!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Притвор од 30 дена за лицата од тетовската лабораторија за амфетамин


Скопје, 5 декември, 2017 - 10:20 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека почнало истрага против двајца државјани на Република Србија и петмина македонски државјани. Тие се осомничени за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, а беа уапсени на крајот на минатиот месец при акцијата на полициите на Македонија и на Србија, кога беше откриена и лабораторијата за синтетички дроги во Тетово.

Сите седуммина од судија на претходна постапка добиле 30-дневен притвор. Меѓу нив е и Милан Зарубица, познат во Србија како некогашен стручњак што станал „балкански крал на синтетичките дроги“.

На 30 ноември и на 1 декември, македонското МВР со соработка со МВР на Србија изврши претрес на повеќе објекти и локации на подрачјето на Тетово и на Скопје. Притоа во Тетово беше откриена лабораторија за синтетички дроги, а во скопско Батинци се откриени опрема и големи количества материи за кои се смета дека се поврзани со пронајдените во Тетово.

Според Обвинителството, групата произвела вкупно 204.696 таблети амфетамин со вкупна маса од 35 килограми.


Кљусев: Не останувам во САД, се враќам во Македонија и ќе се кандидирам за премиер


Скопје, 27 ноември, 2015 - 17:56 (META) 

Људмил Кљусев, синот на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, останува во притвор поради, како што проценил судот во САД, опасност од бегство, пренесува „Ферфилд дејли војс“.

Кљусев, кој инаку работел како психијатар во САД, беше уапсен на 12 ноември, под обвинение дека на пацинетите им препишувал големи количества лекови „адерал“ и „занакс“ (кај нас познат под името „хелекс“), за кои тие му плаќале во готово.

Заедно со Кљусев беше уапсен и Душан Босотов, вработен во неговата ординација во Милфорд.

На сослушувањето за да се утврди дали треба да остане во притвор или ќе биде пуштен да се брани од слобода, Кљусев, меѓу другото, изјавил дека „нема повеќе желба да се занимава со медицина“ и дека „сака да се врати во Македонија и да се кандидира за премиер“.

Од обвинителството како образложение за одлуката Кљусев да остане во притвор навеле дека кај него постои „значителна желба да ја напушти земјата“ и потсетиле дека за кривичното дело за кое се товари е предвидена максимална казна од 20 години затвор.

Како што стои во текстот, дополнително било посочено и дека Кљусев покрај американско, поседува и канадско и македонско државјанство. Било нотирано и дека тој патува еднаш месечно во Македонија, во посета на своите мајка и сестра и дека неговата сопруга и трите деца, исто така, имаат македонско државјанство.

Од обвинтелството, покрај тоа, соопштиле дека психијатарот поседува значителна сума пари во Македонија, односно околу 873.000 американски долари на банкарска сметка. На ова Кљусев реагирал дека сумата, наводно, се движела околу 10.000 долари.

Во истрагата за откривање на криминалот на Кљусев биле користени заштитени сведоци и полицаец кој се претставил како пациент. Тие тврделе дека Кљусев им препишувал лекови без да ги прегледа, за што му давале пари. Наводно, тој и на Босотов му дозволил да пишува рецепти додека бил отсутен. Парите потоа ги користел за лични потреби, облека, патувања и за отплата на кредити.

Људмил Кљусев е син на Никола Кљусев, академик и прв премиер на независна Македонија.

Тој од претседателот Ѓорге Иванов го прими постхумното одликување „8 Септември“ што на неговиот татко му беше доделено за „трасирањето на патот на самостојната македонска држава, остварувајќи ја волјата на македонските граѓани непосредно изразена на референдумот за независност на 8 Септември“.


Синот на Кљусев уапсен во САД за „дистрибуирање наркотици“


Скопје, 16 ноември, 2015 - 23:03 (META) 

Људмил Кљусев, синот на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, бил уапсен во САД под обвинение за „нелегално дистрибуирање наркотици“, објави „Ферфилд дејли војс“.

Кљусев, кој во САД работи како психијатар, бил уапсен на 12 ноември, обвинет дека на пациентите им препишувал големи количества лекови „aдерал“ и „занакс“ (кај нас познат под името „хелекс“) за кои тие му плаќале во готово.

