Од пештерата во Тајланд спасени и последното момче и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 14:20 (META) 

Специјалците „фоки“ од тајландската Воена морнарица предмалку соопштија дека од пештерскиот систем, каде беа заглавени од 23 јуни годинава, се спасени и последното момче и тренерот.

Излегувањето од отворот на пештерите Там Луанг на нуркачите и на момчето, беше поздравено со бурен аплауз и френетични извици. Четиримина нуркачи остануваат внатре во пештерите „за секој случај“, велат од тајландската армија, иако со сигурност се знае дека сите заглавени се спасени, а се водеше евиденција и за нуркачите.

Тие ќе бидат пренесени в болница, каде ќе бидат под лекарска нега и набљудување во следните денови.

Првите четири момчиња беа спасени во неделата, а четири во понеделникот, а другите денеска.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување во изминативе три дена, двајца нуркачи придружуваа а по едно момче и го носеа неговиот канистер со кислород, а момчињата беа со  нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Познатиот бизнисмен Илон Маск понуди и специјална капсула за спасување, во која момчињата би биле затворени, но беше избрана погоре наведената варијанта.

Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат или да ги повредат нуркачите.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие оделе сè подалеку и не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


Се чека од пештерата во Тајланд да се спасат последните две момчиња и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 12:55 (META) 

Од пештерскиот систем Там Луанг во Тајланд, во кој беа долго заглавени, денеска се извлечени уште две момчиња, и сега внатре се уште две и нивниот тренер, јавија светските агенции.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување, двајца нуркачи придружуваат едно момче и го носат неговиот канистер со кислород, а момчињата имаат нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


 


Поплавите на Тајланд однесоа 23 животи


Бангкок, 3 август, 2017 - 15:35 (META) 

Најмалку 23 лица загинаа, а две се водат за исчезнати во поплавите предизвикани од поројните дождови на северот и на истокот на Тајланд.

Истовремено, се проценува дека причинета е материјална штета од околу 300 милиони долари.

Поплавени се подрачја во 10 провинции на Тајланд, со што се погодени 721.500 луѓе, соопшти тајландското министерство за внатрешни работи.

Според податоците од тоа министерство, околу 1.554 квадратни километри земјоделско земјиште е погодено од поплавите.

Најголем број жртви на поплавите е регистриран во провинцијата Сакон Накхон, околу 640 километри источно од Бангкок, каде загинаа девет лица.


Еден повреден во експлозија на бомба во Тајланд


Бангкок, 16 јуни, 2017 - 11:12 (META) 

Едно лице е повредено во експлозија во главниот тајландски град Бангкок, предизвикана од т.н. пинг-понг бомба, скриена во пластична кеса, соопшти полицијата.

– Пластичната кеса во која била сместена малата импровизирана експлозивна направа, била скриена во грмушка, а кога работниците од комунална хигиена ја собрале и ја отвориле, таа експлодирала – соопшти претставник на полицијата.

Експлозијата се случила еден ден откако властите објавија дека уапсиле лице кое е осомничено дека е поврзано со експлозијата во воената болница што се случи пред еден месец, а при која беа ранети повеќе од 20 лица.


Дваесет лица се повредени во експлозија на бомба во болница на Тајланд


Бангкок, 22 мај, 2017 - 10:36 (META) 

Најмалку 20 лица се повредени во експлозија на бомба во болница во Бангкок, соопштија денеска тајландските власти. Истражителите на местото на експлозијата пронашле остатоци од батерија и жици од експлозивна направа.

Засега никој не ја презема одговорноста за експлозијата во воената болница, кој исто така е отворена и за цивили.

– Имаше бомба. Пронајдовме делови кои се користени за изработка на бомбата – изјави шефот на полицискиот тим за експлозии, Хамтхорн Аухароен и наведе дека властите ги проверуваат снимките од надзорните камери.


Почина тајландскиот крал по 70 години владеење


Бангкок, 13 октомври, 2016 - 16:12 (META) 

Тајландскиот крал Бхумибол Адулајадеи, монарх со најдолг стаж на светот, почина денеска во болница, соопшти кралската палата.

