Тајфунот Демри усмрти 44 лица во Виетнам


Ханој, 6 ноември, 2017 - 10:56 (META) 

Силниот тајфун што го погоди Виетнам однесе најмалку 44 животи и предизвика голема материјална штета долж јужниот и централниот брег на оваа азиска земја.

Властите наведуваат дека 19 лица се водат како исчезнати по налетот на тајфунот Демри во саботата, вклучувајќи и деветчлен екипаж на товарен брод кој потонал кај покраината Нањ Хоа.

Повеќе од 116.000 куќи се урнати или оштетени откако тајфунот, втор по ред месецов, го погоди Виетнам и предизвика прекин на електричното напојување во регионот.


Тројца загинати во тајфун во Јапонија


Токио, 23 октомври, 2017 - 11:18 (META) 

Најмалку три лица загинаа во тајфунот Лан, кој вчера ја погоди Јапонија, јавија локалните медиуми.

Јавниот сервис НХК јавува дека најмалку две лица се потешко повредени, едно се води како исчезнато, а околу 90 добиле полесни повреди.

Властите наредија евакуација на околу 80.000 лица во Коријама, град кој се наоѓа северно од Токио, поради поплавите и свлечиштата предизвикани од тајфунот.

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе вчера ги повика властите да преземат чекори за што повеќе да се намали заканата по човечките животи.


Во налет на тајфун во Јапонија повредени 51 лице


Токио, 8 август, 2017 - 9:57 (META) 

Најмалку 51 лице е повредено во Јапонија во налетот на тајфунот Нора, проследен со обилен дожд кој предизвикал поплави.

Тајфунот ги погодил западните делови на земјата, проследен со ветер кој достигнал брзина и до 108 километри на час.

Метеоролозите истакнуваат дека тајфунот се поместува накај североисток.

Јапонската телевизиска станица НХК известува дека 51 лице се повредени, како и дека многу куќи и патишта се поплавени.


Тајфунот на Филипини усмрти четири лица


Манила, 26 декември, 2016 - 10:10 (META) 

Силен тајфун кој синоќа погоди делови од Филипини, усмртувајќи четири лица и уништувајќи многу куќи, денеска слабее, но ударите на ветерот сè уште се силни, соопштија властите.

Просечната брзина на тајфунот Нок-Тен се движела околу 185 километри на час, а во провинцијата достигнал брзина од 255 километри на час и предизвикал прекин во снабдувањето со електрична енергија и на комуникациските мрежи.

Тајфунот денеска се приближува до Манила, додека во текот на вчерашниот ден ја погоди провинцијата Камаринес Сур.
Околу 218.000 лица се евакуирани во центрите за поради силното невреме.


Тајфун го погоди северот на Јапонија, 11 лица загинаа, а 17 исчезнаа


Токио, 1 септември, 2016 - 13:05 (META) 

Најмалку 11 лица загинаа, а 17 се водат како исчезнати откако тајфун го погоди северот на Јапонија, притоа отсекувајќи 1.600 лица во зафатените подрачја, соопштија денеска локалните власти.

Тајфунот бил со брзина поголема од 160 километри на час и го погодил северниот дел на јапонското крајбрежје на Пацификот.

Невремето блокирало патишта и мостови, а биле отсечени и одредени места, наведуваат локалните власти.


Тајфунот Лајонрок усмрти 11 лица во Јапонија


Токио, 31 август, 2016 - 10:06 (META) 

Најмалку единаесет лица загинаа во поплавите предизвикани од тајфунот Лајонрок во Ивајзуми, во перфектурата Ивата, на северот на Јапонија.

Локалниот претставник Такехиро Хајашиџири изјави дека девет од починатите биле лица од старечки дом, кои биле пронајдени во поплавената населба.

Локалните медиуми наведуваат дека во старечкиот дом биле сместени пациенти кои боледуваат од деменција.

Јапонската телевизиска станица НХК јави дека властите пронашле уште две тела во друг дел на перфектурата Ивата.


Тајфунот Миндул предизвика хаос во Токио


Токио, 22 август, 2016 - 13:26 (META) 

Поројните дождови ја потопија јапонската престолнина Токио, откако тајфунот Миндул донесе поплави поради кои запрен е железничкиот сообраќај, а поради силните ветрови се откажани стотина летови.

Тајфунот од категорија еден, која е најниска на скалата на бури, за еден час успеал во некои делови на Токио да донесе дожд поради кој нивото на водата по улиците надминало и 10 сантиметри.

Локалните медиуми јавуваат дека околу 10 лица се повредени во невремето.

Патниците на токискиот аеродром „Ханеда“ се блокирани откако околу 300 домашни летови се откажани.

Аеродромот „Нарита“ привремено затвори две писти поради силниот ветер.

Железничкиот сообраќај во токискиот регион северно од градот, како и некои брзи возови, е намален или целосно запрен. Главната токиска кружна железничка линија, „Каманоте“ привремено е затворена откако дрво падна на пруга.


Евакуирани 750.000 лица на Филипини поради невреме


Манила, 14 декември, 2015 - 9:47 (META) 

Стотици илјади лица денеска се евакуирани од централниот дел на Филипини поради налет на тајфун, чии ветрови достигнуваат брзина од 150 километри на час.

Околу 40 летови во земјата се откажани, додека на 73 траекти и стотина рибарски бродови им е наложено да не испловуваат по ударот на тајфунот Мелор во селото Батаг, на северниот дел на островот Самар.

Властите досега евакуирале околу 750.000 лица. Се очекува тајфунот денеска да ја погоди провинцијата Сорсогон, на густо населениот остров Лузон.

Бернардо Алехандро, регионален претставник на цивилната одбрана, рече дека илјада лица се евакуирани во шест провинции во регионот Бикол и оти дека е упатена хуманитарна помош.

Се стравува дека тајфунот, кој донел и налет на ветер од 85 километри на час, ќе предизвика поплави и лизгање на земјиште.


Кина: 19 загинати и 223 повредени во тајфунот Муџигеј


Пекинг, 7 октомври, 2015 - 12:05 (META) 

Деветнаесет лица загинаа, а 223 се повредени во тајфунот Муџигеј, кој во текот на викендов го погоди јужниот дел на Кина, јави државната новинска агенција „Синхуа“.

Тајфунот Муџигеј ги погоди југоисточната кинеска покраина Гуангдунг и соседната автономна област Гауангси, предизвикувајќи прекин во снабдувањето со електрична енергија, прекин на железничкиот сообраќај и откажување на бројни летови.

Неколку десетини илјади лица се евакуирани, а оштетени се 282.700 хектари земјиште посеано со пченица. Штетата се проценува на 3,66 милијади долари, соопшти цивилната управа на провинцијата Гуангдунг.


Тајван: Супертајфун усмрти две лица


Тајпеи, 29 септември, 2015 - 11:01 (META) 

Две лица загинаа, а околу 300 се повредени во налетот на супертајфунот Дујуан, кој денеска го погоди источниот брег на Кина.

Како што јавуваат тајванските медиуми, бурата која беснеела во текот на ноќта во северниот дел на островот, оставила половина милион луѓе без електрична енергијa, а две лица загинале.

Во меѓувреме, кинеските медиуми јавуваат дека тајфунот, кој утрово ја погоди кинеската покраината Путаин, корнел стебла, а како последица на поројните дождови е забележано лизгање на земјиштето.

Според досегашните информации, повеќе од 12.000 лица се евакуирани, а уште 3.000 бараат засолниште.