Заедно со него е упасен и Душан Босотов, под истото обвинение.

Кљусев бил изведен пред судија и задржан во притвор, а Босотов е ослободен со кауција од 200.000 долари.

Во истрагата биле користени заштитени сведоци и полицаец кој се претставил како пациент. Тие тврделе дека Кљусев им препишувал лекови без да ги прегледа, за што му давале пари. Наводно, тој и на Босотов му дозволил да пишува рецепти додека бил отсутен.

Парите потоа ги користел за лични потреби, облека, патувања и за отплата на кредити.

Максималната казна за ова дело е 20 години затвор. Кљусев е, исто така, обвинет и за перење пари, за што му се заканува максимална казна од 10 години затвор.

Според информациите од САД, Кљусев претходно бил обвинет и казнет со 15.000 долари за сексуално вознемирување пациентка.

Тој ова дело не го признал и тврдел дека е „жртва на културна дискриминација“.2

Људмил Кљусев е син на Никола Кљусев, академик и прв премиер на независна Македонија.

Тој од претседателот Ѓорге Иванов го прими постхумното одликување „8 Септември“ што на неговиот татко му беше доделено за „трасирањето на патот на самостојната македонска држава, остварувајќи ја волјата на македонските граѓани непосредно изразена на референдумот за независност на 8 Септември“.


Доделени ваучерите за таблети на студентите


Скопје, 28 мај, 2015 - 14:49 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, и деканот на Природно-математичкиот факултет, Ицко Ѓоргоски, денеска ги доделија вредносните бонови за набавување таблет-компјутери со надворешна тастатура за потребите на редовните студенти и на студентите евидентирани како лица со посебни потреби.

Комисијата ги разгледа сите 7.290 барања за стекнување вредносен бон и вкупно 4.886 студенти стекнаа вредносен бон за набавка на таблет, 1.701 барања на студенти се одбиени поради повисоки приходи утврдени со Законот и уште 145 поради неисполнување на условите од Законот во однос на студиската програма.


Денеска ќе се доделуваат ваучери за таблети за студентите


Скопје, 28 мај, 2015 - 10:16 (META) 

Денеска во Природно-математичкиот факултет, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, и деканот на факултетот, Ицко Ѓоргоски, ќе ги доделат боновите за набавување таблет-компјутери со надворешна тастатура.

Вкупно 4.570 студенти ќе добијат бесплатни таблет-компјутери во рамки на владиниот проект за доделување вредносни бонови за набавување таблет-компјутери со надворешна тастатура за потребите на редовните студенти и на студентите евидентирани како лица со посебни потреби.

Од пристигнатите 7.290 апликации, 1.938 биле одбиени, а 728 дополнително ќе се проверуваат. Најмногу бонови се доделени на скопскиот УКИМ и на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, а најмалку на охридскиот.

Таблет-компјутерите се наменети за редовните студенти од трета и од четврта година и за студентите евидентирани како лица со посебни потреби од која било година на студии во учебната 2014/2015 година, на високообразовните установи во Македонија, а кои доаѓаат од семејства со бруто-приходи не поголеми од 32.741 денар.

Боновите се со вредност од 8.000 денари, а таблет-компјутерите студентите може да ги набават најдоцна до 25 јуни.


„Студентски пленум“: Таблетите не се приоритет за студентите


Скопје, 17 март, 2015 - 10:08 (META) 

Сметаме дека ова е само површна реформа и дека на високото образование и на студентите им се потребни континуирано вложување и финансиска поддршка, а не вакви еднократни награди, кои служат за да ни го одвлечат вниманието од вистинските проблеми, реагираат од „Студентски пленум“ по најавата од премиерот Никола Груевски дека студентите од третта и од четврта година, чии родители имаат помали примања од просечната плата, ќе добијат таблети.

– Ќе видиме колку Владата е навистина подготвена да помогне кога ќе се отвори прашањето за финансирање во изработката на новиот закон. Иако и досега имаме повеќепати посочено кои се барањата на студентите, ако некому сè уште не му е јасно, пак ќе повториме – сакаме човечки услови во студентските домови, сакаме соодветна и современа литература на македонски јазик, сакаме опремени лаборатории за природонаучните и за техничките факултети, сакаме асистенти, сакаме студентски мензи, сакаме студентски бенефиции, сакаме бесплатен јавен превоз. Сакаме да знаеме дека ќе може да најдеме работа дома. И дури тогаш, проектот за бесплатен таблет би имал некоја смисла – велат од „Студентски пленум“.


