Предвидени околу 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патиштата


Скопје, 23 јануари, 2018 - 13:50 (META) 

Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување на државните патишта за 2018 година на Јавно претпријатие за државни патишта, беше усвоена на последната владина седница и со неа се планирани инвестиции во вкупна вредност од 16.748.600.000 денари (272.334.959 евра).

Од Министерство за транспорт и врски информираат дека, помеѓу позначајните проекти предвидени во оваа програма се продолжување на изградба на автопатиштата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, изградба на експресни патишта Штип – Кочани, Штип – Радовиш, Градско – Прилеп, државен пат Струмица – Ново Село кон границата со Бугарија во должина од 20 километри, изградба на експресен пат делница Ранковце – Крива Паланка и други.

Во програмата предвидено е изградба и рехабилитација на повеќе државни и регионални патишта, изградба и санација на мостовите, осветлување на клучките, поставување на сообраќајна сигнализација и опрема, санација на свлечиштата.

Предвидени се и проекти за воведување на електронски систем за наплата на патарини на Коридор 10 како и проект за проценка на безбедноста на патиштата (IRAP).


Во поплавите на југот на Азија настрадаа 600 лица


Њу Делхи, 20 август, 2017 - 16:02 (META) 

Околу 600 лица настрадаа во поплавите на југот на Азија каде што акцијата за спасување се уште трае. Во поплавите и свлечиштата предизвикани од нив, биле погодени повеќе од еден милион луѓе.

Властите на Индија побарале помош од војската во две области кои се најгусто населени, а во кои загинаа 55 лица. Во индиската држава Утар Прадеш речиси 100.000 луѓе, од своите домови биле префрлени во засолништа.Индиската држава Бихар е најтешко погодена, каде што бројот на жртвите се зголеми на 153.

Најмалку 20 од 28 милиони жители на Непал се погодени од поплавите, а се проценува дека настрадале 123 лица.

Неколку милиони луѓе во Непал, Бангладеш и Индија се соочуваат со недостаток на храна и постои опасност од заразни болести поради загадената вода. Меѓународниот комитет на Црвениот крст повика на итна акција поради хуманитарната криза на југот на Азија.


Кај „Веро Центар“ отворен пункт за помош на настраданите во невремето


Скопје, 7 август, 2016 - 13:34 (META) 

Граѓаните на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ се организираат за да им помогнат на граѓаните кои се најпогодени од вчерашното невреме во Скопје, кое однесе повеќе човечки животи и предзвика големи штети.

На неколку меставо градот ќе се постават пунктови каде што ќе се собираат намирници. Засега сè уште нема отворено посебен телефон или сметка каде граѓаните ќе можат да донираат пари.

Пунктови за собирање храна, вода и облека ќе има кај „Веро Центар“ и кај „Кјуби Македонија“.
Како што пишува во апелите сега најпотребна е флаширана вода, храна, пелени за бебиња и облека.

Апел за помош има и за расчистување на училиштето „25 Мај“ во Сингелиќ и „Наум Наумовски Борче“ во Маџари.

Овие училишта се означени како логистички центри за згрижување.

Во вчерашните поплави животот го загубија најмалку 15 лица, 22 се повредени, а 6 лица се водат како исчезнати.

Најмногу погодени подрачја од вчерашните поплави се Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, каде биле пријавени големи штети, односно срушени и поплавени куќи и возила.


Невремето во тетовско предизвика ерозија на земјиштето и блокираше неколку патни правци


Тетово, 6 август, 2016 - 20:12 (META) 

Големи врнежи од дожд попладнево предизвикаа неколку свлечишта и блокираа два патни правци. Затрупан беше патот на влезот од Шипковица кој доцна попладнево е расчистен и патниот правец на излезот од Шипковица кој води кон селата Бродец и Вешала кој се уште е блокиран со наноси од камења и земја. Се работи на негово расчистување.

-Градежната механизација е на терен. Овде ќе се работи во текот на цела ноќ, се надеваме дека утре овој пат ќе биде пробиен – изјави Исен Џемаили од кризниот штаб Тетово, формиран денеска.

Од ерозијата на земјата отштетени се неколку помали улици и сокаци во шарпланинските села. Жртви и повредени нема, ниту материјална штета на домовите. Но стравот од поголема катастрофа е присутен кај жителите

– Кога почна невремето ние бевме дома со семејството. Колку што можевме исчистивме, штета нема многу, но стравот од катастрофа слична на минатогодишната е голем – изјави жител на Шипковица.

Од кризниот штаб информираат дека катастрофите можат да бидат поголеми од минатогодишните поплави, ако продолжат врнежите од дожд, кои можат да предизвикаат големи свлечишта на земја помеѓу селата Шипковица и Бордец каде има карпи, камења и земја.

Од Општина Тетово велат дека состојбата на локална оска на патот Шипковица – Бродец е под контрола. Апелираат додека трае чистењето жителите да не го користат овој пат, туку алтернативните патни правци.