Не е соопштена причината за смртта на 88-годишниот крал, кој на тронот беше 70 години.

Иако Тајланд е уставна монархија и кралот има ограничени овластувања, многу често е сметан за фигура која ја гарантира стабилноста во земјата, која е политички турбулентна и во која војската неколкупати изврши пуч.

Неговите критичари му забележуваат за поддршката на воените удари, но и поради тоа што не укажувал на кршењето на човековите права.

На престолот би требало да го наследи неговиот син, 63-годишниот Маха Вајиралонгкорн.

Веднаш по објавувањето на веста, на улиците на Бангкок и во другите тајландски градови, луѓе облечени во розови и во жолти маици излегоа на улиците да му изразат почит на починатиот крал.


Бродолом во Тајланд, 18 загинати


Бангкок, 19 септември, 2016 - 14:03 (META) 

Двокатен патнички брод се преврти во реката Чао Праја, северно од Бангкок, при што загинаа најмалку 18 патници, соопштија тајландските власти.

Несреќата се случила вчера, кога бродот кој превезувал повеќе од 100 лица на туристичка екскурзија потонал за помалку од две минути, на само пет километри од крајбрежјето.

Повеќе од 44 патници се повредени и тие се пренесени во локалната болница, пренесуваат тајландските медиуми.

Спасувачите трагаат по повеќе од 12 лица, кои исчезнале во реката во провинцијата Ајутаја, 80 километри од Багкок. Бродот имал капацитет за 50 патници, а најверојатно се превртел поради преоптовареност и силни водени струи.


Тела на младенчиња тигри најдени во фрижидер во Тајланд


Бангкок, 1 јуни, 2016 - 10:06 (META) 

Четириесет тела на младенчиња тигри биле пронајдени во фрижидер во будистички храм во Тајланд, кој е под истрага за трговија и злоупотреба на животни, јавува „Би-би-си“.

Полицијата и службите за заштита на животни вчера започнале операција за отстранување на сите живи тигри од локацијата Канчанабури, која е позната како Храм на Тигрите.

Во фрижидерот, според Том Тејлор од фондацијата „Пријатели на животните“, биле пронајдени и други делови од тела на животни.

Храмот на тигрите инаку е популарна туристичка атракција во Тајланд.


Осумнаесет девојчиња загинаа во пожар во Тајланд


Бангкок, 23 мај, 2016 - 12:07 (META) 

Во пожар кој изби во ученички дом на северот на Тајланд загинаа 18 девојчиња на возраст од пет до 12 години, соопшти полицијата.

Полициските претставници соопштија дека во пожарот, кој избил доцна синоќа во дистриктот Чанг Раи, има и повредени, од кои две се во тешка состојба.

Се уште не се знае точниот број на спасени девојчиња.

Пожарникарите три часа го гаселе огинот и ги се обидувале да ги спасат преживеаните и повредените.

Засега не се знае причината за пожарот.


Во Тајланд откриена мрежа за лажни европски пасоши


Бангкок, 10 февруари, 2016 - 16:24 (META) 

Тајландската полиција открила голема мрежа лица осомничени за производство на неколку стотини лажни европски пасоши, наменети за црниот пазар на Блискиот Исток, соопштено е денеска во Бангкок.

Како што објасни тајландскиот претставник, Наталторн Пресунторн, лажните пасоши се правени врз основа на украдени вистински пасоши, а потоа по пошта биле испраќани низ светот.

Повеќето клиенти биле лица од Иран, Сирија, Авганистан и од Ирак, а цената на еден таков пасош се движела од 1.200 до 2.000 евра.

Полицијата го уапсила шефот на мрежата, Иранецот Хамид Рез Џафари, кој 25 години живее во Бангкок, а е познат по прекарот Доктор.

Во полициската акција се уапсени и пет Пакистанци.

Џафари поседувал шест различни пасоши, три од Бразил и по еден од Перу, Португалија и од Нов Зеланд.

Фалсификувањето пасоши и пари е честа појава во Тајланд, каде секоја година се губат или крадат по неколку илјади лични документи.