Во Полошко полицијата привела 48 странски државјани со нелегален престој


Тетово, 14 ноември, 2018 - 12:14 (META) 

Полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово ноќеска од полноќ до 2 часот и 30 минути, спровеле акциска контрола во угостителски објект во тетовско Горно Седларце.

Таму биле затекнати осум женски лица, од кои пет од Република Албанија и три македонски државјанки. Албанските државјанки на возраст од 25 до 45 години, кои во објектот ги забавувале гостите, приведени се во Полициската станица Тетово, по што се предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка, информираат од СВР Тетово.

Во истиот период, спроведена е акциска контрола и во угостителски објект во Желино, во кој биле затекнати шест женски лица, од кои една од Република Косово и пет македонски државјанки. Косовската државјанка на возраст од 23 години приведена е и предадена за натамошна постапка.

Во период од 4 до 7 часот, акциска контрола се реализирала и во неколку објекти во Гостивар. Биле откриени и приведени 14 албански државјани на различна возраст од 17 до 57 години. Спроведена е контрола и во неколку гостиварски села, кае што откриени се 28 албански државјани со нерегулиран престој во земјава, соопштија од СВР Тетово.


СВР и ОЈО се координираат за расчистување на случајот со говорот на омраза на навивачките групи


Тетово, 7 ноември, 2018 - 13:35 (META) 

Полицијата и Обвинителството работат координирано во обелоденувањето на настаните кои се случија во саботата и неделата во Тетово во кои навивачите на групите „Војводи“ и „Балисти“ користеле говор на омраза по етничка основа, а кое според Кривичниот законик е кривично дело казниво со глоба или казна затвор од 1 до 5 години, известува „Порталб.мк“.

Во саботата, навивачката група „Војводи“ од Тетово ја славеа 30 годишнината на нивното постоење и во текот на марширањето по градските улици користеа навредливи извици кон Албанците. Еден ден потоа, односно во неделата, по завршување на натпреварот помеѓу Шкендија и Шкупи во Тетово, навивачката група „Балисти“, им возврати на „Војводите“, исто така со навредливи зборови, но упатени кон Македонците.

– Нашиот став е многу едноставен, ние не го започнавме ова, тие почнаа први и потоа ние им возвративме – вели водачот на навивачката група од Тетово „Балисти“, Исак Лума.

Од друга страна, „Војводите“ велат дека тие не предизвикале никаков инцидент, и бараат од органите на редот и прогонот да не ги изедначуваат со „Балистите“.

– Како навивачка група одговорно тврдиме дека од наша страна не е предизвикан никаков инцидент и бараме од МВР и Обвинителството да не ги ставаат „Војводите“ во ист кош со нашите варварски соседи кои како што се гледа не можат да се соочат со нас и нашиот успех и заради тоа ги напаѓаат невините граѓани и објектите – велат од навивачката група.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вели дека се преземаат мерки за двете навивачки групи.

– Определивме посебна задача во делот на превенцијата и работиме со двете навивачки групи. Не смееме да дозволиме нивните судири со говор на омраза да станат секојдневие во Република Македонија – вели Спасовски.

Вчера, раководството на СВР Тетово, одржа средба со претставници на ОЈО за целосно расчистување на случаите со навивачките групи.

На средбата се договориле координативни активности за квалификување на настаните, понатамошната динамика и чекори, за комплетно расчистување на случајот и финално заокружување со подготовка на соодветни тужби против инволвираните поединци.

На прашањето на „Порталб.мк“, дали е покрената некоја соодветна тужба за сторителите, полицијата и Обвинителството со ист одговор дека се работи на идентификување на лицата и дека ќе информираат кога ќе ги поднесат соодветните пријави.


Прободен тинејџер во гостиварско Чегране


Тетово, 5 ноември, 2018 - 14:14 (META) 

Синоќа околу 21 часот, шеснаесетгодишник од гостиварското село Чегране, во салон за забавни игри, најпрво физички се пресметувал со седумнаесетгодишник од истото село, воедно и негов роднина, а потоа од панталоните извадил нож и му нанел убодна рана во левата нога, информираат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

На местото на настанот е извршен увид и е пронајден шестаесетгодишникот. Неговиот нож е одземен за вештачење, а СВР Тетово работи на целосно расчистување на случајот.

 


Властите во Тетово не казниле никого за фрлање градежен шут


Тетово, 25 октомври, 2018 - 11:36 (META) 

Тетовските власти во текот на изминатите девет месеци не казниле ниту едно лице за фрлање градежен шут. Според податоците обезбедени од „Порталб.мк, во последните девет месеци, во полошкиот регион полицијата има казнето вкупно 24 лица за фрлање отпадоци според членот 14 од Законот за јавна хигиена, кои вклучуваат фрлање на догорчиња од цигари, гуми за џвакање и други отпадоци, но не казнила ниту едно лице за фрлање отпадоци според членот 14-а, односно фрлање градежен шут.

– Во текот на минатите девет месеци годинава, припадници на Секторот за внатрешни работи (СВР) – Тетово имаат изречено 24 казни за прекршување на законот за јавна чистота. Додека што се однесува до членот 14-а од законот за јавна чистота, не сопреле или пак санкционирале ниту едно лице во врска со отпадоци и испуштање на фекална канализација – вели Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Од Општина Тетово, за „Порталб“, потврдуваат дека од август 2018 досега, општинскиот инспекторат санкционирал 10 претпријатија за загадување на животната средина, но ниту една од овие казни не се однесува на фрлање на градежен шут или отпадоци во поголеми количини.

Инаку, Општина Тетово нема депонија за тврди материјали и поради тоа градежните отпадоци се фрлаат по јавни површини. Властите треба да се потрудат што поскоро да ги исполнат ветувањата, со што ќе се спречи хаосот со неконтролираното фрлање на овој вид отпадоци.