Исто така во село Голема Речица, врнежите од дожд го зголемија нивото на реката, но во моментот ситуацијата е под контрола и нема поплави или оштетувања на имотите на граѓаните. Оперативните екипи се на терен, каде што се во постојан контакт со локалните жители.

Според предвидувањата на Центарот на хидрометеоролошки прогнози,и во наредните денови, се очекуваат значителни врнежи од дожд,

Во минатогодишните поплави во тетовско загинаа шест лица, беа оштетени и стотина домови


Сообраќајот на сите патишта се одвива без забрани и по влажни коловози


Скопје, 10 април, 2016 - 10:52 (META) 

Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ) информира дека сообраќајот на сите државни патишта се одвива без забрани, но на некои места по влажни коловози.

Од АМСМ препорачуваат да се вози внимателно со прилагодена брзина на движење и со почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Особено внимание е потребно на делниците што минуваат низ клисурите и низ засеците, каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и за излез од земјата.


Поради одрони и свлечишта сообраќајот на дел од патиштата во прекин


Скопје, 14 март, 2016 - 10:16 (META) 

Поради свлечишта, одрони и врнежи од снег, сообраќајот на дел од патиштата во земјава е во прекин, а на дел од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) препорачуваат внимателно возење.

Поради интензивни врнежи од снег, воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар. Кај обиколницата Битола – Ресен, на патот А3, поради свлечиште патот е во прекин во двата правци, а сообраќајот е пренасочен преку градот Битола.

Општинскиот пат село Долни Полог – село Облешево пред Кочанска река е во прекин, информираат од АМСМ, поради прекопан коловоз и е направен канал за одводнување на надојдена атмосферска вода од врнежите од дожд.

„Свлечиштата на патниот правец Кочани – Делчево се расчистени. Поради врнежите од дожд и можноста од повторно појавување на свлечиштата, од превентивни причини, патниот правец Кочани – Делчево останува затворен за сообраќај. Сообраќајот е пренасочен преку Виница – Смојмирово – Делчево“, велат од АМСМ.

На патниот правец Крива Паланка – граничен премин „Деве Баир“ кај селото Узем поради одрон зафатена е една коловозна лента во должина од 15 – 20 метри. На самото место поставена е соодветна патна сигнализација, а екипите на „Македонија пат“ работат на расчистување на коловозот и нормализирање на сообраќајот.

На патниот правец Р1106, односно Марков Манастир – село Брезница на еден километар после клучката за Марков Манастир, поради одрон сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 10-15 метри. Од АМСМ препорачуваат внимателно возење и почитување на поставената патна сигнализација.

Поради одрони и свлечишта, сообраќајот се одвива по една коловозна лента и на патниот правец Берово – Виница кај местото Обозна и на патот Делчево – Берово кај селото Нов Истевник.

На патниот правец Р1404 Марвинци – Балинци – Брајковци под надвозникот, кај клучка Марвинци, поради излевање на каналите има вода на коловозот. Од АМСМ препорачуваат користење на алтернативен патен правец Удово – Валандово – Гевгелија и обратно.

Кај селото Страцин, на патот има континуирано свлечиште од кал и земја кое зафаќа една лента од коловозот. Се препорачува внимателно возење, прилагодување на брзината и следење на поставената сигнализација.


Поради свлечишта, отежнат сообраќајот на делниците од Прилеп кон Ресен и кон Македонски Брод


Прилеп, 3 мај, 2015 - 9:56 (META) 

Поради појава на свлечиште на патниот правец А3, меѓу Прилеп и Ресен, на обиколницата кај Битола, сообраќајот е сè уште во прекин и возилата се пренасочуваат низ градот Битола, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Според АМСМ, сообраќајот се одвива отежнато и на патниот правец Прилеп-Македонски Брод, Р-1107, стационажа 35. километар, поради појава на свлечиште.

На патниот правец Прилеп – Македонски Брод Р-1303, на 27. километар, поради слегнување на асфалтот на патот, сообраќајот, исто така, се одвива отежнато и на местото е поставена соодветна патна сигнализација.

Како што информираат од АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.


Затворен патот Гевгелија – Смрдлива вода поради свлечиште


Гевгелија, 28 март, 2015 - 17:37 (META) 

На регионалниот пат Гевгелија – локалитет Смрдлива вода, во близина на местото Длабок дол, дошло до свлечиште на ридот поради што коловозот е затрупан со земја и со одрони и е непрооден за сите видови возила, соопштуваат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Оттаму информираат и дека во прекин бил сообраќајот на регионалниот пат Валандово – село Удово, кај селото Јосифово, поради обилните врнежи од дожд, надоаѓање на поголемо количество вода и наноси од песок и од камења на коловозната лента.

Сообраќајот се пренасочува по делницата Валандово – село Марвинци – магистрален пат А-4.