ВМРО-ДПМНЕ побара референдум за седиштето на депонијата во Свети Николе


Свети Николе, 8 февруари, 2019 - 12:48 (META) 

Заедно со претседателските избори, да се одржи референдум, на кој граѓаните на Општина Свети Николе ќе се изјаснат дали сакаат или не да се гради регионална депонија во нивната општина. Ова, вчера попладне на вонредната седница на Советот на Општината го побара Бојан Митев, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

– Општината нема да има трошоци, бидејќи референдумот ќе биде заедно со претседателските избори во април. На следната седница на Советот на Општина Свети Николе ќе доставиме точка во која ќе има предлог за распишување на локален референдум, за да се слушне гласот на народот. Доколку граѓаните на Општина Свети Николе проценат дека нема потреба од депонија во Свети Николе, треба да се слушне нивниот глас – рече Митев.

Тој ова го побара пред претставниците на месните заедници на засегантите села, каде е предвидена изградбата на депонијата, пред граѓанските организации и останати граѓани.

Ана Петровска, државен секретар во министерството рече дека не е дефинитивна одлуката за локацијата на депонијата, дека претстојат разговори со сите заинтересирани страни, особено со жителите на засегнатите села.

Речиси сите говорници беа против локацијата на регионалната депонија за 18 општини да биде во Свети Николе, кое според нив е земјоделски регион, со над 5.000 регистирани земјоделци. Особено се загрижени производителите на органска храна, кои имаат договори за откуп на производите од Швајцарија.

Доколку Советот одлучи да да се распише референдум, тогаш, градоначалникот Сашо Велковски вели дека и ќе се одржи. Сепак, тој упати на загубеното време, кога во годините наназад, граѓаните немале никаква информација за овој проект вреден 35 милиони евра.

– Советот на Општината Свети Николе во мај 2017 година донел согласност депонијата да се гради во Свети Николе. Овој документ морав да го побарам од Министерството за животна средна, бидејќи го нема никаде во Општината. Ниту во архива, нити по фиоки. Потписници се претходниот градоначалник и директорот на јавното претпријатие Комуналец, Александар Давчев. Никој до сега не земал во предвид на пример, дека камионите со смет ќе ни поминуваат низ центарот на градот – рече Велковски.

На крај, беше заклучено дека е потребна кампања пред граѓаните со повеќе информации за проектот. Ќе биде вклучена и Делегацијата на Европската Унија, која го финансира овој проект од значење за над 330.000 жители во Северисточниот и Источниот регион.


Мотоциклист загинал во судир со автомобил и друг мотоцикл


Кочани, 12 март, 2018 - 11:39 (META) 

Во тешка сообраќајна нессреќа вчера на патот Штип – Кочани животот го загубил 39-годишен жител на Свети Николе, откако мотоциклот со кој управувал се судрил со друг мотоцикл и со автомобил.

Според полицијата, во сообраќајната незгода која се случила пред 17 часот учествувале автомобил „фолксваген голф“ управувано од 19-годишна жителка на Кочани,  мотоцикл „сузуки“ со светиниколски регистарски ознаки управуван од В.Ц. (39) од Свети Николе и мотоцикл „хонда“ со бугарски национални ознаки управуван од В.Ј. (33), на кој сопатник бил К.Г. (22), двајцата од Свети Николе.

Од здобиените повреди починал В.Ц., додека В.Ј. и сопатникот К.Г. се здобиле со телесни повреди и се пренесени во Медицински центар Штип.


Во Свети Николе земјоделци со стотина трактори си ги бараа субвенциите за 2015 и за 2016 година


Свети Николе, 7 април, 2017 - 16:32 (META) 

Наместо кон нивите, земјоделците од Овче Поле, денеска со стотина трактори се упатија пред подрачната единица на Министерството за земјоделство во Свети Николе, каде протестираа и побараа исплата на субвенциите. Земјоделците тврдат дека не им се исплатени субвенциите за 2015 и за 2016 година. Велат дека без субвенции не можат да ја почнат новата реколта ниту, пак, можат да ги издржуваат своите семејства.