Според законот, физичките лица кои ќе бидат фатени како фрлаат градежни отпадоци се казнуваат со глоба во износ од 150 до 200 евра, а правните лица со по 4.000 евра.

Преку апликацијата  „E-репорт“ граѓаните можат да известат за несовесно поведение на физички и правни лица кои со нивни постапки ја загадуваат животната средина.


За девет месеци во тетовско изречени 3.584 казни за брзо возење


Тетово, 12 октомври, 2018 - 11:57 (META) 

Во изминатите девет месеци од годинава, на поширокото тетовско подрачје откриени и соодветно санкционирани се 3.584 сообраќајни прекршоци. Се работи за пречекорувања на максимално дозволената брзина, информираат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

Според податоците, 1.096 од нив биле во населено, а 2.358 надвор од населено место. Прекршоците биле направени од патнички моторни возила, додека вкупната бројка на пречекорувања во овој период од товарни возила изнесувала 130.

СВР Тетово информира дека констатираните прекршоци се заокружени со соодветни поднесоци и со 1.511 времени забрани за управување на патничките и 68 на товарните возила, во времетраење од три месеци до една година.

Секторот за внатрешни работи Тетово продолжува со контролни активности за брзината со која се движат возилата, бидејќи неприлагодената брзина според условите на патот и оваа година е најчестата причина за сообраќајни несреќи во тетовско, истакнуваат од СВР Тетово.


Разбојништво во менувачница во Тетово


Тетово, 19 септември, 2018 - 11:46 (META) 

Четири лица, од кои двајца италијански и двајца македонски државјани, приведени се поради основи на сомнение дека вчера извршиле кривично дело „разбојништво“ во менувачница во Тетово, соопштуваат од Секторот за внатрешни работи Тетово.

„Првоосoмничениот се товари дека влегол во објектот и заканувајќи му се на вработениот со пиштол, од метален сеф и фиока одзел парични средства во вкупен износ од околу 20 илјади евра, по што со такси возило управувано од вториот осомничен, веднаш се оддалечил заедно со другите приведени лица, кои го чекале во непосредна близина. Набрзо, четворицата осомничени се упатиле кон угостителски објект покрај регионалниот пат Тетово-Волковија, каде ги поделиле одземените парични средства, а потоа во друг угостителски објект каде што престојувале, лишени се од слобода од полициски службеници на СВР Тетово“, стои во соопштението.

Во текот на денешниот ден четворицата осомничени ќе бидат изведени пред судија во претходна постапка на Основниот суд Тетово.


Приведени 30 лица од Полошкиот регион за поседување дрога


Тетово, 17 септември, 2018 - 14:16 (META) 

Во текот на изминатата недела, поради сомнение дека биле инволвирани во „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, приведени се 30 лица од Тетово, Гостивар, Чегране и други места од Полошкиот регион, информираат од СВР Тетово.

Секторот за внатрешни работи Тетово, овој месец ги засили планираните активности за санкционирање на лицата кои поседуваат, пуштаат во промет или уживаат наркотични средства на споменатото подрачје.
Најчести случаи се лица кои поседувале марихуана, кокаин и хероин, на возраст од 15 до 46 години.

Од СВР Тетово, најавија продолжување на ваквите активности и во наредниот период, особено во објекти за кои имаат сознанија дека претставуваат чести собиралишта на нарко корисниците.


Тетовец креирал лажен „Фејсбук“ профил заради уцена


Тетово, 25 јуни, 2018 - 14:18 (META) 

Тетовец креирал лажен профил на „Фејсбук“ на женско лице од Тетово, објавил компромитирачка фотографија од неа, а потоа ја уценувал да стапи во интимен контакт со неа. Поради тоа, односно поради сторено кривично дело злоупотреба на лични податоци, СВР Тетово поднело кривчна пријава против 30-годишниот С.Т., кој делото го сторил во април годинава.


Приведени странски државјанки кои работеле како танчерки во тетовски локали


Тетово, 30 декември, 2017 - 13:49 (META) 

Полициски екипи на СВР Тетово и на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, вчера извршиле контрола во угостителските објекти „Ориентал Ас“ и „Баци“ во селата Жеровјане и Боговиње, Тетовско

Во акцијата, како што соопшти МВР, биле приведени седум странски државјанки, од кои три од Србија и по две од Косово и од Албанија, поради злоупотреба на туристичкиот престој.

Тие заедно со уште 13 македонски државјанки работеле како танчерки во локалите.

Странските државјанки биле задржани во полициската станица во Тетово, а потоа се предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.

Екипи на СВР Тетово вчера извршиле и акциска контрола во селото Врапчиште каде била откриена нелегална обложувалница.

Од објектот, кој работел без регистрана фирма, биле запленети пет телевизори, четири компјутери, четири монитори, два печатачи, еден читач, билтени, тикети и одредена сума пари.

По расчистувањето на случајот од МВР велат дека ќе бидат поднесени соодветни пријави.


Запленети четири килограми марихуана во Тетово


Тетово, 18 ноември, 2017 - 11:00 (META) 

Полициски службеници од СВР Тетово вчера извршиле претрес во стан на улица 146, во кој како потстанар живеел А.Г. (32) од Тетово, при што пронашле марихуана со вкупна тежина од четири килограми.

Дрогата била сокриена во различни делови од станот – во пластично буре, стаклена тегла, ќеси, во кујната, ходникот и во спалната соба.

Пронајдените предмети, заедно со дрогата, биле одземени и предадени на вештачење, а А.Г. бил приведен во СВР Тетово за понатамошна постапка.

По целосно документирање на случајот, против А.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава.