во северниот дел на Авганистан. По експлозијата, друго лице отворило оган кон германските и авганистанските сили, распоредени околу конзулатот, кои веднаш возвратиле.

Одговорноста за нападот ја презеле талибанците, во знак на одмазда за минатонеделните воздушни напади во провинцијата Кундуз.

Од локалната полиција соопштиле дека најмалку едно лице е уапсено, поради сомневања за поврзаност со нападот.


ОН: Производството на опиум во Авганистан е зголемено за 43 отсто


Њујорк, 23 октомври, 2016 - 15:51 (META) 

Производството на опиум во Авганистан во изминатата година се зголемило за 43 отсто, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДК), пренесува „Би-би-си“.

Според податоците на УНОДК, земјоделските површини на кои се одгледува афион, растението од кое се добива опиумот, се зголемени за 10 отсто и се простираат на површина од 201.000 хектари.

Авганистан е најголем светски производител на опиум, кој е и главна состојка од која се добива хероинот.

Иако одгледувањето на афион и производството на опиум се кривични дела во Авганистан, тоа сè уште е главен извор на финансии за сиромашните земјоделски заедници.

Талибанците, исто така, наплаќаат данок за производството на афион, што е главен извор за финансирање на нивните воени активности.

Авганистанската влада воведе политика за искоренување на одгледувањето на афион, но и покрај тоа, посевите со афион се широко распространети во регионите под контрола на владата, чии службеници честопати се обвинувани дека „замижуваат“ пред проблемот.

Извршниот директор на УНОДК, Јури Федотов, изјавил дека бројките од последниот извештај се „загрижувачки пресврт во напорите“ за искоренување на оваа појава.