Македонскиот и грчкиот народ ги зближуваат невработеноста и сиромаштијата (инфографик)


Скопје, 30 јануари, 2019 - 12:11 (META) 

Со ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент се отвора ново поглавје во политичките односи меѓу Македонија и Грција, а уште поважно се создава можност за поголема економска соработка меѓу двете земји која досега беше обременета со несогласувањата околу спорот за името.

Главните економски параметри покажуваат дека нашата држава е економско џуџе во споредба со Грција, но и дека заедничка мака за граѓаните на двете земји се невработеноста и високата стапка на сиромаштија.

Според податоците на Светска банка, бруто домашниот производ по жител во Грција на крајот на 2017 година изнесувал 18.613 американски долари што е три пати повеќе отколку македонскиот кој изнесува 5.414 долари.

Според последните статистички податоци стапката на невработеност во Грција изнесува 18,6 отсто, а во Македонија 20,8 отсто, што ги става двете земји на врвот на листата во Европа по процентот на невработени лица.

Двете држави се уште поблиску по процентот на сиромашни лица, кој во Грција изнесува 20,2, а во Македонија 22,2 отсто од вкупната популација.

Во Грција просечната плата е позиционирана на 1.166 евра, а во Македонија на 399 евра. Сепак, статистичките податоци по сектори откриваат дека поголем број од работниците од двете држави може само да сонуваат за просечна плата. Најголем број од работниците кај нас земаат плата до 350 евра, а во Грција до 800 евра.

Инаку, економските придобивки од затоплувањето на односите меѓу двете земји дојдоа  само неколку дена по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Каматите на 10-годишните обврзници на Грција се намалија за 1,5 отсто на 4.07 отсто, што е најниско ниво од септември, минатата година. Подобрување имаше и кај македонските обврзници. Приносите на обврзницата која достигнува во 2025 година се намалија на 2,51 отсто, што најниско ниво во изминатава година.

Ваквото движење на меѓународните финансиски пазари значи дека инвеститорите гледаат позитивни сигнали во имплементацијата на Преспанскиот договор што резултира со намалување на трошоците за задолжување на двете земји.


Светска банка со прогнозите ги урна желбите на Владата дека 2019 ќе биде економска година


Скопје, 11 јануари, 2019 - 11:05 (META) 

Пораст на домашниот бруто-производ (БДП) во Македонија од 2,9 отсто во 2019 година предвидува Светската банка во најновиот јануарски извештај, што е сигнал дека тешко ќе се остварат најавите на Владата дека годинава ќе биде економска година.

Во Светска банка очекуваат конечните податоци за 2018 година да покажат дека лани економскиот пораст во земјава изнесувал само 2,5 отсто. Од банката во 2020 година ни предвидуваат пораст од 3,2 отсто.

Проекциите на Светска банка се разликуваат од оние на Владата, која очекува пресметките за минатата година да покажат пораст од 2,8 отсто и предвидува порастот годинава да биде 3,2 отсто, а во 2020 година дури 4 отсто.

Според Светска банка, македонската економија ќе расте побавно од економиите во регионот. Највисок раст во регионот годинава ќе забележи Косово од 4,5 отсто. Во Албанија се очекува пораст од 3,6 отсто, во Србија 3,5 отсто, а Босна и Херцеговина 3,4 отсто. Пораст под три отсто како Македонија се очекува единствено во Црна Гора каде се проектира пораст на БДП од 2,8 отсто во 2019 година.


Светска банка: Со просечни 2,8 проценти пораст, ќе ви требаат 70 години да ја стигнете ЕУ


Скопје, 29 ноември, 2018 - 14:52 (META) 

Светска банка смета дека Македонија има голем потенцијал за забрзување на економскиот пораст, за намалување на сиромаштијата и за подобрување на животниот стандард, особено за луѓето во најдолниот дел на распределбата на приходите.

Ова денеска беше посочено на презентација на анализата „Постигнување посветла иднина за сите“ во која се разгледува напредокот на Македонија во текот на 27 години по остамостојувањето, а беше презентиран од страна на регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер.

Во анализата се идентификувани три патеки кои меѓусебно се надополнуваат, за земјата да ги искористи новите можности за надминување на предизвиците. Првата е да поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор, втората е вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и приспособлива работна сила и третата се однесува на остварување економска социјална одржливост, како и одржливост на животната средина преку делотворно управување

Македонија е рангирана како земја со средни до високи приходи, но, како што беше посочено, има потенцијал да биде и со високи приходи за што треба да се спроведат одредени реформи.

Претставникот на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели потенцира дека Македонија се наоѓа во историски период. Потенцираше дека, државата од 2.000 година има просечна стапка на пораст од 2,8 проценти и со таков пораст за 70 години би постигнала нивото на ЕУ, доколку се зголеми на 5 отсто тогаш целта ќе се оствари за 30 години.

Во однос на најавеното прогресивно оданочување, Мантованели посочи дека Македонија е една од земјите со најмали приходи и оти има простор за прогресивно оданочување, но при тоа да се има предвид да не се поткопа ефикасноста.


Светска банка со позитивна оцена за реформите на системите за социјална и детска заштита


Светска банка дава позитивна оценка за реформите на системите за социјална и детска заштита, предложени од Министерството за труд и социјална политика, со кои се очекува трајно да се намали сиромаштијата во Македонија и да се обезбедат еднакви услови за раст и развој за секое дете, информираат од МТСП.

Во рамките на извештајот се препорачува и поддржува трансформација на програмата за родителски додаток за трето дете која е најмалку ефикасна, а троши најмногу средства од сите програми за социјална помош.

„Владата е свесна за недоследностите во системот за социјална помош и е посветена на спроведувањето сеопфатни реформи. Главната цел на реформите во системот за социјална заштита би требало да биде зголемување на ефективноста и ефикасноста на системот, преку реформи како на таргетираните така и на категориските социјални надоместоци“, е наведено во последниот извештај на Светска банка.

Во однос на постојниот систем, во извештајот се истакнува дека програмите за намалување на сиромаштијата се најниски од регионот. Исто така, паричните трансфери што се доделуваат врз основа на законите за социјална заштита и за детска заштита, се во износ од 1,2 проценти од БДП, што е меѓу најниските во регионот и под просечното ниво на расходи за социјална заштита во земјите од Европа и Централна Азија.

Понатаму, се објаснува дека иако расходите за социјална помош од 2008 година наваму се во пораст, најголем дел од растот е резултат на категориските, а не на добро таргетираните права. Програмите за социјална заштита покриваат само една третина од насиромашниот квинтил, а овој резултат е уште позагрижувачки ако се земе предвид дека најдолниот квинтил го опфаќа најсиромашното население.


ЕБОР, ЕИБ и ГСБ со ново истражување на компаниите во 40 земји, меѓу кои и ние


Скопје, 26 ноември, 2018 - 12:28 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Групацијата Светска банка (ГСБ) воведуваат нова рунда на истражувања на претпријатијата во повеќе од 40 земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Целта на истражувањето е да се добијат повратни информации од претпријатијата од приватниот сектор за состојбата на бизнис опкружувањето во секоја земја учесничка и да се искористат овие повратни информации за да се оценат можностите и ограничувањата за растот на приватниот сектор. Во секоја земја истражувањето ќе биде спроведено преку интервјуа со приватни фирми во производствениот и услужниот сектор.

„Во Македонија е склучен договор со „Ипсос“ (Ipsos) кој ќе го спроведе прибирањето на податоци и ќе ги започне интервјуата со фирми по случаен избор во ноември 2018 година. Оваа активност ќе трае до мај 2019 година, а прелиминарните резултати од истражувањето се очекуваат во втората половина од 2019 година. Темите кои се вклучени во прашалникот – како што се продуктивност, усвојување на технологија и иновации, конкуренција, квалификуваност на работната сила, неформалност, пристап до финансиски услуги, инфраструктура и влијание на владините регулативи – ќе бидат споредливи на глобално ниво. Истражувањето исто така ќе содржи модул за зелена економија“, се вели во соопштението на ЕБОР.

Оваа рунда на истражувања на претпријатијата ќе се спроведе во повеќе од 40 земји низ Европа, Централна Азија, Среден Исток и Северна Африка.


Заев на средба со делегација од Светска банка: Поддршка за стабилната буџетска политика


Скопје, 31 октомври, 2018 - 9:52 (META) 

Премиерот Зоран Заев се сретна со високите претставници од Светска банка, потпретседателот за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, регионалната директорка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер и Марко Мантованели, директор на Светска Банка за Македонија.

На средбата разговарале за долгорочната системска и аналитичка поддршка на Светска банка во досегашната и идната соработката со Македонија.

„Одржливоста на нашите капацитети е нешто на кое мораме сериозно да се посветиме“, изјавил Заев на средбата.

Тој исто така нагласил дека, „дури и малите резултати во економското придвижување во Македонија се голем знак за напредок“, но исто така дека „Владата е свесна за потребата од паралелно динамизирање на реформите кои ќе ги елиминираат пречките за понатамошен забрзан развој на земјата.“

Првиот човек на делегацијата, Сирил Мулер, средбата ја окарактеризирал како израз на поддршка за стабилната буџетска политика на Владата, затоа што, како што изјавил „забележливи се плодовите и значајниот развој на потенцијалите на земјата.“

Сублимирајќи ги резултатите од соработката на Светската банка со Македонија, Мулер оценил дека „заедничкиот труд веќе доаѓа до ниво каде многу проекти стануваат реалност.“


Тевдовски: Преку инвестирање во подобри јавни услуги, ќе постигнеме одржлив развој


Џакарта, 12 октомври, 2018 - 12:32 (META) 

Македонија е прва земја во регионот која ќе воведе гарантиран минимален приход, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на Годишните средби на ММФ и Светска банка.

Министерот обраќајќи се на панел од високо ниво, посочи дека одржлив раст може да се постигне само преку вложување во подобар живот за граѓаните, односно преку подобар систем на социјална заштита, подобро образование, здравство и јавни услуги.

– Со поддршка на Светска банка работиме и на подобрување на системот на социјална заштита. Целта е социјалните трансфери подобро да се таргетираат кон ранливите групи. Исто така, ќе воведеме фер даночен систем. Сите овие мерки се во насока на намалување на нееднаквоста а со тоа постигнување на глобалните цели за одржлив развој – рече Тевдовски.

Тој се осврна и на значењето на образованието во постигнувањето на одржлив развој.

Македонската делегација на Годишните средби е предводена од министерот за финансии Тевдовски и од гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Предвидени се повеќе средби на делегацијата со високи претставници на Светска банка и ММФ.


Тевдовски со Гутереш и Гурија панелисти на годишните средби на ММФ и Светска банка


Џакарта, 12 октомври, 2018 - 10:02 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска ќе има обраќање на настан од високо ниво во рамки на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Настанот ќе го отвори генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. На панелот, на кој ќе се обрати Тевдовски, ќе говори и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Анхел Гурија.

Министерот Тевдовски ќе зборува на тема „Спроведување на целите за одржлив развој во светот кој се менува: локализација, инклузивност и инвестирање во резултати“. Тој ќе се осврне на целите за одржлив раст и реформите кои се прават во земјава за остварување на тие цели.

На панелот на кој ќе говори Тевдовски, предвидено е свое обраќање ќе имаат и претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер, како и извршниот директор на Светската програма за храна (ВФТ) Дејвид Бизли.

Делегација предводена од Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на Годишните средби на Светска банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Индонезија кои почнаа вчера.


Светска банка предвидува економски пораст од 2,5 проценти за годинава


Скопје, 4 октомври, 2018 - 11:13 (META) 

Светска банка предвидува економски пораст од 2,5 проценти на Македонија за оваа година, 2,9 за следната и 3,2 проценти за 2020 година беше кажано денеска на презентацијата на редовниот полугодишен економски извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан.

Од Светска банка оценуваат дека економијата во 2018 година закрепнува како резултат на порастот на приватната потрошувачка и повратот на дел од инвестиците.

– Се забележува пораст по квартали, има пораст на индустриското производство од 5,6 проценти, движено од странските директни инвестиции и дел од домашнпто индустриско закрепнување. Градежништвото има негативен пораст во првата половина од 2018 година, движено од запирањето на градбата на дел од автопатиштата. Има поврат на динамиката на приватните инвестиции во високо градба, пораст на приватната потрошувачка поддржана од порастот на платите, пензиите – рече економистот на Светска банка, Бојан Шимбов.

Тој очекува дека во втората половина на годината приватната потрошувачка ќе се забрза, но и ивестициите во градежништвото.