Домашни ИТ-компани ќе работат на софтверот за таблетите во училиштата


Скопје, 10 март, 2015 - 17:32 (META) 

Домашните ИТ-компании ќе бидат вклучени во новите владини проекти за развој на информатичкото општество. Ќе можат да креираат електронски услуги за граѓаните од институциите, со ИПА-финансии, како и софтвер за најавените 300.000 таблети за образованието.

Пред членките на ИКТ-комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, денеска плановите ги претставија министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, и неговата заменичка, Марта Арсовска-Томовска. Целта е компаните да се подготват навреме и да можат да аплицираат.

– Се работи за повеќе пакети проекти во делот што МИОА го бара преку ИПА-финансирањето. Со Апликацијата што е веќе доставена до ЕУ, бараме финасирање на голем број електронски услуги. Со воспоставувањето на системот на интероперабилност, каде моментно се во тек две надградби на првичниот, ќе се овозможи поедноставно креирање електронски услуги за кои граѓаните по електронски пат ќе може да ги добијат услугите од компаниите – изјави Ивановски.

Тој се надева дека бизнис-заедницата ќе се вклучи во развивање софтвер за набавка на 300.000 таблети за образованието, за кои постапката треба да почне во август.

– Проектот моментно е во анализа и се дизајнира целиот еко-систем, кој ќе биде направен за овие таблети. Моментно буџетската рамка сè уште не е утврдена бидејќи нема да стане збор само за хардвер, туку и за развој на софтвер во чие развивање, се надеваме, македонските компании ќе се вклучат активно, обуки за наставниот кадар, како и потребна опрема од аспект на модернизирање на самите училишта. Техничката документација би требало да заврши до јуни и постапката да почне на крајот на август – информира Ивановски.

Според Саша Огненовски, претседател на ИКТ-комората при ССК, од компаните има голем интерес и за примената на Законот за архивско работење, што е на нивно барање, а треба да ја намали бирократијата за малите и за средните претпријатија.

– Секоја можност што ќе се отвори за бизнис-заедницата е добредојдена. Очекуваме добивка за компаниите во Македонија. Токму тоа е причината зошто сме денеска тука, да поразговараме со претставниците на МИОА, односно да добиеме информација за тоа кои се замислите на Владата во таа насока, но и да дадеме сугестии што повеќе домашни фирми да бидат вклучени во овој проект – изјави Огненовски.

ИКТ-комората при ССК во соработка со МИОА спроведува проект за компјутери за социјално ранливи граѓани. Учествува и во изработката на краткорочната и на долгорочната стратегија за информатичкото општество.


Вториот најпаметен човек на светот е невработен и пие по 50 апчиња дневно


Лос Анџелес, 5 декември, 2014 - 14:15 (META) 

Вториот на листата најинтелигентни луѓе на светот, Рик Роснер, кој има коефициент на интелегенција 192, е невработен.

Тој на листата се наоѓа веднаш зад грчкиот психијатар Евангелос Катсиоулис, чиј иоефициент на интелигенција изнесува 198.

Роснер е опседнат со својата здравствена состојба и дневно пие по 50 таблети затоа што „не сака да стане глупав“.


Наскоро телефоните ќе можете да ги претворите во „гејмбој“


Kjoto, 1 декември, 2014 - 13:18 (META) 

Компанијата „Нинтендо“, наводно, планира да ги оживее старите игри, но овојпат да ги адаптира на таблетите, паметните телефони и на фаблетите, јавува порталот „Некст дигит“.

Доколку гласините се вистинити, тогаш сите љубители на старите игри ќе можат истите да ги играат на своите нови уреди.

За да ја претвори идејата во стварност, според „Некст дигит“, компанијата ќе мора да работи на емулација заснована на програмски техники, кои овозможуваат конзолата да го копира оригиналот.

Многу емулатори илегално им овозможуваат на корисниците на конзолите да ги играат старите нинтендо-игри, а сега е време за официјална верзија на емулаторот, од што полза би имале не само компанијата, туку и целата гејмерска заедница.