!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Светска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски на фестивалот во Сао Пауло


Сао Пауло, 22 октомври, 2017 - 20:16 (META) 

Петтиот игран филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, вчера ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил.

Филмот го претстави директорката на фестивалот, Рената де Алмеида, и ќе има вкупно пет проекции во програмата за специјални презентации. Манчевски пред премиерата учествуваше на дебата на тема „Моралноста и документарниот филм“, а по проекциите имаше разговор со бразилската публика.

– Многу ме израдува бразилската публика: ангажирана, фокусирана, активна, подготвена за учена дискусија, за прашања, за опсервации и за пофалби. Разговорот навистина беше одличен, длабок. „Бикини Мун“ е филм кој бара многу од публиката, не е филм кој се гледа со едно око и публиката во Сао Пауло потврди зошто одлучивме баш тука да ја имаме светската премиера. За филмот допрва почнува животот, ама за мене заврши ова поглавје на најубав начин – изјави режисерот Милчо Манчевски.

Манчевски е популарен во Бразил уште од својот прв филм „Пред дождот“, кој освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и во Латинска Америка неговите филмови се дел од образовната програма.

Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена – маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

Манчевски вели дека „Бикини Мун“, кој има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад, која се прослави со серијата „Козби шоу“.

Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.