Невработеноста на населението се намалува и се очекува таа да достигне до 20,4 проценти до крајот на годината. Но, она што се оценува како негатовно е што невработеноста кај младите се зголемува, а и повеќе од половината од работната сила е неактивна, односно не бара работа и не е ангажирана на пазарот на труд. Платата во просек се зголемила за 5,5 проценти, а најголемо зголемување има кај трудоинтензивните дејности и тоа од 10 проценти.

Фискалниот дефицит има намалување и, како што рече Шимбов, се должи на зголемување на приходите и намалување на расходите заради недоволното извршување на капиталните инвестиции во 2018 година.

– На страната на приходите има пораст по сите основи социјални придонеси, акцизи, данок на добивка, персонален данок на доход, нето-данок на додадена вредност. Повратот на ДДВ е со забрзано темпо, се чистат заостанатите обврски на државата кон компаниите што е добро заради нивната ликвидност – додаде Шимбов.

Светска банка предвидува дефицитот до крај на годината да изнесува 2,6 проценти од БДП, а јавниот долг 50 проценти од БДП. Странските директни инвестиции се очекуваат да се зголемат од 2,2 проценти лани на 3 проценти годинава.

Како позитивни фактори од надворешното опкружување се оценува порастот на економијата во Европската унија, но како ризици се затегнатите финансиски услуги кон земјите во развој, што би подразбирало скапи кредити, стабилноста на регионот, ескалацијата на трговските спорови помеѓу САД и Кина.

Од домашните ризици, позитивни перспективи има изгледот на државата за пристап кон НАТО и ЕУ кои ќе влијаат на забрзување на структурните реформи, но од друга страна и нивно нарушување поради политички процеси, како што е изгледот за избори.


АРМ по пет години ќе го достигне буџетот што го имаше од пред десет години (инфографик)


Скопје, 16 септември, 2018 - 10:00 (META) 

Македонија до 2024 година ќе го зголеми буџетот за одбрана на 2 отсто од бруто-домашниот производ за да ја исполни препораката од НАТО, усвоена на самитот во Кардиф, Велс во 2014 година, земјите членки во следните десет години да го достигнат тоа ниво на финансирање на одбраната. Но, со зголемувањето на буџетот на 2 отсто од БДП одбраната, всупност, ќе си ја врати стапката на буџет што ја имаше до пред десет години, покажуваат статистичките податоци.

Според податоците на Светската банка, Македонија од осамостојувањето до 2008 година секогаш за одбраната издвојувала околу 2 отсто од бруто-домашниот производ, освен во кризната 2001 година, кога одбранбениот буџет бил 6.1 отсто од БДП.

Од тогаш, буџетот на одбраната почна нагло да опаѓа, за по 2014 година да падне под 1 отсто од БДП, а дури годинава повторно да се искачи на 1.1 отсто.

Намалувањето на армискиот буџет предизвика низа последици во вооружените сили.

„Несоодветното финансирање во последната декада резултираше со негативно кумулативно влијание врз способностите и капацитетите на АРМ. Финансирањето во минатиот период беше едвај доволно за да се одржуваат средствата со кои располагаме, но не и да се опремуваме и модернизираме во согласност со планираното. Моменталната состојба во АРМ е одраз на недоволни инвестиции во одбраната во подолг временски период“, стои во Стратегисткиот одбранбен преглед, документ за оценка на состојбата и проекција за развој на одбраната, кој беше усвоен во јуни годинава.

Со преполовен буџет, Министерството за одбрана во минатата деценија трошело 69 отсто од буџетот за персоналот, околу 20 отсто за функционирање, одржување и за обука, и околу 11 отсто за опрема и модернизација. Стандардната структура на буџетот според параметрите на НАТО е до 50 отсто за персоналните трошоци, трошоците за операции, одржување и обука до 30 отсто и 20 отсто од буџетот за опремување и модернизација.

Постојаното постепено зголемување го најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска уште при усвојувањето на државниот буџет за оваа година.

– Посветени сме на зголемување на финансирањето во одбраната. Буџетот во 2018 година е за 14 отсто поголем од претходната година. Во текот на следните три фискални години (2019, 2020 и 2021), буџетот на одбраната ќе се зголемува за по 0,2 отсто од БДП, со намера да се исполни препораката на НАТО од 2 отсто од БДП до 2024 година – најави министерката.

foto brit emb foto uk gov Овој текст е подготвен во рамките  на проектот „Поддршка на демократските вредности и промени во општеството преку новинарството“ финансистан од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада/Британската Влада.