!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Комисијата на УНЕСКО: На Охрид не му се заканува бришење од листата


Охрид, 12 април, 2017 - 15:53 (META) 

Посетата на Охрид е рутинска контрола, односно вршиме увид на бројните проекти. Тоа не треба да се доведува во врска со предупредувањата за бришење од листата на УНЕСКО. Ова е ставот на експертите од комисијата на УНЕСКО кои неколку дена вршат увид на проектите во Охрид, кои додаваат дека никогаш не станало збор за такво прашање.

– Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши  конзервацијата, а се дел од  културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО. Остваривме средба за да ги видиме прогресот и напорите на локалните и на националните власти во заштитата на културното наследство и во спроведувањето на забелешките на УНЕСКО од лани на 40. седница во Истанбул – изјави Ања Сидоренко од комисијата на УНЕСКО.

Сидоренко додаде дека тие сега вршат само надзор. Подоцна ќе  ги презентираат нивните препораки.

– Во овој момент не можеме ништо повеќе да кажеме. Не сме дојдени само за Националниот парк „Галичица“, туку вршиме надзор на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат. Никогаш не дошло во прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО. Ги разгледавме сите проекти за НП „Галичица“. Комплексните проекти беа на увид кај стручни експерти, дел од комитетот Икомос, затоа што се работи за многу комплексно подрачје богато со културни и природни вредности – прецизираше Сидоренко.

Денеска комисијата на УНЕСКО се сретна со директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, а потоа замина на увид на Плаошник, Античкиот театар, „Богородица Перивлепта“ и во „Света Софија“.

– Мислам дека многу имаме сработено во последниве години и не гледам вооопшто зошто Охрид би се нашол на црна листа на УНЕСКО – категорична е Паскали-Бунташеска.


Изложба на копии на фрески и икони со ликот на Свети Климент Охридски


Охрид, 9 август, 2016 - 17:13 (META) 

Во организација на МАНУ, а по повод одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, денеска во црквата „Света Софија“ во Охрид, отворена е изложба на копии на фрески и икони со ликот на овој светител и патрон на Охрид.

Копиите се од фрески и икони во црквите и манастирите во Македонија и во соседните држави.

– Изложбата е извонредна збирка на икони со ликот на светецот, во избор на академик Цветан Грозданов, кој пак рече дека му е особено драго што неговата научна екипа од Центарот за културно наследство на МАНУ, заедно со колегите од соседните земји, досега има идентификувано повеќе од сто портрети на Свети Климент Охридски во Македонија и во дел од соседните земји рече претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Академик Грозданов напомена дека тие се откриени во Охрид од каде зрачи култот негов, но ги има и во цела Македонија, потоа во јужна Србија, во Егејска Македонија, на Атос во Света Гора и во Албанија во регионот на Корча, Елбасан, Мала Преспа.

Осврнувајќи се на големиот јубилеј и значајната годишнина, академик Грозданов потенцираше дека градот Охрид веќе 1.100 години Охрид живее во слава на големиот светец, свој патрон, прв епископ македонски, творец на словенската писменост и култура и прв ученик на светите солунски браќа Кирил и Методиј.

– Имаме одлични проучувања на наши колеги од Грција, Србија, Албанија и соработката во научните кругови е совршена, доколку се исклучат политичките пречки. Инаку, изненадува што досега не откриен ниту еден портрет на Свети Климент во Бугарија -потенцира академик Грозданов.

Меѓу другите, на чинот на отворањето на изложбата,присуствуваа поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан, претседателите на академиите на науките и уметностите од Бугарија, Србија, Албанија, Словачка, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, како и претставници на Чешката академија на науки.


Вечерва на „Охридско лето“ гостува Турскиот театар од Скопје


Охрид, 16 јули, 2016 - 14:17 (META) 

Вечерва на фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на црквата „Света Софија“, гостува Турскиот театар од Скопје со претставата „Комедија на грешки“ од Вилијам Шекспир, во режија на Коле Ангеловски.

Текстот „Комедија на грешки“ е меѓу првите комедии што ги напишал Вилијам Шекспир и е базиран на постар текст од Плаут, од римско време, а за првпат е изведен во 1594 година.

Инспирирана од плаутовите Менехми, како најкратка комедија, Шекспир го збогатил дејството, но иако е брза, речиси фарсична комедија, сепак е една од најиграните која е преведувана на повеќе јазици, а според неа направени се и мјузикли, опери, снимени се филмови и безброј различни интерпретации.

Не останувајќи рамнодушни на денешницата и на сè она што се случува сега, во преставата се внесени и доста современи референци.

Коле Ангеловски е македонски театарски и филмски актер, роден e на 14 март 1943 година, во Скопје. Познат е уште и како писател, драматург, публицист и културен работник. За својот сестран творечки опус на полето на културното живеење во Македонија, добитник е на многубројни награди, меѓу кои и наградата за животно дело „11 Октомври”.


Софискиот камерен оркестар ќе настапи на „Охридско лето“


Охрид, 9 август, 2015 - 11:05 (META) 

АГБУ Софиски камерен оркестар ќе настапи вечерва во 21 часот во црквата „Света Софија“. Оркестарот ќе музицира под диригентство на Бедрос Папазјан од Бугарија, со солистите Филип Маџунков од Србија на пијано и Софија Никоска од Македонија на виолина.

Оркестарот е формиран во 2006 година, по повод 100 години од основањето на организацијата „Парекордзаган“, за да се популаризираат ерменската и бугарската музичка култура, дострелите на класичната музика, како и дела од современите автори.