!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полицијата спречи самоубиство на жена која сакала да скокне од зграда во Охрид


Охрид, 11 октомври, 2017 - 13:17 (META) 

Екипа на охридската полиција утрово спречила самоубиство на 41-годишна жена, која сакала да скокне од петтиот кат на зграда во Охрид.

Како што соопшти СВР Охрид, полициската акција траела околу еден час, во зграда во изградба на крстосницата од улиците Туристичка и Абас Амин, по што жената безбедно била спуштена до приземјето на зградата и предадена на екипа на итната медицинска помош.

Случајот бил пријавен околу 10.55 часот, од жител на Охрид кој ја забележал жената.

Во акцијата учествувале четворица полицајци. Двајца од нив почнале разговор со охриѓанката, додека, во меѓувреме, двајцата нивни колеги внимателно дошле до жената и ја оттргнале од работ на неоградената тераса на петтиот кат од зградата.

За случајот и за полициската интервенција бил известен и јавен обвинител.


Полицијата заплени 40 килограми марихуана и уапси две лица во Охрид


Охрид, 21 август, 2017 - 12:25 (META) 

Секторот за внатрешни работи Охрид и криминалистичката полициија на Министерството за внатрешни работи вчера во координирана акција откриле и заплениле 40 килограми марихуана, во близина на автокампот „Андон Дуков“ во Охрид.

За време на акцијата полициските екипи извршиле претрес во метална барака на нива во близина на кампот, каде затекнале две лица од Охрид. На местото биле откриени и четири црни вреќи во кои имало 16 најлонски пакувања.

При претресот извршен по добиена наредба од судија на претходна постапка, во бараката, но, и во близина на брегот на Охридското езеро, дополнително биле пронајдени рибарски мрежи и друг рибарски алат и прибор како и мобилни телефони.

Двете лица се уапсени, а пронајдената дрога и другите предмети се одземени и дадени на вештачење во МВР.

Од СВР Охрид информираат дека во тек се мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена кривична пријава.


Експлозија и пожар во стан во Охрид, еден повреден, седум автомобили оштетени


Охрид, 9 август, 2017 - 11:55 (META) 

Едно лице било потешко повредено во експлозија што вчера во 22.24 часот се случила во стан на улицата Сатеска во Охрид, соопшти денеска полицијата.

Како што информираат од СВР Охрид, од експлозијата, која најверојатно била предизвикана од плинска боца, дошло до пожар, кој бргу ја зафатил покуќнината и почнал да се шири низ собите. Сопственикот на станот со тешки повреди бил префрлен на Хируршкото одделение во Општата болница во Охрид.

Од пожарот и експлозијата, покрај штетите на мебелот и на прозорците на станот, оштетени биле и седум возила, паркирани во близина на зградата.


Голема тепачка на плажата Горица во Охрид, петмина се повредени


Охрид, 21 јули, 2017 - 19:44 (META) 

Во голема тепачка што се случила на охридската плажа Горица претпладнево, најмалку пет луѓе се повредени, а седуммина се приведени, информира СВР Охрид.

Инцидентот се случил во 10.50 часот. Според официјалното соопштение, најверојатно поради меѓусебни недоразбирања кои траeле подолг период, првин дошло до пресметка меѓу две помали групи. Набргу стигнале полицајци кои интервенирале, но тогаш пристигнале уште пет лица со опасни орудија, кои нападнале еден гостин на шанкот. Тој, пак, претходно ги делел двете групи да не се тепаат. Полицајците што биле на местото продолжиле да интервенираат, а наскоро им стигнало и засилување, па тепањето било сопрено, а повредените префрлени во Општа болница Охрид.

За инцидентот се приведени седум лица. Петмина од нив се приведени откако на различни одделенија во Општа болница Охрид им е пружена неопходната медицинска помош.

СВР Охрид и јавен обвинител работат на расчистувањето на инцидентот.


Скопјанец осомничен за серија кражби од возила во Охрид


Охрид, 26 јуни, 2017 - 12:46 (META) 

Секторот за внатрешни работи Охрид поднел кривична пријава против 30-годишниот Д.Д. од Скопје поради основан сомнеж дека извршил серија кражби во автомобили на туристички локации во Охрид.

Полицијата го сомничи скопјанецот дека користејќи соодветен алат и физичка сила провалувал во автомобили, сопственост на македонски и на странски државјани, од кои одземал пари, лаптоп-компјутери, хард-дискови, видеокамери, облека, обувки, сувенири, спортска опрема, мобилни телефони и кредитни картички.

Осомничениот, како што соопштија од СВР Охрид, кражбите ги извршил во текот на март и на април оваа година, во туристичкиот комплекс „Свети Наум“ и на паркиралиштето кај комплексот „Музеј на вода“ во близина на Заливот на коските.

Имотната корист што ја стекнал осомничениот дополнително ќе се утврдува, велат од полицијата.


Измамник од Неготино во Охрид посредувал и нудел вработување во Германија


Охрид, 11 април, 2017 - 13:20 (META) 

СВР од Охрид поднесе кривична пријава против Д.К. (27) од Неготино, за кого се сомнева дека извршил измама, соопшти портпаролот на секторот, Стефан Димоски.

Пријавениот, во периодот од февруари до мај минатата година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги довел во заблуда Ј.С. и З.Р., двајцата од Охрид.

Најнапред објавил оглас на „Реклама 5“, по што лажно прикажувал факти дека посредува и нуди вработување во Германија.

На телефонските повици, пријавениот лажно се претставувал, кажувајќи дека се вика Дарко од Скопје и дека успешно посредува за добивање работа во Германија.

По неколку телефонски разговори, оштетениот Ј.С. на трансакциска сметка од пријавениот, уплатил сума од 37.000 денари за вработување во Германија.

По истек на договорениот рок, Ј.С. не добил никакво известување за тоа кога ќе биде работно ангажиран, велејќи му дека биле потребни уште пари за да се завршела веќе почнатата постапка.

На истиот начин, пријавениот го сторил кривичното дело доведувајќи го во заблуда и З.Р. од Охрид.

Во мај минатата година, сега пријавениот, на З.Р. му ветил работа во Германија, а за таа услуга побарал и добил 53.400 денари.


Двајца скопјани осомничени за серија кражби во цркви во Охридско


Охрид, 11 април, 2017 - 10:18 (META) 

Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривични пријави против две лица од Скопје, кои се товарат за серија кражби во цркви во неколку охридски села.

Според полицијата, осомничените ги извршиле кражбите во периодот од минатото лето до средината на февруари оваа година.

Против нив е поднесена кривична пријава за пет тешки кражби и за два обида за тешки кражби.

Осомничените, според полицијата, ги извршиле кражабите во цркви во селата Лескоец, Старо Лескоец и Горно Лакоречеј, од каде одзеле околу 2.000 евра.

Полицијата не соопштува дали се одземени и икони или други црковни предмети и реликвии.


Запалено возило во Охрид, полицијата трага по сторителот


Охрид, 31 март, 2017 - 11:11 (META) 

Охридската полиција трага по сторител кој ноќеска, околу 1 часот, запалил автомобил, марка „голф“, на улицата Климентов универзитет во градот, соопштија од Секторот за внатреши работи Охрид.

„Од увидот на местото на настанот, извршен по овластување на јавен обвинител, констатирано е дека од предизвиканиот оган, запален е задниот дел на возилото, целосно е оштетено задното стакло, задната клупа, задното седиште, покривот и задниот лев трепкач“, стои во соопштението.

Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид.


Кривична пријава за жител на Октиси поради сторен грабеж


Охрид, 11 март, 2017 - 13:08 (META) 

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против И.Ш. (41) од струшкото село Октиси, поради основан сомнеж дека сторил тешка кражба.

Како што соопшти СВР Охрид, И.Ш. казненото дело го сторил на 26 февруари, нешто пред полноќ, кога, со намера да се стекне противправна имотна корист, насилно влегол во продавницата за железарија „Етко 2015“ во струшкото село Октиси. Пријавениот, со употреба на алат, извршил обивање на бравата од влезната врата на продавницата, а потоа со физичка сила успеал да ја отвори вратата. Откако влегол во продавницата, И.Ш. извршил пребарување, по што пронашол и одзел 500 денари.

На местото на настанот беше извршен увид, а потоа се преземени и дополнителни мерки за идентификација на сторителот.


Нухиу побарал дисциплинска постапка против началникот на СВР Охрид за заканите до СЈО


Скопје, 1 март, 2017 - 13:58 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, побарал дисциплинска постапка против началникот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Гоце Недески, во врска со заканите кон обвинителите на Специјалното јавно обвинителство, кажани во негово присуство, јавува порталот „СДК“.

Во постапката што ја побарал Нухиу, се истражуваат и елементи за сторено кривично дело од страна на началникот на СВР Охрид.

„Пред две недели добив известување од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за закани кон обвинителите од ова обвинителство, упатени од организаторите на протестите во Охрид, во присуство на началникот на СВР Охрид. Јас известувањето го анализирав и веднаш побарав од службата за внатрешна контрола на МВР да го испита случајот. Побарав внатрешната контрола да го извести задолжително и Јавниот обвинител на РМ, ако има елементи за кривично дело од страна на началникот. Значи, тое што е поведена итна дисциплинска постапка против него е едната работа, а втората е дека се испитува дали во ситуацијата началникот сторил кривични дела“, изјавил Нухиу за „СДК“.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, на вчерашната прес-конференција, на која беше објавена новата истрага „Труст“, во врска со испрашувањето и со повикувањето на распит на голем број лица за партиски донации во Охрид, рече дека таму се соочиле со непријатна ситуација и со закани во присуство на началникот на СВР Охрид, за кои, како што реше Ристоска, го известиле министерот за внатрешни работи.