Според нивна груба проценка, на земјоделците од овој регион, државата за субвенции им должи околу четири милиони евра. Доколку не им се исплатат парите за седум дена, тие се заканија дека ќе го блокираат патот Штип – Велес.

Проценка е дека во општините Лозово и Свети Николе има повеќе од 4.000 земјоделци кои ги очекуваат своите субвенции. Тие се соменеваат дека наскоро ќе ги добијат парите што им следуваат, бидејќи со месеци доцнат решенијата со кои им се одобруваат.

– Бараме веднаш да ни бидат исплатени заостанатите субвенции за 2015 и за 2016 година. Секојдневно слушаме дека има субвенции, но на сметките на земјоделците нема ни денар. Со паушални изјави се даваат лажни надежи на земјоделците, кои немаат пари да ги продолжат пролетните работи. Прашувам дали има посебни бензински пумпи и продавници за храна за зејмоделците – изјави Љубе Анастасов од здружението „Овчеполски фармер“ од Свети Николе.

Земјоделството е единствената дејност на овие луѓе, кои се пожалија дека одвај преживуваат поради ниските откупни цени на пченицата и на јагнешкото и на свинското месо.


Наумов: Ќе ги вратат и земјата и парите


Свети Николе, 4 февруари, 2016 - 15:21 (META) 

За да преживее Овчеполието, земјата мора да се врати на вистинските земјоделци.

Ова било истакнато на средбата на претседателот на комисијата за финансии на СДСМ и дополнителен заменик-министер за финансии, Кире Наумов, со жителите на Свети Николе.

– Земјата ќе ја вратиме кај вистинските земјоделци, кај вас, работливите луѓе и граѓани. Случајот со Субрата Рој е само еден пример на виртуелна инвестиција, која не само што не им помогна на граѓаните на Македонија, туку им нанесе штети. Власта на Груевски дава милиони евра народни пари како државна помош на компании што ќе дојдат во Македонија, ќе ги земат парите и ќе си заминат. А за тие пари да отидат на сметките на виртуелните странски инвестиции на Ставрески и на Груевски, тие ги задолжуваат граѓаните. Ставрески почна да прекршува закони за да ги покрива задолжувањата, но тие веќе не се кријат – рече Наумов.

Во обраќањето, Наумов порача дека оваа власт заминува и дека парите што ги украле од граѓаните, ќе мора да ги вратат.

 


Затворен патот Свети Николе – Штип


Штип, 5 мај, 2015 - 9:53 (META) 

Магистралниот пат Свети Николе – Штип е привремено затворен за сообраќај поради изградба на автопатот Миладиновци – Штип, кај клучката Кадрифаково.

Целокупниот сообраќај е пренасочен кон регионалниот пат Р1204.


ВМРО-ДПМНЕ вечерва со трибина во Свети Николе


Свети Николе, 15 април, 2015 - 16:49 (META) 

Нова трибина закажа владејачката ВМРО-ДПМНЕ, овојпат во Свети Николе, вечерва во 18 часот.

Партијата како говорници ги најави членовите на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска и Владимир Пешевски, заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, и Сашо Стефановски, новиот директор на Фондот за здравствено осигурување.

Трибината ќе се одржи во Домот на културата.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со организирање трибини еднаш неделно во помалите градови и народни собири за време на викендите.


(ФОТОГРАФИИ) Претседателот Иванов на „Спортски бон-тон“ во Свети Николе


Свети Николе, 3 ноември, 2014 - 14:17 (META) 

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на спортско-културната манифестација „Традиционални спортски игри – Спортски бон-тон“ што се одржа во Свети Николе. Целта на проектот е промовирање на „Спортски бон-тон“ како модел на интегрирање на децата од училишна возраст, во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe на традицијата, културата и обичаите.


Претседателот Иванов на „Спортски бон-тон“


Свети Николе, 3 ноември, 2014 - 9:28 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ќе присуствува на спортско-културната манифестација во општина Свети Николе, како покровител на проектот „Традиционални спортски игри (Спортски бон-тон)“.

Проектот „Традиционални спортски игри (Спортски бон-тон)“ се реализира преку спортско-културни манифестации во општините Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид и во Свети Николе.

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски бон-тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.